Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнување на ДУП „Градска четврт Голем Ринг – Јужен дел – Исток“, број 07-3756/28 од 24 септември 2011 година, донесена од Советот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.10/2011).
2. Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одлука на градежните парцели 8.9 и 8.10 од планот биле вметнати површини за градење на објекти со утврдени намени В4 – државни институции, кои не биле во согласност со намената А2 – повеќесемејно домување во станбени згради, која за истото земјиште била утврдена во ГУП на Град Скопје. Наведената несогласност на план од пониско ниво со план од повисоко ниво била во спротивност со член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој ДУП, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со ГУП. Ваквата несогласност, според иницијативата, била посочена како материјално правен доказ дека оспорените делови од ДУП биле спротивни на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Подносителот на иницијативата тврди дека намената на земјиштето во Генералниот урбанистички план на Град Скопје била уредена единствено во графичкиот дел на планот во синтезниот приказ каде површината на двете оспорени парцели била обележана со портокалова боја која во ГУП означувала намена домување во станбени згради.
Повикувајќи се на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, како и на одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, подносителот на иницијативата наведува дека принципот на усогласеност на деталниот со генералниот урбанистички план бил уставно правен императив.
Оттука, несогласноста на наведените планови го блокирала системот на уредувањето на просторот кој е темелна вредност на уставниот поредок.
Понатаму во иницијтиват се наведува дека наведената несогласност на урбанистичките планови од понизок и од повисоко ниво ги ограничувала стекнатите права на сопственост што било во спротивност со член 30 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука содржи 8 (осум) члена. Во членот 1 од Одлуката се наведува дека со оваа одлука се донесуваат оспорените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Градска четврт Голем Ринг – Јужен дел Исток, општина Центар – Скопје, а во членот 2, се наведува дека просторот за кој се донесуваат измените е со површина од 16,21 ха и истовремено се прецизираат границите на зафатот прикажани во графички прилози.
Во членот 3 од Одлуката е дадена содржината на утврдените гграници на опфатот.
Членот 4 од Одлуката, содржи што е составен дел на Одлуката, а тоа се: текстуален дел на планот, графички прилози, нумерички дел, услови за градба ….итн.
Според членот 5 од Одлуката, Измените и дополнувањата на предметниот ДУП, се заверува со печат на општина Центар и потпис на претседателот на општина Центар во седум примероци.
Според членот 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам во општина Центар е долен во рок од 30 дена од донесувањето на наведените измени и дополнувања да обезбеди користење на платнот на хамер или астралон и истите да се достават до Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.
Според член 7 од Одлуката истата, со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам во општина Центар – Скопје.
Членот 8 од Одлуката, предвидува дека истата стапува во сила од денот на нејзиното објавување во „Службен гласник на општина Центар“ – Сккопје.
4. Во текот на претходната постапка врз основа на целокупната документација што ја достави Советот на општина Центар, ја утврдивме следната фактичка состојба: Планска програма за изработка на изменување и дополнување на Детален урбанистички план за Градска четврт, „Голем Рингг Јужен дел – Исток“ Општина Центар – Скопје, изработена од изготвувачот на планот, Стручна ревизија на Планот изготви од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ – Скопје, тех.бр.2395/11 од јули 2011 година, Одговор на ревизија, изготвен од изготвувачот на планот, тех.бр.62/2011 од јули 2011 година, Решение за формирање Комисија која дава мислење по Нацрт-Детални урбанистички планови формирана од градоначалникот на Општината бр.08-1140/1 од 10.03.2011 година, Мислење од Комисијата, формирана од градоначалникот на општината бр.08-3126/1 од 21.07.2011 година, Одговор од изготвувачот на планот по забелешките од мислењето од Комисијата, тех.бр.62/11 од јули 2011 година, Решение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета, донесено од градоначалникот на општината, бр.08-3186/1 од 26.07.2011 година, Соопштените за организирање на јавна презентација и јавна анкета донесена од градоначалникот на општината бр.08-3186/2 од 26.07.2011 година, објавено во дневните весници „Нова Македонија“ на 28 јули 2011 година и „Дневник“ на 28 јули 2011 година, Решение за формирање Комисија за изработка на Извештајот од спроведената јавна презентација и јавна анкета формирана од градоначалникот на општината, бр.08-3186/3 од 11.08.2011 година, Записник од спроведената јавна презентација по планот бр.25-995/13 од 16.08.2011 година, Извештај од јавна презентација и јавна анкета по планот, бр.25-995/14 од 16.08.2011 година, Известување за постапува по Извештајот, број 25-995/15 од 16.08.2011 година, Мислење на град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот, бр.13-3534/1 од 14.09.2011 година, Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, бр.08-7120/2 од 14.09.2011 година, Мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.17-2226/2 од 15.09.2011 година, Мислење од Дирекција за заштита и спасување – Подрачно оделение за заштита и спасување – Центар бр.10-270/4 од 14.09.2011 година, Мислење од ЕВН-Македонија бр.27-6155/1 од 15.09.2011 година. Мислење од АД ГА-МА Скопје бр.0308-1411 од 01.06.2011 година, Мислење од Дистрибуција на топлина бр.09-2205/2 од 3.08.2011 година, Согласност од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот бр.16-6542/2 од 15.09.2011 година, Одлука за донесување изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Голем Ринг Јужен дел – исток, општина Центар – Скопје, број 07-3756/28 од 24.09.2011 година, донесена од Советот на општина Центар – Скопје, Измени и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Голем Ринг Јужен дел Исток, општина Центар – Скопје (текстуален и графички дел).
5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни врдности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.
Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.
Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво,мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Според членот 26 став 7 урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањe на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.
Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во текот на донесувањето на оспорениот Деталниот урбанистички план „Градска четврт Голем Ринг – јужен дел – исток“ – Општина Центар, биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека постои несогласност на деталниот со генералниот урбанистички план, односно на план од пониско ниво со план од повисоко ниво, со што се повредува член 11 став 7 од Законот, Судот оцени дека се неосновани. Ова, од причина што укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето, се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што,според Судот, е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно – техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.
По однос на наводите во иницијативата дека со неусогласеноста на урбанистичките планови од пониско со план од повисоко ниво се ограничувале стекнатите права на сопственост, што е во спротивност со член 30 од Уставот, Судот утврди дека се неосновани. Имено, прашањето по однос на повреда на правото на сопственост не е предмет на оценување на Уставниот суд, туку во врска со истото,според позитивната законска регулатива, може да се поведе постапка за повреда или ограничување на правото на сопственост во редовна граѓанска постапка, каде во контрадикторна и доказна постапка ќе се утврдуваат фактите на кои се укажува во иницијативата.
Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидена со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 30 од Уставот и член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.6/2012
7 март 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски