103/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски домен МК во областа на интернет и за користење на поддомените во него („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2011), донесен од Управниот одбор на МАРнет, во целина и посебно член 46.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот акт ја регулира организацијата и управувањето со врвниот македонски домен МК во областа на интернет, што претставувало законска материја и истата не можела да се уредува со подзаконски акт, што произлегувало од член 1 од Законот за основање на македонската академска истражувачка мрежа.

Понатаму, со оспорениот правилник непосредно се утврдувале права и обврски за граѓаните и другите правни лица – корисниците на домените, што не било дозволено тоа да се прави со подзаконски акт, туку со закон или со законско овластување.

Со оспорениот член 46 од Правилникот според иницијативата биле содржани забрани, ограничувања и санкции кои можеле да се предвидуваат само со Уставот и законите, а не со правилник. Оттука, оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник содржи X глави и тоа: I. „Општи одредби“ II. „Видови секундарни домени во МК доменот“ III. „Назив на терцијалните домени“, IV. „Управување со МК доменот, V. „Регистрација на домени“, VI. „Права и обврски на корисниците на домените“, VII. „Поништување на регистрација“, VIII. „Стекнување право на користење домен со наследување и со отстапување на домен“, IX. „Решавање спорови“ и X. „Преодни и завршни одредби“.

Членот 46 од Правилникот предвидува дека корисникот на доменот не смее доменот да го дава на користење на други субјекти, доколку поинаку не е утврдено со овој Правилник; тој не смее да се откаже од доменот во корист на трети лица и да презема какви било работи поврзани за домените, доколку тоа го прави за стекнување финансиски, материјални или други користи од друг субјект.

Доколку корисникот на доменот постапи спротивно на претходниот став, МК-ДНС службата ќе му предложи на директорот да го поништи решението. МК-ДНС службата ќе го деактивира доменот и ќе го избрише од регистарот да го деактивира доменот и да го избрише од Регистарот.

Во случајот од претходниот став на овој член соодветно се применуваат одредбите од овој Правилник што се однесуваат на подигнувањето на решението, односно одлука како и на правото и постапката по жалба.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, а според ставот 2 на истиот член од Уставот на Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Законот за основање на македонска академска и истражувачка мрежа ги уредува основањето, статусот, задачите, работата, раководењето, управувањето, функционирањето, надзорот над работата, како и други прашања поврзани со работата на Македонската академска истражувачка мрежа (член 1).

Според член 2 од истиот закон за развој, организација и управување на единствена образовна и истражувачка телекомуникациска мрежа во Република Македонија се основа Македонска истражувачка мрежа како јавна установа која врши дејност од јавен интерес (став 1). МАРнет стекнува статус на правно лице со запишување во Централниот регистар во Република Македонија (став 3).

Според член 5 од Законот:
(1) МАРнет ги врши следниве работи и задачи:

– ја води затворената телекомуникациска мрежа,
– го поттикнува развојот на затворената телекому-никациска мрежа,
– планира, организира и управува со врските меѓу корисниците на телекомуникациските услуги,
– ги води, управува и изведува работите за набавка и изнајмување на потребната програмска, материјална и комуникациска опрема,
– организира и изведува обуки и дава стручна помош на корисниците на телекомуникациските услуги,
– управува со македонски домен (домен mk),
– обезбедува членство и соработка со соодветни меѓународни организации,
– врши компјутерски активности поврзани со истражување и експериментален развој во природните и во техничко-технолошките науки,
– врши работи поврзани со софтвер (подготвува, издава, дава консултации),
– врши консултации во врска со хардвер,
– води база на податоци и обработува податоци,
– води единствен Регистар на регистрирани поддомени во МК-доменот (во натамошниот текст: Регистарот),
– одржува телекомуникациски системи во затворената телекомуникациска мрежа,
– врши издавачка дејност поврзана со остварувањето на телекомуникациските услуги,
– врши работи кои се однесуваат на репродукција на компјутерски медиуми,
– врши услуги на затворената телекомуникациска мрежа за изведување на програмите на образовните дејности,
– врши работи кои се однесуваат на поврзување на затворената телекомуникациска мрежа на корисниците на телекомуникациските услуги,
– обезбедува стручно и техничко поврзување со сродни телекомуникациски мрежи во странство,
– воспоставува, одржува и развива соработка со други телекомуникациски мрежи во Република Македонија и во странство и
– врши и други работи утврдени со закон.

(2) МАРнет ги остварува своите задачи самостојно во согласност со овој и друг закон.

Во член 7 став 1 од Законот е предвидено дека орган на управвување на МАРнет е Управниот одбор.

Во член 10 од истиот закон, дадена е надлежноста на Управниот одбор кој, меѓу другото, во став 1 алинеи 8 и 9, донесува општ акт за начинот на водење на регистарот и донесува општи акти за користење на телекомуникациски услуги.

Оспорениот Правилник за организацијата и управувањето со врвниот македонски домен МК во областа на интернет и за користење на поддомените во него, е донесен, врз основа на член 10 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот, од Управниот одбор на МАРнет.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а посебно од членот 2 од Законот, кој е поместен во Глава I со наслов: „Општи одредби“, јасно произлегува дека МАРнет, како јавна установа која врши дејност од јавен интерес и истовремено има и јавни овластувања, има надлежност за организација и управување на единствена образовна и истражувачка телекомуникациска мрежа во Република Македонија, за чија цел е донесен овој оспорен подзаконски акт. Имено, истиот, со користење на своите законски овластувања дадени во член 2 и член 10 алинеи 8 и 9 од Законот, донесува општи акти за водење на регистарот и истовремено, донесува и општи акти за користење на телекомуникациските услуги. Понатаму, врз основа на наведените законски основи и за наведените цели, МАРнет го донесува, согласно своите законски и јавни овластувања (како јавна институција од јавен интерес) оспорениот правилник, од кое произлегува дека наведената јавна институција во смисла на операционализација на Законот го донесува оспорениот акт,што не е во спротивност со уставните норми ,на што укажува иницијативата.

Понатаму, наводите во иницијативата дека со одредбите од членовите 5, 6, 7, 8, 9 и 10, 36-37 Глава 6 Права и обврски на корисниците на домените и членовите 39-47; Глава 7 Поништување на регистрација и членот 48; Глава 8 Стекнување право на користење донесен со наследување и со отстапување на домен и членовите 49-51 и Глава 9 Решавање спорови и членовите 53-60 од Правилникот, се утврдувале непосредно права и обврски за граѓаните и другите правни лица – корисници на домените што не може да се прави со подзаконски акт, според Судот, се неосновани.

Ова од причина што, од анализата на целината на Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, јасно произлегува дека МАРнет врши работи од тесна стручно-техничка природа и е стручно тело со дејност од специфичен карактер, кој конкретно и децидно се регулира во Правилникот, како подзаконски акт, за кој постои законски основ во конкретниот закон.

Според Судот, оспорениот правилник е пред се фокусиран на сето она што го овластува законот, а тоа е: регистрацијата и бришењето на поддомените, користење на телекомуникациските услуги (алинеи 8 и 9) односно, постапката во врска со регистрацијата, правата и обврските на корисниците на поддомените на врвниот македонски домен МК, решавањето на споровите. Оттука, значи дека оспорениот правилник во целина како и оспорениот член 46 од Правилникот, значи операционализација, односно доразработка на Законот, чии одредби упатуваат на донесување на подзаконски акт од ваков карактер.

Имено, правата и обврските на корисниците, всушност имаат основа во членот 5 од Законот, а останатото се доразработува во оспорениот правилник, што значи дека овие права и обврски на граѓаните, односно корисниците се уредува со законот, а потоа се врши негово доразработување во Правилникот. Исто така и по однос на одредбите за решавање на споровите, јасно произлегува дека истите имаат своја примена во смисла на Законот за општата управна постапка, односно арбитражната постапка согласно овој правилник се покренува врз основа на писмено барање на правно или физичко лице во рамките на конкретната јавна институција. Оттаму, одредбите од Правилникот упатуваат на примена на одредбите на Законот за општата управна постапка, односно упатување на покренување на управен спор пред надлежен суд, што значи дека основот за решавање на споровите е во закон.

Во членот 46 од Правилникот се предвидува дека корисникот на доменот не смее доменот да го дава на користење на други субјекти, доколку поинаку не е утврдено со овој Правилник; тој не смее да се откаже од доменот во корист на трети лица и да презема какви било работи поврзани за домените, доколку тоа го прави за стекнување финансиски, материјални или други користи од друг субјект.

Доколку корисникот на доменот постапи спротивно на претходниот став, МК-ДНС службата ќе му предложи на директорот да го поништи решението.МК-ДНС службата ќе го деактивира доменот и ќе го избрише од регистарот да го деактивира доменот и да го избрише од Регистарот.

Во случајот од претходниот став на овој член соодветно се применуваат одредбите од овој Правилник што се однесуваат на подигнувањето на решението, односно одлука како и на правото и постапката по жалба.

Од анализата на оспорениот член од правилникот, според Судот, обврските дадени во истиот, кои се однесуваат на поништување на решението, како и бришење од регистарот, имаат законски основ и истите децидно се наведени во Законот за централниот регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001, 49/2003, 109/2005, 88/2008 и 35/2011),како и во Законот за трговските друштва, што значи дека истите се законска доразработка,односно истите имаат,пред се,законски основ,поради што Судот смета дека дадените забрани и ограничувања во членот 46 од Правилникот не се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.103/2011
22 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски