Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 117 став 2, во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 117 став 2 од Законот бил неодржлив од уставно-правен аспект, од причина што законодавецот во член 117 став 7 од Законот го предвидел начинот на разрешување на оспорениот законски дел, а исто така и во став 4 од член 117 се регулирани права на работниците од Министерството за внатрешни работи кои вршеле посебни должности и овластувања. Притоа, подносителот укажува и на член 120 точка 1 од Законот за работните односи, според кој работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време ако работата може да се изврши со соодветна организација или распределба на работата, распоредување на работното време или воведување на нова смена.
Поради наведеното смета дека членот 117 став 2, во оспорениот дел од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32, член 51 и член 54 од Уставот.
Членот 125 став 2 од Законот, подносителот го оспорува и со дополнително поднесена иницијатива, во која се наведува дека прашањето за работното време е дел од прашањата кои се однесуваат на работните односи што се уредувале со закон и со колективни договори, а не со одлука на органот на државната управа од соодветната област. Оттука, според подносителот на иницијативите, оспорената законска одредба на членот 125 став 2, немала уставна основа и овој дел од корпусот на права од работен однос не бил предмет на уредување со акти и одлуки надвор од закон и колективен договор.
3. Судот на седницата утврди дека според член 117 став 2 од Законот прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени.
Во членот 125 став 2 од истиот закон се предвидува дека распоредот на работното време во областа на сообраќајот и врските, прометот на стоки, здравствено социјалната и детската заштита, образованието и во другите јавни установи, комуналните дејности, угостителството, туризмот и занаетчиството се утврдува со одлука на органот на државната управа од соодветната област.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Членот 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 ставови 1 и 5 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбедност за време на привремена невработеност и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Поаѓајќи од изнесените уставни одредби, законодавецот односите во областа на трудот ги уредил со Законот за работните односи.
Според членот 1 став 1 од овој закон, со него се уредуват работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според ставот 2 на овој член од Законот, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.
Во Глава IX од Законот, со наслов: „Работно време“ е поместен членот 116 од Законот, со наслов: „Полно работно време“ и според кој:
(1) Полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.
(2) Работната недела по правило трае пет работни дена,
(3) Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.
(4) Со закон или други прописи во согласност со закон, или со колективен договор може да се определи за работните места, кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно.
(5) Ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време, работното време од 40 часа неделно,
(6) Работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време,
(7) Работодавач кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една локација е должен да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа.
Оспорениот член 117 од Законот, кој носи поднаслов: „Прекувремена работа“, предвидува дека:
(1) Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа),
1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата,
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес,
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата,
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.
(2) Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени.
(3) За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
(4) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
(5) Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот,
(6) Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремената работа писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот,
(7) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот (2) на овој член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.
Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во контекст на наводите во иницијативата неспорно произлегува дека прекувремената работа е институт кој се однесува на прашања поврзани со остварување на правата на вработените и нивната положба и истиот е посебен услов за работа и како таков треба и посебно да се вреднува.
Работата подолга од полното работно време или прекувремена работа, работникот е должен да ја обавува на барање на работодавачот и тоа во случаите децидно наведени во членот 117 став 1 точка 1 – 5 од Законот. Времетраењето на прекувремената работа е ограничено и според став 2 на член 117 од Законот, тоа може да трае најмногу 190 часа годишно. Од ваквото ограничување на времетраењето на прекувремената работа, од анализата на оспорените одредби, произлегува дека се изземени работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Надминувањето на утврденото со Закон, времетраење на прекувремената работа, за што исклучок се прави во наведените ситуации со оспорениот дел од член 117 став 2 од Законот е обврска на работодавачот и истиот е должен да изврши прераспоредување на работното време. Работното време подолго од полното, треба да трае само онолку време колку што е неопходно потребно да се отстранат опасностите, како и да се спречи настапувањето на штетните последици, кои всушност и довеле до воведување на продолжено работно време.
Тргнувајќи од уставно-судската практика, на која Судот останува доследен, како и од анализата на содржината на оспорената одредба и целината на Законот, произлегува дека наведениот исклучок е од времен карактер и работодавачот не смее да наложи работа подолга од полното работно време кога работата може да се изврши со соодветна организација и распределба на работата, распоредување на работното време. Од ова, јасно е дека оспорениот исклучок во Законот се однесува едноставно кога станува збор за специфичен процес на работа, кој не трпи одлагање и поради истиот можно е настапување на штетни последици, а од друга страна, пак, не постојат услови за организирање на работата во смени.
Оттука, оспорениот исклучок за времетраењето на прекувремената работа е уредено со Законот за работните односи како lex specialis, што е во смисла на член 32 став 5 од Уставот, според кој правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон (како што е во случајов) и со колективен договор. Исто така, Судот оцени дека ова решение во Законот е во корелација и со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.111/2006 од 24 јануари 2007 година, со која е укинат членот 117 став 2, во делот: „согласно со акт на Владата на Република Македонија“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) и доносителот на актот, законодавниот дом, токму во насока на напатствијата и укажувањата на Уставниот суд на Република Македонија во наведената одлука, дека траењето на прекувремената работа не може да биде предмет на уредување на подзаконски акт на Владата на Република Македонија,со Закон го уредил начинот на утврдување на времетраењето на прекувремената работа.Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот дел од членот 117 став 2 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.
5. Оспорениот член 125 од Законот за работните односи, кој е поместен во поднасловот: „Распоред на работното време“, предвидува:
(1) Распоредот на работното време го утврдува работодавачот.
(2) Распоредот на работното време во областа на сообраќајот и врските, прометот на стоки, здравството, социјалната и детската заштита, образованието и во другите јавни установи, комуналните дејности, угостителството, туризмот и занаетчиството се утврдува со одлука на органот на државната управа од соодветната област.
Од анализата на оспорениот став 2 на членот 125 од Законот, Судот оцени дека во работното законодавство, распоредот на работното време е едно од оние прашања за чие правилно утврдување се врзува што поцелосното и порационалното користење на капиталот, на средствата за производство, како и трудот на вработените лица во текот на работата.
Од причина што, според Судот работодавачот е тој кој има најдобар увид во потребите од распоредот на работното време, токму затоа начинот на распоредот на работното време, со Законот за работните односи е децидно утврдено истото да го утврдува работодавачот. Меѓутоа, специфичностите на одредени дејности, како и нивното значење за севкупната заедница, наложуват распоредот на работното време во областа на сообраќајот и врските, прометот на стоки, здравството, социјалната и детската заштита, образованието и во другите јавни установи, комуналните дејности, угостителството, туризмот и занаетчиството да го утврдува со одлука органот на државната управа од соодветната област.
Според Судот, од причина што работното време е категорија утврдена со Законот за работните односи, распоредот на работното време, а особено во областите децидно наведени во став 2 на членот 125 од Законот, не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причина што наведените дејности се од јавен, општествен интерес, кој бара меѓусебна координираност, поради што и е оправдано со одлука на надлежниот орган на државната управа да се утврдува, односно уредува распоредот на работното време. Имено, одлуката за распоредот на работното време, не треба да се поистоветува со одлуките како општи акти со кои се утврдуваат одделни права или услови за остварување на права како посебен општ акт, како што тврди подносителот на иницијативата.
Правата и обврските во врска со работното време, всушност се децидно утврдени во Законот за работните односи и колективните договори, што е во согласност со член 32 од Уставот, а со оспорениот став 2 на членот 125 од Законот, само се определува дека со одлуката се определува почетокот и крајот на работното време на наведените дејности, кои се од општ јавен интерес за граѓаните и усогласување на времето на работа во истите во функција на прилагодување кон потребите на граѓаните и за поефикасно и поквалитетно обебедување на услугите во овие области.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.194/2011
28 март 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски