У.бр.193/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 55-а став 3 во делот „и учество во капиталот“, став 4 во делот „и учество во капиталот“ и став 5 во делот „и учество во капиталот“ од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94-исправка, 70/94, 71/96, 28/97, 8/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005, 52/2006, 139/2006, 6/2007-исправка, 160/2007, 159/2008, 20/2009, 139/2009, 171/2010 и 135/2011).

2. Јаким В. Наумов адвокат од Скопје и Агенцијата за економско-правна поддршка и процена „Про агенс“ од Скопје, застапувана од м-р Павле Гацов и Ирена Николовска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата Јаким В. Наумов, тргнувајќи од околноста дека во членот 55-а ставовите 3, 4 и 5 од Законот се споменуваат Законот за данoците на имот и Македонската берза за хартии од вредност и дека во целината на Законот за персоналниот данок на доход не била поблиску дефинирана категоријата-„учество во капиталот“, смета дека под таа категорија од член 55-а ставовите 3, 4 и 5 на Законот треба да се подразберат хартии од вредност и дека по таа основа треба да се оданочуваат физичките лица кои имаат приходи остварени од хартии од вредност, а не и учество во капиталот. Учеството во капиталот било пренос на права и обврски, а не пренос на капитал односно остварување на приход од учество во капиталот, па не можело да се оданочува како персонален данок на доход. Освен тоа, Законот за персоналниот данок на доход не ја определувал основата за пресметување на приходот остварен од учество во капиталот, а доколку се смета дека основата е утврдена во член 55-а став 4 од Законот односно дека е тоа номиналната вредност на учеството во капиталот, таквата основа била дискутабилна бидејќи била променлива во текот на работењето на трговското друштво.

Наместо такво разбирање на член 55-а ставовите 3, 4 и 5 од Законот, постоело интерно толкување на законските одредби дека под „учество во капиталот“ се подразбира пренос на удели во трговски друштва со ограничена одговорност, врз основа на што Управата за јавни приходи донесувала решенија за плаќање на персонален данок на доход и по основата „учество во капиталот“.

Тргнувајќи од изнесеното, а недоведувајќи го во прашање правото на законодавецот да ја креира даночната политика и за таа цел да ги определува категориите на граѓаните и условите под кои тие имаат обврска да плаќаат персонален данок на доход, подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите на член 55-а ставовите 3, 4 и 5 од Законот во делот „и учество во капиталот“ од аспект на недоволно јасно формулирани, недоречени одредби кои оставаат можност за различна и произволна примена односно арбитрерност и злоупотреба од органите кои одлучуваат за правата на граѓаните во оваа област, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 и членовите 9 и 30 од Уставот.

Со иницијативата се предлага запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби заради спречување да настанат тешко отстранливи последици.

Иницијативата на Агенцијата за економско-правна поддршка и процена „Про агенс“ од Скопје, застапувана од м-р Павле Гацов и Ирена Николовска од Скопје, тргнува од тоа дека голем број на граѓани добиле решенија од Управата за јавни приходи за плаќање на персонален данок на доход по основа на учество во капиталот, кое го стекнале преку пренос на удел без надоместок, а биле задолжени да платат и камата за неблаговремено плаќање на данокот, како и прекршочна глоба за непријавување во пропишаниот рок на стекнат приход. Членот 55-а од Законот, пак, на кој биле засновани таквите решенија, содржел многу нелогичности и непрецизности, поради што од тој аспект се оспорува оваа законска одредба. Најнапред, „учеството во капиталот“ бил многу нејасен, општ и непрецизен термин, при што со него не се определувало дека категоријата-„учество во капиталот“ ја опфаќа и категоријата-„удел во друштво“ кое претставувало севкупност на права и обврски што ги стекнува содружникот врз основа на влог во основната главнина на трговското друштво, а така се применувал тој термин. Во иницијативата се наведува дека не претставувало „удел во друштво“ подвижен имот што се оданочува со данок на наследство и подарок според член 10 од Законот за даноци на имот и дека „уделот во друштво“ не можел да котира и да се тргува со него на Македонската берза за хартии од вредност, како и дека сето тоа било во ред бидејќи во спротивно ќе се овозможувало нееднаквост на граѓаните така што едните би плаќале данок според Законот за даноци на имот (со стапка од 5%) а другите би плаќале данок според Законот за персоналниот данок на доход (со стапка од 10%) или би имало двојно оданочување врз основа на двата закони, а сепак „удел во друштво“ се подведувал под категоријата-„учество во капиталот“ односно на наведените ситуации се применувал член 55-а од Законот за персоналниот данок на доход. Освен тоа, определувањето основа за пресметување на „учество во капиталот“ да биде номиналната вредност на уделот (таа вредност, пак, била вредноста на уделот запишана во Централниот регистар на Република Македонија), во ситуација кога таа вредност се преценувала во практиката односно се прикажувала повисока од реалната, произлегувало дека основата за оданочување на „учеството во капиталот“ била необјективно определувана за разлика на другите основи за оданочување.

Наспроти таквата состојба, подносителите на иницијативата укажуваат, и го приложуваат ставот на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, бр.10-5121 од 11 декември 2009 година, дека барањето за автентично толкување на член 55-а од Законот било одбиено како неоправдано со оглед дека законските одредби наводно биле прецизни и јасни.

При таква состојба, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените законски одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 9 став 2 и членовите 30, 33 и 51 од Уставот, поради што бараат поништување на наведените делови од член 55-а ставовите 3, 4 и 5 од Законот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 55-а од Законот се определува дека „Други приходи во смисла на овој закон се сите приходи кои не се сметаат за приходи на физичките лица од членот 3 точки 1 до 8 на овој закон, не се изземени од оданочување со одредбите од членот 6 на овој закон и не се оданочени по друг основ“ (став 1); „Основа за пресметување на данокот на приходите од ставот 1 на овој член е нето приходот кој се утврдува со одбивање на нормираните трошоци од бруто приходот во висина од 35%“ (став 2).

Во ставот 3 од истиот член на Законот се определува дека „Како други приходи, во смисла на овој закон, се сметаат и приходите остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок, доколку истите не се оданочени со Законот за даноци на имот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.“

Во ставот 4 од член 55-а на Законот се определува дека „Под пазарна вредност од ставот 3 на овој член се подразбира вредноста на хартиите од вредност и учеството во капиталот утврдена според податоците од Македонската берза за хартии од вредност, доколку котираат на берзата, односно номиналната вредност на хартиите од вредност и учеството во капиталот, за оние кои не котираат на берзата.“

Според став 5 од истиот член на Законот, „Обврзник на данокот на доход за другите приходи од ставот 3 на овој член е физичкото лице кое се стекнува со хартии од вредност и учество во капиталот.“

Изнесената содржина на членот 55-а од Законот е утврдена на 29 декември 2006 година (со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход – „Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2006, член 17).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, иницијативите само укажуваат на тоа како надлежните државни органи ги толкуваат и применуваат оспорените законски одредби и дека според подносителите на иницијативите тие законски одредби треба поинаку да се толкуваат и применуваат, а не содржат аргументирани наводи и образложени причини за несогласноста на оспорените законски одредби со Уставот.

Имајќи ја предвид таквата содржина на иницијативите, Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување по иницијативите, поради што постапи според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.193/2010
7 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски