Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Снежана Лазаревска од Скопје, за заштита на слободите и правата по основ на социјална основа – спречување на професионален развој и усовршување на физиотерапевтската дејност во Република Македонија, повредени од страна на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ Скопје, со Известување од Советот на студиската програма за трет циклус студии по медицина, бр. 09-4960/10 од 17.10.2011 година.
2. М-р.сци. Снежана Лазаревска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на социјална основа, повредени со Известување од Советот на студиската програма за трет циклус студии по медицина, бр. 09-4960/10 од 17.10.2011 година.
Според наводите во барањето, дискриминацијата во конкретниот случај била сторена на начин што Советот на студиската програма за трет циклус студии по медицина, наместо да донесе конечен акт – решение, со писмо – Известување ја известил именуваната, која е дипломиран физиотерапевт и магистар на науки по јавно здравство, дека не ги исполнува условите според Конкурсот и Правилникот за условите и критериумите за запишување на докторски студии по медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, затоа што не била лекар, поради што била направена повреда на нејзиното право за можност за понатамошно барање на нејзините права по правен пат.
Со неправедниот и дискриминирачки став од страна на лекарите кон сите останати здравствени професии, меѓу кои спаѓаат и физиотерапевтите (иако се едуцираат на истиот медицински факултет), злоупотребувајќи ја автономијата на факултетот и грубо кршејќи ги одредбите на Законот за високото образование, на именуваната и било оневозможено можеби да биде првата студентка на докторски студии од нејзината професија во Република Македонија.
Со ваквиот став на Медицинскиот факултет во Скопје, не само што не се почитувале одредбите на Законот за високото образование, туку и грубо се кршеле правата на секој здравствен професионалец кој ги исполнувал условите да продолжи со својата континуирана едукација за подигање на нивото на своето професионално усовршување, што претставувало основно начело како во медицината, така и во општеството во целина, со цел подобрување на професионалните стандарди.
Поради тоа именуваната бара од Уставниот суд да ја исправи оваа нерегуларност и да и овозможи не само нејзе, туку и на сите нејзини колеги да го подигнат своето ниво на образование и да бидат на ист ранг со нивните колеги во Европската унија, бидејќи Република Македонија била земја потписничка на Болоњската декларација која требало и доследно да се спроведува кај сите професии.
3. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето, Снежана Лазаревска, е дипломиран физиотерапевт, кој со високо образование се стекнал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина – Косово. Со Одлука на Министерот за образование, бр. 09-7910/7 од 30.05.2006 година, дипломата издадена на име Снежана Лазаревска на 05.12.2005 година, под реден бр. 3 од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Приштина – Косово, во Република Македонија се признава како документ за завршено високо образование и звање Дипломиран физиотерапевт.
Именуваната се стекнала со научен степен магистер на науки од областа на јавното здравство на Медицинскиот факултет во Скопје (Универзитетска диплома издадена од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Медицински факултет, бр. 21 од 12.02.2010 година).
Именуваната конкурирала за запишување на докторски студии по клиничка медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје во учебната 2011/2012 година (Конкурс бр.0802-2973/1 од 15.07.2011 година).
Советот на студиската програма за докторски студии по медицина, со свој акт-Известување, бр. 09-4960/10 од 17.10.2011 година, ја известил именуваната дека го разгледал нејзиниот приговор поднесен во утврдениот рок на прелиминарната листа на кандидати кои не ги исполнуваат условите за упис на докторски студии и констатирал дека приговорот е неоснован поради неисполнување на конкурсните условите, односно неадекватен степен на додипломски студии (завршени тригодишни стручни студии, а нема завршено медицински факултет), поради што нема ниту право да запише специјализација по физикална медицина што е еден од условите во конкурсот (втора половина од специјализација или специјалист физијатар).
По писмена претставка од именуваната, Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Медицински факултет, на ден 15.12.2011 година, за што е сочинет Записник бр. 21-1188/2 од 19.02.2011 година. Видно од Записникот, по констатираната состојба, Државниот просветен инспектор заклучил дека лицето Снежана Лазаревска не ги исполнувала условите согласно член 15 став 2 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии на УКИМ (Универзитетски гласник бр. 150/2010), како и посебните услови од објавениот конкурс за запишување студенти на трет циклус – докторски студии на студиските програми на УКИМ – Скопје во академската 2011/2012 година, поради што се констатира дека поднесената претставка е неоснована.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот,Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата на Снежана Лазаревска, произлегува дека суштината поради која се бара заштита на правото е незадоволството на подносителот на барањето од известувањето на Советот на студиската програма за трет циклус студии по медицина при Медицинскиот факултет – Скопје, со кое именуваната е известена дека не ги исполнува условите за упис на докторски студии по клиничка медицина, затоа што има неадекватен степен на додиполомски студии ( тригодишни стручни студии), а нема завршено медицински факултет, што е услов за уписот. Како што се наведува во барањето, подносителката смета дека ги исполнува условите за упис на наведените докторски студии, поради што со наведеното известување не се почитуваат одредбите на Законот за високото образование и грубо се кршат правата на секој здравствен професионалец кој ги исполнувал условите да продолжи со својата континуирана едукација за подигање на нивото на своето професионално усовршување, што претставувало основно начело како во медицината така и во општеството во целина, со цел подобрување на професионалните стандарди. Поради наведеното, именуваната смета дека е предмет на дискриминација по социјална основа – спречување на професионален развој и усовршување на физиотерапевтската дејност во Република Македонија од страна на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, поради што бара од Уставниот суд да ја исправи наведената нерегуларност и да и овозможи не само на именуваната, туку и на сите нејзини колеги, да го подигнат своето ниво на образование и да бидат во ист ранг со нивните колеги во Европската унија, со што ќе се овозможи личен и професионален развој на физиотерапевтската дејност во Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека барањето на именуваната не се однесува на заштита на слободите и правата кои Уставниот суд е надлежен да ги штити согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, туку претставува барање Уставниот суд, како инстанционо највисок орган, да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен. Имено, Уставниот суд нема надлежност да ги утврдува и преиспитува условите за упис на докторски студии по клиничка медицина, ниту да се впушта во оцена на тоа дали конкретен кандидат ги исполнува условите за упис на овие студии, што се прашања од надлежност на универзитетот и неговите стручни тела.
Во однос на наводот дека на именуваната и е доставено известување по приговорот поднесен во утврдениот рок на прелиминарната листа на кандидати кои не ги исполнуваат условите за упис на докторски студии, а не решение и дека со тоа и е повредено правото за понатамошно барање на нејзините права по правен пат, Судот имаше предвид дека подносителот на барањето, во врска со случајот, побарала правна заштита од Државниот просветен инспекторат, кој постапил по претставката и извршил вонреден инспекциски надзор во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје – Медицински факултет, од каде произлегува дека именуваната, во врска со овој случај, го користи правото на натамошна правна заштита пред надлежните институции и дека формата на актот со кој и било одговорено по приговорот, не е пречка за остварување на таква правна заштита.
Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.228/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски