195/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 28 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Урбана единица “Х.Т. Карпош”, Урбан блок 64-а и 64-б, Плански Опфат меѓу улиците “Х.Т. Карпош”, “Ристовац“, “Сава Ковачевиќ“,“Трета Македонска Ударна бригада“ и улица ”11Октомври“, Општина Куманово 2009-2014, донесена под бр.07-8102/13 од 30 јуни 2011 година од Советот на општина Куманово („Службен гласник на општина Куманово“ бр.9/2011 од 1 јули 2011 год).

2. Илија Алексовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката oзначена во точкaта 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата подносителот бара поништување на Одлука на Советот на Општина Куманово, заведена под бр.07-8102/12 од 30 јуни 2011 година која поради направените повреди во постапката за донесување била во спротивност со член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа, член 25 став 1 од Статутот на Општина Куманово и на членот 51 став 1 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека по барање на Исмаил Ибраим Зија од Куманово била поведена постапка за донесување на детален урбанистички план за делот од споменатата урбана единица, и на 28 декември 2009 година била закажана јавна анкета и јавна презентација, но поради новогодишните празници истата не била одржана. Градоначалникот на општина Куманово донел Одлука заведена под број 21-6/17 од 06.09.2010 година за организирање на повторна јавна анкета и јавна презентација, која била одржана на ден 19.08.2010 година.

Според наводите во иницијативата оваа одлука била противзаконита и противуставна бидејќи според цитираните прописи, градоначалникот на општината имал овластување да донесува решенија и заклучоци, а одлуките како подзаконски прописи ги донесувал советот на општината како колективен орган. Градоначалникот, во конкретниот случај донел одлука наместо решение или заклучок за организирање на повторна јавна анкета и презентација и при тоа не биле запазени роковите за донесување на истата од датумот на поднесување на иницијативата до донесувањето на одлуката. Подносителот на иницијативата смета дека споменатата одлука е противзаконита и противуставна бидејќи при донесувањето на истата постоел конфликт на интереси. Имено, при донесувањето на оспорената одлука учествувало лицето Дервиши Фериз, во својство на член на Советот и претседател на Комисијата, кое ги имало купено парцелите на улицата “11 Октомври“ од подносителот на иницијативата, a кои спаѓале во опфатот на планот на име на неговата фамилијарна фирма ДТУ “Елиба Инженеринг” ДОО Увоз-извоз, што било во спротивност со член 44 од Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седница утврди дека Советот на општина Куманово на седницата одржана на 30 јуни 2011 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план за Урбана единица “Х.Т. Карпош”, Урбан блок 64-а и 64-б, Плански Опфат меѓу улиците “Х.Т. Карпош”, “Ристовац“, “Сава Ковачевиќ“, “Трета Македонска Ударна бригада“ и улицата ”11 Октомври“ Општина Куманово 2009-2014. Во членот 2 е определено дека составен дел на овој план е техничка документација број 52/09 изработена од Планерис Дооел-Куманово и дека истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата. Во членот 3 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот. Според членот 4, Одлуката влегува во сила со денот.

Од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Куманово, произлегува дека:

– Програма за урбанистичко планирање на подрачјето на општина Куманово за 2010 година, донесена од Советот на општина Куманово, број.07-2561/10 од 25.02.2010 година.

– Нацрт-Деталниот урбанистички план е изработен од Друштвото за урбанизам, проектирање и инженеринг „Планерис“ ДООЕЛ од Куманово со тех.бр.52/09 од април 2009 година;

– На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од Друштвото за урбанизам, проектирање и инженеринг „Урбан Гис“ ДОО од Куманово со тех.бр.07-РУ/09 од мај 2009 година, во која има забелешки кои треба да се отстранат, усогласат и вградат во планот;
– Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата бр.08-655/1 од 20 октомври 2008 година воглавно ги прифаќа забелешките, а за неприфатените дал образложение;
– Министерството за транспорт и врски даде Стручно мислење број 16-7531/2 од 15 септември 2009 година на Нацрт-планот со забелешки дека истиот е изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2006) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2006 и 140/07).

– Со Одлука број 07-11789/12 од 03 декември 2009 година Советот на општина Куманово го утврдил Нацрт-планот;
– Прелог планот на Деталниот урбанистички план е изработен од Друштвото за урбанизам, проектирање и инженеринг „Планерис“ ДООЕЛ од Куманово со тех.бр.52/09 од февруари 2011 година;
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена решение број 08-12712/1 од 17 декември 2009 година и за таа цел е подготвено Соопштение број 21-12711/2 од 18 декември 2009 година дека ќе се организира јавна анкета во периодот од 21 декември до 05 јануари 2010 година (има петнаесет работни дена), со излагање на текстуалните прилози на општинските витрини на градскиот Плоштад како и во просториите на соодветните месни заедници, а јавната презентација се одржа на ден 29 декември 2009 година во 11 часот во салата за состаноци во општината Куманово и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани. Исто така градоначалникот на општина Куманово донесе решение за формирање на Комисија за изработка на извештај по спроведената јавна анкета и јавна презентација заведено под број 21-12711 /3 од 21 декември 2009 година.
– Соопштениото било објавено во „Нова Македонија“ на 22 декември 2009 година.

– Од извештајот од јавната анкета бр.21-6/2 од 15 мај2010 година произлегува дека биле поднесени 8 забелешки, од кои 2 се прифатени, 5 се делумно и 1 не е прифатено;

– Поединечни известувања со образложение за прифатени и неприфатени забелешки се изготвени на 19 мај 2010 година, секое од нив е со деловоден број 21-6/3, и за подносителите на иницијативата постои доказ за доставување на известувањата;

– За организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета во траење од 15 дена бил донесен Заклучок број 21/6 од 05 август 2010 година и Одлука број 21-6/7 од 06 август 2010 година на градоначалникот на општина Куманово број и за таа цел е подготвено Соопштение број 21-4395/2 од 08 август 2010 година дека ќе се организира повторна јавна анкета во периодот од 13 август до 30 август 2010 година (има петнаесет работни дена), со излагање на текстуалните прилози на општинските витрини на градскиот Плоштад како и во просториите на соодветните месни заедници, а јавната презентација се одржа на ден 19 август 2010 година во 11 часот во салата за состаноци во општината Куманово и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани.

– Соопштениото било објавено во „Нова Македонија“ на 11 август 2010 година, исто така беше објавено седум дена и на телевизиите “ТВ Нова” и “ТВ Хана”.

– Од извештајот од јавната анкета бр.21-6/15 од 29 септември 2010 година произлегува дека биле поднесени 7 забелешки;
– Стручната комисија донесе Заклучок број 21-6/16 од 08 септември 2010 со оценка дека поради сторени пропусти во постапката при водењето на јавната презентација и јавната анкета потребно е да се повтори постапката и сите пристигнати забелешки ќе бидат разгледани по завршувањето на повторната јавна анкета и јавна презентација.

– За организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета во траење од 15 дена е донесена Одлука број 21-6/17 од 06 септември 2010 година на градоначалникот на општина Куманово број и за таа цел е подготвено Соопштение број 21-4395/19 од 13 септември 2010 година дека ќе се организира повторна јавна анкета во периодот од 15 септември до 30 септември 2010 година (има петнаесет работни дена), со излагање на текстуалните прилози на општинските витрини на градскиот Плоштад како и во просториите на соодветните месни заедници, а јавната презентација се одржа на ден 23 септември 2010 година во 11 часот во салата за состаноци во општината Куманово и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани.

– Соопштениото било објавено во „Утрински весник“ „Нова Македонија“ на 14 септември 2010 година, исто така беше објавено седум дена и на телевизиите “ТВ Нова” и “ТВ Хана”.

– Записник број 21-6/23 од 18 октомври 2010 од одржаната јавна анкета и јавна презентација

– Од извештајот од јавната анкета бр.21-6/23 од 19 октомври 2010 година произлегува дека биле поднесени 9 забелешки, од кои 1 е прифатена, 1 делумно и 7 не се прифатени;

– Поединечни известувања со образложение за прифатени и неприфатени забелешки се изготвени на 19 октомври 2010 година, секое од нив е со деловоден број 21-6/24, и за подносителите на иницијативата постои доказ за доставување на известувањата;

– Мислење од ЕВН-Македонија, број 24-2141/2 од 05 мај 2010 година.

– Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување Куманово, број 145/2 од 22 април 2010.

– Мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство број 08-2853/2 од 13 декември 2010 година.

– Оспорената одлука е донесена на 30 јуни 2011 година;

Согласноста на Предлог-Планот бр.16-107/5 од 12 мај 2011 година на Министерството за транспорт и врски до општината Куманово била доставена на 13 мај 2011 година видно од приемниот печат.

5.Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005 и 137/2007), кој бил во сила во времето на донесувањето на оспорениот план.

Во членот 7 од наведениот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Согласно член 19 од наведениот закон, урбанистичките планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето.

Според член 21 став 1 од овој закон, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на овој член, по добивањето на согласноста, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Согласно член 26 став 4 од Законот, советите на општините во градот Скопје донесуваат: – детален урбанистички план, – урбанистички план за село и – урбанистички план вон населено место. Според став 9 на овој член, општините во Градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје – за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од списите по предметот произлегува дека постапката за планирање започнала врз основа на Програма за изработка на урбанистички планови за општина Куманово за 2009 година. Истиот плански опфат бил евидентиран како предмет на започнато урбанистичко планирање и според програмите за планирање на општината за планскиот период 2010 година.

7.Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијативата во однос на тоа дека оспорената одлука не била законита од причина што градоначалникот немал овластување за донесување на одлуки, туку само на решенија и заклучоци, и дека поради тоа споменатата одлука била спротивна на Законот за просторното и урбанистичко планирање, Законот за локалната самоуправа и Статутот на општината Куманово, Судот смета дека истите се неосновани. Ова од причина што согласно членот 50 од Законот за локалната самоуправа во рамките на надлежноста на градоначалникот е да иницира постапка за донесување и објавување на прописите на советот во службеното гласило на општината, да го обезбедува извршувањето на одлуките на советот и да го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината. Судот утврди дека од оваа одредба не произлегува дека актот со кој градоначалникот иницира постапка за донесување на пропис од надлежност на советот е строго формално определено со Законот и Судот оцени дека не е од такво влијание што би можело да го доведе под сомнение прописот кој е донесен од страна на Советот на општината Куманово.

Во врска со наводите од иницијативата дека постапката на донесување на одлуката не била законита, бидејќи не биле запазени роковите за нејзино донесување и дека во донесувањето на истата учествувало лицето Дервиши Фериз во својство на член на Советот и претседател на Комисијата за просторно планирање, што претставувало конфликт на интереси, Судот смета дека се неосновани. Меѓутоа, Судот оцени дека со овие наводи не може да се оспорува постапката бидејќи тие и не се однесуваат на постапката, туку се однесуваат на претходен период пред започнување на постапката, што за овој суд е ирелевантно во однос на уставно судската анализа на оспорениот план. Ова од причини што Уставниот суд на Република Македонија при оцената на уставноста и законитоста на плановите, ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и претходните работи и работни задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа надлежни за донесување на планот.
Со оглед на наведеното, фактичката состојба покажува дека имало системско планирање на просторот во врска со предметниот план, преку програми за урбано планирање со детални анализи за потребите и целисходноста од планирањето во што со свои мислења и анализи биле вклучени и други надлежни институции како ЕВН-Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачно одделение за заштита и спасување Куманово, Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство.

Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите за повреда на членот 24 став 9 од Законот, со оглед на тоа дека Стручната комисија донесе Заклучок со оценка дека поради сторени пропусти во постапката при водењето на јавната презентација и јавната анкета потребно било да се повтори постапката и сите пристигнати забелешки биле разгледани по завршувањето на повторната јавна анкета и јавна презентација. За организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета во траење од 15 дена е донесена одлука и за таа цел е подготвено соопштение дека ќе се организира повторна јавна анкета во периодот од 15 септември до 30 септември 2010 година (има петнаесет работни дена), со излагање на текстуалните прилози на општинските витрини на градскиот плоштад како и во просториите на соодветните месни заедници, а јавната презентација се одржа на ден 23 септември 2010 година во 11 часот во салата за состаноци во општината Куманово и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани. Соопштениото било објавено во „Утрински весник“ и „Нова Македонија“ на 14 септември 2010 година. Исто така, соопштението било објавено седум дена и на телевизиите “ТВ Нова” и “ТВ Хана”. Од извештајот од јавната анкета бр.21-6/23 од 19 октомври 2010 година произлегува дека биле поднесени 9 забелешки, од кои 1 е прифатена, 1 делумно и 7 не се прифатени. Поединечни известувања со образложение за прифатени и неприфатени забелешки се изготвени на 19 октомври 2010 година и секое од нив е со деловоден број 21-6/24.

Судот оцени дека од увидот во доставената и прибавена документација произлегува дека Советот на општината Куманово во постапката која претходела на донесувањето на оспорената одлука ги почитувал сите фази на постапката утврдена со Закон за просторно и урбанистичко планирање.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот смета дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот и членот 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2011
28 март 2012 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски