Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/07, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/2010, 24/2011 и 51/2011).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на член 19 став 5 со ставовите 1, 2, 3 и 4 од истиот член на Законот означен во точка 1 на ова решение.
3. Мирко Стреоски од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата (со иницијативата се оспорува член 19 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, но Судот, според образложението на иницијативата, утврди дека станува збор за оспорување на член 19 став 5 од Законот), со оспорената одредба се ставале во нееднаква положба старосните пензионери со останатите категории пензионери, затоа што не се земала за утврдување на пензиската основа платата, односно надоместокот на плата во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија и се правел обид да се дерогира ставот 1 во истиот член со кој е утврдено дека старосна пензија се утврдува од месечниот просек на плати што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година.
И ставот 2 и ставот 3 во истиот член 19 од Законот, пензиската основа за остварување на старосна пензија ја поврзувале исклучиво со времето на вкупното траење на осигурувањето, што значело дека времето на осигурувањето било основ за признавање на пензискиот стаж, а пензискиот стаж бил основ за утврдување на пензиската основа, во спротивно со право подносителот на иницијативата го поставувал прашањето каде завршуваат средствата од пензиското и инвалидското осигурување уплатени од работодавачот во годината на пензионирањето и дали со исклучокот направен во оспорениот став 4 од овој член, граѓаните на Република Македонија се ставале во нееднаква положба и се создавал простор да се наруши владеењето на правото, затоа што со примената на оспорената одредба се оштетувале осигурениците кои остваруваат старосна пензија.
Со оспорениот став 4 на членот 19 од Законот се повредувале основните човекови права по основ на стекнување на право на старосна пензија за време на вкупното траење на осигурувањето со што се повредувало правото на стекнување на старосна пензија под еднакви усови за сите осигуреници од член 11 од Законот.
Подносителот го поставува прашањето кои биле причините задолжително да се плаќа пензиско и инвалидско осигурување за време на вкупното траење на работењето, ако со оспорениот став една година од платените надоместоци на плати и придонеси не се земала предвид за утврдување на пензиската основа.
Поради наведеното, со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и член 9 од Уставот, како и оспорениот став бил и во спротивност со член 19 ставовите 1, 2 и 3 од Законот, поради што се бара од Уставниот суд да и даде приоритет на иницијативата и да ја укине оспорената одредба, од причина што неговиот предмет за остварување на старосна пензија бил во тек на решавање пред Управниот суд.
Исто така, се бара Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на оспорената одредба од Законот према подносителот на иницијативата од страна на органите на државната управа.
4. Судот на седницата утврди дека според член 19 став став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по исклучок од став 3 на овој член платата, односно надоместокот на платата остварен во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија не се зема за утврдување на пензиската основа.
5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).
Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.
Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 4 на овој закон, се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.
Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:
1) право на старосна пензија;
2) право на инвалидска пензија;
3) професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4) право на семејна пензија;
5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6) право на најнизок износ на пензија.
Во членот од 19 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат за тоа како се утврдува пензиската основа за остварување на старосна пензија. Така, според став 1 на овој член, старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што ги примал работникот за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (во натамошниот текст: пензиска основа). Според став 2 на истиот член, за определување на пензиска основа, покрај месечниот просек на плати се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност; според став 3 на овој член, за осигурениците од член 11 точка 2 старосната пензија се утврдува од пензиската основа, односно месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 април 1992 година; според став 4 на истиот член, како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување, а според став 5 на овој член, по исклучок од став 4 на овој член (во одредбата стои став 3, но според Судот, тоа е резултат на пропуст на законодавецот да изврши усогласување на нумерацијата со дополнувањата извршени во овој член – на двапати додавање на нов став 2), платата, односно надоместокот на платата остварен во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија не се зема за утврдување на пензиската основа.
Според член 32 став 1 од Законот, платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициентите пресметани врз основа на движењето на платите на сите вработени во Република Македонија. Според став 2 на овој член, валоризацијата на платите од поранешните години според кои се утврдува пензијата, се врши според просекот на платите во последната календарска година која и предходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија. Според став 3 на овој член, коефициентите за валоризација на платите од поранешните години се утврдуваат секоја година единствено за сите плати врз основа на статистичките податоци за движењето на платите на сите вработени во Република Македонија.
Согласно член 64 став 1 од Законот, инвалидската пензија се определува од пензиската основа што се утврдува на начин предвиден во членовите од 19 до 32 наовој закон.
Според член 79 став 1 од истиот закон, семејната пензија се определува од старосната или инвалидската пензија што на осигуреникот би му припаѓала во часот на смртта, односно од пензијата што на корисникот на пензијата му припаѓала во часот на смртта.
Од анализата на наведените и другите одредби на Законот произлегува дека законодавецот, во согласност со своите уставни овластувања да ги уреди релевантните односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните, утврдил систем за пензиско и инвалидско осигурување на граѓаните, во која смисла, утврдил право на остварување на старосна, инвалидска и семејна пензија за осигурениците во тој систем. Така, определил дека старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 01.01.1970 година, заклучно со последната година која и претходи на годината на остварувањето на правото, при што во пензиската основа не се засметуваат платите што осигуреникот ќе ги оствари во календарската година во која остварил плата, односно надоместок на плата за помалку од шест месеци стаж на осигурување. Инвалидската и семејната пензија, исто така, се определуваат од пензиската основа според која се определува семејната пензија.
Законската определба за начинот на утврдување на пензиската основа на старосната пензија, односно дека висината на старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, заклучно со последната година која и претходи на годината на остварувањето на правото, при што во пензиската основа да не се засметуваат платите што осигуреникот ке ги оствари во календарската година во која остварил плата, односно надоместок на плата за помалку од шест месеци стаж на осигурување, е присутна во системот на пензиското и инвалидското осигурување во Република Македонија од донесувањето на Законот и почетокот на неговата примена (1 јануари 1994 година) и досега не биле предмет на измени и дополнувања.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување наспрема содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова затоа што мерилата и критериумитe за определување на пензиската основа утврдени во член 19 од Законот, подеднакво се однесуваат на сите осигуреници во системот на пензиското и инвалидското осигурување кои стекнуваат право на старосна, инвалидска или семејна пензија согласно Законот, поради што не се точни наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се ставале во нееднаква положба старосните пензионери со останатите категории пензионери, со што се повредувал принципот на еднаквост, а со тоа и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Исто така, според Судот, погрешна е интерпретацијата на подносителот на иницијативата дека оспорениот член 19 став 5 (став 4 како што тој погрешно наведува) од Законот бил во спротивност со ставовите 1, 2 и 3 на истиот член и правел обид исклучокот да стане правило, што било non sens во домашното и меѓународното право. Имено, мерилата за определување на пензиската основа се утврдени во сите пет става на членот 19 од Законот и тие се подразбираат и единствено може да се применат кумулативно, како единствен систем кој важи за сите осигуреници. Тоа значи дека и оспорениот став 5 од овој член не претставува исклучок од системот на определување на пензиската основа, како што погрешно смета подносителот на иницијативата, туку дека заедно со ставовите 1, 2, 3 и 4 на истиот член, го гради единствениот систем за определување на пензиската основа за сите осигуреници.
Според Судот, барањето на подносителот на иницијативата, платите што осигуреникот ќе ги оствари во календарската година во која остварил пензија, да бидат засметани при утврдувањето на пензиската основа на осигуреникот, во суштина води кон измена на мерилата и критериумите за пресметување на пензиската основа вградени во постојниот систем на пензиско и инвалидско осигурување, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 19 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и член 9 од Уставот, поради што Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.
6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на одредби од ист закон (став 5 во однос на ставовите 1, 2, 3 и 4 од истиот член), што е барање во иницијативата, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во овој дел да се отфрли.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.160/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски