31/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на законитоста на Одлуката за оттуѓување на зградата на Задружниот дом и дворно место во с. Ижишта – општина Македонски Брод, бр. 07-925/12 од 28.10.2011 година, донесена од Советот на Општина Македонски Брод („Службен гласник на Општина Македонски Брод“ бр.09/2011).

2. Министерство за локална самоуправа – Државен инспекторат за локална самоуправа и општина Пласница, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата на Министерството за локална самоуправа – Државен инспекторат за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа врз основа на член 23 став 1 од Законот за локална самоуправа, донел Решение бр. 17-559/1 од 16.02.2012 година, со кое ја запрел примената на оспорената одлука. Ова од причина што Одлуката била незаконита и спротивна на Уставот во поглед на законските овластувања при начинот на спроведување на постапката. Имено, со ОДУ Бр. 09/12 од 04.01.2012 година кај овластен нотар во општина Кичево бил склучен анекс бр. 1 на договорот бр. 05-18/1 од 04.01.2012 година, со кој по претходно донесна одлука бр. 07-322/17 од 31.03.2010 година на Советот на општина Македонски Брод, по утврдена цена од 100,00 денари м2 или вкупна сума од 392.000,00 денари за недвижноста што се води на КП Бр. 1007 КО Ижиште како купувач повторно се јавува Милош Милошоски од Кичево. Од страна на работната група констатирано било дека одлуката на Советот на општина Македонски Брод за крајна цена од 100,00 денари за м2, била спротивна на член 32 став 2 од Законот за користење и располагање со ствари на државните органи кој што го применувала комисијата во оваа постапка. Со оглед дека оспорената одлука била незаконита, таа не можела да произведе правно дејство и како таква да остане во правниот промет, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нејзината законитост, а Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа, бр. 17-559/1 од 16.02.2012 година, да остане во важност до конечноста на одлуката на Уставниот суд, со која се предлага оспорената одлука да биде поништена.

Според наводите во иницијативата на општина Пласница, оваа општина се приклучува кон поднесената иницијатива за оценување на законитоста на оспорената одлука од страна на Министерството за локална самоуправа – Државен инспекторат за локална самоуправа. Општина Пласница уште од самиот момент на започнувањето на функционирањето како посебна општина, како седиште на општината ја имала определено зградата на тогашниот Задружен дом во с. Ижиште, која всушност била предмет на продажба со оспорената одлука. Од страна на општина Пласница со допис бр. 09-933/2 од 13.12.2011 година било побарано од Владата на Република Македонија наведената општинска зграда (Задружниот дом во с. Ижиште) со одлука на Владата да биде пренесен во сопственост на општина Пласница. Општина Пласница веќе петнаесет години работела и функционирала со седиште во Задружниот дом и имала инвестирано огромен износ на финансиски средства за извршени реконструкции врз основа на донации на граѓаните на општина Пласница и на самата општина.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Македонски Брод, врз основа на член 36 став 1 т.10 и член 66 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 21 став 1 и член 79 од Статутот на општина Македонски Брод, на седницата одржана на ден 28.10.2011 година донел Одлука, бр. 07-925/12.

Според точка 1 на оваа одлука, Советот на општина Македонски Брод на седницата одржана на ден 28.10.2011 година донесе одлука за отуѓување на зградата на Задружниот дом и дворно место на КП 1007 во с. Ижиште – општина Македонски Брод.

Според точка 2 на истата одлука, продажната цена не смее да биде помала од пазарната вредност која ќе биде утврдена од страна на комисијата за проценка на пазарна вредност. Продажната цена за дворното место да не биде поголема од 100,00 ден.од м2.

Согласно точка 3 на Одлуката, продажбата ќе се спроведе по пат на усно наддавање по претходно објавен јавен оглас во дневните печатени медиуми, а според точка 4 на истата одлука, средствата што ќе се добијат од продажбата на објектот – имотот треба да се инвестираат во стекнување на нов имот на општината или за реконструкција на постојниот имот.

Според точка 5 на Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Македонски Брод“.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одлука е донесена од страна на Советот на општина Македонски Брод, на седницата одржана на 28.10.2011 година. Со наведената одлука, Советот одлучил да се оттуѓи зградата на Задружниот дом и дворно место на КП 1007 во с. Ижиште – општина Македонски Брод, при што утврдил правила за определување на цената на зградата и цената на дворното место, го определил начинот на продажба на недвижноста и ја утврдил намената на добиените средства од продажбата.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, според Судот, таа претставува конкретен акт донесен од Советот на општина Македонски Брод со кој се одлучува за располагање со конкретен имот – зграда и дворно место во сопственост на општината.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не уредува прашања на општ начин туку одлучува за продажба на точно определени зграда и дворно место во сопственост на општината, конкретно определувајќи ги условите за продажбата, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис и не може да биде предмет на уставносудска оцена и дека се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативите.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2012
11 април 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски