29/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Глава III „Управување со станбени згради“ и членовите 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 28, 29, 30, 31, 32, 33, 34, 35, 36, 37, 38, 39, 40, 42, 43, 44, 45, 46, 47, 48 и 49; Глава IV „Односи меѓу сопствениците и трети лица“ и членовите 50, 51, 52 и 53; Глава V „Заедница на сопственици“ и членовите 54, 55, 56, 57, 58, 59, 60, 61, 62, 63 и 64, од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009, 57/2010, 36/2011, 54/2011 и 13/2012).

2. Слободан Новачки од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот, не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 25, член 26 став 1, член 30, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што државата немала право да се меша во приватноста, односно личната сопственост на домот и да определува, со закон, како граѓаните да управуваат со сопствениот дом или имотот, како и поради тоа што граѓаните непотребно се оптоварувале со високи давачки, за „измислени заедници и управители“.

3. Законот за домување како предмет го има уредувањето на видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, евиденцијата на становите, закупничките односи во домувањето, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор и други прашања од областа на домувањето.

Во тие рамки, со оспорените одредби од Законот, се регулирани односите во делот на управувањето со станбени згради со членовите 10 – 49, односите меѓу сопствениците и трети лица со членовите 50 – 53 и односите на заедницата на сопственици, со членовите 54 – 64.

Со иницијативата се оспорени вкупно 54 членови од Законот за домување, кои поединечно не се третираат со наводите во иницијативата од аспект на несогласност со Уставот.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата може да се констатира дека во однос на оспорените членови од Законот за домување нема аргументи на чија основа Судот би се впуштил во уставносудска анализа и мериторно одлучување за уставноста на Законот и неговите одредби кои се меѓусебно комплексно поврзани во рамки на целината на законот, како и во системот на законите пошироко во правниот поредок, ниту може да се пристапи кон формалистичко опсервирање на одредбите од Законот на што упатува иницијативата.

Со оглед на тоа настапени се деловнички претпоставки согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2012
7 март 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски