У.бр.156/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 166/2010).

2. Асоцијацијата “Магна Карта” од Велес и Движење за социјална правда “Ленка” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената законска одредба со која се брише точката 7 од членот 10 став 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, не била во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа: член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и 11, член 9, член 32 став 1, член 34, член 35, член 39, член 51 и член 54 ставови 1 и 3.

Имено, противуставноста на оспорената законска одредба произлегувала од „правниот преседан“ на законодавецот да го избрише од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување “невработено лице кое активно бара работа и кое се пријавува во Агенцијата за вработување на Република Македонија, доколку нема друга основа на осигурување” од членот 10 став 1 точка 7 од Законот, а со тоа да не се во листата на осигуреници и да немаат право да добиваат сини картони, што било спротивно на „демократско-конституционалните“ стандарди – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста кои се издигале на рамниште на темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така се наведува дека наспроти бришењето на невработените лица во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, како што е тоа сторено во оспорената законска одредба, во други закони во нашиот правен поредок тоа не било сторено и поради тоа имало несинхронизираност на законите, а со тоа и повреда на владеењето на правото.

Со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка.

Оттука, со поднесената иницијатива до Судот, подносителите бараат одредбата од Законот која е бришана да се врати во правниот поредок, оспорувајќи го за таа цел членот 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за за придонеси од задолжително социјално осигурување. Подносителите на иницијативата со тоа бараат Судот да преземе надлежност во случајов да ги измени нормите во Законот со враќање во сила на избришаната одредба, што не е негова надлежност.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 166/2010), определува дека во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 142/2008, 64/2009 и 156/2009), во членот 10 став 1, помеѓу другото, се брише и точката 7.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 166/2010), е уредено дека во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 142/2008, 64/2009 и 156/2009), во членот 10 став 1, помеѓу другото се брише и точката 7.

Тргнувајќи од фактот дека оспорената одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување не е норма која уредува односи, туку норма која констатира престанок на важење на одредба која во минатото била во содржината на одредбата со која се уредувало одредено право на конкретен и со Закон утврден начин, и како таква таа норма не е подобна за уставно судска анализа.

Во конкретниов случај, со иницијативата всушност се бара Судот да ја укине оспорената одредба од Законот и да ја врати во важност претходно важечката одредба (точката 7 од членот 10 став 1) која била содржана во членот 10 став 1 од Законот, а која точка 7 со измените на Законот е бришана.

5. Имајќи предвид дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени уставната основаност на бришаните одредби и од друга страна уставната основаност на одредбите со кои тие биле бришана од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2011
28 март 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски