У.бр.225/2011

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 135-а став 3 и членот 137 став 4 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011 и 54/2011).

2. Слободан Ивановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 135-а став 3 и членот 137 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со членот 15 од Уставот, бидејќи се суспендирало правото на жалба гарантирано во наведената уставна одредба, а правото на градежниот инспектор, според својата правна сила, се подигало над уставното право. Исто така, се поставувало прашањето каква е смислата на поднесување на жалба во определен рок, ако и пред истекот на рокот градежниот инспектор можел да отстрани, односно сруши градба или нејзин дел, иако жалбата била насочена против рушењето на објектот.

Според подносителот на иницијативата спорните одредби генерирале простор за корупција, бидејќи инспекторот имал слобода да го причека доставувањето на жалбата од инвеститорот, но и да започне да уценува во врска со ставот кој ќе го заземе во однос на рушењето и покрај рокот кој течел за поднесување на жалба, а особено по поднесената жалба.

Во натамошниот текст на иницијативата се наведува конкретен пример за рушење на објект пред конечноста на донесеното решение, врз основа на кој подносителот на иницијативата изразува мислење дека рушењето на објектот можело да настапи откако инвеститорот го искористил правото на жалба, односно инспекторот би морал да ја причека конечноста на решението па да пристапи кон рушење, бидејќи само на тој начин целосно би било запазено правото на жалба согласно Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 135-а став 3 од Законот, жалбата изјавена против решението од ставовите 1 и 2 на овој член не го одлага извршувањето на решението.

Според содржината на членот 137 став 4 од Законот, жалбата изјавена против решението на градежниот инспектор, односно овластениот градежен инспектор, не го одлага извршувањето на решението.

4. Во членот 15 од Уставот, беше предвидено дека, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

На 7 декември 2005 година Собранието на Република Македонија донесе одлука за прогласување на повеќе амандмани на Уставот („Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2005 од 9 декември 2005 година), меѓу кои и на Амандманот XXI на Уставот. Со наведениот Амандман е заменет член 15 од Уставот и се гарантира правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата бара Судот да направи оцена на уставноста на оспорените законски одредби по однос на непостоечка уставна одредба, односно членот 15 од Уставот, кој сметано од 7 декември 2005 година (ден на прогласување на Амандманот XXI на Уставот), повеќе не е дел од содржината на Уставот. Меѓутоа, Судот, имаше предвид дека двете уставни одредби имаат иста цел- гарантирање на правото на жалба, од кои причини се определи сепак да се впушти во анализа на согласноста на оспорените одредби, но само по однос на Амандманот XXI на Уставот.

Од анализата на содржината на оспорените законски одредби произлегува дека со нив се предвидува жалбата против решението на инспекторот да не го одлага извршувањето.

Тргнувајќи од содржината на Амандманот XXI на Уставот произлегува дека уставотворецот се определил правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања, како што е овде случај да се уредат со закон. Ова значи дека уставотворе-цот не ги уредува и утврдува елементите и својствата на жалбата, роковите за изјавување на жалбата, овластените субјекти или пак дали истата ќе има суспензивно или одложно дејство, туку препуштил сите прашања по однос на жалбата како правен лек да се уредат со закон.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорените одредби од Законот за градење во кои е предвидено жалбата против решението на инспекторот да не го одлага извршувањето се во согласност со Амандманот XXI на Уставот.

Доколку постојат евентуалните злоупотреби на законските одредби од страна на овластените лица тоа не е уставно-судска проблематика, туку проблематика која треба да се третира од аспект на професионална, прекршочна, кривична или пак друг вид на одговорност, за која овој суд не е надлежен да расправа.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорените одредби од Законот се во согласност со Амандманот XXI на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2011
4 април 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски