69/2011-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат, број 10-706/1 од 25 јануари 2011 година, донесен од страна на министерот за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” број 12/11).

2. Емилија Чибанска од Берово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите изнесени во иницијативата, подносителката бара овој суд да пристапи кон оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат, бидејќи така како што овој подзаконски акт бил пропишан, ги ограничувал можностите на подносителката на иницијативата да се стекне со доволен број на поени кои би и овозможиле да биде посвоител на дете. Имено, со иницијативата се цитирани прописи од областа на социјалната заштита, семејството и заштитата на децата и посвојувањето, подзаконски акти од таа област, конвенции за правата на детето и оспорениот Правилник со констатации и прашања дали оспорениот подзаконски акт овозможувал односно создавал услови за остварување на владеењето на правото и за обезбедување на индивидуален, семеен и општествен прогрес. Во продолжение на текстот од иницијативата, подносителката ги изложува своите лични податоци, стекнати дипломи и сертификати, работни ангажмани, квалификации и компетенции како социјален работник со заклучоци и критики за законодавецот, стручни и други тимови кои ги креирале законите и подзаконските акти од предметната област, бидејќи така како што биле уредени не биле стабилни, брзо се менувале, не биле во согласност со Уставот и законите, не биле проверувани низ научно стручни и практични искуства во други земји, не биле проверени и усогласени со пакетот закони во системот на социјалната заштита кои се потпирале на науката, струката, искуствата, здравиот разум, логиката, со поставување на прашања какви биле тие експерименти, импровизации и играње со креирање и имплементација на законските и подзаконските прописи, па во таа насока во иницијативата се изложени сугестии за тоа како треба да биде составен стручен тим за добро креиран пропис од оваа област, нагласувајќи дека критериумите за посвојување и нивното вреднување во правилникот се несоодветни и не се во функција на хумана популациона политика и квалитетно родителство.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат, број 10-706/1 од 25 јануари 2011 година, донесен од страна на министерот за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” број 12/11), се пропишуваат поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, иницијативата не содржи аргументирани наводи и образложени причини за неуставноста и незаконитоста на оспорениот правилник, туку истиот се оспорува од аспект на лично незадоволство по однос пропишаните критериуми за посвојување на дете, односно пропишаниот начин на бодирање од кои подносителката смета дека претставува пречка за нејзина реализација како посвоител, бидејќи така како што овој подзаконски акт бил пропишан, ги ограничувал можностите на подносителката на иницијативата да се стекне со доволен број на поени кои би и овозможиле да биде посвоител на дете, па од тие причини, односно поради изразениот сомнеж во позитивниот исход на нејзиното барање, го оспорува наведениот правилник.

5. Тргнувајќи од содржината на иницијативата со која начелно се оспорува предметниот Правилник како несогласен со Уставот и законите, повикувајќи се на нецелисходноста на неговите решенија, без правни аргументи и образложение во што посебно се состоела неговата несогласност со Уставот и закон, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 69/2011
29 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски