65/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти (“Службен весник на Република Македонија”, број 23/2011 и 54/11).

2. Владимир Темовски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата како причини за оспорување на одредбата од Законот, се наведуваат водени конкретни постапки пред управни и судски органи, од чиј исход подносителот на иницијативата не бил задоволен, бидејќи постапката која тој ја водел пред Управниот орган била запрена, а тоа било спротивно на членовите 8, 15, 25, 26, 30, 43 и 50 од Уставот. Подносителот на иницијативата воедно предлага овој суд да донел пресуда или друг важечки документ со кој ќе се овозможело продолжување на постапката која тој ја водел пред надлежни органи до нејзино конечно завршување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 32 став 1 од Законот прописите утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, а според оспорениот став 2 од членот од Законот, дека одлуката од членот 25 на овој закон единиците на локална самоуправа се должни да ја донесат во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинејата 3 од Деловникот и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата како причини за оспорување на членот од Законот, се наведуваат водени конкретни постапки пред надлежни органи, како и незадоволството на подносителот на иницијативата за запирање на конкретна постапка која тој ја водел пред Управниот суд, па со иницијативата се бара овој суд со своја одлука да овозможи продолжување на таа постапка. Воедно, иницијативата содржи нејаснотии и непрецизности по однос поврзаноста на оспорениот член од Законот со проблематиката која подносителот ја изложува во иницијативата, односно содржи недостатоци поради кои овој суд не може да се впушти во мериторно одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од утврдените надлежности на Уставниот суд од членот 110 алинеја 1 од Уставот, а во однос на барањето од иницијативата овој суд со своја одлука да се произнесе за прашања за кои не е надлежен, содржината на иницијативата која е нејасна и непрецизна како и во отсуство на аргументи за уставно проблематизирање на оспорената одредба од Законот, Судот оцени дека во конкретниот случај, исполнети се условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 65/2011
8 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски