Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот Урбанистички план за дел од УЕ“11-ти Ноември’’, Урбан блок 65-з и дел од 65-в, Плански опфат меѓу ул.“11-ти Ноември“, ул„Васил Главинов’’, ул.“Босанска’’ и ул.“Дренек’’-општина Куманово, донесена од општина Куманово број 07-1019/13 од 9 февруари 2012 година (“Службен гласник на општина Куманово’’ број 2/2012).
2. Ајнур Адеми, Мухарем Османи, Џемаиљ Османи и Идриз Рустеми , сите од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорената Одлука не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 10 и член 30 од Уставот, и не била во согласност со одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причини што оспорениот Детален Урбанистички план не бил во согласност со Генералниот Урбанистички план на Куманово. Имено, во членот 11 став 7 од наведениот Закон, деталните урбанистички планови мораат да бидат усогласени со генералниот урбанистички план, што конкретно не било случај со Деталниот Урбанистички план донесен со оспорената Одлука. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Куманово ја донел оспорената одлука со која во членот 1 го утврдува донесувањето на Плано, во членот 2 определил дека тој е составен од текстуален дел и синтезен графички приказ на планските решенија, во членот 3 се утврдени заверката, потписите и чувањето на примероците на Планот, додека во членот 4 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општината Куманово’’.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за соглсноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1991), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на оспорениот Детален Урбанистички план од причини што според наводите во иницијативата тој не бил во согласност со Генералниот Урбанистички план на Куманово,меѓутоа Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна усогласеност поради што се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата, согласно членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.43/2012
9 мај 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски