Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2012 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 53 став 8 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007 и 136/2011).
2. Оваа одлука произведува правно дејство по нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.213/2011 од 7 март 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот од Законот, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 8 од Законот членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работата од областа на трудот која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работата на членовите и сложеноста на прекршоците.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандман XX од Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.
Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежности ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Оспорениот член 53 од Законот е содржан во Глава VIII со наслов: „Прекршочни одредби“ во која, исто така, е поместен и член 52 со наслов: „Прекршочен орган“.
Според член 52 од Законот за прекршоците утврдени во членовите 56 и 57 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот (во натамошниот текст: прекршочен орган).
Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија) формирана од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.
Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот од кои еден ја врши функцијата на претседател на Прекршочната комисија.
Прекршочната комисија е составена од три члена од кои:
– двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област и
– еден член со висока стручна подготовка од областа на техничките науки, со пет години работно искуство во својата област.
Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите.
За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник.
Прекршочната комисија за прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
Покрај членовите на Прекршочната комисија, министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на трудот, може да определи секретар на Прекршочната комисија кој врши административни работи за комисијата и заменици членови кои по исклучок учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите.
Прекршочната комисија донесува деловодник за својата работа.
Против решението на Прекршочната комисија, со кое се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе жалба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.
Во член 53 од Законот е предвидено дека министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочна постапка за прекршоци за одделни области и/или за одделни подрачја од Република Македонија.
Член на Прекршочната комисија може да се разреши:
– со истекот на времето за кое е именува за член,
– по негово барање,
– со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
– ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело,
– ако му се утврди трајна неспособност,
– ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука,
– ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
– ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.
Предлог за разрешување на член на комисија за случаите од ставот 2 алинеи 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.
Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
Прекршочниот орган води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот по претходно мислење на министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на правдата.
Членовите од Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работата од областа на трудот која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работата на членовите и сложеноста на прекршоците.
Од анализата на оспорената одредба на член 53 став 8 од Законот, а во корелација со одредбата на Амандман XX на Уставот, според Судот, јасно произлегува дека со оваа измена на Уставот на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење прекршочна постапка.
Тргнувајќи од дадената надлежност, Судот оцени дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.
Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на членовите на Прекршочната комисија кои се вработени во органот на државната управа и не е нешто што е надвор од нивните надлежности. Оттука, членувањето на службените лица во Прекршочната комисија не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда.
Според Судот, дополнителното парично наградување на службените лица за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, предвидени во член 53 став 8 од Законот, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.213/2011
2 мај 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски