Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 8 во делот
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на согласноста на оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот означен во точката 1 од ова решение со Уставот, како и по однос на делот со кој се бара оцена на согласноста на истата одредба со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011 и 51/2011) и Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 69/2006 и 51/2011).
3. Васко Штерјовски и Џеваир Османи, двајцата од с.Добри Дол-Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на дел од членот 8 од Ценовникот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата се поставувало прашање дали по предлог на Управниот одбор на ЈП Градски паркинг и со согласност на Советот на град Скопје можела да се одредува казнена мерка за корисниците на паркинг услугите, ако се имало предвид дека доплатаната карта, според Ценовникот, се третирала како казна. Според подносителите на иницијативата корисниците на паркинг услугите ги прифаќале цените на извршените услуги согласно со Законот за облигационите односи.
Со оглед на тоа што доплатната карта (казна) не била дефинирана како прекршок, туку во прашање била договорна казна за граѓанинот кој не ја исполнил паричната обврска, согласно членот 259 став 3 од Законот за облигационите односи, договорната казна не можела да биде договорна за паричните обврски.
Според тоа, подносителите на иницијативата сметаат дека доносителот на Ценовникот можел на корисниците на паркинг услугите да им засметаат затезна камата за неисполнети облигации или да предвиди посебен трошок, пришто наплатените казни од прекршоците би се слевале во Буџетот на Република Македонија, а не во касата на наведеното претпријатие.
Врз основа на наведеното подносителите на иниција-тивата сметаат дека оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот бил спротивен на членот 259 од Законот за облигационите односи, како и на Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за прекршоците.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 8 од Ценовникот за услуги кои ги извршува ЈП Градски паркинг Скопје во табеларен приказ изразен во 14 посебни ставки е даден приказ како се утврдува цената на услугата „паркирање на јавна површина наменета за паркирање“ (каде се употребува зонски режим на регулирање на сообраќајот во мирување) со вкалкулиран ДДВ. Во оспорената ставка 13 е предвиден доплатен билет за пречекорување на дозволеното време на паркирање, чија цена е 1.300 денари.
Управниот одбор на ЈП Градски паркинг-Скопје со Одлука бр.02-892/6 од 25 ноември 2011 година, го изменил Ценовникот, во одделни делови, меѓу другото и во оспорениот дел од членот 8 на начин што цената наместо на износ од 1.300 денари сега е утврдена на износ од 1.100 денари.
5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи означување на прописот или неговите одредби што се оспоруваат и причини за нивното оспорување.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот, тргнувајќи од наводите од иницијативата утврди дека постојат услови за впуштање во мериторна оцена, но само по однос на законитоста на оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот, односно само по однос на неговата согласност со членот 259 алинеја 3 од Законот за облигационите односи.
Меѓутоа, по однос на барањето за оценување на уставно-ста и согласноста со Законот за безбедност на сообраќајот на пати-штата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011 и 51/2011) и Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 69/2006 и 51/2011) Судот утврди дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки. Ова од причини што во иницијативата не се наведува по однос на кои одредби од Уставот, односно по однос на кои одредби од наведените закони Уставниот суд треба да направи уставно-судска анализа. Притоа, Законот за безбе-дност на сообраќајот на патиштата, во основнниот текст, содржи околу 450 одредби, а Законот за прекршоците, исто така во основниот текст, содржи околу 150 одредби, но ниту една од одредбите не е посочена како повредена со оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот.
Околноста што оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот е изменет, според Судот, не е од влијание за прашањето што се по-кренува со иницијативата, бидејќи намалувањето на цената на допла-тниот билет за пречекорување на дозволеното време на паркирање не довело и до елиминирање на наплатата на доплатниот билет.
Тргнувајќи од содржината на членовите 27 и 28 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Маке-донија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009) висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот. Ако корисникот редовно не ја плаќа комуналната услуга, давателот има право да го прекине давањето на услугата, под услови и на начин утврден со закон.
Оттука, секој корисник на услугата е однапред запознаен со условите на паркирањето, вклучително и со цената за паркирање во и вон дозволеното време и негов личен избор е дали ќе ја користи комуналната услуга за паркирање под тие услови или не. Тоа не значи склучување на посебен договор со организаторот на јавното паркиралиште, туку само можност за користење на паркирање на одредено место, за определено време и точно утврдена и транспа-рентно истакната цена, односно однапред позната цена.
Во членот 259 став 1 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009) е предвидено дека доверителот и должникот можат да се договорат дека должникот
ќе му плати на доверителот определен паричен износ или ќе му прибави некоја друга материјална корист ако не ја исполни својата обврска или ако задоцни со нејзиното исполнување или неуредно ја исполни (договорна казна). Ако не произлегува нешто друго од договорот, се смета дека казната е договорена за случај ако должникот задоцни со исполнувањето (став 2). Договорна казна не може да биде договорена за парични обврски (став 3).
Од содржината на цитираната одредба произлегува дека со неа се уредува правна ситуација во која помеѓу доверителот и должникот било договорено должникот да исполни договорена обврска спрема доверителот, но таа обврска не ја исполнува, доцни со исполнувањето или пак неуредно ја исполнува, за кои случаи, според претходен договор со доверителот, ќе треба да плати договорна казна (ќе плати определен паричен износ или ќе му прибави некоја друга материјална корист).
Според Судот оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот не може да биде оценуван по однос на согласноста со членот 259 од Законот за облигационите односи, како целина, но и по однос на ставот 3 од истиот член од Законот, кој предвидел договорната казна да не може да биде договорена за парични обврски, а поради следново. Давателот на услугата ЈП Градски паркинг-Скопје и корисникот на услугата не стапуваат во деловен договорен однос за исполнување на обврска во кој претходно е договорена и договорна казна за неисполнување на обврска, за доцнење со обврска или пак за неуредно исполнување на обврска од страна на корисникот на услугата. Ова од причина што корисникот на услугата не е во правна положба на должник за исполнување на обврска од членот 259 став 1 од Законот за облигационите односи, тој не исполнува обврска спрема ЈП Градски паркинг-Скопје, тој користи јавна услуга и тоа не врз основа на претходно склучен договор, туку врз оставена негова слободна волја, можност за користење на паркирање на одредено место, за определено време и точно утврдена и транспарентно истакната цена, односно однапред познати услови и цена.
Според тоа, неговата должност да плати однапред утврдената цена за добиената услуга на паркирање, за точно утврдени зони, за точно определено-дозволено време, со конкретно определена цена не може да се поистовети со исполнување на договорна обврска од членот 259 став 1 од Законот. Оттаму, наплатата на износ од 1.300 денари или сега 1.100 денари за пречекорувањето на дозволеното време за паркирање, според оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот не е спротивна на членот 259 став 3 од Законот за облигационите односи.
Судот, при формирањето на правното мислење имаше предвид дека во постапката по предметот У.бр.30/2011 изразил гледиште дека можностите за блокирање на тркалата (блокатори на тркала) или отстранување на возилото од паркиралиштето со специјално пајак возило превидени во Одлуката за јавни паркира-лишта од значење за Општина Центар-Скопје, бр. 07-4202/12 од 20.12.2010 година, донесена од страна на Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 19/2010), преставуваат мерки за оние корисници на јавните паркиралишта, кои нема да се придржуваат до начинот и условите, јасно и прецизно утврдени од страна на организаторот на паркирањето, со цел овозможување на непречено користење на јавните паркиралишта. Врз основа на вака изразеното гледиште, произлегува дека наплатата на износ од 1.100 денари за пречекорувањето на дозволеното време за паркирање, исто така, преставува мерка во наведената смисла.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот е во согласнот со членот 259 став 3 од Законот за облигационите односи.
6. Што се однесува до барањето во иницијативата за оцена на уставноста на оспорениот дел од членот 8 од Ценовникот, како и за оцена по однос на неговата согласност со Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот. Ова од причина што во иницијативата не се наведени ниту уставните, ниту законските одредби од наведените закони по однос на кои се бара уставно-судска оцена што преставува процена пречка за натамошно постапување на Судот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.12/2012
9 мај 2012 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски