208/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 март 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 2 точка 1 и член 116 став 1 точка 5 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 116 став 1 точка 6 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во оспорените член 50 став 2 точка 1 и член 116 став 1 точка 5 од Законот, не се наведувале ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конктретен случај би претставувале основ за да не може да се биде член на Советот на Народната банка и за престанување на мандатот на член на Комисија за прекршоци, од каде произлегувало дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција било основ за да не се биде член на Советот на Народната банка и основ за престанок на должноста член на Комисијата за прекршоци. Поради непрецизноста на одредбите, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Советот на Народната банка и член на Комисијата за прекршоци, да биде основ за неименување на член на Советот на Народната банка, односно за престанок на мандатот на член на Комисијата за прекршоци. Формулацијата на наведените законски одредби била недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото, поради што оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Покрај тоа, недефинирањето на видот и висината на казната што би имало како последица престанок на мандатот на член на Комисијата за прекршоци, го повредувала и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овзможувал лицето да трпи последица за стореното дело за недефинирана казна и тоа автоматски, по сила на закон, поради што оспорената одредба не била во согласност и со оваа уставна одредба.

При одлучувањето за основаноста на иницијативата, подносителот укажува на уставно судската пракса по предметите: У.бр.95/2005, У.бр. 125/2007 и У.бр.10/2010.

Според подносителот на иницијативата, и формулацијата на член 116 став 1 точка 6 од Законот, не била прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како еден од елементите на принципот на владеењето на правото.

Ако останела оваа одредба во правниот поредок на Република Македонија, тогаш излишна била одредбата од став 4 на истиот член од Законот, според која членовите на Комисијата за прекршоци биле независни во своето работење и донесувале одлуки врз основа на прописите, нивното експертско знаење и нивното лично уверување. Од друга страна, имало и многу слични одредби во точките 7 и 8 од став 1 на членот 116 од Законот, според кои член на Комисијата за прекршоци можел да биде отповикан доколку не ги исполни обврските кои произлегуваат од работењето во Комисијата или доколку не извести за судир на интереси за случајот за кој Комисијата донесува одлука.

Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 2 точка 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија, член на Советот на Народната банка не може да биде лице осудено за кривично дело со казна затвор или парична казна.

Според член 116 став 1 точка 5 од истиот закон, член на Комисијата за прекршоци може да биде отповикан ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело, а според точка 6 на истиот став, член на Комисијата за прекршоци може да биде отповикан ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна судска одлука.
.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 60 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е емисиона банка (став 1). Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство (став 2). Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон (став 3).

Со Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр. 158/2010) се уредуваат организацијата и работата на Народната банка на Република Македонија, задачите и овластувањата на Народната банка на Република Македонија од денот на пристапување на Република Македонија во Европската унија и задачите и овластувањата на Народната банка на Република Македонија по воведувањето на еврото како парична единица во Република Македонија (член 1).

Според член 3 на овој закон, Народната банка е централна банка на Република Македонија (став 1). Народната банка е правно лице со административна, финансиска и управувачка самостојност (став 2). Народната банка има овластувања за постигнување на целите и за извршување на задачите утврдени со овој закон (став 3).

Според член 46 став 1 од Законот, со Народната банка управува Советот на Народната банка. Според став 2 на истиот член, Советот на Народната банка се состои од девет члена од кои еден е гувернерот и три вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови.

Критериумите за избор за член на Советот на Народната банка се утврдени во член 50 од Законот. Така, според став 1 на овој член, член на Советот на Народната банка може да биде лице, државјанин на Република Македонија, кое има соодветна репутација, најмалку високо образование и соодветно професионално или академско искуство на полето на економијата, финансиите, банкарството или правото. Според став 2 на истиот член, член на Советот на Народната банка не може да биде лице:
1) осудено за кривично дело со казна затвор или парична казна;
2) должник во стечајна или ликвидациона постапка;
3) на кое му е изречена прекршочна санкција, забрана за вршење професија, дејност или должност и
4) на кое му е изречена споредна казна забрана за добивање дозвола за
основање и работа на банка или друга финансиска институција, одземање на дозвола за основање и работа на банка или друга финансиска институција, забрана за основање на нови правни лица и привремена или трајна забрана за вршење дејност од областа на финансиите и банкарството.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Народната банка има широки овластувања по прашања од општествен интерес и тие овластувања ги остварува во услови на целосна самостојност и независност, односно управувањето и одлучувањето по прашањата од општ интерес се во исклучива надлежност на гувернерот и другите членови на Советот на Народната банка. Оттука, евентуално нестручно, несовесно или нечесно извршување на овие овластувања се рефлектира на целата општествена заедница, а товарот паѓа на сите граѓани на Република Македонија. Поради тоа, неспорно е дека е од исклучителна важност кому ќе му биде доверено да ги извршува функциите гувернер и член на Советот на Народната банка, односно дека овие функции треба да ги извршуваат лица кои имаат соодветни професионални квалификации, но и соодветен личен интегритет.

Во таа смисла, со Законот се утврдени критериумите за избор за член на Советот на Народната банка, при што во член 50 став 2 точка 1 од Законот, се пропишува дека член на Советот на Народната банка не може да биде лице осудено за кривично дело со казна затвор или парична казна.

Со иницијативата се оспорува уставноста на ова законско решение поради непрецизноста на одредбата, која би можела да доведе до ситуација осудата за кое било кривично дело, кое нема никаква врска со конкретната должност, да биде основ за неименување на лице на функцијата член на Советот на Народната банка, поради што формулацијата на одредбата била недоволно прецизна и јасна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото.

Во одговор на покренатото прашање, Судот го имаше предвид следното:

Со оспорената одредба се пропишува правна последица од осуда за кривично дело со казна затвор или парична казна, која се состои во забрана за стекнување на определено право, конкретно забрана за именување на јавна функција.

Институтот правни последици од осудата е уреден со Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009 и 51/11и 135/2011). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1). Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2). Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата (став 3).

Од наведеното произлегува дека правните последици на осудата се специфичен правен институт што има големо значење за статусот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните поседици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, предвидувањето на неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за член на Советот на Народната банка, мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик. Значи неосудуваноста како услов едно лице да биде именувано за член на Советот може да егзистира само за конкретно предвидени кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор, а не и за изречена парична казна и таа може да трае точно определен период, а не како трајна забрана за именување на оваа функција.

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека со истата генерално е утврдено дека член на Советот не може да биде лице кое е осудено за кривично дело со казна затвор или со парична казна, и тоа без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа и без оглед на времето поминато од денот на издржаната, простената или застарената казна, од каде произлегува дека вака пропишаната правна последица од осудата не е јасна и прецизна и не е во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик.

Тргнувајќи од уставниот принцип за владеење на правото и должноста за почитување на Уставот и законите од секого, а со оглед дека формулацијата на оспорената законска одредба е недоволно јасна и прецизна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како елемент на принципот на владеењето на правото, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 50 став 2 точка 1 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Според член 115 став 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија, за прекршоците од членовите 117, 118, 119 и 120 на овој закон Народната банка покренува прекршочна постапка и изрекува прекршочни санкции. Според став 3 на истиот член, прекршочната постапка од ставот 1 на овој член ја спроведува Комисијата за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Комисијата за прекршоци) која е составена од лица вработени во Народната банка и назначени од гувернерот. Согласно став 5 на истиот член, членовите на Комисијата за прекршоци се назначуваат за период од пет години со право на повторно назначување.

Според член 116 став 1 од Законот, член на Комисијата за прекршоци може да биде отповикан во следниве случаи:
1) по истек на времето за кое е назначен за член;
2) на негово барање;
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон;
4) доколку се утврди дека е трајно неспособен за работа;
5) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело;
6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната
постапка со правосилна судска одлука;
7) доколку не ги исполни обврските кои произлегуваат од работењето во
Комисијата за прекршоци или
8) доколку не извести за судир на интереси за случајот за кој Комисијата за прекршоци донесува одлука.

Во однос на прашањето за оценување на уставноста на законската одредба според која член на Комисијата за прекршоци може да биде отповикан ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело (член 116 став 1 точка 5), Судот имаше предвид дека со оспорената одредба се пропишува правна последица од осуда која се состои во губење на претходно стекнато право.

Од формулацијата на наведената одредба, произлегува дека член на Комисијата за прекршоци може да биде отповикан ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело воопшто, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот и висината на санкцијата. Според Судот, со тоа се ограничува по сила на закон правото на член на Комисијата за прекршоци да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Комисијата за прекршоци, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Комисијата за прекршоци. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Комисијата за прекршоци, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Тргнувајќи од наведената уставно-судска анализа и од формулацијата на наведената законска одредба која е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 116 став 1 точка 5 од Законот со оваа одредба од Уставот.

7. Во однос на законската можност член на Комисијата за прекршоци да биде отповикан ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна судска одлука (член 116 став 1 точка 6), Судот оцени дека не може да се прифати наводот во иницијативата дека ваквата формулација била непрецизна и нејасна. Имено, оваа правна последица е поврзана со претходно донесување на правосилна судска пресуда со која е утврдено прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка на лицето во работата на Комисијата, од каде јасно произлегува дека станува збор за утврдена прекршочна одговорност на лицето поврзана токму со работата во Комисијата, поради што основано произлегува, како причинско-последичен однос, дека нема гаранција за натамошно успешно извршување на посебните овластувања кои на лицето му се доверени како член на Комисијата и дека неговото натамошно членување во Комисијата е неоправдано, со што, според Судот, не се повредува уставното начело на владеењето на правото

Исто така, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата со кои постоењето на оспорената одредба се поврзува и коментира во однос на други одредби во истиот член, со кои се утврдуваат други основи за отповикување на член на Комисијата пред истекот на мандатот, затоа што право на законодавецот е да ги определи условите за именување и разрешување на член на Комисијата, но со обврска тоа да го стори на јасен и прецизен начин и под исти услови за сите, што според Судот, е сторено во конкретниот случај.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 116 став 1 точка 6 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2011
7 март 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски