Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 точка 5, во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека од причина што во Република Македонија не бил донесен закон за уредување на постапката за судење во разумен рок, а од друга страна, таа постапка била утврдена во самиот Закон за судовите, оспорениот законски дел не би можел да постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што се создавала правна несигурност на граѓаните на Република Македонија што значело дека истиот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 35 точка 5 од Законот Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите.
4. Претседателот на Република Македонија со Указ за прогласување на Законот за судовите, бр.07-1912/1 од 5 мај 2006 година го прогласи Законот за судовите, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 5 мај 2006 година. Истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.58 од 11 мај 2006 година. Според член 128 од Законот, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (18 мај 2006 година), а ќе започне да се применува од 1 јануари 2007 година.
Првите измени и дополнувања на овој закон се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008 од 14 март 2008 година.
Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010 година од 18 ноември 2010 година), во член 9 став 4 од истиот, предвидува дека точката 6 станува точка 5 (од причини што во членот 35 став 1 точката 3 се брише).
Од наведената фактичка состојба јасно произлегува дека Уставниот суд со Решение У.бр.104/2008 од 20 ноември 2011 година и покрај тоа што во изреката по однос на нумерацијата стои дека е ценет член 35 став 1 точка 6 од Законот, всушност, по својата содржина е ценет сега постоечкиот член 35 став 1 точка 5 (во целина) од Законот за судовите.
Оттука, Судот оцени дека во конкретниов случај станува збор за res judicata, односно за предмет за кој веќе одлучувал Уставниот суд со наведеното решение и ја ценел во целост согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите од Уставот, поради што во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот, иницијативата треба да се отфрли.
По однос на наводите во иницијативата според кои оспорената одредба не требала да го содржи оспорениот дел: „во постапка утврдена со закон“, Судот смета дека и по однос на овие наводи иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот, од причина што Уставниот суд не креира законска норма, туку истото е во надлежност на Собранието на Република Македонија, кое како законодавен дом има надлежност да креира и донесува закони во смисла на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Ова дотолку повеќе што, подносителот на иницијативата во наведените причини за оспорување, дава свое видување, односно толкување на оспорената законска одредба,кое според Судот е во насока на погрешно утврдување на надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија.Меѓутоа,според Судот,и овие наводи на подносителот на иницијативата излегуваат надвор од рамките на надлежностите на Уставниот суд.
Имајќи ја во вид содржината на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, а по претходно утврдената фактичка и правна состојба на работите по предметот,Судот оцени дека во конкретниов случај исполнети се условите за примена на цитираната деловничка одредба.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.22/2012
14 март 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски