У.бр.167/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницатa одржана на 04 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на член 5 став 1 точка 1 во делот „непрекинато„; член 120 точка 3 во делот: „освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа„ и член 202 став 2 во делот “или надлежен суд”, поднасловот: „Отстранување од процесот на работа„ и член 237 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 16/2010, 50/2010, 52/2010, 124/2010 , 47/2011 и 11/2012).

3.Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе три иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точките 1 и 2 на ова решение.

4. Според наводите во првата иницијатива во членот 5 став 1 точка 1 било определено дека „работен однос„ е договорен однос на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата, според упатствата и под надзор на работодавачот и истиот смета дека со оспорениот законски дел се создавала можност работодавачот да располага непрекинато со работникот кој работи и на тој начин работодавачот ги повредувал уставно гарантираните човекови слободи и права во кои спаѓале и правата од работен однос и интегритетот на работникот, и од тие причини не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Предлага при одлучувањето да се има предвид Решението на Уставен суд, У.број 263/2009 од 02.06.2010 година, со кое е поведена постапка за оценување на уставноста на членот 5 став 1 точка 5 од Законот за работните односи.

Според наводите во првата и втората иницијатива, подносителот наведува идентични аргументи дека во член 12 став 1 од Законот, биле споменати закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и други прописи, колективните договори и актите на работодавачот, но не бил наведен и Уставот. Имено, смета дека со ненаведувањето и на Уставот, како основ за постапување на работодавачот и работникот при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување, се стеснувала уставната основа за постапување. Понатаму, констатира дека тоа така морало да биде, од причина што и во ставот 4 на оспорениот член 12 од Законот, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот. Поради тоа, смета дека оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2, член 32 и особено член 51 од Уставот, според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според наводите во првата иницијатива, подносителот го цитира член 49 став 3 од Законот, и предлага при одлучувањето на основаноста на оваа точка да се има предвид и Одлуката на Уставен суд, У.број 200/2008 од 13.05.2009 година.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел директно се повредува членот 32 ставот 3 од Уставот, според кој секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и дека од овие права вработените не можело да се откажат.

Во првата иницијатива подносителот го цитира член 75 став 3 од Законот, и наведува дека со самиот акт на одбивање да му биде врачено откажувањето на договорот за вработување, било извршено доставувањето, а не како што предвидел законодавецот во оспорениот законски дел. Упатува на тоа како законодавецот тоа го регулирал во одредбите на член 83 став 3 и член 99 од Законот за општата управна постапка и смета дека со оспорениот законски дел се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според наводите во првата иницијатива подносителот го цитира член 120 точка 3 од Законот и наведува дека со истиот се ускратувале уставно утврдените права од член 40 став 1 и член 42 од Уставот. Исто така, во иницијативата укажува дека законодавецот немал уставно право и овластување да го пропише оспорениот дел од овој член, бидејќи согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Имено, во Уставот никаде не било пропишано дека мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост можелe да дадaт писмена изјава дека доброволно се согласуваaт со прекувремена работа. Поради наведеното смета дека со оспорениот законски дел се повредува член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 40 став 1, член 41 став 1, член 42 став 1 и член 51 од Уставот.

Според наводите во втората иницијатива, подносителот го цитира член 202 став 2 од Законот и констатира дека оспорениот законски дел не можело да опстане во правниот поредок бидејќи надлежниот редовен суд не покренувал постапка за било кое прашање по службена должност, па и за забрана на дејствување на синдикат туку тој суд само судел по тужбени барања поднесени од другите субјекти кои имале интерес. Според наводите во иницијативата тоа било потврдено и со ставот 1 од овој член и со членот 175 од Законот за парнична постапка. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел се повредува член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 и член 51 од Уставот.

Според наводите во првата и третата иницијатива со поднасловите: „Отстранување од процесот на работа„ и „Правила за работите кои не смеат да се прекинат за време на штрајк„ и со одредбите на членовите 237 и 238 од Законот, се ограничувало правото на штрајк и се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

5.Судот на седница утврди дека според членот 5 од Законот, одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење, „работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.

Согласно членот 12 од овој закон, при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.(став 1)
Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат таквиодредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.(став 2) Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.(став 3) Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.(став 4)

Според членот 49 од законот, работникот може да склучи договор за вработување со скратено работно време со повеќе работодавачи и така да го постигне полното работно време определено со законот.(став 1) Работникот е должен да се договори со работодавачите за работното време, начинот на користењето на годишниот одмор и другите отсуства од работа.(став 2) Работодавачите, кај кои е вработен работникот со скратено работно време, се должни на работникот да му обезбедат истовремено користење на годишниот одмор и други отсуства од работа, освен ако тоа не би им предизвикало штетни последици.(став 3) Обврските на работодавачот и работникот од ставот (2) на овој член се составен дел на договорот за вработување со скратено работно време.

Согласно членот 75 од овој закон, отказот на договорот за вработување мора да и биде врачен на договорната страна, на која и се откажува договорот за вработување.(став1) Отказот на договорот за вработување работодавачот е должен да му го врачи лично на работникот по правило во просториите на работодавачот односно на адресата на живеалиштето, односно рестојувалиштето од кое работникот дневно доаѓа на работа.(став2) Ако работникот не може да се пронајде на адресата на престојувалиштето од кое дневно доаѓа на работа (освен во случаите на оправдано отсуство од работа) или нема трајно или времено престојувалиште во Република Македонија или одбие врачување, откажувањето на договорот за вработување се објавува на огласната табла во седиштето на работодавачот. По изминувањето на осум работни дена од објавувањето на огласната табла се смета дека врачувањето е извршено.

Согласно член 120 од Законот, работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време: ако работата може да се изврши со соодветна организација или распределба на работата, распоредување на работното време или воведување на нови смени; на работникот жена, во согласност со одредбите на овој закон поради заштита на бременоста, раѓање и родителството;
на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа;(оспорен дел).
Според членот 202 од Законот, дејствувањето на синдикатот, односно здружението на работодавачите ќе се забрани со одлука на редовниот суд, надлежен според седиштето на индикатот, односно седиштето на здружението на работодавачите, доколку неговата дејност е спротивна на Уставот и закон.(став1) Постапката за забрана на дејствувањето на синдикатот, односно здружението се покренува на барање на органот овластен за регистрација или надлежен суд.(став 2)

Согласно член 237 од овој закон, работодавачот може да отстрани работници од процесот на работа само во одговор на веќе започнат штрајк. (став 1) Бројот на работници отстранети од работа не смее да биде поголем од 2% од бројот на работниците учесници во штрајкот.(став 2) Работодавачот може да ги отстрани од процесот на работа само оние работници кои со своето однесување поттикнуваат насилничко и недемократско однесување, со што се оневозможуваат преговорите меѓу работниците и работодавачот.(став 3) За работниците отстранети од работа, за времето додека се отстранети од работа, работодавачот е должен да ги уплатува придонесите утврдени со посебните прописи за најниската основица за плаќање на придонесите.(став 4)

Според член 238 од Законот, на предлог на работодавачот, синдикатот и работодавачот спогодбен подготвува и донесува правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк. (став 1-оспорен дел) Правилата од ставот 1 на овој член содржат особено одредби за работите и бројот на работниците кои на нив мора да работат за време на штрајк, а со цел за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот (производно одржувачки работи), односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи).(став 2)

Со определување на работите од ставот 1 на овој член не смее да се оневозможува или битно ограничува правото на штрајк.(став 3) Ако синдикатот и работодавачот не се спогодат, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот на работодавачот до синдикатот за определувањето на работите од ставот 1 на овој член, работодавачот или синдикатот може во рок од наредните 15 дена да бара за тие работи да одлучи арбитража.(став 4)

6.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 4, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат и согласно ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца, а според ставот 3 на истиот член малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 2 од Уставот: „законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување“

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, дека со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и дека тие мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 16/2010, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011 и 11/2012) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 13 став 1 од Законот за работните односи, работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договор за вработување.

Според член 19 став 1 и 2 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување, мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот.Работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.

Согласно член 21 од Законот, работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата, почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.

Содржината на договорот за вработување е утврдена во член 28 на Законот, при што називот на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување, како и одредба за висината на основната плата која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување, претставуваат елементи на договорот за вработување, утврдени во став 1 точките 3 и 8 од овој член.

Согласно член 30 став 1 од овој закон, работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за кое што склучил договор за вработување, во време и на место, кои што се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот. Според став 2 на истиот член, во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основа за создавање на работниот однос. Со договорот за вработување се определува работното место за кое се заснова работен однос, како и платата што се остварува за извршување на работите на работното место. Законот пропишува дека работникот е должен, совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, а во случаи определени со закон и колективен договор, да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

I. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата во однос на членот 5 став 1 точка 1 со кој е дефиниран работниот однос како договорен однос на работа кај работодавачот, за плата и други примања, при што работникот лично непрекинато ја извршува работата, според упатствата и под надзор на работодавачот, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел се создавала можност работодавачот да располага непрекинато со работникот кој работи.

Во однос на оспорениот член, Уставниот суд веќе одлучувал и со Решение У.бр.18/2008 од 15 октомври 2008 година и не повел постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 точката 1 во делот “непрекинато” од Законот. Неповедувајќи постапка, судот изразил став дека оспорениот дел не може да го има значењето работникот да мора да работи и ден и ноќ, без никаков дневен, неделен и годишен одмор, какво што значење му се дава со иницијативата, бидејќи соодветните конкретни правила од Законот тоа не го предвидуваат. Во членот 116 ставови 1 и 2 од Законот е определено дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно и дека работната недела по правило трае пет работни дена. Судот, оцени дека делот „непрекинато“ од означената законска одредба не ја доведува во прашање правната сигурност на работникот како елемент на начелото-владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и е во согласност со член 32 ставовите 4 и 5, член 51 и член 54 став 2 од Уставот.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот утврди дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

II. Со иницијативата е оспорен членот 12 став 1 кој е насловен како “Ограничување на автономијата на договорните страни”, со образложение дека во конкретната одредба не бил наведен и Уставот како основ за постапување на работникот и работодавачот при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување. Во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

Според член 12 став 5 од овој закон, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот, што значи дека законодавецот во оспорениот член се повикува на основата и рамката за уредувањето на правата кои произлегуваат од работниот однос и се утврдени во членот 32 став 5 од Уставот, според кој „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Оттука, во конкретниот случај не е споменат Уставот бидејќи оспорениот став 1 од членот 12 се однесува на ограничувањето на автономијата на работодавачот и работникот конкретно при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување. Согласно ставот 5 на член 12 од Законот, правата кои произлегуваат од работниот однос се утврдени во Уставот. Меѓутоа, со ненаведувањето на Уставот, во ставот 1 како основ за постапување, законодавецот не ја стеснува уставната основа за уредување на работните односи помеѓу работниците и работодавачите од причина што оваа одредба се однесува само на случување и престанување на договор за вработување.

Имено, Уставот како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија го утврдил владеењето на правото, преку кое се обезбедува примена на правните норми на конкретни случаи и претставува механизам со кој се исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно се обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Начелото на уставност и начелото на законитост се недделиво поврзани и произлегуваат од положбата на Уставот како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти. Ваквата положба на Уставот во однос на другите правни акти произлегува директно од Уставот, поточно од членот 51 која е клучната уставна одредба во утврдувањето на уставноста како правен принцип и тоа како принцип на супремација и приоритет на Уставот. Од овие уставни одредби произлегува и хиерархијата на правните акти, во смисла што сите закони мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законот.

Анализирајќи ја оспорената одредба на членот 12 став 1, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може основано да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2, член 32 и особено член 51 од Уставот.

III.Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Наведената уставна гаранција е операционализирана со Законот за работните односи каде во Главата X „Паузи и одмори“, се разработени случаите на дневен, неделен и годишен одмор, случаите на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете и/или смрт на близок роднина) до седум работни дена, при што е оставено со колективен договор да се утврдат деновите на платен одмор по овие основи, како и се утврдени случаите на неплатено отсуство од работа и други отсуства од работа ( отсуство од работа поради празнување, поради неспособност за работа поради заболување или повреда, заради вршење на функции или обврски од посебни закони и сл).

Од анализата на оспорената одредба на 49 став 3 од овој закон, произлегува дека работодавачите кај кои е вработен работникот со скратено работно време, се должни на работникот да му обезбедат истовремено користење на годишниот одмор и други отсуства од работа, освен ако тоа не би им предизвикало штетни последици. Со истата одредба се утврдува дека законодавецот дава можност за склучување на договор со цел да се обезбедат услови за работа со полно работно време и обврска да се утврди работното време, начинот на користење на годишниот одмор, кој не може да биде пократок од десет работни дена и начинот на користење на другите отсуства, под услов да се усогласат работодавачите да не се предизвикаат штетни последици во процесот на остварување на работните задачи.

Оттаму, во иницијативата Судот утврди дека несоодветно се упатува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.200/2008 од 13 мај 2009 година. Ова од причина што дадениот конкретен пример се однесува на обештетување за годишен одмор и станува збор за одредба која остава простор за толкување во смисла дека доколку за работодавачот е тоа поисплатливо, користењето на годишниот одмор на работникот може да го замени со исплата на парично обештетување и тоа без никакви санкции.

Поради тоа, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба во однос на членот 32 ставот 3 од Уставот, според кој секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Имено, согласно членот 48 и 49 од Законот за работни односи е утврдено и гарантирано правото на годишен одмор, кое право не може да му го ускрати работодавачот, ниту пак од него да се откаже работникот.

IV. Тргнувајќи од анализата на членот 75 од Законот, произлегува дека со истиот се уредува врачување на отказот на договорот за вработување кој мора да и биде врачен на договорната страна на која и се откажува договорот за вработување.

Во ставот 3 од истиот член, во кој е содржан оспорениот дел, се уредува како се постапува во ситуацијата кога работникот не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачувањето, со предвидување истото да се објави на огласната табла во седиштето на работодавачот и по изминувањето на осум работни дена да се смета дека врачувањето е извршено.

Судот утврди дека определба е на законодавецот да го објави отказот на договорот за вработување кој мора да и биде врачен на договорната страна, на која и се откажува договорот за вработување и во ситуација кога тој ќе го одбие врачувањето, односно кога му е познат карактерот на актот што треба да му биде врачен. На тој начин, Судот оцени дека не ги повредува одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата. Поточно, ваквото законско решение претставува уште еден обид за уредно врачување на отказот на договорот за вработување, покрај одбивањето за врачување, и ова може да биде само од полза на лицето на кое се однесува отказот, но не и на негова штета.

Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за доставување на одлука за престанок на работен однос на работник и законодавецот водел сметка за начинот на спроведување на доставувањето, имајќи ги во предвид проблемите кои би можеле да настанат во примената на законот во судската практика, од аспект на утврдување и засметување на роковите во врска со правото на приговор и поведувањето на судската постапка при остварувањето на правата од работен однос, се со цел за поголема и поефикасна заштита на правата на договорните страни.

Подносителот на иницијативата упатува на примерот како законодавецот тоа го регулирал во одредбите на член 83 став 3 и член 99 од Законот за општата управна постапка. Согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два закони, односно не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената законска одредба со одредбите на Законот за општата управна постапка.

Оттаму, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 75 став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

V. Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијатива на член 120 точка 3 од Законот, според кој работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време: на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел се повредуваат член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 40 став 1, член 41 став 1, член 42 став 1 и член 51 од Уставот.
Во однос на истиот член Уставниот суд со Решение У.бр.111/2006 од 18 октомври 2006 година не поведе постапка за оценување на членот 120 став 3 во делот „освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа„ од Законот за работните односи.

Неповедувајќи постапка, Судот изразил став дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбите од член 120 став 3 и член 164 став 2 и 4 од Законот со Уставот. Ова дотолку повеќе што и во овие случаеви согласно ставот 4 на членот 117 од Законот работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот, што може да се толкува како еден вид право на посебна заштита на лицата од членот 120 став 3 и член 164 став 2 и 4 од Законот согласно членот 42 од Уставот. Оспорените одредби се оправдани и од аспект на тоа што тие се основа за стекнување на дополнителни средства, покрај она што ги обезбедува државата, за создавање на подобри економски и социјални услови за подобар развој на самото дете во чиј интерес во крајна линија е и посебната заштита на жената-мајка и ја обезбедува Републиката. Исто така, се претпоставува дека оваа законска можност мајката со дете до три години старост, односно самохраниот родител нема да ја користи на штета на нивното здравје и здравјето и интересот на детето.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот утврди дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

VI.Од аспект на анализата на член 202 став 2 од Законот, според кој постапката за забрана на дејствувањето на синдикатот, односно здружението се покренува на барање на органот овластен за регистрација или надлежен суд подносителот на иницијативата смета дека оспорениот законски дел не може да опстане во правниот поредок бидејќи надлежниот редовен суд не покренувал постапка за било кое прашање по службена должност, па и за забрана на дејствување на синдикат туку тој суд само судел по тужбени барања поднесени од другите субјекти кои имале интерес. Според наводите во иницијативата тоа било потврдено и со ставот 1 од овој член и со членот 175 од Законот за парнична постапка. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот законски дел се повредува член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 и член 51 од Уставот.

Во конкретниов случај, Судот оцени дека во иницијативата станува збор за одредби со кои се оспоруваат исти членови од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оценка пред Уставниот суд. Имено, Судот со Решение У.бр.162/2010 од 09 февруари 2011 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 202 ставови 1 и 2 од Законот и утврдил отсуство на елементи на неуставност на оспорената одредба.

Според тоа Судот утврди дека законодавецот правилно се определил да ги овласти судовите да иницираат постапка за забрана на дејствување спрема синдикат или здружение на работодавачите, бидејќи судовите во спроведувањето на постапките, кои се или не се во директна врска со повредата на Уставот или законот можат да наидат на конкретна повреда од страна на наведените субјекти заради која би можело да дојде до времена или трајна забрана за нивно дејствување. Без таквото овластување постои веројатност одредени негативни појави да не бидат забележани и да не бидат запрени или спречени. Притоа, дали судот што ја иницирал постапката ќе биде и суд кој ќе ја изрече забраната е фактичко прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Судот ценејќи ги оспорените ставови 1 и 2 од членот 202 од Законот за работните односи по однос на нивната согласност со членот 20 од Уставот, оцени дека со нив не е сторена повреда на слободата на здружување, бидејќи во овој случај не се работи за слобода на здружување, таа е остварена со регистрирањето на асоцијацијата, туку за забрана на дејствување која следи откако асоцијацијата ќе започне да делува и тоа спротивно на Уставот и законите. Во секој случај, оваа слобода не може да биде апсолутна и неограничена и Судот оцени дека треба да биде лимитирана тогаш кога ги повредува уставниот поредок и уставните вредности, како и тогаш кога дејствувањето на наведените асоцијации води кон попречување илионевозможување на остравувањето на фундаменталните слободи и права на граѓаните загарантирани со Уставот.

Подносителот на иницијативата упатува на примерот како законодавецот тоа го регулирал во одредбата на член 175 од Законот за парнична постапка. Согласно член 110 од Уставот, судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два закони, односно не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената законска одредба со одредбите на Законот за општата управна постапка.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот утврди дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

VII. Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Врз основа на анализата на цитираните уставни одредби, на кои се повикува подносителот на иницијативата, произлегува дека прашањето поврзано со штрајкот е уредено во членовите 37 и 38 од Уставот, а останатите уставни одредби не се директно поврзани со правото на штрајк. Исто така, од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во конкретните области, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата дека со оспорените поднаслови: „Отстранување од процесот на работа„ и „Правила за работите кои не смеат да се прекинат за време на штрајк„ и одредбите на членовите 237 и 238 од Законот, се ограничувало правото на штрајк кое само со закон можело да биде ограничено, Судот утврди дека истите се неосновани.

Во однос на член 237 од Законот, Уставниот суд со Решение У.бр.187/2005 од 10 мај 2005 година не поведе постапка за оценување на членот 237 од Законот за работните односи. Од анализата на целината на Законот, Судот заземал став дека институтот, отстранување од работа, Законот за работните односи на општ начин го регулира со одредбата од членот 83 во која се предвидени случаите, односно причините поради кои работникот може да биде отстранет од работа од кај работодавачот. Така согласно оваа одредба, по оцена на работодавачот, со писмен налог на овластеното лице кај работодавачот, работникот се отстранува од кај работодавачот со надоместок во висина на платата на работникот, до донесувањето на одлуката за отказ на договорот за вработување, ако: 1) работникот со своето присуство кај работодавачот го загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност; 2) присуството на работникот кај работодавачот штетно ќе се одразува врз работењето кај работодавачот; 3) присуството на работникот оневозможува утврдување на одговорноста за повреда на работните обврски; и 4) кога против работникот е покрената кривична постапка од надлежен орган за кривично дело сторено на работа или во врска со работата. За работникот отстранет од работа Законот предвидел заштита односно право на приговор кој не го задржува од извршување писмениот налог. Покрај тоа, Судот утврди дека одредбите од член 243 од Законот (со кои е предвидено дека Синдикатот може да бара од надлежниот суд да забрани исклучување од работа за време на штрајк спротивно на одредбите од Законот, како и предвиденото право на надомест на штета што тој или работниците ја претрпеле поради исклучување од работа за време на штрајк кое не е извршено во согласност со закон), како и член 244 (кој предвидува итност во постапувањето на судот во овие случаи), овозможуваат одлуката за законитоста на отстранувањето од работа на работникот во случај на штрајк да ја донесе независен орган, односно суд во итна постапка, што според Судот претставува доволна гаранција, односно заштита на работникот од злоупотреби на институтот отстранување од работа. Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 237 од Законот со одредбите од Уставот.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот утврди дека наводите во иницијативата во однос на поднасловот „Отстранување од процесот на работа„ и член 237 од Законот не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

Остварувањето на правото на штрајк како право што произлегува од работниот однос се уредува со закон и колективен договор, а ограничувањето на условите за остварување на правото може да биде уредено единствено со закон. Врз основа на овие уставни принципи, со Законот за работните односи е уредено дека на предлог на работодавачот, синдикатот и работодавачот спогодбено подготвуваат и донесуваат правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.

Правилата од ставот 2 на членот 238 содржат особено одредби за работите и бројот на работниците кои на нив мора да работат за време на штрајк, а со цел за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот (производно одржувачки работи), односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи). Според ставот 3 на истиот член со определување на работите од ставот 1 на овој член не смее да се оневозможува или битно ограничува правото на штрајк.

Во Законот за работни односи во Главата XX-Штрајк во членовите од 236 до 245 се уредени правата и обврските за време на штрајк, работодавачот во договор со синдикатот кој ги застапува интересите на работниците, се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот, неопходно ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на меѓународните договори.

Оттука, според мислењето на Судот ова законско овластување на работодавачот не претставува подзаконско регулирање на остварувањето на правото на штрајк туку непосредно спроведување на законските одредби во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на животот во земјата, во обем и на начинот утврдени со закон од соодветната дејност од јавен интерес како и извршувањето на меѓународните договори.

Притоа, Судот смета дека треба да се има предвид и тоа дека правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право така што правото на штрајк на работниците во јавниот и приватниот сектор не може да ги доведе во прашање интересите на корисниците на јавните услуги кои посредно или непосредно учествуваат во стекнувањето средства за работа.

Имајќи предвид дека условите под кои може да се реализира правото на штрајк се утврдени со закон и само во функција на операционализација на овие законски услови се утврдува кои лица не можат да учествуваат во штрајк и кои лица не можат да ја запрат работата без предупредување дадено во рок кој е исто така утврден со закон, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените поднаслови и членови од законот со одредбите на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.167/2010
04 април 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски