У.бр.214/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 април 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 57 став 1 во делот: „освен во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот“ од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2009, 60/2010 и 94/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 214/2011 од 22 февруари 2012 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од колективниот договор означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за работните односи.

4. Судот на седницата утврди дека според член 57 став 1 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011), се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1).

Според член 12 став 2 од овој закон, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно став 3 на истиот член, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според член 184 став 1 од Законот, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.

Според член 199 став 1 од Законот, синдикатите самостојно одлучуваат за начинот на нивното застапување кај работодавачот. Според став 3 од овој член, синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот.

Со член 200 од Законот се уредува заштитата на синдикалните претставници. Така, според став 1 на овој член, синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно со овој закон. На синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување (став 2). На синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување само со претходна согласност на синдикатот (став 3). Ако синдикатот во рок од осум дена не се изјасни за давање или ускратување на согласноста, се смета дека е согласен со одлуката на работодавачот (став 4). Ако синдикатот не даде согласност, согласноста може да се надомести со судска одлука (став 5). Заштитата пред отказ за лицата од ставот 1 на овој член трае цело време за времето на траењето на мандатот и најмалку две години по престанување на мандатот (став 6). На работник кој е избран или именуван на синдикална функција утврдена со статут, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавачот, му мирува работниот однос и има право во рок од пет дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка (став 7).

Согласно член 57 став 1 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.

Според член 58 на овој колективен договор, синдикалниот претставник не може:
– да биде упатен на привремен принуден одмор;
– да биде распореден на друго работно место без негова согласност;
– да му престане работниот однос од деловни причини.

При наведената уставна и законска регулатива, се поставува прашањето дали со оспорениот дел на член 57 став 1 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, се повредуваат законски утврдените права и заштита на синдикалниот претставник, односно дали е во согласност со Законот за работните односи одредбата од колективниот договор која го иззема синдикалниот претставник од посебната заштита која значи забрана за изрекување на престанок на работниот однос поврзана со синдикална активност на истиот.

Во одговор на ова правно прашање, Судот имаше предвид дека Законот за работните односи пропишал дека на синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување, што значи децидно ја исклучил можноста синдикалниот претставник да трпи последици за својата синдикална активност. Во однос на можноста работодавачот да му го откаже договорот за вработување на синдикалниот претставник за други прашања и дејствија кои не се поврзани со синдикалната активност, а кои се сторени во времето на вршењето на должноста, законодавецот исто така пропишал посебна заштита за синдикалниот претставник, односно дека договорот за вработување може да се откаже само со претходна согласност на синдикатот.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, според Судот, оспорената одредба од Колективниот договор која го иззема од посебната заштита за престанок на работниот однос синдикалниот претставник во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот, значи определување на помали права за синдикалниот претставник од правата утврдени со закон. Имено, законодавецот е јасен и прецизен дека на синдикалниот претставник не може да му се изрече отказ поради синдикални активности, дури и ако истите предизвикале материјална штета кај работодавачот. Одговорноста на синдикалниот претставник за причинетата штета се регулира според одредбите за надомест на штета во Законот за работните односи (Глава XI – Надомест на штета, членови 156-158).

Од друга страна, неспорно е дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, во случај кога работникот стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот (член 82 став 1 точка 5 од Законот за работните односи). Тоа правило важи и за синдикалниот претставник, за дејствија кои не се поврзани со синдикалната активност, во кој случај законодавецот го обврзува работодавачот да обезбеди претходна согласност на синдикатот.

Видно од содржината на оспорената одредба во Колективниот договор, престанокот на работниот однос не го исклучува случајот кога настаната штета е резултат на синдикалните активности на синдикалниот претставник, како што налага Законот, ниту пак прецизира постоење на вина (намера или крајно невнимание) кај синдикалниот претставник за сторена штета која не е поврзана со синдикални активности, што е услов на истиот да му престане работниот однос во постапка пропишана со закон. Поради тоа, според Судот, оспорената одредба во Колективниот договор не е во согласност со законската регулатива која се однесува на посебната заштита на синдикалниот претставник во врска со неговите синдикални активности, ниту пак јасно и прецизно го пропишува престанокот на работниот однос на синдикалниот претставник за сторена штета која не е поврзана со синдикални активности.

Тргнувајќи од законската определба дека со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветните одредби од закон, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека член 57 став 1 во делот: „освен во случај на предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот“ од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 12 ставовите 2 и 3 и член 200 од Законот за работните односи.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.214/2011
4 април 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски