У.бр.3/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Никола Гелевски од Скопје, за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата, гарантирани со член 16 од Уставот, кои барателот смета дека му биле повредени со пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, К.бр.2066/09 од 10.06.2010 год и пресуда на Апелациониот суд Скопје, КЖ бр. 955/11 од 22.09.2011 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“

3. Никола Гелевски од Скопје, преку полномошник адвокат Филип Медарски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата гарантирани со член 16 од Уставот, повредени со пресудите наведени во точката 1 од оваа одлука.

Според наводите во барањето, Драган Павловиќ-Латас до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднел приватна кривична тужба против Никола Гелевски од Скопје за кривично дело клевета од член 172 став 2 од Кривичниот законик (КЗ) и кривично дело навреда од член 173 ставовите 2 и 3 од КЗ, а заради објавена колумна во дневниот весник „Утрински весник“ на 31.03.2009 година, под наслов „Мегафоните на фиреровиот сокак“.Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по поднесената тужба, со Пресуда К.бр.2066/09 од 10.06.2010 година го огласил Никола Гелевски за виновен за сторените кривични дела и му утврдил за едно кривично дело клевета од член 172 став 1 од КЗ парична казна во износ од 16 дневни глоби, од по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, една дневна глоба, вкупен износ од 19.680,00 денари и за едно кривично дело навреда од член 173 став 1 од КЗ, парична казна во износ од 16 дневни глоби, од по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, една дневна глоба, вкупен износ од 19.680,00 денари, па го осудил на заедничка казна за двете кривични казни во износ од 30 дневни глоби, од по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, вкупен износ од 36.900,00 денари.

Против цитираната пресуда, во законски предвидениот рок, била поднесена жалба од обвинетиот преку неговиот бранител, со која пресудата била напаѓана по сите основи, согласно ЗКП. Постапувајќи по поднесената жалба, Апелациониот суд Скопје, со Пресуда КЖ бр. 955/11 од 22.09.2011 година, жалбата делумно ја уважил и цитираната првостепена пресуда ја преиначил на начин што одлучил дека Никола Гелевски се осудува само за едно кривично дело клевета од член 172 став 1 од КЗ на парична казна во износ од 16 дневни глоби, од по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, една дневна глоба, вкупен износ од 19.680,00 денари.

Според подносителот на барањето, во конкретниот случај има повреда на слободата на изразувањето, гарантирана со член 16 од Уставот на Република Македонија. Согласно член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а според став 2 на истиот член, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, како и слободното основање на институции за јавно информирање. Во член 10 од Европската конвенција за човекови права било утврдено дека секој има право на слобода на изразување, при што ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации и идеи, без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Притоа, секој граѓанин кој смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено индивидуално право или слобода, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен и правосилен поединечен акт, односно од денот на преземањето на дејствието со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Правосилната пресуда во конкретниот случај била примена на 02.11 2011 година.

Кривичната санкција, изречена со цитираните пресуди, претставувала ограничување на слободата на изразување на Никола Гелевски. Слободата на изразување како едно од основните човекови права не била апсолутно право и таа можела да биде подвргната на ограничувања, неопходни во едно демократско општество. Меѓутоа, ваквите ограничувања, согласно Европската конвенција за човекови права, мора да ги исполнуваат следните услови; 1. да се пропишани со закон; 2. да имаат како цел заштита на точно определени вредности (пропишани во став 2 на член 10 од Европската конвенција); 3. да се неопходни во едно демократско општество.

Во случајов, интервенцијата на државата во слободата на изразување не го исполнувала првиот услов (пропишаност со закон или законитост) и третиот услов (неопходност во едно демократско општество), и тоа од следните причини:

Согласно фактичката состојба од првостепената пресуда, Никола Гелевски бил осуден затоа што „во колумната објавена на ден 31.03.2009 година, под наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ објавил неточни, невистинити и непоткрепени информации за приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас“. Како вакви информации биле издвоени следните делови од колумната: „Бичиклиски, јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимења на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомисленици (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење. Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи од ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго, да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек)“. „Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и неговите фаланги за застрашување.“

Во конкретниот случај, интервенцијата била незаконита, бидејќи за осуда за кривично дело клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик, неопходно било „…за друг изнесено или пронесено нешто невистинито, што е штетно за неговата чест и углед.“ Она нешто „невистинито“ што согласно член 172 став 1 од КЗ треба да биде пронесено или изнесено, морало да се невистинити тврдења од фактичка природа, а не изразени вредносни судови. Притоа, исклучително било битно да се разликуваат „факти“ од „вредносни судови“, а „вистинитоста на вредносните судови не е можно да се докажува“ (согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права). Така, во Пресудата Lingens vs. Austria, 1986 бил заземен ставот: „…Судот смета дека мора многу внимателно да се разграничат фактите од вредносните судови. Додека постоењето на фактите може да се докажува, вистинитоста на вредносните судови не е подложна на докажување…“ Schwabe vs. Austria, 1992: „…споредбата во суштина е вредносен суд, чијашто вистинитост не е можно да се докажува…“

Во горенаведените извадоци – делови од колумната за која е осуден, не биле содржани невистинити тврдења од фактичка природа, туку биле содржани вредносни судови или ставови на авторот. Така, не можело да се третира како невистинито фактичко тврдење делот: „Бичиклиски, јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем својата јасна политичка агенда …итн.“ од причина што постоењето на нечија политичка агенда е работа на став или мислење на авторот (за некои граѓани споменатите поединци можеби имаат патриотска политичка агенда -повторно субјективно мислење).

Не можел да се третира како фактичко тврдење делот: „Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго, да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек.“ Овде не се работело за тврдење од фактичка природа, туку за предвидување на авторот (не можело како факт да се третира нешто што се очекува да се случи во иднина). Така, „клеветата може да се состои само во изнесување или пронесување на нешто од сегашноста или минатото; не и при изнесување на предвидување за идни настани (факти), зашто во тој случај се работи за изнесување мислење и сопствен суд за нешто.“ (Проф.Д-р. Владо Камбовски, Кривично право-општ дел; издание Просветно дело, Скопје, 1997г. стр.170).

Не можело да се третира како фактичко тврдење ниту: „Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и неговите фаланги за застрашување.“ Прво, овде директно се критикувала власта на премиерот Никола Груевски и не се доведувала во прашање честа и угледот на приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас. Второ, дали власта на Никола Груевски има фашистичка природа или не, не било прашање од фактичка природа, туку повторно вредносен суд или мислење на авторот.

Единствен факт, содржан во цитираните делови од колумната можел да се најде во делот: „тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење…“ Ваквото фактичко тврдење, дури и да било невистинито, не можело да се третира како штетно за честа и угледот на приватниот тужител. Од друга страна, тука немало невистини, бидејќи се работело за реален настан, кој бил внесен во меѓународни извештаи за човековите права во Република Македонија.. Така, на стр. 17 од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година: „Во однос на слободата на собирање и здружување, севкупната ситуација е задоволителна. Меѓутоа, имаше два случаја кога насилно беа попречени мирни и законски организирани јавни настани. Едниот беше студентски протест во Скопје против планот на Владата за изградба на црква на главниот плоштад, а другиот дебата во Струга организирана од граѓанска група.“

Од сето ова произлегувало дека интервенцијата на државата во слободата на изразување на авторот на колумната била незаконска, бидејќи истиот не бил осуден за невистинито тврдење од фактичка природа, што значи дека бил неправилно применет законот (конкретно кривичното дело клевета од член 172 став 1 од КЗ) на неговите дејствија. Со тоа, првиот услов за ограничување на слободата на изразување (законитост) не бил исполнет.

Понатаму, не бил исполнет ни третиот услов за ограничување на слободата на изразување (неопходност во демократско општество). За оценка на неопходноста на рестрикцијата или ограничувањето во едно демократско општество, требало да се оценува пропорционалноста на средството со кое се ограничува слободата на изразување (во конкретниов случај изрекување на кривична санкција) со целта која сака да се постигне. Во контекст на оценка на оваа пропорционалност, судот морал да води сметка за целта на самиот текст, како и мотивите на авторот за неговото пишување.

При утврдување на мотивите на авторот (дали мотивот може да се лоцира во потребата за отварање на јавна дебата за определени прашања или чисто нанесување на штета на честа и угледот на приватниот тужител), морало да се анализира што претходело на објавувањето на ваквиот текст. Видно од самиот текст и од одбраната на Никола Гелевски во судската постапка, мотивите за пишување на текстот биле претходните јавни настапи на приватниот тужител и други лица како апологети на власта која авторот ја критикува од една страна и од друга страна, случувањата на градскиот плоштад, кога група студенти била насилно спречена во слободата на здружување и изразување на јавното мислење.

Заради утврдување на профилот на приватниот тужител како новинар, апологета или „мегафон“ на власта, како е наречен во колумната, во прилог на барањето се доставени извадоци од колумни, објавени во дневниот весник „Вечер“, во периодот кој претходел на објавувањето на колумната (објавени на 29.12.2008, 05.01.2009, 02.02.2009, 09.02.2009, 16.02.2009, 23.02.2009, 02.03.2009, 23.03.2009 година). Од содржината на овие колумни произлегувало зошто Никола Гелевски го формирал своето мислење на начин како е тоа презентирано во колумната, а со тоа дека и целта на колумната не била атака врз честа и угледот на приватниот тужител, туку изразување став – критика на неговите јавни настапи.

Понатаму, се наведува дека во текот на судската постапка, од страна на приватниот тужител била објавена колумна, во која можело да се детектираат елементи на закана и притисок врз судечкиот судија. Ваквата колумна била објавена во дневниот весник „Вечер“ на 05.05.2010 година, Извадок: „Судијата Љубинка Башевска го прифаќа овој доказ како прилог на одбраната. Не ни дозволува да се утврди дека провокацијата ја нема (…) Башевска не згрешила туку – така. И лично и по своето семејно потекло, таа е судија од комунизмот. Идеологија, на којашто пред Судот се повикува тужениот и вели дека го мотивирала Гелевски да пишува против Латас (…)Судијата Башевска ги одбива сите забелешки на тужителот за доставените докази и наложува доказите да се изведат! За ваков превид, тројца судии последниве пет години се сменети од функцијата и завршиле на улица. Двајца од Основни и еден од Апелација. Можеби судијката Љубинка Башевска згрешила како последица на неискуство? Не, ни случајно, таа е судија подолго од деценија, а плус ваков очигледен превид забележува секој човек, а камо ли судија. Судијаката Љубинка Башевска е долгогодишен судија. Толку долгогодишен што дел од екипата на идеолошки судии на СДСМ кои, по потреба, вршат работа кога се нивните интереси и нивните луѓе во прашање. Како сега, со случајот Никола Гелевски. Таа потекнува од комунистичко судиско семејство, од времето на тврдиот комунизам, кое ни е добро познато, а чии опшки гледаме и денес.“ Осудителната првостепена пресуда била донесена на 10.06.2010 година.

Кога се зборувало за мотивите на авторот за објавување на текстот, упатно било да се има предвид целиот текст, затоа што делот од текстот кој е цитиран во фактичката состојба од пресудата со која авторот е осуден, бил само мал извадок. Од целокупноста на текстот можело јасно да се увиди дека целта на авторот била одбрана на определени човекови права, гарантирани со Уставот, и тоа слободата на изразување (член 16 од Уставот) и правото на мирно собирање (член 21 од Уставот). Притоа, ваквата одбрана на авторот на слободата на изразување, согласно член 176 став 1 од КЗ претставувала посебна основа за ослободување на авторот од казна, која што очигледно не била применета. Ова претставувал уште еден основ, кој пресудите, а со тоа и целокупната интервенција на државата во поглед на слободата на изразувањето ја прави незаконита и со тоа спротивна на член 10 од Европската конвенција.

Во поглед на вокабуларот, користен од страна на Никола Гелевски во колумната ( фашистички режим, мегафони од фиреровиот сокак, итн.), иако може да се смета за провокативен, тој бил во функција на остварување на целта на авторот (пренесување на определена политичка порака). Овде во предвид требало да се има и ставот на Судот во Стразбур, завземен во повеќе пресуди:„ … новинарската слобода опфаќа и можно прибегнување на одреден степен на претерување, па дури и на провокација…“( Dalban vs. Romania, 1999). Како илустрација за ова, за Судот во Стразбур во политичката комуникација бил прифатлив дури и терминот „идиот“ (Oberschlick vs.Austria, 1991:„… Став е на Судот дека колумната на апликантот, а посебно термионот „идиот“, може да се сметаат за дискутабилни, но сами по себе не може да се сметаат како личен напад, бидејќи авторот има дадено прилично разбирливо образложение дека нивната употреба произлегла од говорот на Г-дин Хајдегер, кој сам по себе е провокативен…“) или пак термините „лакрдијаш“, „простак“ или „гротескен“ (Lopes Gomes de Silva vs.Portugal, 2000:„Навистина, колумната на апликантот и термините употребени во неа може да се сметаат за дискутабилни. Но, тие не можат да се сметаат за личен напад, бидејќи авторот ги поткрепува со разбирливо објаснување.“).

Заради одлучување по предметот, подносителот предлага Уставниот суд по службена должност да го прибави предметот К.бр.2066/09 од Основниот суд Скопје 1 Скопје, во кој се наоѓаат сите списи.

Исто така, подносителот предлага, согласно член 55 од Деловникот на Уставниот суд, за поднесеното барање да се одлучува на јавна седница и да се утврди дека со донесувањето на поединечните акти сторена е повреда на слободата на изразување и истите да се поништат.

4. Судот на седницата утврди дека на ден 31.03.2009 година во дневникот весник “Утрински весник”, Никола Гелевски објавил колумна под наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ со следната содржина:

„Мегафоните од фиреровиот сокак
Секој ден на владеењето на Груевски за Македонија значи тешка и неповратна историска регресија
Јанко Јадибурек е најнепосредниот поттикнувач на новиот фашистички изблик, кога во саботата толпа лажни христијани и вистински тепачи маваа и бркаа педесетина студенти излезени на најавен мирен протест. Само поради тоа мора да се отстрани од јавната сцена таа страшна медиумска фигура која со години шири најсоголена национална, верска и родова омраза. (Еве го неговиот јавен повик на неговиот блог, вечерта пред најавените протести: „Утре во 12 часот, на плоштад во Скопје, најверојатно, збирштина од геј и атеисти ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква“.)

Следниот дел Бичиклиски и Латас продолжија да повикуваат на линч на неистомисленици и со најнавредливи зборови да го кршат елементарниот уставен поредок на земјата. (Ако Фрчкоски, за вистината што ја изрече за поврзаноста на Груевски и „Окта“, доби онолкава финансиска казна од судот, колкаво обесштетување треба да добие Соња Исмаил, затоа што јавно е изложена на линч, само затоа што е ќерка на Ѓунер Исмаил?! И не само што јавно е изложена на линч од официјалната гебелсовска пропагандна машинерија на Груевски туку е изложена на лавина најчудовишни навреди по блоговите. Како реакција на тоа, стотици млади деновиве, обесхрабрено, зборуваат за азил од темниов вилает. Малцинство се, да! Десет пати ги има помалку од опиените грујовисти! И поради тоа треба да бидат затепани како изроди! Неверници, предавници, педери и лезбијки! И иселени не само од сопствениот град туку и од православна античка Македонија!)

Бичиклиски, Јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем поради својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гелиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимење на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомислениците (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење… Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго за да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек).

Јадибурек и компанијата, велам, не се проблем само зашто новинарството и јавната работа ја сведоа на спин сервис на една политичко-мафијашка дружина во операција на растурање на Република Македонија, туку се проблем затоа што најдиректно и најсоголено го кршат највисокиот и се’ уште на власт правен документ на оваа земја: Уставот. Еве што вели Уставот во член 16: се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање…

Еве што вели член 21: граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Разочарува и улогата на полицијата. Бев на плоштадот во саботата и сведочам: полицијата ниту им овозможи на малата група студенти да го изразат својот најавен протест, ниту доволно ги заштити кога толпата тргна да се пресметува со нив. Но, најстрашното, екстремно партизирано, однесување на полицијата следуваше потоа, кога низ соопштенијата вината за нередите беше ставена врз жртвите.

Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и на неговите фаланги за застрашување. И не е прв пат. И, за жал, нема да биде последен пат, зашто фалангите активно работат на разгорувањето на граѓанска војна во Република Македонија. (Истово од саботата лично го доживеав и во Струга, пред околу два месеца: толпа пијани и политички инструирани хулигани не’ нападнаа и спречија во обидот да организираме граѓанска трибина.)

Се’ помалку се двоумам околу главната констатација на нашиот современ политички миг: единствената реална агенда на Груевски е растурање на нашата земја. Истата агенда што ја имаше и Милошевиќ во однос на Србија и која денес ја признаваат дури и најнапалените десничари во Србија сведувајќи го страшниот историски национален пораз на наивна конспирација: „Милошевиќ беше американски човек“. А речиси цела Србија стоеше зад тој „американски човек“ во војните против сите други народи на бившата СФРЈ, заклучно со војната против САД во 1999 година!

Недвосмислено расистичката и екстремно националистичка политика на Грција во Груевски го има својот идеален сојузник. Нема посоодветен партнер од Груевски за одржување на високата национална температура во Грција. Тоа не значи дека премиерот не произлегува од длабоките слоеви на современата македонска бит и дека не е автентичен политички претставник на сегашниве историски премрежиња. Напротив. Тоа само зборува дека гробот сами си го копаме и дека патот кон пеколот пословично е поплочен со добри намери. Сите оние кои денес безрезервно стојат зад сосема поместениот политички проект на Груевски за десет години ќе велат дека, ах, се зезнавме, тоа беше прекрупна игра за нас, Груевски не’ завади, не’ растури на верници и неверници, на предавници и на хипермакедонци, на Хунзи и Славјани, на урбани и сељаци…

Несомнено дека Груевски и неговите мрачни фаланги ќе паднат. И несомнено дека тој пад ќе предизвика сериозни, дури тектонски поместувања на нашата јавна сцена. Работата се’ уште е во тоа да го спречиме крвавиот расплет, можната граѓанска војна, и да го направиме тоа што побрзо, оти секој ден на владеењето на Груевски за Македонија значи тешка и неповратна историска регресија. Јас не планирам азил.“

Во јуни 2009 година, Драган Павловиќ-Латас, во својство на приватен тужител, во врска со делови од објавената колумна, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднел приватна кривична тужба против Никола Гелевски од Скопје за кривично дело клевета од член 172 став 2 од Кривичниот законик (КЗ) и кривично дело навреда од член 173 ставовите 2 и 3 од КЗ.

По повод поднесената кривична тужба, пред Основниот суд Скопје 1 Скопје оформен бил предметот К.бр.2066/09 и спроведена кривична постапка во која биле изведени вербални и материјални докази, и тоа: сослушана била одбраната на обвинетиот Никола Гелевски дадена лично и преку неговиот бранител, во својство на сведок сослушан бил оштетениот Драган Павловиќ-Латас, прочитани биле и извршен бил увид во оригиналниот извод од бројот на Утрински весник од 31.03.2009 година, со целосниот текст на објавената колумна со наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ што е и предмет на кривичната постапка и на изводот од истиот текст објавен како текст на веб страницата на Утрински весник и во нотарски заверени копии од текстовите и тоа објавен во Вечер на 30.03.2009 година со наслов „Бранко се враќа“, во Утрински весник на 01.04.2009 година со наслов „ЗНМ го осуди говорот на омраза на Драган Павловиќ-Латас“ и во Дневник на 01.04.2009 година со наслов „ЗНМ Латас зборува со говорот на омраза“ и го изгледал со соодветна опрема и со сослушување видеозаписот во траење од пет минути како исечок од емисијата „Јади бурек“ од 30.03.2009 година со транскрипт на истата и доставена со ДВД, па ценејќи го секој доказ поединечно и сите заедно, Судот ја утврдил следната фактичка состојба, изнесена во Пресудата К.бр.2066/09 од 10.06.2010 година:

Обвинетиот Никола Гелевски како издавач на книгоиздателство Темплум, е автор на текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник „Утрински весник“ под наслов:„Мегафоните на фиреровиот сокак“. На ден 31.03.2009 година во содржината на дневниот весник Утрински весник кој што се издава и продава на целата територија на Република Македонија, како и на интернет страната на овој дневен весник www.utrinski.com.mk, под колумана Контрапункт напишана од новинарот, сега обвинет Никола Гелевски со наслов „Мегафоните на фиреровиот сокак“, објавил неточни, невистинити и непоткрепени информации за приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас во кои е наведено: „Бичиклиски, јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимења на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомисленици (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење. Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи од ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго, да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек)“. А подолу во истиот текст е наведено: „Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и неговите фаланги за застрашување.“ Оваа информација излезена на ден 07.04.2009 година во дневниот весник Утрински весник достапна на сите граѓани на територијата на Република Македонија, како и објавена на интернет страната на Утрински весник www.utrinski.com.mk е штетна за честа и угледот на приватниот тужител, како физичко лице граѓанин на Република Македонија, а особено поради неговото занимање – новинар и главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вечер“ и одговорен уредник на вестите на „Телевизија Сител“. Со оваа невистинита информација обвинетиот ја дезинформирал јавноста со што ја повредил честа и угледот на приватниот тужител и кај него предизвикал чувство на навреда на честа и достоинството како човек докажан професионалец во својата дејност, кој сериозно пристапува кон извршувањето на своите работни должности.

Ваквата фактичка состојба Судот ја утврдил од изведените вербални и материјални докази од кои се утврдија релевантните околности под кои делото е сторено, местото, времето, начинот и последиците од истото.

Фактите по однос на тоа дека обвинетиот Никола Гелевски како издавач на книгоиздателството Темплум, е и автор на текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник Утрински весник под наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“, Судот ги прифати од исказот на обвинетиот Никола Гелевски и на приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас дополнет и потврден со увид во оригиналниот извод од бројот на Утрински весник од 31.03.2009 година, со целосниот текст на објавената колумна со наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ што е предмет на кривичната постапка и на изводот од истиот текст објавен како текст на веб страната на Утрински весник, кои по однос на наведените околности во целост се поклопуваат, потврдуваат и дополнуваат поради што Судот им поклони целосна верба, во што немаше причина да се сомнева.

Фактите по однос на тоа дека при критичниот настан на ден 31.03.2009 година во содржината на дневниот весник Утрински весник кој што се издава и продава на целата територија на Република Македонија, како и на интернет страната на овој дневен весник : www.utrinski.com.mk , под колумна Контрапункт напишана од новинарот, сега обвинет Никола Гелевски со наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ биле објавени неточни, невистинити и непоткрепени информации за приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас во кои е наведено: „Бичиклиски, јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимења на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомисленици (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење. Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи од ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго, да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек)“. А подолу во истиот текст е наведено: „Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и неговите фаланги за застрашување.“ Оваа информација излезена на ден 07.04.2009 година во дневниот весник Утрински весник достапна на сите граѓани на територијата на Република Македонија, како и објавена на интернет страната на Утрински весник www.utrinski.com.mk е штетна за честа и угледот на приватниот тужител, како физичко лице граѓанин на Република Македонија, а особено поради неговото занимање – новинар и главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вечер“ и одговорен уредник на вестите на „Телевизија Сител“. Со оваа невистинита информација обвинетиот ја дезинформирал јавноста со што ја повредил честа и угледот на приватниот тужител и кај него предизвикал чувство на навреда на честа и достоинството како човек докажан професионалец во својата дејност, кој сериозно пристапува кон извршувањето на своите работни должности, Судот го прифати од извршениот увид во оригиналниот извод од бројот на Утрински весник од 31.03.2009 година, со целосниот текст на објавената колумна со наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ што е предмет на кривичната постапка и на изводот од истиот текст објавен на веб страната на Утрински весник кое е потпишано и составено од обвинетиот Никола Гелевски, кој во својот исказ потврдува дека лично го сочинил и напишал текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник Утрински весник под наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“, дополнет и потврден со јасниот и категоричен исказ на приватниот тужител- оштетениот Драган Павловиќ-Латас сослушан во својство на сведок кој во целост ги опишува и потврдува зборовите кои обвинетиот Никола Гелевски ги навел за приватниот тужител со кои невистинити околности искажани во дневниот весник Утрински весник бил навреден и нарушен угледот и честа на истиот во целост.Исто така, по однос на наведените околности и цитирани докази во целост се поклопуваат, дополнуваат и потврдуваат, па Судот им поклони целосна верба.

Дека од погоре опишаниот начин со изнесување на анализираните невистинити тврдења во текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник Утрински весник под наслов: „Мегафоните од фиреровиот сокак“ обвинетиот Никола Гелевски нанел навреда и ја повредил честа и угледот на приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас, Судот прифати со анализа на самата природа и содржина на изнесените тврдења со кои што во јавноста би се стекнал впечаток за приватниот тужител дека е нечесна, нестручна личност со што би се уништил неговиот углед и реноме како човек кој по занимање е новинар и главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вечер“ и одговорен уредник на вестите на „Телевизија Сител“ од што би можеле да произлезат и други несакани последици.

Од изведените вербални и материјални докази на главниот претрес по оценка на Судот, несомнено се утврдило дека обвинетиот го сторил предметното кривично дело Клевета. Имено, дејството на извршување на кривичното дело клевета се состои во изнесување или прoнесување нешто невистинито односно во давање изјава која содржи невистинито фактичко тврдење односно тврдење дека некој факт постои иако тој не постои, а такавата изјава со оглед на својата содржина и околностите под кои е дадена може да му наштети на честа и угледот на лицето на кое се однесува. Изјавата е подобна да му наштети на честа и угледот ако со својата соджина односно тврдења засега, поточно ги намалува одредени вредности на личноста на оштетениот, неговата репутација, углед и уважување во определена средина и тоа кога според општите сфаќања кои што се во согласност со социјалниот и правниот поредок, таквата изјава е штетна за честа и угледот на некое лице. Во конкретниот случај, обвинетиот Никола Гелевски е автор на текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник Утрински весник под наслов: „Мегафоните од фиреровиот сокак“ обвинетиот со умисла изнел тврдења и факти кои отстапуваат од утврдените постоечки факти и по својата содржина се подобни да му нанесат штета на честа и угледот на приватниот тужител.

Исто така, во контекс на погоре наведените и ценети докази, Судот утврди дека во дејствијата на обвинетиот се содржани битните елементи на кривичното дело Навреда. Имено, кривичното дело навреда го врши тој што ќе навреди друг. Ова кривично дело претставува основно и општо кривично дело против честа и угледот на луѓето. Дејствието на извршување на кривичното дело навреда го сочинуваат различни однесувања со кои се изразува омаловажување на дуго лице, непочитување на човечкото достоинство, изложување на потсмев, потценување на личните и другите вредности, изнесување на негативни вредносни судови. Изјавата или однесувањето на сторителот се навредливи ако објективно значат омаловажување и потценување на друго лице односно оштетениот, според објективна оценка на изразување непочитување на достоинството на оштетениот односно негово омаловажување. При тоа, навредата мора да се однесува на одредено лице и навредливата изјава да е упатена на оној на кој се однесува. Извршител на кривичното дело навреда може да биде секое лице, а за постоење кривична одговорност потребна е умисла, односно сторителот треба да е свесен дека неговата изјава односно однесување значат омаловажување на оштетениот и истите да се со навредлива содржина, така што навредата е проследена со намера за омаловажување. Кај кривичното дело навреда, честа како објект на заштита се прифаќа во својот нормативен поим односно како барање да се почитува туѓото достоинство и за друг да не се изнесува нешто што може да ја повреди неговата чест. Поради тоа, ова кривично дело постои и кога се изнесува нешто што е вистинито, доколку тоа објективно значи омаловажување или понижување. Во контекс на погоре наведеното, по оценка на Судот, во дејствијата на обвинетиот во целост се содржани елементите на предметното кривично дело, бидејќи обвинетиот Никола Гелевски како автор на текстот објавен на 31.03.2009 година во дневниот весник Утрински весник под наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ со умисла за тужителот напишал навредливи зборови кои според своето значење објективно претставуваат и значат омаловажување, потценување и навреда на оштетениот – приватен тужител, на кој истите му биле упатени.

При утврдувањето на фактичката состојба Судот ја ценел одбраната на обвитетиот Никола Гелевски дадена лично и преку неговиот бранител кој не спори дека го напишал текстот како колумна во дневниот весник Утрински весник објавена на 31.03.2009 година, со насов „Мегафоните од фиреровиот сокак“, како и дека стои позади тоа што е напишано во текстот и го смета за точно па затоа и го напишал во својот коментар и дека се работело за коментирање на политичката определба и во таа смисла начинот на однесување на наведените лица, што никако не можел да го сфати и сметал како лична навреда или како изнесување на нешто што би им наштетило на нивната чест или углед и дека тоа било коментар за една реална состојба, како и дека две работи биле битни, контекстот во кој се случува текстот и намерата на самиот текст. Намера на текстот била и е одбрана на Уставот на Република Македонија бидејќи во други делови на текстот обвинетиот имал цитирано и членови на Уставот и дека интенцијата му била да го одбрани правото на јавно собирање и протест и дека три дена пред објавување на текстот обвинетиот самиот бил учесник на мирниот протест на плоштадот Македонија кој што бил насилно прекинат од група силеџии донесени од разни градови на РМ па затоа и тоа го нарекол автобуски башибозлук и дека во овој контекст го спомнал како што е наведено и приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас, бидејќи бил лично сведок со свои очи како во одредени свои емисии на телевизија и во објавени текстови во емисии шири говор на омраза во смисол на повикување на лично одредени личности во политичка смисла и дека на овој начин го имал и почнато текстот, токму обидувајќи се да ги заштити луѓето од тој политички линч, како и дека претходно кажал и не го крие тоа дека смета дека помеѓу другите и приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас е едно од лицата со чија помош се шири политички страв.

Ваквата одбрана на обвинетиот Судот не ја прифатил од причина што било неспорно дека текст како колумната во дневниот весник Утрински весник објавен на ден 31.03.2009 година, со наслов „Мегафоните од фиреровиот сокак“ и тоа во секој негов збор, го напишал и составил лично обвинетиот Никола Гелевски, па сите тврдења во текстот се изнесени од негова страна, а по однос на тоа дека истите тврдења се невистинити, Судот веќе ги анализирал причините зошто прифатил дека таквите тврдења не се точни.

Од наведените причини Судот сметал дека одбраната на обвинетиот Никола Гелевски е неоснована и дадена со цел за избегнување на кривичната одговорност, па како таква неприфатлива.

Судот при одлучувањето ги ценел и материјалните докази и тоа: нотарски заверени копии од текстовите и тоа објавен во Вечер на 30.03.2009 година со наслов „Бранко се враќа“, во Утрински весник на 01.04.2009 година со наслов „ЗНМ го осуди говорот на омраза на Драган Павловиќ-Латас“ и во Дневник на 01.04.2009 година со наслов „ЗНМ Латас зборува со говорот на омраза“ и изгледан со соодветна опрема и со сослушување видеозапис во траење од пет минути како исечок од емисијата „Јади бурек“ од 30.03.2009 година со транскрипт на истата и доставена со ДВД, но истите не ги прифатил бидејќи овие докази биле ирелевантни по однос на сторувањето на кривичните дела бидејќи од сите погоре изведени докази се утврдило дека обвинетиот ги напишал зборовите со кои се навредува и омаловажува личноста на тужителот и дека со нив била повредена честа и угледот на приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас, а воедно истите биле невистинити по однос на приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас, па од вака изведените докази Судот не можел да утврди факти и околности битни за конкретниот кривично правен настан.

Поради наведеното, Судот го огласил Никола Гелевски за виновен за сторените кривични дела клевета од член 172 став 1 од КЗ и навреда од член 173 став 1 од КЗ, па го осудил на единствена парична казна за двете кривични казни во износ од 30 дневни глоби, од по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, вкупен износ од 36.900,00 денари, која обвинетиот да ја плати во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата, под страв на присилно извршување.

Против цитираната пресуда, во законски предвидениот рок, била поднесена жалба од обвинетиот преку неговиот бранител, со која пресудата била напаѓана по сите основи, согласно ЗКП.

Постапувајќи по поднесената жалба, Апелациониот суд Скопје, со Пресуда КЖ бр. 955/11 од 22.09.2011 година, жалбата делумно ја уважил и цитираната првостепена пресуда ја преиначил, заради правилна примена на Кривичниот законик, на начин што дејствијата на извршување на обвинетиот Никола Гелевски од Скопје, прецизно опишани во изреката на првостепенета пресуда, се квалификуваат како кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик, па обвинетиот се осудува на парична казна во износ од 16 дневни глоби, сметано по 20 евра за една дневна глоба, во денарска противвредност од 1.230,00 денари, една дневна глоба, во вкупен износ од 19.680,00 денари, која казна обвинетиот да ја плати во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата, под страв на присилно извршување. Во останатиот дел, првостепената пресуда се потврдува.

Во образложението на Пресудата се наведува дека Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалбата, откако ги разгледал списите приложени кон предметот, обжалената пресуда, жалбата, одговорот на жалбата, притоа имајќи го предвид и предлогот за одржување на јавна седница, со оглед дека предметната постапка била водена според одредбите на скратена постапка согласно член 457 став 1 од ЗКП, оценил дека присуството на странките на јавна седница не е неопходно за разјаснување на работите, па одлучил предметот да се разгледа на нејавна седница.

Апелациониот суд оценил дека жалбата е делумно основана.

Советот на овој суд го ценел жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 11 од ЗКП, меѓутоа не го прифатил како основан, со оглед дека обжалената пресуда не содржела такви недостатоци поради кои не би можела да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата била јасна и разбирлива, непротивречна со содржината на изведените докази во текот на кривичната постапка, а во образложението биле содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоење на кривично дело и кривична одговорност на страна на обвинетиот.

Имено, првостепениот суд, по спроведена доказна постапка правилно и целосно ги утврдил сите решителни факти во предметот кога утврдил дека обвинетиот на 31.03.2009 година, во содржината на дневниот весник Утрински весник кој што се издава и продава на целата територија на Република Македонија, како и на интернет страната на овој дневен весник www.utrinski.com.mk, под колумана Контрапункт напишана од колумнистот, сега обвинет Никола Гелевски со наслов „Мегафоните на фиреровиот сокак“, објавил неточни, невистинити и непоткрепени информации за приватниот тужител Драган Павловиќ-Латас во кои е наведено: „Бичиклиски, јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гилиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимења на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомисленици (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење. Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи од ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго, да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек)“. А подолу во истиот текст е наведено: „Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и неговите фаланги за застрашување.“, со која невистинита информација излезена на ден 07.04.2009 година во дневниот весник Утрински весник и објавена на интернет страната на Утрински весник www.utrinski.com.mk обвинетиот ја дезинформирал јавноста со што ја повредил честа и угледот на приватниот тужител и кај него предизвикал чувство на навреда на честа и достоинството.

Со така објавениот текст првостепениот суд прифатил дека обвинетиот сторил едно кривично дело Клевета и едно кривично дело Навреда, па имајќи предвид дека кривичните дела се сторени во 2009 година, кога важеле измените на Кривичниот законик, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.60/06 од 10.05.2006 година, каде во член 172 ставот 2 се брише, а во член 173 ставот 2 се брише, а ставот 3 станува став 2, Судот без да задира во битните елементи на кривичното дело во дадениот опис, самиот извршил правна преквалификација и тоа од едно кривично дело Клевета од член 172 став 2 од Кривичниот законик и едно кривично дело Навреда од член 173 ставовите 2 и 3 од Кривичниот законик, во едно кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик и едно кривично дело Навреда од член 173 став 1 од Кривичниот законик.

Во жалбата на обвинетиот се наведувало дека содржината на делот од написот, инкорпориран во фактичката состојба од изреката на обжалената пресуда, не содржел фактички тврдења туку вредносни судови, формирани мислења на авторот на текстот-обвинетиот, па судот бил должен кога прифатил дека се работи за фактичко тврдење, да посочи кое точно фактичко тврдење отстапува од реалноста, односно е невистинито и кои зборови се навредливи и штетни за честа и угледот на приватниот тужител.

Советот на овој суд ги ценел ваквите жалбени наводи, што впрочем била и одбраната на обвинетиот дадена пред првостепениот суд во завршен збор преку неговиот бранител, но истите не ги прифатил како основани, бидејќи првостепениот суд правилно постапил кога истата не ја прифатил, давајќи образложени причини, кои ги прифаќа и овој суд. Имено, за да претставува дадена изјава вредносен суд, истата не треба да е поврзана со одреден конкретен настан, конкретно случување и треба да е кажана воопштено, за разлика од конкретниот случај, каде објавениот текст се однесува на конкретно случување, конкретен настан во стварноста и се работи за содржина која претставува фактичко тврдење и која станува предмет на проверување, докажување и утврдување, чиј терет на докажување паѓа на оној што го тврди, во конкретниот случај обвинетиот, па по оценка на овој суд, првостепениот суд правилно постапил кога утврдил дека обвинетиот со предметниот напис содржан во изреката на обжалената пресуда изнел невистини за приватниот тужител, штетни за неговата чест и углед и ги навредил неговата чест и достоинство.

Предмет на оценка на овој суд биле и жалбените наводи дека судот погрешно го применил материјалното право кога обвинетиот го огласил виновен за едно кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик и едно кривично дело Навреда од член 173 став 1 од Кривичниот законик и истите ги оценил како основани со оглед дека првостепениот суд погрешно постапил кога дејствијата на обвинетиот содржани во изреката на обжалената пресуда ги квалификувал како две посебни кривични дела, едно кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик и едно кривично дело Навредан од член 173 став 1 од Кривичниот законик. Ова од причина што поради односот на супсидијаритет, исклучен е стекот на кривичното дело Клевета со кривичното дело Навреда, па имајќи во предвид дека во конкретниот случај се работи за содржина објавена во еден текст, кој претставува една целина, сите изрази се оценуваат комплексно и сторителот се казнува само за делото клевета, заради што овој суд заради правилна примена на Кривичниот законик одлучил дејствијата на обвинетиот содржани во изреката на обжалената пресуда да се квалификуваат како кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик.

Судот ги разгледал жалбените наводи во однос на одлуката за кривичната санкција содржани во жалбата на обвинетиот со кои што се истакнува дека со оглед на тоа што делата за кои е осуден обвинетиот не се кривични дела по закон, првостепениот суд не можел да донесе правилна одлука во поглед на кривичната санкција, но истите не ги прифатил за основани. Имено, ценејќи ја одлуката за кривичната санкција, првостепениот суд при определувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, правилно ги оценил отежителните и олеснителните околности кои што постојат на страна на обвинетиот, кои влијаат при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, а особено видот и карактерот на кривичното дело и општествената опасност од ваков вид кривични дела, нивната зачестеност, начинот на извршувањето на кривичното дело и последиците од истото, доведени во корелација со личните прилики на обвинетиот, неговата возраст, семејната и материјалната состојба. Оттука, по оценка на овој суд, имајќи ја во предвид и одредбата од член 395 од ЗКП, основано можело да се очекува дека со изречената парична казна од 16 дневни глоби, сметано по 20 евра, во денарска противвредност од 1.230,00 денари за една дневна глоба, во вкупен износ од 19.680,00 денари, ќе се изврши доволно воспитно влијание врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и други кривични дела, а со тоа ќе се остварат и целите на казнувањето предвидени во член 32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција.

Незадоволен од наведените пресуди, Никола Гелевски доставува барање до Уставниот суд со кое бара заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата повредени со претходно цитираните пресуди.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 11 став 1 од Уставот е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓаните, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Уставот на Република Македонија тргнува од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода. Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно-правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразувањето наоѓа своја заштита и со меѓународните документи, но и ограничување. Имено, според членот 12 од Универзалната декларација за човекови права, никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Овие слободи и права се уредени и со членот 18 од Универзалната декларација според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19 од Декларацијата, секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.

Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”

Според членот 19, исто така од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење.
Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.

Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:
а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”

Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи: “Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.”

Според членот 10 од Конвенцијата:

“Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето”.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.

Во оваа смисла, во член 172 од Кривичниот законик е предидено кривичното дело клевета, каде во ставот 1 е пропишано дека тој што за друг изнесува или пронесува нешто невистинито што е штетно за неговата чест и углед, ќе се казни со парична казна.

Врз основа на напред наведеното, произлегува дека не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот, поради што тоа треба да се утврди во секој конкретен случај.

Во конкретниот случај, судовите преку донесените судски одлуки, го санкционирале изнесеното јавно мислење на барателот Гелевски како мерка што ја сметале за неопходна за заштита на честа, угледот и авторитетот на друг граѓанин, бидејќи барателот Гелевски, користејќи го правото на слобода на јавно изразување, загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниот случај на лицето Драган Павловиќ-Латас.

Оттука, потребно е да се направи анализа на осудата и санкцијата на Никола Гелевски за кривичното дело Клевета, за кое е осуден со правосилната пресуда, во насока на тоа дали изречената осуда и санкција претставува оправдано ограничување на неговите слободи и права или пак тоа не е случај, односно дали судовите постигнале фер баланс помеѓу потребата за заштита на угледот и честа на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето во контекст на околностите на случајот.

Не е спорно дека колумната изразува личен став на авторот за политиката на владеењето на актуелната политичка гарнитура во Република Македонија, со која тој очигледно не се согласува, при што во оспорените делови на истата го квалификува оштетениот Драган Павловиќ-Латас, новинар и уредник, како гласноговорник, приврзаник и „мегафон“ на таквата политика, која според авторот на колумната има фашистичка природа и со која оштетениот го квалификува како дел од фалангите за застрашување.

Изнесувањето на таквите квалификации за оштетениот во јавноста, Судот ги оценил како невистинити и штетни за неговите чест и углед.

По спроведената судска постапка (пред првостепениот и Апелациониот суд), во која се сослушани двете страни, изведени сите предложени докази и утврдена фактичката и правната состојба, Апелациониот суд го осудил Никола Гелевски за виновен за кривичното дело клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик (прецизно опишано во изреката на првостепената пресуда) и му изрекол парична казна (утврдена во изреката на второстепената пресуда).

Во однос на одбраната на обвинетиот изнесена пред првостепениот суд и во жалбената постапка пред апелациониот суд, дека содржината на делот од написот, инкорпориран во фактичката состојба од изреката на обжалената пресуда, не содржел фактички тврдења туку вредносни судови, формирани мислења на авторот на текстот-обвинетиот, па судот бил должен кога прифатил дека се работи за фактичко тврдење, да посочи кое точно фактичко тврдење отстапува од реалноста, односно е невистинито и кои зборови се навредливи и штетни за честа и угледот на приватниот тужител, Апелациониот суд во пресудата искажал став дека за да претставува дадена изјава вредносен суд, истата не треба да е поврзана со одреден конкретен настан, конкретно случување и треба да е кажана воопштено, за разлика од конкретниот случај, каде објавениот текст се однесува на конкретно случување, конкретен настан во стварноста и се работи за содржина која претставува фактичко тврдење и која станува предмет на проверување, докажување и утврдување, чиј терет на докажување паѓа на оној што го тврди, во конкретниот случај обвинетиот. Поради наведеното, Апелациониот суд оценил дека првостепениот суд правилно постапил кога утврдил дека обвинетиот со предметниот напис содржан во изреката на обжалената пресуда изнел невистини за приватниот тужител, штетни за неговата чест и углед и ги навредил неговата чест и достоинство, давајќи образложени причини, кои ги прифаќа и овој суд. Имено, според наводите во колумната објавена на 07.04.2009 година во дневниот весник „Утрински весник“ достапна на сите граѓани на територијата на Република Македонија, како и објавена на интернет страната на „Утрински весник“ www.utrinski.com.mk, обвинетиот изнел неточни, невистинити и непоткрепени информации, кои се издвоени во следните делови на колумната: „Бичиклиски, Јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем поради својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гелиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимење на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомислениците (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење… Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО, скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго за да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек)“ и „ Сето ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и на неговите фаланги за застрашување.“ Со таквата невистинита информација судот утврдил дека обвинетиот ја дезинформирал јавноста со што ја повредил честа и угледот на приватниот тужител и кај него предизвикал чувство на навреда на честа и достоинството како човек и докажан професионалец во својата дејност, кој сериозно пристапува кон извршување на своите работни должности.

Според Судот, судовите ги засновале своите одлуки на прифатлива оценка за релевантните факти и донеле пресуда со која е направен фер баланс помеѓу правото на слобода на изразување и правото на заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин, поради што Судот оцени дека наведените аргументи на основниот и апелациониот суд се прифатливи и дека вмешувањето на државата е пропорционално со легитимната цел за заштита на угледот на оштетениот повреден со наводите во колумната.

Поради тоа Судот не го прифати наводот во барањето дека кривичната санкција изречена со оспорените пресуди, претставувала ограничување на слободата на изразување на подносителот на барањето, затоа што таа слобода не е апсолутна, туку е ограничена со правото за заштита на достоинството и честа на секој граѓанин.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2012
2 мај 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски