80/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011).

2. Васил Апостолов, Огнен Стаматовски и Бела Глигорова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 10, Амандман XVII точка 1 со кој се менува ставот 1 на член 115 од Уставот. Ова од причини што со него и покрај фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.66/2010 од 2 февруари 2011 година укинал повеќе одредби од Законот за просторното и урбанистичкото планирање со кои се регулирала локална планска урбанистичка документација и се овозможувало менување и планирање на веќе планираните простори надвор од Уставот и законите и создавање на планови во планови без учество на граѓаните и надвор од постапката утврдени со Уставот и законите. Со оспорената одредба се овозможувало правно дејство на акти (ЛУПД) кои се донесени во постапка и на база на одредби кои веќе се укинати, што значи озаконување на изменувањето и дополнувањето на урбаните планови не преку редовна постапка за нивно менување и дополнување туку на база на постапка која била оценета како спротивна на Уставот.

Со оспорениот член, според подносителите се овозможувало реинсталирање на локалните плански урбанистички документации и се овозможувало истите да произведуваат правно дејство и ако одредбите на кои биле засновани биле укинати.Со предвидениот начин на уредување на ова прашање се овозможувало да постојат последици од незаконито менување и дополнување на урбанистичките планови надвор од востановениот систем на планирање на просторот и донесување на други акти на база на тоа.

Воедно, подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд да донесе Решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот член.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 3 став 1 од Законот, „Локална и државна урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот во плански опфат, а кои се одобрени до 7 февруари 2011 година, се применуваат во постапката за издавање на одобрение за градење и согласно истите може да се издаде одобрение за градење.

Според оспорениот став 2 на член 3 од Законот, „одобренијата за градење издадени согласно со локална и државна урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот во плански опфат, имаат правна сила и можат да се извршуваат, доколку локалната и државната урбанистичка планска документација се одобрени до 7 февруари 2011 година.

Во понатамошната постапка, а по повод оспорениот член 3 од Законот за градење, Судот исто така утврди дека со Решение У.бр.66/2010 од 1 декември 2010 година повел постапка за оценување на уставноста на членот 5 алинеја 6 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,” и алинеја 7 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, членот 17-а ставовите 4 и 5, членот 50 став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 3 во делот: “Државна урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, членот 50-а став 1 во деловите: “во и” и “како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела,”, ставот 2 и ставот 4 во делот: “Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а”, од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009 и 124/2010).

Воедно, Уставниот суд донел и Решение со кое го запрел извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно презмени врз основа на оспорените одредби.

Решението за запирање на извршувањето било доставено до Собранието, односно доносителот на Законот, Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа и за истото биле информирани средствата за јавно информирање.

На 2 февруари 2011 година Уставниот суд на Република Македонија донел Одлука со која ги укинал одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и ја ставил вон сила времената мерка.

Одлуката на Уставниот суд У.бр.66/2010 била објавена на 7 февруари 2011 година во „Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2011.

На 23 март 2011 година Собранието на Република Македонија донел измени и дополнувања на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011).

Во членот 3 од наведениот Закон е предвидено „Локална и државна урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот во планскиот опфат, а кои се одобрени до 7 февруари 2011 година, се применуваат во постапката за издавање на одобрение за градење и согласно истите може да се издаде одобрение за градење.

Според став 2 на член 3 од Законот „одобренијата за градење издадени согласно со локалната и државна урбанистичко планска документација со кои се уредува користење на просторот во плански опфат, имаат правна сила и можат да се извршуваат, доколку локалната и државната урбанистичка планска документација се одобрени до 7 февруари 2011 година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата.

Според Амандман XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува став 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности и други области утврдени со закон.

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член од Законот за градење, Одлуката на Уставниот суд У.бр.66/2010 од 2 февруари 2011 година, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не се основани.

Ова од причина што законодавецот имајќи предвид дека Уставниот суд донел одлука со која ги укинал, а не ги поништил одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање во суштина со оспорениот член од Законот за градење ги решава ситуациите до моментот на донесување на одлуката на Уставниот суд. Или поточно речено законодавецот со цел да не настане правна празнина ги уредил односите на начин што локалните и државните плански документациии со кои се уредувал просторот во планскиот опфат, а кои биле одобрени до 7 февруари 2011 година се применуваат во постапка за издавање на одобренија за градење, а издадените одобренија за градење согласно локалните и државните плански документи имаат правна сила.

Од наведените причини Судот смета дека оспорената одредба од Законот за градење има ограничено траење и со неа не се уредуваат односи по донесување на Одлуката на Уставниот суд.

5. Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредби од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2011
28 март 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски