37/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 1 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 алинеја 4 во делот „исклучување и“ од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010 и 135/2011).

2.Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Тргнувајќи од определбата содржана во член 20 став 2 од Уставот на Република Македонија дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, подносителот на иницијативата смета дека е неуставно определувањето во оспорената законска одредба со статут на здружение да се уредува начинот на одлучување за исклучување од членување во здружение. Неуставноста на законската одредба била особено затоа што Законот за здруженија и фондации не ги утврдил случаите за исклучување од членување во здружение, ниту предвидел правен лек против одлуката за исклучување, па при немање уставна и законска основа не можело со статут кој е подзаконски акт да се уредува начинот на одлучувањето за исклучување од членување во здружение.
Подносителот на иницијативата, понатаму, тргнувајќи од определувањето изразено во член 54 став 1 од Уставот дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, смета дека оспорената законска одредба не била во согласност ниту со наведената уставна одредба со оглед дека овозможувала противуставно, со статут, да се ограничува уставно загарантираната слобода на здружување односно слободното пристапување и истапување од здруженија на граѓани.

Врз основа на изнесеното, се смета дека оспорената законска одредба била нејасна, непрецизна и недоволно дефинирана норма, па оставала простор за слободно толкување и неконзистентно применување, поради што членот 18 став 2 алинеја 4 во делот „исклучување и“ од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 5, член 20 став 2 и членовите 51 и 54 став 1 од Уставот.

3.Судот на седницата утврди дека во член 18 став 1 од Законот се определува дека „здружението има статут“, а во став 2 од истиот член на Законот се утврдува содржината на статутот на здружението.

Во член 18 став 2 алинеја 4 од Законот се определува дека со статутот на здружението се уредува „начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението. Со иницијативата се проблематизира делот од оваа законска одредба
„ исклучување и“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Во став 2 од истиот член на Уставот се определува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да го почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 63 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Уставната вредност владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и што секој е должен да го почитува Уставот и законите. Уставот го дефинира Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, при што го овластува да донесува закони со кои ги уредува сите сфери на општествениот живот. На граѓаните, пак, Уставот им ја гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, при што граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, а уставна определба е и дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во член 4 став 1 од Законот се определува дека правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст:организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

Според член 10 од Законот, организациите се независни во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со нивниот статут во согласност со Уставот и закон.

Во член 18 став 1 од Законот се определува дека здружението има статут, а во став 2 од истиот член на Законот се утврдува содржината на статутот на здружението.

Во член 18 став 2 алинеја 4 од Законот се определува дека со статутот на здружението се уредува „начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението. Со иницијативата се проблематизира делот од оваа законска одредба
„ исклучување и“.

Во член 18 став 2 алинеја 5 од Законот се определува дека со статутот на здружението се уредуваат „правата, обврските и одговорностите на членовите.“

Од изнесените законски одредби, гледани како целина во рамките на која е и оспорената одредба, произлегува дека правото на граѓаните на слободно здружување се остварува така што граѓаните се здружуваат во здруженија, здруженијата се независни во определувањето и остварувањето на целите, како и на дејностите со кои ги остваруваат целите, така што целите и дејностите се утврдуваат со статутот на здружението во согласност со Уставот и закон, и здруженијата се независни и во управувањето така што со статутот го уредуваат: начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението; и правата, обврските и одговорностите на членовите.

Имајќи ја предвид изнесената смисла на целината на наведените законски одредби, Судот смета дека оспорената законска определба со статутот на здружението да се уреди начинот на одлучување за исклучување од членувањето во здружението, треба да се разбере како дел од независноста на здруженијата во уредувањето на управувањето и во регулирањето на правата, обврските и одговорностите на членовите на здружението, при што Законот определува дека целите на здружението и дејностите со кои се остваруваат целите на здружението, а кои се утврдени со статутот на здружението, се критериуми во рамките на кои со статутот се уредуваат означените прашања, па и прашањето на исклучувањето.

Според тоа, Судот оцени дека оспорената законска одредба го уредува статусот и однесувањето на граѓанинот-член на здружение за време на членување во здружение односно „просторот“ меѓу пристапувањето на граѓанинот кон здружение и истапувањето од него, а таа материја се разликува од материјата граѓанинот-член на здружение да истапи од членувањето во здружението што му е гарантирано со член 20 став 2 од Уставот. Имено, Судот оцени дека е различна смислата на одредбата од член 20 став 2 на Уставот, во врска со истапувањето на граѓанинот од членувањето во здружение на граѓани, и на одредбата од член 18 став 2 алинеја 4 од Законот, во врска со уредувањето со статут на здружение на начинот на одлучувањето на исклучување од членување во здружение, при што оспорената законска одредба не ја повредува уставната определба за слободно истапување на граѓанинот од здружението, туку надвор од таа ситуација уредува и други прашања, а за тоа законодавецот има уставна основа во членовите 63 и 68 од Уставот.
Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со наведените уставни одредби.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.37/2011
1 февруари 2012 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски