У.бр.215/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницатa одржана на 14 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 126 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на член 126 од Законот за парничната постапка со член 3 од Законот за судовите.

3. Манчо Манчев од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

4.Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одредба според која врачување на покана се вршела во судската зграда, а по барање на странката која веќе била уредно поканета, но не се јавила во судот, било оневозможено врачувањето на поканите да се врши и надвор од судот како што тоа се вршело за доставување на поканите за подготвителното рочиште и рочиштето за главна расправа. Од содржината на оваа одредба произлегувало дека по барање на странката судот бил должен само во судската зграда да и врачи покана на странката за денот и часот на одржување на рочиштето. Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба била во спротивност со член 9 од Уставот и со член 3 од Законот за судовите, односно не се обезбедувала еднаквост, рамноправност, недисриминација на лицата со посебни потреби кои поради видот и карактерот на неповолната здравствена состојба не биле во можност лично самите да дојдат, односно немале пристап во судската зграда за да ја примат поканата и поради тоа се создавала нееднаква положба помеѓу одредени категории на граѓани.

5. Судот на седница утврди дека според член 126 став 1 од законот, странката која е уредно поканета да присуствува на рочиште или пак е известена за преземање на определено дејствие не се јави пред судот без оглед на причината, судот нема натамошна обврска да ја повикува. По нејзино барање судот е должен во судот да и врачи покана за денот и часот за одржување на рочиштето, како и примерок од записникот во писмена или електронска форма, односно во форма на тонски запис од претходно одржаното рочиште.

Согласно ставот 2 од Законот, ако судот поради која било причина не работи на денот на закажаното рочиште, е должен да го објави на својата веб страница и на видно место во судот, денот и часот на одржувањето на новото рочиште, а странката е должна да се информира за истото.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 35 од Уставот, заштитата на инвалидните лица и условите за нивно вклучување во општествениот живот претставува посебна грижа на Републиката.

Според член 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.“

Согласно член 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 35/2008 и 150/2010) целите и функциите на судската власт опфаќаат непристрасно применување на правото независно од положбата и својството на странките, заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, обезбедување еднаквост рамноправност и недискриминација по кој било основ и обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото.

Во Глава XX од Законот за парнична постапка, со наслов “Доставување на писмена и разгледување на списи” и поднаслов “Начин на доставување” содржан е членот 126 став 1, во кој е предвидено дека странката која е уредно поканета да присуствува на рочиште или пак е известена за преземање на определено дејствие не се јави пред судот без оглед на причината, судот нема натамошна обврска да ја повикува. По нејзино барање судот е должен во судот да и врачи покана за денот и часот за одржување на рочиштето, како и примерок од записникот во писмена или електронска форма, односно во форма на тонски запис од претходно одржаното рочиште. Ако судот поради која било причина не работи на денот на закажаното рочиште, е должен да го објави на својата веб страница и на видно место во судот, денот и часот на одржувањето на новото рочиште, а странката е должна да се информира за истото.(став 2)

Од анализата на содржината на членот 126 од Законот, а во корелација со цитираните уставни норми, Судот констатира дека ваквата одредба во Законот е еден од условите кој обезбедува водење на постапка без одолговлекување. Уредната покана за рочиште ја обврзува странката да се јави во судот во закажаното време и место. Во случај уредно поканетата странка, која од било која причина не се јавила во судот, доколку тоа го побара, во судот ќе и биде врачена не само поканата, туку и примерок од записникот од претходно одржаното рочиште, ако такво имало. Тоа значи дека судот ќе ја почитува волјата на странката по нејзино барање во судот да биде врачена покана, а заради пропуштање на дејствие од нејзина страна, односно нејавување во судот на уредно доставена покана.

Во овој правец е и образложението на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 116/2010) со која овој член е изменет, од кое јасно произлегува дека ваквата одредба во Законот е во функција на воспоставување на посоодветни механизми со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување на судовите во решавањето на споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните, семејните, работните, имотните и другите граѓанско-правни односи, а со цел да се постигне правосилно разрешување на спорните односи помеѓу правните субјекти во што пократок временски период, а со тоа се обезбедуваат правни претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и поголема правна сугурност.

Анализирајќи ја оспорената одредба на членот 126, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека истата не може основано да се доведе под сомнение по однос на членот 9 од Уставот, бидејќи подносителот на иницијативата на погрешен и недоволно јасен начин ја интерпретира целта што законодавецот ја имал при пропишувањето на оваа одредба. Судот констатира дека одредбите од овој член содржат новини во однос на информирањето на странките и другите учесници во постапката во случај кога судот од било која причина не работи на денот на закажаното рочиште. Оттаму, и обврската судот на својата веб страница или на видно место во судот да го објави денот и часот на одржувањето на новото рочиште, а странката е должна да се информира за тоа.

Што се однесува до наводите во иницијативата за нееднаква положба помеѓу одредени категории на грагани имајќи ја во предвид здравствената состојба која била од таков карактер што оневозможувала пристап до судот, Судот оцени дека тој факт и не е релевантен за уставно-судската оцена на оспорената одредба бидејќи станува збор за фактичко прашање поврзано со примената на законот во конкретен случај, што е надвор од надлежноста на Уставниот суд.

Исто така, во однос на наводите во иницијатива со кои се бара оценка дали оспорениот член 126 од Законот е во согласност со членот 3 од Законот за судовите, претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на два закона, што не е во надлежност на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Врз основа на наведеното, Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 126 од Законот за парничната постапка со одредбите на членот 9 од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов

У.бр.215/2010
14 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски