166/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатствата означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените Упатства не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот на Република Македонија , и тоа: членот 8 став 1 алинеи 3, 4, 7 и 8, член 34, член 35, член 39, член 51, член 52, член 55, член 68 став 1, член 95 став 3 и член 96, како и не биле во согласност со одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за здравствено осигурување. Ова поради тоа што тие не биле објавени во “Службен весник на Република Македонија”, немале законски основ за нивно донесување, произлегувале од односи настанати со склучените договори на Фондот со здравствените установи и не можело за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски со акти на Фондот.

3. Судот на седницата утврди дека Фондот, донесол Упатства, како работни акти, за олеснување на практичното работење во пропишувањето на лекови од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, со користењето рецептен образец.

Упатствата се доставени од страна на Фондот до: Подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување, Фармецевтската комора на Македонија, Лекарската комора на Македонија и Стоматолошката комора на Македонија.

На барање на Судот, Фондот ги достави оспорените Упатства и го извести Судот дека третооспореното “Упатство за контролори на ФЗОМ за рецептите кои се доставуваат од страна на аптеките по 01.07.2011 година или со започнување на примената на печатениот образец” не е донесено од Фондот со таков наслов и поради тоа не може да се достави до Судот.

Во содржината на првооспореното Упатство, Фондот упатува на одредбите од договорите кои здравствените установи ги склучиле со Фондот, во однос на рецептите и го појаснува начинот на работење и практичната примена на печатените рецептни обрасци,заради постигање на ефикасност, читливост и исклучување на грешки при пополнување на рецептните обрасци. Се објаснува пополнувањето на полињата во печатениот образец, како се пропишува лекот и податоците за осигуреникот, а за лековите од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот потребно е да се внесе, по препорака на специјалистот, бројот на факсимилот во соодветното место на рецептниот образец. Во Упатството објаснети се ситуации на исклучоци во работењето со рецептните печатени обрасци и други елементи од практичното работење вклучувајќи го и пополнувањето на образецот во електронска форма. Упатството, ги опфатило ситуациите на постапување во услови на прекин на електрична енергија, дефекти на компјутерот, пропишување на наркотици и опијати, пропишување на лекови од страна на дежурна служба, потоа пропишување на лекови за осигуреници кои потекнуваат од земји со кои Република Македонија има склучено договор за социјално осигурување или се корисници на европска здравствена картичка и други елементи во врска со рецептните обрасци.

Во содржината на второоспореното Упатство, Фондот ги известува аптеките кои имаат договор со Фондот, за постапување со печатениот рецептен образец, од аспект како треба практично да се пополнува во електронска форма, освен во исклучителни случаи кои се определени во претходното Упатство за постапување на избраните лекари (општа медицина,гинекологија и стоматологија) ,како и прифаќањето на рачно пополнетите обрасци.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од правните елементи што го прават прописот, а според кои треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, произлегува дека оспореното Упатство за постапување на избраните лекари (општа медицина, гинекологија и стоматологија) во врска со обврската за пропишување на лекови на печатен рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македониа и оспореното Упатство (Известување) на ПЗУ Аптеки кои имаат договор со ФЗОМ за постапување со печатениот рецептен образец, немаат карактер на прописи поради што не се подобни за уставносудска оцена. Имено, според содржината на оспорените акти, тие на се прописи туку претставуваат само интерни, работни акти на Фондот за здравствено осигурување со кои се даваат напатствија за начинот на практичното работење со пропишувањето на печатениот рецептен образец и појаснување на прашања во врска со пропишувањето на рецептите во електронска форма и рачно пополнување на рецептниот образец, а Упатствата се однесуваат на вработените во Фондот и здравствените установи кои склучиле договори со Фондот, тие се донесени од Фондот и не се објавени во “Службен весник на Република Македонија”.

Со оглед на наведеното, а имајќи предвид дека покрај фактот што наведените Упатства немаат карактер на прописи, а третооспореното упатство насловено како „Упатство за контролори на ФЗОМ за рецептите кои се доставуваат од страна на аптеките по 01.07.2011 година или со започнување на примената на печатениот образец“, не е донесено од Фондот и како таков актот не постои, Судот оцени дека се исполнети условите согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата да се офрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.166/2011
2 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски