У.бр.156/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2010).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Дарко Цветановски од Скопје, со Решение У.бр. 156/2010 од 29 ноември 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, определува дека тестот за интегритет, помеѓу другото се состои и од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Комисијата за приемен испит од листа на 50 предложени лица од кандидатот со најмалку завршено четиригодишно средно образование, кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврт степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Со членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Со членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Според членот 40 од Законот, обуката на судиите и јавните обвинители претставува организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на нивната функција.

Според членот 41 од Законот, Академијата организира почетна и континуирана обука.

Со членот 44 од Законот, определени се условите за прием во почетната обука за судии и јавни обвинители.

Со членот 49 од Законот, определено е дека приемниот испит се состои од квалификациски тест, психолошки тест, тест за интегритет и испит.

Според членот 50 став 1 од Законот, квалификацискиот тест се врши во писмена форма и анонимно, со цел да се проверат знаењата на пријавените кандидати на домашното материјално и процесно право, меѓународното право, правото на Европската унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права, со цел да ги селектира кандидатите по квалитет, определен како минимум знаење за посетување на програмата за почетна обука. Според ставот 2 од истиот член, психолошкиот тест се спроведува со цел по пат на социјалните способности да ги афирмира кандидатите за вршење на функцијата судија и јавен обвинител.

Со оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, е определено дека тестот за интегритет, помеѓу другото се состои и од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Комисијата за приемен испит од листа на 50 предложени лица од кандидатот со најмалку завршено четиригодишно средно образование, кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврт степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

Според членот 55 став 5 од Законот тестот за интегритет се оценува со оцена “задоволува”, “делумно задоволува” и “не задоволува”, а според ставот 6 од истиот член се смета дека пријавеното лице кое добило оцена “не задоволува” на тестот за интегритет нема право да го полага испитот.

Од анализата на оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, произлегува дека законодавецот ја пропишал оспорената законска одредба со цел да се проверат етичките и моралните вредности на кандидатите за вршење на функцијата судија или јавен обвинител. Во конкретниот случај законодавецот оценил дека реална и објективна слика за етичките и моралните вредности на идните судии и јавни обвинители, може да биде формирана со прибирање на податоци и информации од надворешни лица кои го познават кандидатот најмалку три години, кои со кандидатот не се во крвно стродство до одреден степен и кои имаат завршено најмалку четири годишно образование. Со вака пропишаното законско решение за кандидатот е пропишана обврска да најде 50 лица и да го докаже времетраењето на познанството, непостоење сродство и степенот на нивното образование и сето тоа за 50 граѓани. Ова под претпоставка дека тие 50 граѓани се морално и етички подобни за да бидат компетентни во давањето на мислењето. Наведеното значи дека целта на ова законско решение е да се изврши вреднување на моралните и етичките вредности на кандидатот со утврдување на описна оцена “задоволува”, “делумно задоволува” и “не задоволува” (член 55 став 5 од Законот). Пријавените лица, кои добиле оцена “не задоволува” на тестот за интегритет, немаат право да го полагаат приемниот испит (член 55 став 6 од Законот).

Според судот, вака пропишаното законско решение не е во согласност со членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот. Имено, според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Тоа значи дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот подразбираат и неповредливост на неговиот физички и морален интегритет. Со пропишаното законско решение кое се оспорува со иницијативата и со кое е овозможено да се врши вреднување на етичките и моралните вредности на граѓаните, според Судот, директно се навлегува во нивниот морален интегритет, кој е неповредлив, но со оспореното законско решение, тоа се овозможува, а се овозможува и моралниот интегритет да биде нарушен во случај на нивно негативно оценување, односно негативно вреднување со оцена “не задоволува”. На овој начин се доведува во прашање и почитувањето и заштитата на личниот и семеен живот на граѓаните, како и почитување и заштита на нивното достоинство и угледот. Имено, со самата квалификација на пријавениот кандидат дека не го поминал тестот за етички и морални вредности со оценување “не задоволува”, уставната гаранција за почитување и заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин, е нарушена.

Утврдувањето на личните морални и етички вредности на пријавените кандидати врз основа на прибавено мнение од други субјекти, по оценка на овој суд, не обезбедува објективност и непристрасност во формирањето на етичкиот и морален профил за пријавениот кандидат од кој ќе зависи дали тој ги исполнува условите за вршење на судиската и обвинителската функција или тоа нема да биде случај. Утврдувањето на личните вредности врз основа на мислење од други субјекти, всушност тргнува од претпоставка дека тие 50 граѓани се морално и етички подобни за да бидат компетентни во давањето на мислењето за друг, според Судот е неприфатливо, од аспект на објективно утврдување на етичките и морални вредносни квалификации. Воедно, за Судот, е неприфатлив пропишаниот услов, кандидатот предложените 50 лица да ги познава најмалку три години, од аспект на докажливоста на овој услов. Според Судот, пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на пријавените кандидати за вршење на функцијата судија и јавен обвинител, не ги задоволува критериумите на објективност, непристрасност и применливост, од аспект на владеењето на правото, а исто така и од аспект на уставно гарантираните права на граѓаните за неприкосновеност на нивниот физички и морален интегритет, утврдени во членот 11 став 1 од Уставот, како и уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот, достоинството и угледот на граѓаните, утврдени во членот 25 од Уставот.

7. Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека оспореното законско решение од членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот не е во согласност со цитираните одредби од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2010
29 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски