У.бр.20/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петрит Ибраими од Тетово, Ринор Слова од Дебар, Тунус Папранику од Тетово и Валон Куртиши од Тетово, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Петрит Ибраими од Тетово, Ринор Слова од Дебар, Тунус Папранику од Тетово и Валон Куртиши од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Во барањето се наведува дека подносителите на барањето при влезот во градот Тетово нацртале графитна илустрација на карта со наводи дека тоа била историска карта на Албанците од 19 век со намера јавно да ја изразат својата мисла што било нивно уставно право. Во барањето наведуваат дека поради така изразената мисла повикани биле на информативни разговори од страна на Министерството за внатрешни работи, а во врска со настанот добиле и покани под Ки.бр. 166/11 од страна на Основниот суд Тетово заради распит во својство на потенцијални ивршители на кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост по член 319 став 1 од Кривичниот законик. Подносителите на барањето сметаат дека со пријавата поднесена од Јавното обвинителство за нивните активности, биле игнорирани и загрозени нивните права на слободно јавно изразување на мислата и бараат Уставниот суд да утврди повреда на нивните права и да ги забрани дејствијата на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да го инкриминираат овој настан како кривично дело, со тоа што овој суд да утврдел дека дејствието кое е преземено од нивна страна, спаѓа во кругот на загарантирани уставни права за јавно изразување на мислата. Воедно, подносителите на барањето, бараат овој суд да донел времена мерка Основниот суд во Тетово да не пристапува кон преземање со законот предвидените состојби се до одлучувањето на Уставниот суд по поднесеното барање за заштита на нивните слободи и права.

3. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Согласно член 52 од Деловникот на Судот, во барањето за заштита на слободите и правата потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се означат повредените слободи и права, туку треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите врз кои се заснова барањето.

Во конкретниот случај, во барањето за заштита на слободите и правата, не се посочени поединечни акти (конечен или правосилен поединечен акт) со кои се одлучува за слобода на мислата и јавното изразување на мислата и од кои би можело да произлезе евентуална повреда на слободи и права, а наведените причини изнесени во барањето поради кои се бара заштита на слободи и права пред овој суд, се сведени на барање за оцена и спречување на делување на надлежни органи на Република Македонија во рамките на вршењето на своите надлежности, од страна на Уставниот суд.

Во барањето не се наведени податоци за временскиот период на настанот опишан во барањето. Имено, барателите со поднесокот до овој суд, изнесуваат свое делување-цртање, на одредена локација-влез во градот Тетово изразено како графитна илустрација на цртеж за кој наведуваат дека тоа била албанската карта од 19 век и дека тоа цртање било нивно уставно загарантирано право, односно дека со цртањето на таа графитна илустрација, го искажале своето мислење во јавноста, а тоа било слобода на мисла. Во барањето изнесуваат и делувања на надлежни органи на Република Македонија во вршењето на своите надлежности преку информативни разговори и покани за распити пред надлежен суд на барателите во својство на потенцијални вршители на кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост по член 319 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со настанот на локацијата. Сметаат дека дејствијата преземени од страна на надлежните органи, биле спротивни на нивните со Устав загарантирани права на јавно изразување на мислата, од кои причини со барањето, бараат овој суд да ги забранел дејствијата на надлежните органи во правец на инкриминизација на тој настан како кривично дело и да утврди дека преземените дејствија од нивна страна спаѓале во кругот на загарантирани права со Уставот кои се однесуваат на јавното изразување на мислата.

Причините поради кои се бара заштита на слободи и права се сведени на доставени покани за распит од страна на надлежен орган, односно дека суштината поради која се бара заштита на слободите и правата по основ на слобода на изразување на мислата е поврзано со преземени активности на надлежни органи во расветлување на конкретен настан, за што подносителите на барањето не се согласуваат, па извлекуваат заклучок дека со тоа се повредени нивните слободи и права. Оттука и барањето всушност се сведува на обид преку издејствување на одлука за повреда на слободи и права да се спречат надлежните органи во нивното понатамошно делување во расветлување на конкретниот настан за евентуално постоење на елементи на кривично дело и запирање на започнати постапки за кои органите согласно нивните надлежности и проценки сметале дека е за потребно. Имено, на подносителите на барањето не им пречи начинот и формата на делување на органите, туку воопшто зошто се делувало и не требало да се делува бидејќи тоа било слобода на мисла.

Меѓутоа овој суд не е надлежен да врши контрола на законитоста на работењето на органите и институциите, што претставува цел на подносителите на барањето, а воедно започнатите постапки пред надлежни органи во кои се повикани барателите за распит, е фактичко прашање кое не е опфатено во слободите и правате на човекот и граѓанинот чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека посочените покани за распит по предметот Ки.бр. 166/11 на Основниот суд Тетово, не претставува конечен или правосилен акт во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, со кои се одлучува за слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето. Исто така, Судот не е надлежен да одлучува за контрола на законитоста на постапувањето на судовите, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство во остварувањето на нивните надлежности утврдени со закон.

4. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.20/2012
7 март 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски