106/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 во делот

2. Душан Глигоров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот и уставноста на актот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот законски дел не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 20 став 1, 36 и 51 од Уставот. Наведеното од причини што во категоријата на борци не можеле да се вбројат и граѓаните на Република Македонија кои сакаат да учествуваат во спроведувањето и остварувањето на основните цели и програмски задачи на боречката организација, бидејќи продолжувачите на Сојузот на борците на Македонија не можеле да остваруваат ниедно од правата наброени во членот 20 став 1 од Уставот кој уредува дека на граѓаните им се гарантира слобода на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а дека тоа било така можело да се утврди и од членот 36 став 1 од Уставот според кој Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност за материјална и социјална егзистенција. Подносителот на иницијативата заклучува дека и законодавецот така мислел што можело да се констатира од самиот став 1 на членот 1 од Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија, според кој Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија е доброволна, самостојна и непартиска организација на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија во периодот од 1941 до 1945 година. Оттука, подносителот на иницијативата констатира дека Сојузот на борците на Македонија е историска творевина и таа организација можела да постои само додека се живи учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија во периодот од 1941 до 1945 година, а не и после тоа, повоените генерации, како што било предвидено со оспорениот законски дел.

Следствено на тоа, со иницијатовата се оспорува и Статутот на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, во деловите кои се однесуваат на: “и граѓаните продолжувачи” бидејќи биле спротивни на наведените уставни одредби и на членот 1 став 1 од Законот.

3. Судот, на седницата утврди дека со членот 1 став 2 и неговиот оспорен дел од Законот е определено дека во Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (во натамошниот текст: Сојузот на борците на Македонија), можат да членуваат и учесниците на другите националноослободителни војни на Македонија, како и граѓаните на Република Македонија кои сакаат да учествуваат во спроведувањето и остварувањето на основните цели и програмски задачи на оваа организација.

Судот исто така утврди дека согласно членот 6 од Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 35/1998), а во врска со членот 18 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010), Осмиот конгрес на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија и граѓаните продолжувачи, одржан на ден 28 мај 2010 година, го утврдил и го донел Статутот на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Согласно ставот 2 на овој член граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Во член 36 од Уставот е утврдено дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според став 2 на овој член од Уставот, посебните права се утврдуваат со закон.

Со член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 1 став 1 од Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија е уредено дека Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија е доброволна, самостојна и непартиска организација на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија во периодот од 1941 до 1945 година.

Со членот 1 став 2 и неговиот оспорен дел од Законот е определено дека во Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (во натамошниот текст: Сојузот на борците на Македонија), можат да членуваат и учесниците на другите националноослободителни војни на Македонија, како и граѓаните на Република Македонија кои сакаат да учествуваат во спроведувањето и остварувањето на основните цели и програмски задачи на оваа организација.

Според членот 2 од Законот Сојузот на борците на Македонија ги има следниве задачи и цели:

-негување на придобивките од Народноослободителната и Антифашистичката војна;

-чување на традициите од Народноослободителната борба и Антифашистичката војна на Македонија и од Националноослободителната борба и востанијата на македонскиот народ од подалечното минато;

-грижа за материјалната и социјалната сигурност на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна и во сите национално-ослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, како и на членовите на нивните семејства и

-грижа за заштитата на статусните права на борците.

Со членот 6 од Законот е определено дека Организацијата, програмските задачи и начинот на работата на органите на Сојузот на борците на Македонија се уредуваат со Статутот на оваа организација. Статутот го донесува највисокиот орган на Сојузот на борците на Македонија.

Врз принципите од член 20 од Уставот е донесен и Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010 и 135/2011) во кој недвосмислено е утврден автономниот и доброволниот карактер на здруженијата на граѓаните како во поглед на основањето, така и во поглед на утврдувањето на нивните цели.

Со членот 1 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите е уредено дека со овој закон се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Со членот 18 став 1 од Законот за здруженија и фондации се уредува дека здружението има статут, а со ставот 2 од наведениот член од Законот се определени прашањата кои се уредуваат со статутот.

Според членот 19 од истиот закон членувањето во здружението е доброволно. Основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението. Физичко лице може да биде член на здружението независно од неговата возраст во согласност со статутот. Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.

Согласно членот 6 од Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 35/1998), а во врска со членот 18 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010), Осмиот конгрес на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија и граѓаните продолжувачи, одржан на ден 28 мај 2010 година, го утврдил и го донел Статутот на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи.

Со иницијативата се оспорува членот 1 став 2 од Законот за Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија во делот: “како и граѓаните на Република Македонија кои сакаат да учествуваат во спроведувањето и остварувањето на основните цели и програмски задачи на оваа организација”, а исто така се оспорува и Статутот во деловите кои се однесуваат на: “и граѓаните продолжувачи”.

Всушност, подносителот на иницијативата не се согласува со законската определба во Сојузот на борците на Македонија, да можат да членуваат и граѓаните на Република Македонија кои сакаат да учествуваат во спроведувањето и остварувањето на основните цели и програмски задачи на оваа организација, со образложение дека така мислел законодавецот кога во ставот 1 од членот 1 од Законот пропишал дека Сојузот на борците на Македонија е доброволна, самостојна и непартиска организација на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија во периодот од 1941 до 1945 година. Меѓутоа видно од ставот 2 на овој член произлегува дека интенцијата на законодавецот била оваа организација да биде отворена и за сите други граѓани што сакаат да учествуваат во остварувањето на нејзините цели и програмски задачи.

Според Судот, неосновани се наводите од иницијативата дека оспорениот законски дел не е во согласност со одредбите на Уставот. Имено, со уредувањето на оспорениот законски дел на овој начин законодавецот го испочитувал принципот на слободата на здружувањето утврден во членот 20 став 2 од Уставот според кој граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, што значи дека оваа уставна гаранција не се однесува само по однос на гаранцијата на граѓаните да се јават како основачи на здруженија, туку и на гаранцијата на граѓаните слободно да пристапуваат во членството на одредено здружение, како и да истапуваат. Во претходниот став 1 од овој член на Уставот е уредена гаранцијата на граѓаните да можат слободно да се здружуваат заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални и други права и уверувања, што значи дека тие гаранции не се стриктно дадени само заради остварување и заштита на конкретни политички економски и социјални права, туку и заради остварување на други права и уверувања на граѓаните. Според тоа не може да се прифатат како основани наводите од иницијативата дека противуставно било во Сојузот на борците на Македонија да можат да членуваат само живите учесници-борци од периодот од 1941 до 1945 година и само додека тие се живи да постои организацијата. Имено, согласно членот 2 од Законот основни цели и задачи на Сојузот на борците на Македонија е негување на придобивките од Народноослободителната и Антифашистичката војна, чување на традициите од Народноослободителната борба и Антифашистичката војна на Македонија и од Националноослободителната борба и востанијата на македонскиот народ од подалечното минато и грижа за материјалната и социјалната сигурност на учесниците во Народноослободителната и Антифашистичката војна и во сите национално-ослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, како и на членовите на нивните семејства, како и грижа за заштитата на статусните права на борците. Оттука, наспроти природните законитости на проретчување на организацијата со изворни членови, разбирливо е и неопходно е витализирањето на организацијата со ново членство заради потребниот континуитет во остварувањето на пиететот, одбележувањето и траењето на тие слободарски традиции, за која цел е донесен Законот за Сојузот на борците кој претставува израз на јавниот интерес во сферата на зачувување на придобивките од НОВ.

Следствено на претходно наведеното, Судот оцени дека нема уставна пречка за опстојување на Статутот на Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во деловите кои се однесуваат на: “граѓаните продолжувачи”.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот законски дел од членот 1 став 2 од Законот со одредбите од Уставот, како и уставноста на Статутот на Сојузот на борците… во деловите кои се однесуваат на: “и граѓаните продолжувачи”.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 106/2011
29 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски