У.бр.16/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 15 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА барањето на Зоран Николов од Гевгелија, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, повредени со Пресудата РОЖ бр.676/10, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 10 ноември 2010 година.

2. Зоран Николов од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во барањето, причини поради кои се бара заштита на наведените слободи се: несогласноста на наведената пресуда со законите, Уставот и со практиката на редовните судови. Во таа смисла, се наведува дека членот 105 став 1 од Законот за работните односи определувал работникот да има право на заработувачка-плата согласно со, покрај другото, договорот за вработување, членот 5 од Законот за исплата на платите во Република Македонија пропишувал просечната месечна нето плата по работник да не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во гранката на која и припаѓа дејноста на работодавачот, членот 32 став 3 од Уставот гарантирал дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, а членот 51 став 2 од Уставот определувал дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во однос на практиката на редовните судови, се наведува дека постоеле пресуди од истиот суд и судии донесени по истиот основ и меѓу истите странки односно меѓу истите полномошници-адвокати, а кои пресудиле поинаку отколку што тоа се правело со оспорената пресуда. Се бара Уставниот суд да ја заштити уставноста и законитоста повредени со наведената пресуда.

Во дописот доставен до Судот заради прецизирање и појаснување на Барањето, подносителот на Барањето наведува дека оспорената пресуда, покрај тоа што била спротивна со законите, била спротивна и на слободата на уверувањето и совеста бидејќи за истата материја како во предметот РОЖ бр.1493/10 била донесена поинаква пресуда РОЖ бр.676/10, а со тоа била повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изнесување на мислата на подносителот на барањето така што еднаш имал право на плата за шест месеци и за еден месец, а другпат немал право на плата за десет месеци.

3.Судот на седницата утврди дека со Пресуда П бр.325/05, донесена од Основниот суд во Гевгелија на 11 јануари 2010 година, усвоено е тужбеното барање на тужителот Зоран Николов и тужениот ДТПП „Солун 2001“ АД Гевгелија е задолжен да му плати на тужителот надомест за извршена работа како член на Управниот одбор за определен период и неисплатена плата исто така за определен период, а сето тоа со законска затезна камата од поднесувањето на тужбата до конечната исплата, како и да ги надомести трошоците во постапката.

По жалба од тужениот ДТПП „Солун 2001“ АД Гевгелија, Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда РОЖ бр.676/10 од 10 ноември 2010 година и со неа ја усвои жалбата, а Пресудата на Основниот суд во Гевгелија П бр.325/05 од 11 јануари 2010 година ја преиначи и пресуди тужбеното барање на тужителот Зоран Николов, за исплата на надомест за извршена работа како член на Управниот одбор и на име неисплатени плати, да се одбие како неосновано и тужителот е задолжен да ги плати трошоците на тужениот.

Според наводите во Барањето за заштита на слободите и правата, доставено до Уставниот суд, подносителот на барањето наведува дека против Пресудата РОЖ бр.676/10 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 10 ноември 2010 година, поднел жалба на 11 јануари 2011 година до Врховниот суд на Република Македонија поради неправично судење односно поради повреда на правото на судење во разумен рок.

Во Решението ПСРРГ бр.763/2011, донесено од Врховниот суд на Република Македонија на 26 октомври 2011 година по барањето на Зоран Николов за заштита на правото на судење во разумен рок, утврдено е, покрај другото, дека Пресудата РОЖ бр.676/10 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 10 ноември 2010 година била примела од тужителот Зоран Николов на 15 декември 2010 година.

Според тоа, оспорената пресуда е примена од подносителот на барањето на 15 декември 2010 година, а Барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено на 13 и 27 јануари 2012 година.

4.Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност .

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Од изнесената одредба од Деловникот на Судот произлегува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд, но во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај барањето за заштита на слободите и правата е поднесено по истекот на периодот од 2 месеци, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.16/2012
15 февруари 2012 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски