Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 ставови 2, 4 и 5 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 51/2011).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 15 став 3 од Законот, се пропишувала можност глобата да биде повисока од онаа која е определена во ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, односно е дадена можност со посебниот закон со кој се пропишувал одреден прекршок да се пропише и повисока глоба од определената во овој закон. Исто така, и со оспорениот член 38 став 4 од овој закон, била дадена таква можност.
Овие две оспорени законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот. Ова поради тоа што Законот за прекршоците ги пропишувал општите услови за пропишување на прекршочните санкции, а со оспорените одредби „радикално“ се отстапувало од тие општи услови.
Според наводите во иницијативата, во оспорените одредби од членот 38 ставови 2 и 5 од Законот за прекршоци, законодавецот општо пропишал дека глобата се изрекува во износ од 200-5000 евра во денарска противвредност и дека кога со посебен закон со кој се пропишувал прекршокот за изрекување глоба на самото место, не можела глобата да биде поголема од 1000 евра во денарска противвредност, меѓутоа законодавецот не бил доследен. Ова поради тоа што во членот 15 од истиот закон законодавецот веќе регулирал други износи на глоба, и тоа во ставот 2, од 50-2000 евра во денарска противвредност за одговорно лице во правно лице или службено лице или трговец поединец, а во ставот 5 алинеја 2 од тој член, било регулирано за прекршок за кој се изрекува глоба на самото место, за одговорно лице во правно лице, службено лице или трговец поединец, глобата не можела да биде поголема од 600 евра во денарска противвредност.
Со ова компарирање на одредбите од истиот Закон, во иницијативата се наведува дека имало разлики помеѓу одредбите, па поради тоа одредбите од членот 38 ставови 2 и 5 од Законот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 15 став 3 од Законот за прекршоците, е предвидено дека со законот со кој се пропишува прекршокот, може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 1 и 2 на овој член.
Во членот 38 ставови 2, 4 и 5 од Законот, е предвидено дека глобата се изрекува во износ кој не може да биде помал од 200 евра во денарска противвредност, ниту поголем од 5000 евра во денарска противвредност.
Со Законот со кој се пропишува прекршокот може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 2 и 3 на овој член.
Со Законот со кој се пропишува прекршокот за изрекување глоба на самото место може да се пропише износ кој не може да биде поголем од 1000 евра во денарска противвредност.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Согласно Амандман XXV став 4, со кој се заменува член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните, од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, од друга страна.
Казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните. Во однос на законите со кои се уредува казнената сфера, Уставот единствено пропишува обврска дека постапките пред судовите (кривична, процесна, прекршочна, управна), се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.
Во оваа смисла, со Законот за прекршоците се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (член 1).
Согласно член 3 на овој закон, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана санкција.
Според член 5 од Законот, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии облежја се определени со закон и за кое е предвидена прекршочна санкција.
Со членот 15 ставовите 1 и 2 од Законот се определува најнискиот и највисокиот износ на глобата, како еден од видовите прекршочни санкции за полнолетни сторители на прекршоци, но со ставовите 3 и 4 на истиот член, се остава можност, со законот со кој се пропишува прекршокот, да се пропише и повисока глоба од определената со ставот 1 и 2 на овој закон, што значи се дава простор со материјалниот закон, зависно од областа која се уредува, да може согласно специфичноста на противправните дејствија да се пропишат повисоки глоби, додека за прекршоците кои се сторени од користољубие или со кои се предизвикува поголема имотна штета, да може да се пропише глоба во висина на двојниот износ од санкцијата утврдена во ставовите 1 и 2 на овој член или во сразмер со висината на причинетата штета и прибавената корист. Тоа значи дека противправните дејствија се санкционираат зависно од видот, тежината и настанатата штета од преземањето на таквото дејствие, односно зависно од сторениот прекршок, поради што, при утврдувањето на прекршочни санкции за сторен прекршок, право е на законодавецот, во законот со кој ќе го утврди прекршокот, да ја определи висината на прекршочната санкција во зависност од општествената опасност на казнивите дела и видот на сторителот. Со одредбите од членот 38 од Законот се пропишани видовите прекршочни санкции на правни лица, а посебно во оспорените ставови 2, 4 и 5 од овој член, се пропишани глобите на правните лица како и правото со законот со кој се пропишува прекршокот на правното лице, да се пропише иповисока глоба од определената со одредбите во овој член од Законот, а кога таа се изрекува на самото место, не може да биде со износ поголем од 1000 евра во денарска противвредност. Одредбите од членовите 15 и 38 од Законот за прекршоците се однесуваат на утврдувањето на глобите и нивните износи за сторени прекршоци од страна на физичките и правните лица, и во тие рамки законодавецот има уставен основ со закон да ги уредува овие односи на начин како што тој смета дека е целисходно. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.58/2008 од 11 јуни 2008 година веќе ја ценел уставноста на членот 15 став 3 од овој закон, кој и сега е предмет на оспорување од истиот иницијатор, и го изнел својот став со наведената анализа дека не може уставно да се проблематизира правото на законодавецот со оспореното законско решение да ги уредува износите, правата и обврските за изрекување на глоба, а овој став на Судот се однесува и за оспорените одредби од членот 38 ставови 2, 4 и 5 од Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека за оспорените одредби од членот 38 ставови 2, 4 и 5 од Законот за прекршоците, не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот, а за оспорената одредба од членот 15 став 3 од овој закон, настапени се деловнички претпоставки, согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата поради тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорената законска одредба, а нема основи за поинакво одлучување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.17/2012
14 март 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски