180/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана заедница 2 дел од урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015, бр. 07-1764/12 од 26.05.2011 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 5 од 30.05.2011 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение со член 3, член 9 и член 40 став 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

3. Здружение на граѓани „Кула Кеј Охрид“ од Охрид, преку полномошник адвокат Драган Гоџо од Охрид од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски, Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука и донесениот Детален урбанистички план (ДУП), предвидена била маркица за градба на колективна станбена зграда на дворното место на постојна изградена зграда, на растојание кое било помало од растојанието предвидено со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со што целосно се затварал слободниот простор и помеѓу две веќе изградени згради се предвидувала трета зграда која двете згради ги затвара, а и самата ново предвидена зграда уште од старт била со блокирани перспективи и визури. Постојниот објект имал еркери со димензии од 1,50 метри што уште повеќе го стеснувало дозволеното растојание. Со тоа се нарушувал квалитетот на живеењето, погледот и приватноста, како на станарите на постоечката зграда, така и на станарите на идната зграда доколку се изгради. Кога подносителите на иницијативата ги купувале становите постоечката зграда имала дворно место на кое било предвидено да се гради детско игралиште, а со новиот ДУП и со новата маркичка целосно се намалувала вредноста на постоечките станови. Новиот ДУП требало да биде похуман и да обезбеди поквалитетна урбанизација отколку стариот, да ја зголеми вредноста на недвижностите, а на постоечките објекти да не им ја намали вредноста.

Постапката за донесување на оспорената одлука исто така не била почитувана. Законот за урбанистичко планирање го афирмирал начелото на јавност. Тоа начело не значело само право да се изложи планот на јавен увид, туку изготвувачот бил должен да одговори на сите писмени приговори доколку не ги прифати. Во конкретниот случај, станарите поднеле најмалку 4 приговори во текот на постапката, но ниту еден од нив не добил одговор.

Според подносителот на иницијативата, при донесувањето на оспорената одлука, органите кои ја започнале и воделе постапката не ги почитувале член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот, член 4 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 3, член 9 и член 40 став 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката, до донесување на конечна одлука од Судот со која оспорената одлука ќе биде поништена или укината.

4. Судот на седницата утврди дека Одлукатa за донесување Детален урбанистички план за Урбана заедница 2, дел од Урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015, е донесена врз основа на членовите 11, 22 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2011) и член 18 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 8/2007), на седницата на Советот на Општина Охрид, одржана на 26.05.2011 година.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Урбана заедница 2, дел од Урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015.

Според членот 2 од Одлуката, со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 3,45 ха. Просторот на планскиот опфат по Деталниот урбанистички план за Урбана заедница 2, дел од Урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015 е опфат на границите: ул.Кеј Маршал Тито, ул.Партизанска и ул. Први мај.

Согласно член 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план е изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ДОО Гостивар со технички број 48/09 и содржи: планиран развој – текстуален дел и графички прилог; документациона основа со текстуален дел и графички прилози.

Според членот 4 од оваа одлука Деталниот урбанистички план се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на Општина Охрид.

Согласно член 5 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.

Членот 6 од Одлуката предвидува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Охрид”.

Одлуката е заверена во архивата на Општина Охрид под број 07-1764/12 од 26.05.2011 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Охрид “ бр. 5 од 30 мај 2011 година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Согласно член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Согласно став 2 на овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Според став 3 на истиот член, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според член 15-а став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според членот 29 став 1 од Законот, по барање на изработувачот на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, органите на државната управа и другите субјекти кои ги вршат работите од областа на образованието, земјоделството, водостопанството, заштитата и спасувањето, противпожарната заштита, здравствената заштита, транспортот и врските и државните патишта се должни да му ги достават сите податоци и информации со кои располагаат, потребни за изработка на наведените планови, државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, во рок од осум работни дена од денот на приемот на барањето. Поради сложеноста на работите, органот на државната управа и другите институции кои ги вршат работите од областа на културата, податоците и информациите се должни да ги достават во рок од 15 работни дена од денот на приемот на барањето.

Од доставената документација за донесување на оспорената одлука, Судот утврди дека Советот на Општина Охрид има донесено Програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2010 година, бр. 07-3458/6-1 од 29.12.2009 година, каде во делот II. Планови кои се во фаза на изработка, а ќе се финансираат од физички и правни лица, во точката 2. стои: ДУП за УЗ 2 дел од урбан блок 2.1 опфат 2 – католичка црква, граници: Кеј Маршал Тито, Јане Сандански, Партизанска и ул. Први мај, површина 3,45 ха.

Планската програма за Деталниот урбанистички план УЗ 2 дел од урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид, изработена од страна на ДПУП „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ Гостивар, е заведена во Општина Охрид – Урбанизам и заштита на животна среднина, под бр. 09-3487/3 од 27.10.2009 година.

Нацрт-планот е изработен во декември 2009 година од страна на „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“, носи тех. бр. 48/09.

На Нацрт-планот е изработена Стручна ревизија од Трговското друштво за просторни и урбанистички планови, проектирање,инженеринг и др. „Урбанплан“ -Тетово од јули 2009 година, за што е сочинет извештај, бр. 03-03/10 од 11.03.2010 годинаво која има забелешки и сугестии кои треба да се вградат во планот.

Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата од март 2010 година ги прифатил забелешките.

Со Одлука бр.07-999/26 од 29.04.2010 година, Советот на општина Охрид го утврдил нацрт-планот и определил градоначалникот да организира јавна презентација и јавна анкета по нацрт-планот, која ќе трае најмалку 10 работни дена.

За организирање на јавната анкета и јавната презентација на Нацрт-планот, градоначалникот на Општина Охрид донел Решение број 09-188/6 од 03.05.2010 година, со кое определил јавната анкета да трае од 04.05 2010 до 18.05.2010 година, а јавната презентација да се одржи во големата сала на Општина Охрид на ден 10.05.2010 година, со почеток во 11,00 часот, за што е изготвено и доставено соодветно соопштение.

За одржаната јавна презентација на Нацрт-планот изготвен е записник, бр. 09-188/8 од 10.05.2010 година.

Од извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.09-188/9 од 11.06. 2010 година се констатира дека биле доставени 40 анкетни листови со забелешки на планот, кои се разгледани од Комисија за оценување и изработка на извештај по спроведената јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, формирана со решение на градоначалникот на Општина Охрид, при што забелешките во 24 анкетни листови се прифатени, забелешките во 4 анкетни листови се делумно прифатени, со даден одговор за тоа, а забелешките во 12 анкетни листови не се прифатени, со даден одговор за неприфаќањето.

Според Известување на Општина Охрид – Сектор за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој, бр. 09-21/6 од 28.02.2011 година, во Предлог- планот е постапено според образложението во извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација, односно прифатените и делумно прифатените забелешки се вградени во планот.

Во текот на постапката, Општина Охрид побарала и добила мислења по Нацрт планот од следните органи:

– Министерството за животна средина и просторно планирање, бр. 08-6127/2 од 18.08.2010 година и Министерството за животна средина и просторно планирање – Управа за животна средина бр. 11-8126/2 од 27.10.2010 година,

– Министерството за одбрана, бр. 17/6-50/46 од 11.08.2010 година,
– Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение Охрид, бр. 10-339/2 од 26.11.2010 година,
– ЕВН Македонија КЕЦ Охрид, бр. 24-1848/2 од 29.12.2010 година,
– ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија, бр. 09-3523 од 23.08.2010 година,
– Министерството за култура – Управаа културното наследство, бр. 08-2160/4 од 13.12.2010 година,
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бр.12-8095/2 од 18.08.2010 година.

Барањето за давање согласност на Предлог-планот било доставено до Министерството за транспорт и врски на 08.03.2011 година под бр.09-301/8.

Министерството за транспорт и врски со акт бр.16-3737/2 од 04.05.2011 година, дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план.

На 26 мај 2011 година Советот на Општина Охрид, ја донел оспорената Одлука за донесување на ДУП за Урбана заедница 2 дел од урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015, бр. 07-1764/12 од 26.05.2011 година, која е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.5/2011.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во постапката за донесување на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, односно запазена е постапката за донесување на нацрт-планот, извршена е стручна ревизија на истиот, спроведена е јавна анкета и јавна презентација, со анкетни листови и одговор – известување на пристигнатите анкетни листови, добиени се сите потребни мислења на предлог-планот и добиена е согласност од Министерството за транспорт и врски за донесување на планот.

Во врска со наводите во иницијативата дека при донесување на оспорената одлука било повредено начелото на јавност, затоа што станарите поднеле најмалку 4 приговора во текот на постапката, но ниту еден од нив не добил одговор, Судот го имаше предвид следното:

Според одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање (член 24), по нацрт-планот на деталниот урбанистички план, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета, за што се изготвува писмен извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки, при што стручната комисијата која го изработила извештајот е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во конкретниот случај, видно од Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-план – Детален урбанистички план за Урбана заедница 2, дел од Урбан блок 2.1 опфат 2 Општина Охрид 2010-2015, со технички број 48/09 од декември 2009 година, заведен во Општина Охрид- Сектор за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој под број 09-188/9 од 11.06.2010 година, станарите на зградата на ул. „Партизанска“ П+7 и зграда П+3+П, поднеле анкетни листови бр. 09-1153/4 и бр. 09-1153/3, од 07.05.2010 година. Видно од доставените анкетни листови, произлегува дека двата анкетни листа се со идентична содржина и од исти подносители.

За неприфаќањето на забелешките изнесени во анкетниот лист бр. 09-1153/3 од 07.05.2010 година, Комисијата ги известила станарите на зградата на ул. „Партизанска“ П+7 ката и други, со акт бр. 09-1153/3 од 01.03.2011 година, со образложение – ГП 2,1,3 е испланирана согласно постојните законски прописи. Ова известување, иако било испратено на адреса наведена во анкетниот лист – станари на зграда на ул. Партизанска П+7 и други, ул Партизанска бб Охрид, било вратено од поштата со назнака дека адресата е непозната.

Општина Охрид – Сектор за урбанизам и заштита на животната средина, со свој акт бр. 09-863/1, 10-863/1 од 20.04.2011 година, доставил одговор до Заедницата на станарите на станбена зграда ул.„Партизанска“ бб Охрид, на нивните барања бр. 09-863 од 13.04.2011 година и бр. 10-863 од 18.04.2011 година, во врска со спорниот ДУП за кој била во тек постапката за негово донесување. Во истиот акт, покрај одговорот на барањата, станарите биле известени дека изготвеното известување од комисијата за неприфаќање на забелешките и предлозите во нивниот анкетен лист бр. 09-1153/3 од 07.05.2010 година, на 01.03.2011 година било испратено на нивната адреса (ул.„Партизанска“бб) и вратено назад како непозната адреса. Примерок од истиот акт бил доставен и на адреса на Ангелина Кипријановска, ул.„Д.Обрадовиќ“ бр. 15/18 Скопје.

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека Општина Охрид ја испочитувала законската обврска за писмено известување на станарите на ул. „Партизанска“ П+7 и други, за неприфаќањето на забелешките во анкетниот лист бр. 09-1153/3 од 12.05.2010 година, со образложение за неприфаќањето, а фактот што писменото се вратило назад заради непозната адреса, не е од влијание за законитоста на постапката, затоа што известувањето било доставено на адреса наведена во анкетниот лист. Со оглед на идентичната содржина и истиот идентитет на подносителите на анкетните листови бр. 09-1153/3 од 12.05.2010 и бр. 09-1153/4 од 12.05.2010, според Судот, известувањето за неприфаќањето на забелешките за едниот анкетен лист, во суштина се однесува и на неприфаќањето на забелешките на вториот анкетен лист, поради што со доставувањето на само едно известување за неприфаќање на изнесените забелешки, не е повреден членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Исто така, видно е дека Општината одговорила и на две барања на станарите во врска со оспорениот ДУП, иако истите биле доставени надвор од постапката за јавна анкета и јавна презентација, од каде произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека Општината не одговорила писмено на барањата на станарите и дека со тоа било повредено начелото на јавност во постапката на просторното и урбанистичкото планирање.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одлука и новиот ДУП се намалувал квалитетот и вредноста на постојните становите, се нарушувал квалитетот на живеењето, погледот и приватноста, како на станарите на постоечката зграда, така и на станарите на идната зграда доколку се изгради, за Судот се ирелевантни, од причина што овие забелешки се однесуваат на содржината и стручно-технички прашања поврзани со деталниот урбанистички план, што е во надлежност на доносителот на планот и надлежните органи кои даваат согласност на истиот, а Уставниот суд има надлежност да ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Во однос на наводите во иницијативата според кои оспорената одлука не била во согласност со член 3, член 9 и член 40 став 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Судот го имаше предвид следното:

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од надлежностите утврдени во член 110 од Уставот, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Во конкретниот случај, оспорената одлука е пропис со иста правна сила како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (подзаконски акт), поради што Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност и настанати се деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.180/2011
22 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски