104/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 30 став 4 и став 23 во делот:„ и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна содржина“ и член 60 став 1 точка 9 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010 и 53/2011) и

– член 20 во делот:„ Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став (4) на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон“ и „ и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став 4 на овој закон во роковите од ставот 2 на овој член“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2011)

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– член 30 став 23 во деловите:„ Производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член“ и „ се брише од Регистарот на производители на вино“ и став 24 и член 60 ставовите 3 и 4 од Законот означен во точка 1 алинеја 1 на ова решение и

– член 20 во делот: „Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон се должни да се пререгистрираат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон согласно со членот 30 од овој закон“ и во делот:„Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон кои нема да се пререгистрираат во рокот од став 1 на овој член“ и „ со решение на министерот се бришат од Регистарот на производители на вино“ од Законот означен во точка 1 алинеја 2 на ова решение.

3. Миле Бундовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се вршеле битни повреди на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а особено на тие што се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото, односно, со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7 и член 55 од Уставот.

Оспорените одредби содржеле чудни, непримерни и невообичаени мерки на државен интервенционизам, несвојствени за основите на економските односи на една држава и економија која се темелела на пазарот и неговите законитости и не можеле во никој случај да се правдаат со некакви повисоки цели надвор од тие што се утврдени со Уставот и врз чија основа се темели демократскиот развој на општеството. Воедно, содржината на оспорените одредби немала подлога како во темелните вредности на уставниот поредок, така и во конкретнитевж уставни одредби што се однесувале на грижата на Републиката за поттикнување на економскиот напредок и побрз и рамномерен развој. Напротив, ограничувајќи ја слободата на пазарот спротивно на Уставот, осопрените одредби го ограничувале и развојот на земјата.

Најнапред, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Законот биле во најдиректна спротивност со уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што не можеле да се подведат под строго утврдените уставни услови дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оспорените одредби ги доведувале производителите на вино во нееднаква, т.е. подредена положба во однос на другите субјекти во правото. Тие, и покрај тоа што биле регистрирани како трговски субјекти во Центарлниот регистар на Република Македонија и ги исполнувале условите за производство на вино, со оспорените одредби им се калемела и соодветна обврска која произлегува од соодветен облигационен однос и автоматски се одело кон нивно бришење од регистарот на производителите на вино, со што биле оневозможени да произведуваат и да вршат промет на вино. Понатаму, добивањето на својство да се биде регистриран производител на вино, со оспорените одредби се пренесувало на терен што воопшто не зависел од тоа дали некој може да произведува вино или не, што во суштина требало да биде единствено мерило дали некој субјект може да биде регистриран како производител на вино.

Со оспорените одредби законодавецот, напуштајќи ја слободата на пазарот и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, спротивно на принципот на владеењето на правото, навлегол во чисто облигациони, односно договорни односи, при што вршел уценување на производителите на вино, под страв да ја загубат можноста да вршат дејност производство на вино, да ги дисциплинира преку грозјето што го купиле од кој било субјект да мораат да го платат, во строго определени рокови. Тоа значело дека се ограничувале пазарните субјекти – купувачот и продавачот на грозје во еден облигационен однос да се договорат за нивниот меѓусебен однос кога и како ќе ги исполнат своите обврски, во конкретниот случај дали исполнувањето на обврската е само плаќање и дали и зошто таквите обврски не би можеле да се исполнат на пример со: трампа, подарок, учество во идна инвестиција или подолгорочно и заедничко производство на грозје и сл.

Со измените на Законот за виното, законодавецот востановувал односи карактеристични, односно актуелни за даден момент, напуштајќи ги системските решенија, што било спротивно на принципите на правна сигурност и начелото на владеењето на правото и изградбата на правна држава.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека преку предвидените овластувања на министерот за пропишување на условите, потребната документација и друго, содржани во член 30 став 24 од Законот, се надминувале уставните овластувања на извршната власт, бидејќи горните овластувања биле прашања и материја која можело да се уреди само со закон, па уредувањето на овие прашања со подзаконски акт значело навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувал принципот за поделба на државната власт.

Со оспорените одредби од член 60 од Законот, кои биле во директна последична врска со оспорениот член 30 од Законот, се прекршувале повеќе уставни принципи. Последиците од утврдениот казнен режим не воделе никаква сметка за објективноста и оправданоста на мерките кои произлегуваат од таквите одредби. Имено, немањето на никаков баланс на споредното со главното, несразмерот т.е. отсуството на објективна корелација помеѓу казната (износот на глобата) и правната последица, односно изрекувањето на прекршочна санкција – привремена забрана за вршење на дејност во траење од шест месеци до пет години (за правното лице), односно од една до пет години (за одговорното лице во правното лице), не било ништо друго до губење на законодавната ориентација во уредувањето на општествените односи. Таквиот начин на одредување на споредната казна била во директна спротивност со принципот на владеењето на правото, како и на сите меѓународни прифатени стандарди во оваа област.

Очигледно било дека времето на донесувањето на измените на Законот имало влијание на таквото решение – кое значело буквална можност за ликвидирање на секој правен субјект, во конкретниот случај – производител на вино, за разлика од времените забрани во другите области кои биле донесени на истата седница на Собранието и биле содржани во истото службено гласило, а кои биле со забрани од три до петнаесет дена и кои биле потполно разбирливи и оправдани.

Во оваа смисла подносителот на иницијативата укажува и на неможноста од идентификација на самиот закон и непримерноста на таков номотехнички зафат (на иста седница да се донесат два закона со кои се менува текстот на еден закон).

Со оспорената одредна од член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното, поаѓајќи пред се од нејзиниот карактер на преодна и завршна одредба, се повредувал основниот принцип на правната сигурност на граѓаните и правните субјекти, а со тоа и владеењето на правото. Оваа одредба била во директно содејство со другите оспорени одредби од Законот и содржела нереални рокови, недоволно конкретен и јасен начин и содржела необјективна рамка за исполнување на очекувањата од напред оспорените одредби, што севкупно ја правела неуставна.

Во иницијативата е содржано и посебно барање, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување конечна одлука за поништување или укинување на оспорените одредби, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, со оглед дека со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека според член 30 став 4 од Законот за виното, запишаните производители на вино во регистарот од ставот 2 на овој член, се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години.
Според став 23 на овој член, производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна или невистинита содржина се брише од Регистарот на производители на вино, а според став 24 на истиот член, министерот го пропишува начинот за пријавување во Регистарот и бришење од регистарот на производители на вино од ставот 2 на овој член, потребната документација, како и формата, содржината и начинот на водење на Регистарот од ставот 2 на овој член.

Според член 60 став 1 точка 9 од Законот, глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице за прекршок, ако не ја достави навремено изјавата од членот 30 став 4 на овој закон (член 30 став 4). Според став 3 на истиот член, покрај глоба од ставот 1 на овој член на правното лице ќе му се изрече и прекршочна санкција привремена забрана за вршење на дејност во траење од шест месеци до пет години, а според став 4 на овој член, покрај глоба од ставот 2 на овој член на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на должност во траење од една до пет години.

Судот, исто така, утврди дека според член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија, бр.53/2011) производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон се должни да се пререгистрираат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон согласно со членот 30 од овој закон. Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став (4) на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став (4) на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон. Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон кои нема да се пререгистрираат во рокот од став 1 на овој член и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став (4) на овој закон во роковите од ставот (2) на овој член, со решение на министерот се бришат од Регистарот на производители на вино.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за виното се уредуваат планирањето и управувањето со производствениот потенцијал за производство на винско грозје, производството на вино, пазарот и прометот со вино, класификацијата на вината, производството, означувањето и заштитата на вината со географски назив и описот, означувањето и заштитата на виното (член 1).

Во Главата III. ПРОИЗВОДСТВО НА ВИНО, во член 30 од Законот, се уредува материјата поврзана со регистарот на производители на вино.

Така, во став 1 на овој член, се утврдува дека со производство на вино заради ставање во промет може да се занимава физичко и правно лице кое има соодветни простории и опрема и вработено најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на лозарството и винарството или ангажирано со договор доколку производителот на вино е физичко лице. Според став 2 на овој член, заради евиденција на производителите на вино, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води Регистар на производители на вино. Според став 3 на овој член, Министерството по претходно поднесено барање за упис во регистарот на производители на вино на производителот на вино кој ги исполнува условите за упис во Регистарот на производители на вино му издава Решение за упис во Регистарот на производители на вино. Согласно став 4 на истиот член, запишаните производители на вино во регистарот од ставот 2 на овој член, се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години. Со ставовите 5 до 21 од овој член, се пропишува постапка за издавање на решение за упис во Регистарот на производители на вино. Според став 22 од истиот член, министерот ги пропишува поблиските услови во поглед на просториите и опремата за производство на вино од став 1 на овој член. Според став 23 на истиот член, производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна или невистинита содржина се брише од Регистарот на производители на вино. Според став 24 од истиот член, министерот го пропишува начинот за пријавување во Регистарот и бришење од регистарот на производители на вино од ставот 2 на овој член потребната документација, како и формата, содржината и начинот на водење на Регистарот од ставот 2 на овој член.

Членот 30 од Законот актуелната содржина ја добива со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2011), каде што, помеѓу другото, по ставот 3 се додаваат 18 нови става (4-21), по ставот 22 се додава нов став 23, а во ставот 5 кој станува став 24, по зборовите:„ пријавување во регистарот“ се додаваат зборовите:„и бришење од регистарот“, а по зборот „член“ во вториот ред се додаваат зборовите:„потребната документација“. Тоа значи дека оспорените ставови 4, 23 и 24 на членот 30 од Законот, во содржината во која се оспоруваат, стануваат дел од правниот поредок со влегување во сила на неведените законски измени, односно сметано од 22 април 2011 година.

Анализата на членот 30 од Законот покажува дека со одредбите на овој член, законодавецот ги утврдува условите кои треба да ги исполни физичко или правно лице доколку сака да се занимава со производство на вино заради ставање во промет ( соодветни простории и опрема и вработено или ангажирано со договор најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на лозарството и винарството), како и востановува Регистар на производители на вино, кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое на производителите на вино кои ги исполнуваат условите за упис во Регистарот на производители на вино, им издава решение за упис во наведениот регистар. Со оспорените законски одредби, дополнително се пропишува обврска за запишаните производители на вино во наведениот регистар, секоја година, најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години (став 4), под закана дека доколку не ја достават изјавата во пропишаниот рок или достават изјава со различна или невистинита содржина, ќе бидат избришани од Регистарот на производители на вино (став 23.) Последицата од ваквото бришење е неможност да се врши дејноста производство на вино заради ставање во промет.

Во предлог-законот со кој се воведени овие оспорени законски одредби, воопшто нема образложение за потребата и оправданоста од воведувањето на истите.

Според мислењето на Владата, како предлагач на Законот, доставено до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата (акт бр.51-3163/1 од 21.06.2011 година),оспорените одредби од Законот требало да допринесат во остварување на целите на Законот, а особено да обезбедат стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство, стабилно производство на квалитетно грозје за производство на квалитетни вина и заштита на интересите на производителите и потрошувачите, подобрување на квалитетот на виното и добро функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар на грозје и вино. Вака конципираните одредби не задирале во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку напротив, истите претставувале мерки за спречување на монополската положба на монополското однесување на пазарот и обезбедување на еднаква положба на сите субјекти на пазарот. Исто така, согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој, максималниот рок за исплата на било кој откупен земјоделски производ, вклучително и на грозјето, бил 180 дена од денот на откупот, па така со оспорените одредби само се овозможувало дополнителен контролен механизам за почитување на ова законско решение во поглед на исплата на купено винско грозје како стратешки производ за Република Македонија, што било лесно воочливо ако се знаело дека откупот на винско грозје во Република Македонија вообичаено завршувал најдоцна до 15 октомври, па рокот за исплата завршувал најдоцна до средината на април наредната година, па така законодавецот предвидел оптимален и објективен рок за доставување на оспорената изјава со која треба да се потврди сериозноста на субјектите кои учествуваат во пазарот на грозје и вино.
Целта на оспорените одредби не била во насока да се ограничат слободата на пазарот и претприемништвото, туку напротив во услови на нестабилност на откупот и цените на грозјето и потребата од непречено производство на квалитетна суровина за производство на квалитетно вино кое успешно би конкурирало на светските пазари, државата како гарант на економската и политичката стабилност, во суштина вршела балансирање на тие услови преку инструменти и мерки кои државата задолжително ги презема, со цел да се отстранат или ублажат несаканите последици од евентуално дисбалансирани пазарни околности, во функција на оневозможување на монополска положба и монополско однесување на субјектите на пазарот.

Според Судот, за оспорените законски одредби основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. Имено, законодавецот ги утврдил условите кои треба да ги исполнува субјектот кој сака да врши дејност производство на вино заради ставање во промет и пропишал обврска за евиденција на производителите на вино во Регистарот на производители на вино. Во оваа смисла, законодавецот пропишал дека само производител на вино впишан во Регистарот на производители на вино може да стави вино во промет во Република Македонија (член 31). Тоа значи дека дејноста можат да ја вршат само и единствено субјектите кои ги исполнуваат законските услови за тоа и кои се запишани во Регистарот на производители на вино, од каде сосема логично и легитимно произлегува дека престанувањето на исполнувањето на законските услови за вршење на оваа дејност, повлекува бришење од Регистарот на производители, а со тоа и прекинување на вршење на дејноста.

Меѓутоа, сосема основано се поставува прашањето за основаноста и оправданоста на дополнително пропишаниот услов за задржување на статусот на веќе запишан субјект како производител во Регистерот, кој не се поврзува со исполнување на законските услови за запишување во регистерот, односно за вршење на дејноста, туку се поврзува со прашањето за исполнување на финансиските обврски за купено грозје во претходната година, за која состојба се бара писмено заверена изјава кај нотар. Видно од доставеното мислење на Владата, произлегува дека наведената финансиска обврска е уредена со договор за откуп на грозје, склучен согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија, бр.49/2010 и 53/2011), при што за одбележување е дека како услов за бришење од регистарот на откупувачи на земјоделски производи (член 35), овој закон не го предвидува неисполнувањето на обврските од склучениот договор, како во случајот со производителите на вино.

Оспореното решение во Законот за виното, практично значи дека одреден субјект, кој иако ги исполнува законски пропишаните услови за запишување во наведениот регистер и за вршење на дејноста (во однос на простории, опрема и стручен кадар), поради недоставување на изјава за исполнување на одредени одредби од договор во даден рок, без притоа во Законот да постои пропишана постапка за утврдување на причините за недоставувањето на изјавата или за нејзината точност, ќе биде избришан од Регистерот на производители на вино и со тоа ќе му биде оневозможено да ја врши дејноста. Дополнително, за ненавременото доставување на изјавата, правното лице ќе биде казнето за прекршок со изречена глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност (член 60 став 1 точка 9) и ќе му се изрече прекршочна санкција привремена забрана за вршење дејност во траење од шест месеци до пет години (член 60 став 3), а на одговорното лице ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок и прекршочна санкција забрана за вршење на должност во траење од една до пет години (член 60 став 4). Тоа значи дека законодавецот пропишал исклучително строги казнени санкции за субјектот што нема да ја достави бараната изјава, со што ќе се соочи освен со плаќање на висока глоба, и со забрана за вршење на дејноста која забрана може да се протега на период до пет години.

Анализата на ова прашање покажува дека спорните финансиски обврски кои се предмет на наведената ригорозна законска регулатива се резултат на склучени договори помеѓу производители или трговци со грозје, од една страна и производители на вино, од друга страна, што пак е прашање на реализација на договор, што според Судот, не може да биде услов за тоа дали едно лице (правно или физичко) може да се бави со производство на вино. Ова затоа што дејноста производство на вино е поврзана и зависна од простории, опрема и потребен стручен персонал, како услови што законодавецот сосема логично и оправдано ги пропишал како неопходни за субјектот кој сака да се бави со оваа дејност, а со оспореното решение дополнително, со измени на Законот, вршењето на дејноста се условува со барање кое воопшто не е поврзано со условите за вршењето на оваа дејност, но кое повлекува исклучително значајни последици за субјектот.

Во оваа смисла, Судот имаше предвид дека договорот за откуп на винско грозје е облигационо-правен договор, двострано обврзувачки, уреден со Законот за облигационите односи, кој пропишува механизми за исполнување на договорот и последици од неисполнувањето на обврските од договорот, независно дали е склучен согласно член 32 од Законот за земјоделство и рурален развој.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, барањето на писмена изјава заверена на нотар дека во целост се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години, како услов за задржување на статусот на регистриран субјект кој има право да врши дејност производство на вино заради ставање во промет, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус, да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено.

Дополнително, според Судот, докажувањето на исполнувањето на наведените финансиски обврски со изјава дадена на нотар во определениот рок, без регулатива за испитувањето на причините за недоставувањето на таквата изјава, а со предвидување на последица – забрана на вршење на дејност поради недоставување на изјавата, претставува недоволно јасен и прецизен начин на утврдување на состојбата која повлекува исклучително сериозни последици за подносителот, поради што не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма која е нужен елемент за обезбедување на владеењето правото.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 30 став 23 во деловите: „ Производителот на вино кој ќе престане да ги исполнува условите од ставот 1 на овој член“ и „се брише од Регистарот на производители на вино“, со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата, но основано може да се постави прашањето за согласноста на член 30 став 4 и став 23 во делот:„ и кој нема да ја достави во пропишаниот рок изјавата од ставот 4 на овој член или достави изјава со различна содржина“ и член 60 став 1 точка 9 од Законот за виното, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на законот за виното („Службен весник на Република Македонија, бр.53/.2011), по својата правна природа е преодна и завршна одредба, со која законодавецот пропишува обврски за пререгистрирање на производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегување во сила на овој закон.

Според подносителот на иницијативата, со наведената одредба се повредувал основниот принцип на правната сигурност како на граѓаните така и на правните субјекти, а со тоа и владеењето на правото. Таа одредба била во директно содејство со другите оспорени одредби во Законот и содржела нереални рокови, недоволно конкретен и јасен начин и содржела необјективна рамка за исполнување на очекувањата од напред оспорените одредби што вкупно ја правела неуставна.

Според Судот, за делот од оспорената одредба која воведува рокови за пререгистрација поврзани со претходно оспорената изјава од член 30 став 4 од Законот, основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот. Имено, доколку постои основано сомнение дека не е во согласност со Уставот барањето на изјава за исполнетите финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години, како услов за задржување на статусот на регистриран субјект за производство на вино, од причини изложени во точка 5 од ова решение, основано произлегува дека преодната одредба која пропишува рокови за исполнување на ова оспорено законско барање, ја дели правната судбина на основната одредба со која е поврзана, поради што основано произлегува дека и преодната одредба не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Дополнително, одредбата во оспорениот дел повлекува и повратно дејство на Законот, кое не е дозволено. Имено, обврската за давањето на писмената изјава е воведена со измените на Законот кој влегоа во сила на 22 април 2011 година, а обврската за пререгистрација во согласност со таквата изјава се врзува за период од денот на влегување во сила на Законот за виното, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 69/2004, што значи дека предвидува повратно дејство на Законот, пред неговото донесување и влегување во сила, кое не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 20 во делот:„ Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 69/2004) до денот на влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10), а во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон треба да достават изјава од членот 30 став 4 на овој закон за финансиските обврски за купено винско грозје во периодот од влегувањето во сила на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10) до денот на влегувањето во сила на овој закон“ и „и кои нема да ја достават изјавата од членот 30 став 4 на овој закон во роковите од ставот 2 на овој член“, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Во однос на преодниот режим кој законодавецот го пропишува за пререгистрација на производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегување во сила на овој закон, односно за нивно усогласување со измените на Законот кои не се оспорени, Судот оцени дека станува збор за уставно оправдано и во правната теорија и практика познато законско решение со кое законодавецот пропишува рокови за прилагодување кон примената на новите законски решенија, поради што таквата определба не може да се проблематизира од уставен аспект.

Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 20 во делот: „Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон се должни да се пререгистрираат во рок од 60 дена од влегувањето во сила на овој закон согласно со членот 30 од овој закон“ и во делот:„Производителите на вино запишани во Регистарот на производители на вино пред денот на влегувањето во сила на овој закон кои нема да се пререгистрираат во рокот од став 1 на овој член“ и „со решение на министерот се бришат од Регистарот на производители на вино“, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

7. Според член 30 став 24 од Законот, министерот го пропишува начинот за пријавување во Регистарот и бришење од регистарот на производители на вино од ставот 2 на овој член, потребната документација, како и формата, содржината и начинот на водење на Регистарот од ставот 2 на овој член.

Со наведената одредба подносителот на иницијативата смета дека се надминувале уставните овластувања на извршната власт, бидејќи станувало збор за материја која единствено можела да се уреди со закон, па нејзиното уредување со подзаконски акт значело навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувал принципот за поделба на државната власт.

Судот ги оцени ваквите наводи во иницијативата како неосновани.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека надлежноста на органите на државната управа се определува, покрај со Уставот, и со законите и дека овие органи нивните работи ги вршат во рамките утврдени со Уставот и законите.

Видно од содржината на член 30 од Законот за вино, законодавецот ги пропишал условите потребни за обавување на дејност производство на вино заради ставање во промет, пропишал задолжителна евиденција на производителите на вино во Регистар на производители на вино, кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и ја пропишал постапката за запишување во предметниот регистар. Според Судот, со тоа законодавецот ја определил законската рамка во која треба да се движи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кога со подзаконски акт, во функција на операционализација на законските одредби, ќе го пропише начинот за пријавување во Регистарот и бришење од регистарот на производители на вино, потребната документација, како и формата, содржината и начинот на водење на Регистарот, поради што Судот оцени дека ваквото овластување не значи навлегување на извршната во законодавната власт, како што се наведува во иницијативата и не го постави прашањето за согласноста на член 30 став 24 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

8. Со член 60 став 3 и став 4 од Законот, се пропишуваат глоба и прекршочни санкции кои можат да им се изречат на правното лице и одговорното лице во правното лице за прекршок пропишан со став 1 на истиот член.

Така, со став 3 се пропишува дека покрај глоба од ставот 1 на овој член, на правното лице ќе му се изрече и прекршочна санкција привремена забрана за вршење на дејност во траење од шест месеци до пет години. Според став 4 на истиот член, покрај глоба од ставот 2 на овој член, на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на должност во траење од една до пет години.

Во однос на овие одредби, Судот го имаше предвид следното:

Според член 13 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со Амандманот XX со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните, од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, од друга страна.

Казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните. Во однос на законите со кои се уредува казнената сфера, Уставот единствено пропишува обврска дека постапките пред судовите (кривична, процесна, прекршочна, управна), се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Во оваа смисла, со Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 51/2011) се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (член 1).

Согласно член 3 на овој закон, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана санкција.

Според член 5 од Законот, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии облежја се определени со закон и за кое е предвидена прекршочна санкција.

Според член 13 од Законот, за прекршоците на полнолетните сторители може да им се изрече глоба, опомена, престанок на важење на возачка дозвола, забрана на управување со моторно возило, забрана на вршење професија, дејност или должност, протерување на странец од земјата и задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести од зависности). Со член 14 од Законот, се пропишуваат условите за изрекување на прекршочните санкции, при што според став 1, глобата се пропишува и изрекува како главна санкција, а според став 3 на истиот член, забраната на вршење професија, дејност или должност се изрекува само кога на сторителот му е изречена глоба.

Според член 15 од Законот, глобата се состои во плаќање на определен паричен износ, при што со ставот 1 и 2 на овој член се утврдува најнискиот и највисокиот износ на глоба што може да биде изречена на физичко лице (од 15 евра до 1000 евра во денарска противвредност) или на одговорно лице во правно лице или службено лице или трговец поединец (од 50 евра до 2.000 евра во денарска противвредност), при што во ставот 3 од истиот член е предвидено дека со законот со кој се пропишува прекршокот може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 1 и 2 на наведениот член.

Според член 22 од Законот, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок (став 1). Според став 2 на овој член, Судот го определува траењето на забраната од ставот 1 на овој член, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, оспорените одредби од Законот за виното, со кои за правното лице и одговорното лице во правното лице се пропишуваат глоби и прекршочни санкции – привремена забрана за вршење на дејност или должност за сторен прекршок пропишан со став 1 на истиот член, се во согласност со одредбите во Законот за прекршоците и ја одразуваат уставната определба за законска определеност на казнивите дела и на казните, како израз на начелото на законитост, поради што не можат да се доведат под сомнение во однос на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3, член 14 став 1 и член 51 од Уставот.

Во однос, пак, на наводите во иницијативата дека пропишаните казни биле претерано високи, без водење сметка за објективноста и оправданоста на истите и дека отстапувале од казнената политика на законодавецот во други области, каде за разлика од времените забрана за вршење дејност или должност од шест месеци до пет години искажана во Законот за виното, биле определени времени забрани од три до петнаесет дена, и тоа забрани кои биле донесени на иста седница на Собранието и објавени во истото службено гласило како и Законот за изменување и дополнување на Законот за виното, но во други закони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2011), Судот оцени дека пропишувањето на висината на казните е прашање на законодавната и казнената политика на државата, поради што тоа не прашање за кое е надлежен Уставниот суд.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2011
21 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски