Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 4 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011).
2. Стамен Филипов од Скопје, му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, во Уставот не било предвидено дека седниците на било кој државен орган можат да бидат тајни, односно да биде исклучена јавноста. Со членот 70 од Уставот, било определено дека седниците на Собранието се јавни и може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Според членот 102 од Уставот, расправата пред судовите и изрекувањето на пресудите биле јавни, а јавноста можела да биде исклучена само во случаи утврдени со закон. Во оспорената законска одредба не биле наведени случаите кога јавноста може да биде исклучена, како на пример ако тоа го барале интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштита на јавниот морал, туку едноставно на сите седници на Државната комисија јавноста не е дозволена. Со тоа се повредувало правото на граѓаните да бидат јавно информирани, слободниот пристап на информациите, слободата на примање и пренесување на информациите и фактот дека јавноста на работата на органите на државната власт било израз на степенот на остварување на демократијата и почитување и остварување на основните слободи и права во едно демократско општество. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оспорената одредба од Законот како несогласна со членот 8 став 1 алинеи 3 и 11, членот 16 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека членот 8 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, има 20 става. Во оспорениот став 4 од овој член од Законот е предвидено: „Седниците на Државната комисија не се јавни“.
4. Според членот 8 став 1 алинеа 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, законодавецот со закон основал посебен државен орган, со надлежност опишана во членот 1 за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, а конкретно второстепената надлежност на овој орган се утврдува со посебните закони. Државната комисија е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице, има стручна служба и се финансира од Буџетот на Република Македонија.
Според членот 1 став 3 од овој закон, во постапката за решавање по жалби Државната комисија ќе ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.
Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011) во членот 3 ја пропишал супсидијарната примена на овој закон и утврдил дека во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон. Според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.
Со одредбите од членовите 226-248 од овој закон, се уредени правните средства во управната постапка, односно правото на жалба против првостепените решенија на органите на државната управа, а доколку со закон не е предвидено правото на жалба на решение на органот на државната управа, може да се поведе управен спор и со тоа е обезбедена судската заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, ова во согласност со членот 50 став 2 од Уставот на Република Македонија. Со одредбите од овој закон се пропишани: рокот за жалба, содржината на жалбата, предавање на жалбата, работата на првостепениот орган по жалбата, решавање на второстепениот орган по жалба, жалба кога првостепено решение не е донесено, рок за донесување решение по жалба и доставувањето на второстепено решение. Според членот 245 став 2 од овој закон, во образложението на второстепеното решение мораат да се оценат и сите наводи од жалбата. Ако веќе првостепениот орган во образложението на своето решение правилно ги оценил наводите што се изнесуваат во жалбата, второстепениот орган може да се повика на причините на првостепеното решение.
Со оглед на тоа што законодавецот во законското регулирање на правилата на општата управна постапка го уредил начинот на работењето и одлучувањето во управната постапка во која органот кој постапува и решава по жалба самостојно преку доказите, документите и другите списи во предметите ја утврдува правната и фактичката состојба и ја цени законитоста на конкретните првостепени управни акти, произлегува дека во тие законски рамки на постапката наполно се надоврзува и оспореното законско решение во кое со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, определил седниците да не се јавни, но со тоа достапноста на странките во второстепената постапка, кон информациите, увидот во докумените и списите по предметот и други елементи од постапката, не е попречена со закон. Органот може да спроведе и посебна испитна постапка на странките. Оттука, неосновани се наводите во иницијативата со кои се оспорува уставноста на одредбата од членот 8 став 4 од Законот, имајќи го предвид погоренаведеното, како и неправењето разлика на подносителот на иницијативата, на вршење на дејствија во управна постапка согласно со закон и вршење на други работи од надлежност на државните органи. Со тоа што седниците на органот не се јавни, како што предвидува оспорената одредба од Законот, не значи само по себе и дека има повреда на други права и обврски регулирани со други закони во правниот поредок на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со наводите во иницијативата не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.170/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски