Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 16 и членот 17 во деловите
2. Милутин Крстевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со извршување на оспорените делови од законските одредби ќе се преземеле активности и мерки од страна на соодветни правни лица кои ќе постапувале во согласност со членот 202 став 3 од Законот за извршување, односно можеле да бидат доставени соодветни поднесоци до Трезорот на Фондот за здравственото осигурување, каде што на должникот му се водела сметката, но тие не можеле да бидат извршувани бидејќи членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2011) предвидел примена од 1 септември 2011 година.
Поради наведените причини смета дека во значителна мера се повредувале: Уставот на Република Македонија во целина и членовите: 1 став 1, 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, 9 став 2, 10 став 1, 11 став 1, 20 став 1, 30 став 2, 34, 39, 41 став 2, 55, 115 и 117 како и Главата II. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот од Уставот.
Воедно оспорените делови од законските одредби биле во спротивност со: Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008) со сите измени и дополнувања; Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000) со сите измени и дополнувања; Правилник за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување („Службен весник на Република Македо-нија“ бр.111/2000) со сите измени и дополнувања; Упатство за начинот на трезорското работење на Фонодот за здравствено осигурување на република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.170/2010) и други закони и подзаконски акти и ратификувани меѓународни договори во согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 16 од Законот, започнатите постапки за извршување до денот на примената на овој закон ќе се извршуваат според Законот за извршната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 53/97, 59/2000 и 64/2003), најдоцна до 1 јули 2010 година.
Според член 17 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2010 година.
Одредбите се оспоруваат во деловите: „1 јули“.
4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите, кое нешто, меѓу другото, произлегува од наводите во иницијативата.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во конкретниот случај предмет на оспорување се деловите од законски одредби, односно датумот „1 јули 2010 “ содржан во двете оспорени одредби. Во првата одредба со овој датум се уредува преодниот режим по однос на започнатите постапки за извршување пред влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), а во втората одредба се одредува датумот од кој започнува примената на наведениот закон. Несогласноста на оспорените делови од одредбите со Уставот се согледува во тоа што овој датум не бил идентичен со друг датум (1 септември 2011 година) содржан во членот 8 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2011) што според Судот всушност преставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на законски одредби од два различни закони што излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот.
Поради истите причини Судот не е надлежен и да се впушти во оцена на меѓусебната согласност на оспорените делови од законските одредби и со останатите закони и подзаконски акти означени во иницијативата.
Тргнувајќи од изнесеното Судот ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.144/2011
28 март 2012 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски