Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр. 02-2058/5 од 09.11.2010 година, Одлуката бр. 02-2058/7 од 09.11.2010 година и Одлуката бр. 02-1400/2 од 15.07.2010 година, донесени од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Скопје.
2. Адвокат Манчо Манчев од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одлуки со кои се забранувала исплата на теренски додаток, исплата на регрес за годишен одмор во текот на 2010 и 2011 година и исплата на надоместок во случај на смрт на член на семејството, а во случај на смрт на работник на неговото семејство наместо 3, да му се исплателе 2 просечни плати на претпријатието исплатени во претходните 3 месеци, биле во спротивност со член 32 став 3 и став 5 од Уставот, кои одредби не предвидувале уредување на правата на вработените и нивната положба со одлуки, како што се оспорените.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби претставувале пропис од општ карактер со кои се уредуваат права и обврски на работниците во ЈП„Македонски шуми“ Скопје и како такви биле подобни за уставно-судска оцена.
Оспорените одредби не биле во согласност и со член 205 став 3 и член 206 од Законот за работните односи, затоа што не содржеле одредби со кои се дерогираат одредбите од Колективниот договор на ниво на гранка, а и доколку содржеле такви одредби, тие по сила на закон биле ништовни.
Исто така, оспорените одлуки биле во спротивност со член 6 и член 7 од Законот за работните односи кои забранувале дискриминација. Имено, токму поради обавувањето на работата на терен согласно член 113 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, работодавачот бил должен на работниците да им исплаќа теренски додаток за разлика од работниците кои работните обврски не ги извршувале на терен. Со оспорените одлуки, работниците кои работата ја обавуваат на терен се ставале во нерамноправна положба со работниците кои работата не ја обавуваат на терен.
Со Законот за работните односи се уредувало остварувањето на правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос во согласност со условите утврдени со закон и колективен договор, а според член 3 од Законот, истиот се однесувал и на работниците вработени во јавните претпријатија. Од наведените одредби произлегувало дека прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и колективен договор, а не со одлуки како во конкретниот случај, поради што оспорените одлуки не биле во согласност со Уставот и Законот за работните односи.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи или укине како неуставни и незаконити.
3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, врз основа на член 28 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, на седницата одржана на 09.11.2010 година донел Одлука бр. 02-2058/5, во која, во точката I определил дека поради услови на економска криза, а согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки со цел за намалување на трошоците во работењето на јавното претпријатие нема да се исплатува теренски додаток. Според точката II на истата одлука, раководителите на подружниците се должни да го организираат процесот на работа со вршење на работа на терен несметано како и пред донесување на одлуката. Според точката III, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето
Судот, исто така, утврди дека Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, врз основа на член 28 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, на седницата одржана на 09.11.2010 година донел Одлука бр. 02-2058/7, со која во точката I определил дека поради услови на економска криза, а согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки со цел за намалување на трошоците во работењето на јавното претпријатие се забранува исплата на надоместок во случај на смрт на член на семејството, а во случај на смрт на работникот на неговото семејство наместо 3 да му се исплатува износот од 2 просечни месечни плати на претпријатието исплатени во претходните три месеци. Според точката II, Одлуката стапува на сила со денот на донесувањето.
Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“ Скопје, врз основа на член 28 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“ Скопје и Записник бр. 51-17/167 од 15.06.2010 година од Стошеесетиседмата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 13.06.2010 година, а во врска со Четвртиот пакет на антикризни мерки, на 15.07 2010 година донел ОДЛУКА за усвојување на мерки и активности за спроведување на Четвртиот пакет на антикризни мерки, бр.02-1400/2 од 15.07.2010 година. Според член 1 на оваа одлука, поради услови на економска криза, а согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки донесен од страна на Владата на Република Македонија, со цел за намалување на трошоците во работењето на јавното претпријатие се усвојуваат следните мерки за штедење:
– се забранува исплата на хонорари на комисии од страна на јавното претпријатие;
– се забранува исплата на дневници за патување во Република Македонија;
– се намалуваат дневниците за патување во странство за 30%;
– се забранува исплата на јубилејни награди во текот на 2010 и 2011 година;
– да се намалат лимитите за трошоци за фиксни телефони.
Според член 2 на оваа одлука, Одлуката стапува на сила со денот на донесувањето.
4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.40/2011, ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на Одлуката бр. 02-2058/5 од 09.11.2010 година и Одлуката бр. 02-2058/7 од 09.11.2010 година, донесени од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Скопје. Ова од причина што Судот оцени дека според содржината и формата, оспорените одлуки се интерни акти на Јавното претпријатие со кои се уредуваат одредени права од работен однос на вработените во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, во услови на економска криза, согласно Четвртиот пакет на антикризни мерки, па со оглед дека не содржат општи норми на однесување, не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека истите не го задоволуваат критериумот за пропис од член 110 алинеја 2 од Уставот, поради што не се подобни за уставносудска оцена. Дополнително, Судот утврди дека со иницијативата се оспорува согласноста на овие одлуки со колективен договор, односно се бара оцена на согласноста на подзаконски акт со колективен договор, што излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд утврдени со член 110 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува за согласноста на подзаконските акти во однос на Уставот и на законите, а не и во однос на колективните договори.
Судот утврди дека со сега доставената иницијатива повторно се бара оцена на уставноста и законитоста на истите две одлуки на Јавното претпријатие, како и уште на една одлука на ова јавно претпријатие ( Одлука бр. 02-1400/2 од 15.07.2010 година), со која исто така се усвојуваат мерки и активности за спроведување на Четвртиот пакет на антикризни мерки донесени од Владата на Република Македонија на 18.06.2010 година, во која смисла, како една од мерките за штедење во работењето на Јавното претпријатие, се утврдува и забраната за исплата на регрес за годишен одмор (К-15) во текот на 2010 и 2011 година.
Со сега доставената иницијатива, сите три одлуки се оспоруваат од аспект на нивната согласност со Уставот и со Законот за работните односи, а не во однос на колективниот договор, како во прводоставената иницијатива по која е донесено Решението У.бр.40/2011 и за која подносителот на оваа иницијатива е претходно известен.
Видно од содржината и формата на третооспорената одлука, оспорена со оваа иницијатива, Судот оцени дека и оваа одлука, исто како и претходно оспорените две одлуки, има карактер на интерен акт со кој се регулираат одредени права и обврски на вработените во Јавното претпријатие и кој не е подобен за уставно-судска оцена. Имено, сите три оспорени одлуки се однесуваат на одредени права од работен однос на вработените во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, во услови на економска криза, поради што истите не содржат општи норми на однесување, не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, поради што не го задоволуваат критериумот за пропис од член 110 алинеја 2 од Уставот, подобен за уставносудска оцена.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не постојат аргументи за промена на ставот утврден во Решението У.бр.40/2011 и дека се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање и на оваа иницијатива.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.10/2012
7 март 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски