Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 февруари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на член 62 став 2 во делот
2. Лазо Денковски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на согласноста на оспорената одредба од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, со Уставот, законот и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2006).
Според оспорената одредба, висината на надоместокот за времената неспособност до 21 ден изнесувала 70% од просечната плата на работникот во последните три месеци, а во член 30 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, за време на времена неспособност за работа над 15 дена, работникот имал право на надоместок на плата за сите денови од 90% од основицата утврдена со закон.
Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија ги давал и предвидувал најниските права на работниците односно граѓаните на Република Македонија; се применувал непосредно и бил задолжителен за организацијата на работниците и организацијата на работодавачите кои го склучиле и за сите работници во чие име договорот бил склучен.
Со колективен договор на ниво на работодавач не можело да се склучува договор со права помали од предвидените со општиот колективен договор, односно не можело да се определат помали права од правата предвидени со закон и општ колективен договор. Работодавачот во својот колективен договор можел да предвиди повисоки права од правата утврдени во општиот колективен договор.
Оспорената одредба била спротивна на член 30 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, со што тешко се повредувале правата на работниците на ЈП „Македонски шуми“ Скопје. Тие се наоѓале во нееднаква положба према сите вработени во државата, со што многу тешко се повредувало начелото на еднаквост пред Уставот, законите, колективните договори и начелата. Тоа значело дека 2500 работници на ЈП„Македонски шуми“ Скопје имале помали права во однос на 370 000 вработени во Република Македонија.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја укине оспорената одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според член 62 став 2 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ П.О. Скопје, висината на надоместокот за времената неспособност до 21 ден изнесува 70% од просечната плата на работникот во последните три месеци, а за повреда на работа и професионално заболување 100%.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011), колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.
Согласно член 204 став 1 на истиот закон, на ниво на Република Македонија се склучува:
1) општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и
2) општ колективен договор за јавниот сектор.
Според член 205 став 1 од овој закон, општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор.
Согласно член 208 од Законот, колективниот договор ги обврзува сите лица кои го склучиле и сите лица кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на здруженијата кои го склучиле колективниот договор (став 1). Колективниот договор ги обврзува и сите лица кои му пристапиле на колективниот договор и сите лица кои дополнително станале членови на здруженијата кои пристапиле на колективниот договор (став 2). Поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор (став 3).
Според член 17 став 1 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/10 и 156/10 и 53/2011), висината на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа ја определува работодавецот, односно Фондот со општ акт, но најмалку во висина од 70% од основицата за надоместокот на плата.
Според член 18 став 1 од овој закон, надоместокот на платата за првите 21 ден спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавачот од своите средства, а над 21 ден Фондот.
Видно од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“, станува збор за колективен договор на ниво на работодавач, со кој, помеѓу другото, со оспорениот член 62 се утврдува дека работникот има право на надомест на плата за времена неспособност за работа во траење до 21 ден во висина од 70% од просечната плата на работникот во последните три месеци.
Од анализата на оваа одредба произлегува дека истата е во согласност со Законот за здравственото осигурување со кој се утврдува рамката во која има право работодавачот да се движи при утврдување на висината на надоместок на плата на работникот за време на привремена спреченост за работа, поради што, според Судот, не може основано да се постави прашањето за законитоста на оваа одредба.
Од наводите во доставената иницијатива произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува член 62 став 2 во делот: „ до 21 ден изнесува 70%“ од наведениот колективен договор на ниво на работодавач како несогласен со член 30 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, според кој за време на времена неспособност за работа над 15 дена, работникот имал право на надоместок на плата за сите денови во висина од 90% од основицата утврдена со закон. Поради тоа, со оспорената одредба било повредено начелото на еднаквост пред Уставот, законите, колективните договори и начелата.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од цитираната уставна одредба произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на колективните договори, што е суштината на оваа иницијатива, поради што Судот оцени дека се исполнети деловничките услови за отфрлање на иницијативата
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.186/2011
1 февруари 2012 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски