59/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 09 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 117 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 16/2010, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011 и 11/2012).

3. Цветомир Јолевски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на законите oзначени во точките 1 и 2 на ова решение.

4. Според наводите во иницијативатa подносителот наведува дека бара да се поведe постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, од причина што ревизијата поднесена од негова страна до Врховниoт суд на Република Македонија била одбиена како недозволена поради тоа што вредноста на предметот на спорот во неговиот случај била 128.820, 00 денари кој износ не го надминува износот од 500.000,оо денари. Во иницијативата се наведува дека износот од 500.000,оо денари бил препишан од земја членка на Европската унија каде што вработените просечно земале по неколку илјади евра плата, за разлика од кај нас каде што платата изнесува 200 или 300 евра. Оваа одредба за наши прилики не можела да биде уставна, додека не сме станале членка на Европската унија, затоа што многу лица се обесправени и се нееднакви пред законот и не се во можност да се жалат до Врховниот суд.

Во дополнението на иницијативата, подносителот дава хронологија на неговиот предмет за кој се водела судска постапка пред Основниот суд во Кичево и Апелациониот суд во Гостивар, кој ја потврдил провстепената пресуда со која било одбиено тужбеното барање за надомест за прекувремена работа против тужениоет Стопанска банка АД Скопје, филијала Кичево. На пресудата тој поднел ревизија која била одбиена. Подносителот наведува дека правото не можел да го оствари поради тоа што банката немала пропис за исплата на надоместок за прекувремена работа и поради тоа што не можел да поднесе ревизија поради вредноста на спорот. Износот од 500.000 денари вредност на спор, како услов за поднесување на ревизија, го ставал во нерамноправна положба со другите граѓани на Република Македонија и со граѓаните на Европската заедница.

Поради овие причини подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од член 372 став 2 од Законот за парничната постапка и на член 117 од Законот за работните односи како несогласни со член 32 од Уставот.
5. Судот на седница утврди дека според член 372 став 2 од Законот за парничната постапка, странките можат да изјават ревизија против второстепена пресуда, ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 1.000.000 денари.

Согласно член 117 став 1 од Законот за работни односи, кој носи поднаслов: „Прекувремена работа“, предвидено е дека, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа), во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата; ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес; ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата; ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и во други случаи определени со закон или колективен договор. Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени.(став 2) За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.(став 3) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текотт на годината, кај истиот работодавач, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.(став 4) Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.(став 5) Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремената работа писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.(став 6) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот 2 на овој член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.(став 7).

6.Според Амандман XXV став 4 со кој е заменет членот 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основаноста, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) кој започна да се применува од 1 јануари 2007 година, судската власт ја вршат судовите во Република Македонија и тие се самостојни и независни државни органи.
Според овој закон, судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Судовите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права. Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност.

Со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапката, начинот на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.

Во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија, а со Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) покрај наведените видови на судови востановен е и Управниот суд.

Според член 101 од Уставот на Република Македонија Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законот од страна на судовите.

Според член 34 односно 35 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен, покрај другото да решава по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон, а според член 35 односно 37 од горенаведените закони, пак, Врховниот суд на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законот од страна на судовите по сопствена иницијатива или по иницијатива на седницата на судот или судски оддели од судовите.

Со Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основни права и обврски на човекот и граѓанинот во спорови од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правни лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Во овој закон, покрај правото на жалба како редовен правен лек со кој се прокламира и оживотворува двостепеноста во одлучувањето како гаранција за остварување на правото и врз закон засновани интереси предвидени се и вонредни правни лекови и тоа ревизија и повторување на постапката.

Согласно Законот, ревизијата е вонреден правен лек што странките можат да го изјават против правосилната пресуда донесена во втор степен во рок од 30 дена од доставувањето на преписот на пресудата. Правото на поднесување на ревизија е ограничено со вредноста на предлогот на спорот при што вредноста на спорот на побивање на пресудата да надминува 1.000.000 денари (член 372 став 1 и 2).

Меѓутоа и покрај наведеното генерално правило, Законот прави исклучоци при што правото странките да изјават ревизија не го условува со вредноста на спорот, туку секогаш дозволува без оглед на вредноста на спорот за точно определени спорови да може да се изјави ревизија (спорови за издршка, работни спорови и друго – член 372 став 3 и 4).

Понатаму, во Законот е направен уште еден исклучок од општото правило за изјавување на ревизија како вонреден правен лек.
Имено, според ставот 4 на членот 372 од Законот ревизија може да се изјави и против второстепена пресуда и ако вредноста на спорот на побиваниот дел не надминува 1.000.000,00 денари ако второстепениот суд во изреката тоа го дозволил имајќи предвид дека одлуката на спорот зависи од решавањето на некое материјално-правно или процесно-правно прашање, а со цел за обезбедување на единствена примена на законот и воедначување на судската практика.

Од анализата на содржината на иницијативата, произлегува дека основ за нејзиното поднесување е незадоволството на подносителот на иницијативата од исходот на спор што тој го водел пред судовите и во кој тој не можел да го оствари побарувањето за надомест за прекувремена работа и поради тоа што ревизијата му била отфрлена од страна на Врховниот суд како недозволена бидејќи вредноста на спорот била помала од 500.000, 00 денари. Судот утврди дека е потребно да се укаже дека и во времето на поднесувањето на иницијативата, во сила биле влезени измените на Законот за парничната постапка од септември 2010 година (објавени во Службен весник на РМ, бр. 116 од 01.09.2010 година), кои предвидуваат дозволеност на ревизија доколку вредноста на спорот надминува 1.000.000,00 денари, но нивната примена била одложена за една година. Оттука, бидејќи содржината на одредба е променета, Судот оцени дека не би можело иницијативата да се отфрли поради res judicata, но дека е упатно да се укаже на Решението У.број. 35/2006 од 13 септември 2006 година со кое Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 372 став 2 од Законот за парничната постапка во која Судот изразил став: „право е на законодавецот покрај жалбата како редовен правен лек да предвиди и вонредени правни лекови, односно да ја предвиди ревизијата како вонреден правен лек кој странките можат да го изјават доколку се исполнети одредени предуслови, а тоа е вредноста на спорот или видот на спорот поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Законот за судовите како и Законот за парничната постапка во однос на оспорената одредба од член 372 став 2, Судот утврди дека право е на законодавецот покрај жалбата како редовен правен лек да предвиди и вонредени правни лекови, односно да ја предвиди ревизијата како вонреден правен лек кој странките можат во со закон определен рок да го изјават доколку се исполнети одредени предуслови, а тоа е вредноста на спорот или видот на спорот поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7.Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата произлегува дека ниту во првобитно поднесената иницијатива (која на барање на генералниот секретар, е дополнета), ниту пак во нејзиното дополнение, подносителот не дава аргументи за неуствноста на членот 117 од Законот за работните односи, кој уредува еден значаен институт на трудовото право – прекувремената работа (ги утврдува условите под кои таа може да се врши, нејзиното траење, правата на работникот кој работи прекувремено и сл). и кои што одредби, според наше мислење, не може од уставен аспект да се доведуваат во прашање само врз основа на фактот што подносителот добил негативен исход во конкретен спор пред редовните судови.
Оттука, Судот утврди дека во конкретниот случај по однос на член 117 од Законот нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.59/2011
09 мај 2012 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски