204/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 8 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 1 став 1 и 2 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007).

2. Вефки Хасан Озгун од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, одредбите од членот 1 ставови 1, 2, 3 и 4 и членот 2 од Законот биле во спротивност со членот 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 11, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија и со Европската Конвенција за човекови права посебно и Протоколите кон оваа Конвенција кои се однесувале за заштита на сопственоста. Подносителот наведува дека со овој закон се ограничувала сопственоста и правото на сопственост со одредувањето на рокови и условувања кои биле поврзани со прикриената намера на извршната власт да располага со имотите или да обезбеди законитост на досегашното противзаконито располагање со таквиот имот. Тој исто така, смета дека со овој Закон се ограничувале правата на барателите на денационализацијата своите права да ги остваруваат исклучиво во управната постапка која била неефикасна и се водела со децении.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со измените на Законот се ограничувале еднаквите уставни права на граѓаните кои успеале да поднесат барање во првите 5 години од стапувањето во сила на основниот закон и оние кои тоа го сториле подоцна, односно едните биле привилигирани на сметка на другите, кои морале да покренат парнична постапка пред надлежните судови која била водена побрзо од управната постапка. Имено, на тој начин се оневозможувала еднаква заштита на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија како и основните човекови права и слободи по основ на заштита на сопственоста и сопственичките права, односно правото на непречено уживање на својата сопственост.

По оваа иницијатива, Судот го оформил предметот Р.бр. 80/11 од 27 октомври 2011 година и го известил подносителот на иницијативата дека со Решение У.бр. 143/2007 од 22 февруари 2011 година Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на нивната уставност.

Подносителот на иницијативата доставил известување до судот во предвидениот рок во кое инсистира Судот повторно да одлучува за истата работа, бидејќи според него постоела одредена разлика во согледувањата на противуставноста на оспорените членови од Законот и покрај тоа што мотивите и предметот на оценување на уставноста бил ист.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007), барањата за денационализација се остваруваат само во управна постапка (став 1). Барањата за денационализација во управна постапка можат да се поднесат до 31 декември 2007 година (став 2). По истекот на рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, може да се бара надоместок, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки (став 3). По истекот на рокот од ставот 2 на овој член, правото да се поднесе барање за денационализација престанува (став 4).

Судот на седницата, исто така, утврди дека според член 2 од оспорениот Закон, поведените парнични постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон по барање за враќање на имот или за плаќање на надоместок, ќе продолжат според одредбите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Согласно член 110 од Уставот Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Одредбите оспорени со предметната иницијатива веќе биле предмет на оценување на уставноста пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.143/2007 од 27 февруари и 14 мај 2008 година ја оценувал уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007) во целина и не повел постапка за оценување на неговата уставност. Во наведеното Решение Судот изразил став дека не постои уставна пречка денационализацијата како процес да може да биде ограничена со рокови, па оттука и правото на државата како сопственик на имотите да ги определува и роковите во кои поранешните сопственици, односно нивните наследници ќе ги остварат своите права од денационализацијата.

Врз основа на наведеното решение, Уставниот суд со Решение У.бр.35/2011 од 13 април 2011 година ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007).

Тргнувајќи од тоа што Уставниот суд веќе ја оценувал уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација во целина (што значи членовите 1, 2, 3 и 4), при што не повел постапка за оценување на уставноста, а наводите во предметната иницијатива не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски