78/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1”-Општина Центар-Скопје, број 08-3241/28 од 06.10.2010 година, донесен од страна на Советот на Општина Центар-Скопје, објавен во Службен гласник на Општина Центар број 15 од 08.10.2010 година.

2. Борче Тренчевски и Ванчо Ѓеорѓиев, двајцата од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со членот 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот и на членовите 17 ставови 1, 4 и 5, 24 став 8, 28 и 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање од следните причини: Согласно измените и дополнувањата на членот 17 од Законот во “Службен весник на Република Македонија” број 91/2009 од 23.07.2009 година, мислење по нацрт плановите давала Комисија формирана од градоначалникот на општината, а во конкретниот случај такво мислење не било дадено. Понатаму, според наводите од иницијативата измената и дополнувањето на деталниот урбанистички план, воопшто не можела да отпочне бидејќи согласно членот 28 став 3 од Законот, донесувачот на планот најмалку еднаш годишно изработувал стручна анализа на плановите со која се утврдува евентуална потреба која би укажала на потребата од изменување и дополнување на планот, а таква анализа не била направена. Подносителите на иницијативата го оспоруваат предметниот план поради тоа што на ниедно лице кое поднело анкетен лист со предлози и забелешки по нацрт измените и дополнувањето на планот, не им било доставено известување за прифатените или неприфатените предлози и забелешки. На крајот со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка односно на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената Одлука.

3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општината Центар-Скопје “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 1/06, член 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007 и 91/2009), на 34-тата седница одржана на 06.10.2010 година, донел Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1”-Општина Центар-Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1”-Општина Центар, Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје “Службен гласник на Град Скопје” број 08/2002, Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007 и 91/2009), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 78/2006, 140/2007, 12/2009, 52/2010 и 62/2010 и Правилникот за поблиската содржина размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” број 78/2006).

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од член 2 е содржаната со документационата основа, планската документација, нумеричкиот дел и условите за градбата, како и графичкиот дел со документациона основа и плански развој.

Во членот 4 од Одлуката се наведени составните делови на одлуката заедно со извештајот од спроведената јавна презентација и јавна анкета и друго.

Во членот 5 од Одлуката, се наведени административните работи во врска со заверка на предметниот план, бројот на примероците, чувањето, доставувањето на органите и местото на изложување на планот заради достапност на јавноста.

Во членот 6 од Одлуката е наведена обврската на Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар во рок од 30 дена од донесување на предметниот план да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон и предавање на картираните подлоги на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење, а според членот 7 од Одлуката, истиот Сектор е задолжен за чување и реализација на Планот.

Во член 8 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“-Скопје.

Одлуката е донесена под бр.07-3241/28 од 06.10.2010 година и е објавена во службеното гласило број 15 на 08.10.2010 година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009).

Постапката за донесувањето на оспорената Одлука отпочнала по влегувањето во сила на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година и измените и дополнувањата на Законот од 2007 година. Во текот на постапката во 2009 година, Законот претрпел повторно измени и дополнувања но согласно со членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2009) постапките за донесување на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005 и 137/2007). Оттука, анализата на правната и фактичката состојба се изврши во однос на одредбите од Законот од 2005 година и неговите измени и дополнувања од 2007 година.

Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.

Cо членот 17 од Законот е уредено:

(1) За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма.

(2) Програмата од ставот (1) на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

(3) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.

(4) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.

(5) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и Градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

(6) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.

Со членот 21 од Законот е определено:

(1) На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон.

(2) Стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.

(3) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови или се истакнати научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање.

(4) Стручна ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје, врши овластено правно лице од членот 18 став (1) на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје.

(5) Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

(6) Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3).

Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 10 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.

Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени.

Во ставот 4 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 9 од Законот, општините во градот Скопје, урбанистичките планови ги донесуваат по претходно добиено мислење од градоначалникот на градот Скопје – за што градоначалникот овластува стручно лице, дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање. Мислењето од градоначалникот на градот Скопје се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека мислењето е дадено.

Со членот 28 од Законот е определено дека:

(1) Планирањето на просторот се врши за период од најмалку:
-петнаесет години за Просторен план на Републиката, десет години за генерален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон од населено место и
-пет години за детален урбанистички план.

(2) Со донесување на нов Просторен план на Републиката и нов урбанистички план, престанува да важи постојниот план.

(3) Пред истекот на пропишаниот плански период за плановите од членот 7 на овој закон, донесувачот на планот најмалку еднаш годишно изработува стручна анализа на плановите со која се утврдува евентуалната потреба од изменување и дополнување на плановите или дел од плановите.

(4) По истекот на пропишаниот плански период, градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје овластува стручно лице дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство од областа на урбанистичкото планирање кое е задолжено за следење на урбанистичките планови, да изготвува анализа за степенот и квалитетот на реализацијата на плановите, новонастанатите промени и потребите на развој и подготвува програма за изработка на урбанистички планови.

(5) Измени и дополнувања на плановите и делови од планови од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот оцени дека Општина Центар-Скопје, како доносител на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата, ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Од приложената документација се утврди дека при донесување на оспорената одлука биле преземени следниве дејствија:

-Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2009 година, број 07-3333/3 од 29.12.2008 и Програма за работа на Советот на Општина Центар за периодот јануари-декември 2009 годинаброј 07-386/8 од 09.02.2009 година;

-Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2010 година, број 07-3727/6 од 28.12.2009 година, донесена од Советот на Општина Центар и Програма за работа на Советот на Општина Центар за периодот јануари-декември 2010 годинаброј 07-200/4 од 29.01.2010 година;

-Стручна ревизија на изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, Нацрт-план на Општина Центар број 08-93/2 од 11.02.2009 година од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг простор ДОО Куманово;

-Одговор на ревизија на изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, Општина Центар, Нацрт-план од февруари 2009 година, изготвен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-Пума“-Скопје;

-Стручно мислење на Нацрт-планот од Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот број 16-4373/2 од 04.05.2009 година;

-Даден одговор од планерите-Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-Пума“-Скопје од јуни 2009 година, на стручното мислење од Министерството за транспорт и врски по Нацрт-планот, пред организирање на стручна расправа и јавна анкета;

-Одржана седница и изготвен записник од седницата на Партиципативното тело од областа на урбанизмот на Општина Центар одржана на 06.07.2009 година, на која седница се разгледувал Предлог-одлуката за утврдување на нацрт-измената и дополната на Деталниот урбанистички план на градската четврт “Дебар Маало 1” – Општина Центар на која помеѓу другото било истакнато дека целта на планот бил создавање на услови за рационално планирање и користење на просторите за градба со внесување на нови параметри за реализација согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, а имајќи ја предвид неговата усогласеност со Законот за заштита на културното наследство;

-Дадено мислење по Нацрт-планот од Градот Скопје, број 09/13-1024/1 од 13.04.2009 година;

-Даден одговор од планерите-Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-Пума“-Скопје по мислењето од Градот Скопје, јуни 2009 година;

-Донесена е Одлука за утврдување Нацрт-Измена и дополна на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 07-1931/10 од 15.07.2009 година од Советот на Општина Центар на седницата одржана на 15.07.2009 година, донела;

-Решение за објавување на Одлуката за утврдување Нацрт-Измена и дополна на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 08-1931/9 од 15.07.2009 година;

-Решение за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт- Измена и дополна на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 08-2141/1 од 22.07.2009 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар Скопје, во кое е наведено дека јавната презентација ќе се одржи во просториите на салата на Совет на Општина Центар барака 6 на ден 27.07.2009 година со почеток во 10,00 часот и дека јавната анкета ќе трае 15 работни дена од денот на објавувањето на Соопштението.

-Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт- Измена и дополна на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 08-2141/2 од 22.07.2009 година;

-Барање за објавување на Соопштението за организирање Јавна презентација и Јавна анкета, број 08-2141/2 од 23.07.2009 година;

-Изводи од дневни весници “Време“ и “Дневник“, двете од 24 јули 2009 година, во кои е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета;

-Решение за формирање на стручна комисија број 08-2141/3 од 27.07.2009 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар;

-Извештај по спроведена Јавна презентација по Нацрт на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 26-112/7 од 13.08.2010 година;

-Извештај од Јавна анкета по нацрт на измени и дополнувањата на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, спроведена во просториите на урбана заедница “Дане Крапчев”-Скопје, во период од 24.07.2009 година до 14.08.2009 година, број 26-112/8 од 13.08.2010 година за вкупно 67 доставени анкетни листови на граѓани;

-Приемна книга (лист) од Македонска пошта, вкупно 3 листови за извршена достава на извештај од јавна анкета на вкупно 67 граѓани;

-Известување за постапување по Извештајот по спроведена Јавна анкета по Нацрт на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 26-112/9 од 13.08.2010 година;

-Мислење (позитивно) број 10-139/2 од 11.08.2010 година, за застапеност на мерките за заштита и спасување за измена и дополна ДУП “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, издадено од Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение за заштита и спасување Центар;

-Мислење (позитивно) број 13-2949/1 од 17.08.2010 година, по Предлог-план, издадено од Град Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот;

-Мислење (позитивно) број 08-2106/4 од 20.08.2010 година, по Предлог-план, издадено од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство;

-Дадена согласност на Предлог-изменување и дополнување на Детален урбанистички план за Градска четврт “Дебар Маало 1” Општина Центар-Скопје, број 16-8373/2 од 20.08.2010 година, издадено од Министерството за транспорт и врски;

-Донесена е Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт “Дебар Маало 1”, Општина Центар-Скопје, број 07-3241/28 од 06.10.2010 година од Советот на Општина Центар и

-Објавена е предметната одлука во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 15/2010 од 08.10.2010 година.

Сo иницијативата ce оспорува предметната одлука бидејќи мислење по Нацрт-планот не било дадено од Комисија формирана од градоначалникот на општината, а тоа било предвидено во членот 17 став 4 од измените и дополнувањата на Законот во “Службен весник на Република Македонија” број 91/2009 од 23.07.2009 година. Имајќи ги во предвид цитираните одредби од Законот вклучетелно и неговите измени и дополнувања кои беа во примена при донесувањето на оспорената одлука (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005 и 137/2007), Судот оцени дека ваквите наводи од иницијативата не се основани. Имено, членот 17 од Законот кој бил во примена во време на постапувањето на надлежните органи за донесување на оспорената одлука, не содржи одредба за давање на мислење по нацрт плановите од страна на таква Комисија. Таква одредба е предвидена со измените и дополнувањето на Законот од 2009 година кој влегол во сила на 31 јули 2009 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2009), но со членот 35 од тие измени е уредено дека постапките за донесување на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2005 и 137/2007). Во конкретниот случај постапката за донесување на предметната одлука е започната пред влегувањето во сила на тие законски измени и дополнувања, а започнатата постапка по влегувањето во сила на тие измени и дополнувања, видно од приложената документација, веќе била во завршна фаза, односно во фаза на прибирање на анкетни листови. Воедно, видно од приложената документација, стручно мислење по однос Нацрт-планот е даден од страна на Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот број 16-4373/2 од 04.05.2009 година, односно постапено е согласно одредбата од член 25 став 1 од Законот, која била во примена во време на донесувањето на предметниот план, а исто така прибавено било и мислење по Нацрт-планот од Градот Скопје, број 09/13-1024/1 од 13.04.2009 година.

Неосновани се исто така наводите од иницијативата дека оспорената одлука не била донесена во законита постапка бидејќи надлежната стручна комисија по спроведената јавна анкета, на ниедно лице кое поднело анкетен лист не му доставило известување за прифатени или неприфатени предлози или забелешки, бидејќи видно од Извештајот од Јавната анкета по Нацрт на измените и дополнувањата на предметниот план, број 26-112/8 од 13.08.2010 година и Приемната книга (лист) од Македонска пошта со вкупно 3 листови, се утврди дека сите 67 граѓани кои поднеле анкетни листови, писмено биле известени за прифаќање или неприфаќање на нивните предлози и забелешки. Оттука, Судот оцени дека овие наводи се неосновани и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос наводите од иницијативата дека постапката не била законита, бидејќи пред нејзиното започнување, не била направена стручна анализа од доносителот на планот за евентуална потреба од пристапување кон изменување и дополнување на конкретниот план, а тоа било предвидено во членот 28 став 1 алинеја 2 од Законот, според кој планирањето на просторот за детален урбанистички план се вршел за период од најмалку 5 години, а според ставот 3 од овој член од Законот, пред истекот на пропишаниот плански период за плановите од членот 7 од Законот, донесувачот на планот најмалку еднаш годишно изработувал стручна анализа на плановите со која се утврдува евентуална потреба од изменување и дополнување на плановите или дел од плановите. Меѓутоа со овие наводи не може да се оспорува постапката бидејќи тие и не се однесуваат на постапката туку се однесуваат на претходен период пред започнување на постапката, што за овој суд е ирелевантно во однос на уставно судската анализа на оспорениот план. Ова од причини што Уставниот суд на Република Македонија при оцената на уставноста и законитоста на плановите, ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и претходните работи и работни задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа надлежни за донесување на планот. Оттука, програмите, анализите, проценките и други прашања во врска со идни потреби и целисходности од пристапување или непристапување кон донесување на плановите или нивни измени и дополнувања, е политика на делување на локалната самоуправа во рамките на Законот за просторното и урбанистичко планирање и тоа не е директно поврзано со постапката во која плановите се донесуваат или менуваат, конкретно и на предметната во која е донесен оспорениот план. Без оглед на наведеното, фактичката состојба покажува дека имало системско планирање на просторот во врска со предметниот план, преку програми за урбано планирање со детални анализи за потребите и целисходноста од планирањето во што со свои мислења и анализи биле вклучени и други надлежни институции како НУ Конзерваторски центар-Скопје и Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство и т.н. Воедно, пред започнување на постапката, одржана била и седница на Партиципативно тело од областа на урбанизмот на Општина Центар одржана на 06.07.2009 година, на која седница се разгледувал Предлог-одлуката за утврдување на нацрт-измената и дополната на Деталниот урбанистички план на градската четврт “Дебар Маало 1” – Општина Центар, што значи дека преку Партиципативното тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, биле следени состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и Градот Скопје (член 17 став 5 од Законот).

Имајќи ги во предвид цитираните одредби од Законот и неговите измени и дополнувања, кои биле во примена при донесувањето на оспорената одлука, како и приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлегува дека предметната постапка е законито спроведена, бидејќи Судот утврди дека при нејзиното донесување се испочитувани сите фази во постапката, односно се утврди дека Советот на општина Центар при донесување на оспорената одлуката во целост ги испочитувал одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 78/2011
22 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски