Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јануари 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 235-б став 1 точки 4 и 6 и став 7 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 79/2007, 88/2008, 67/2010 и 44/2011).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од членот 235-б став 1 точка 4 од Законот, било предвидено член на прекршочната комисија во Агенцијата за супервизија на осигурување можел да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело. Меѓутоа, во одредбата не биле наведени за кои кривични дела станувало збор, односно видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции во судски одлуки, кои би претставувале основ за престанување на мандатот на членот на прекршочната комисија, поради што произлегувало дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста. Оспорената одредба била непрецизна, а со тоа не била доволно јасна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните. Од овие причини оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од членот 235-б став 1 точка 6 од Законот, било предвидено дека член на прекршочната комисија во Агенцијата, можел да се разреши ако се утврдело прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука. Меѓутоа, формулацијата на оваа законска одредба не била прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните. Имено, членовите на прекршочната комисија биле самостојни и независни во работата и одлучувале врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување, ова согласно ставот 4 од истиот член од Законот. Оттука, не било јасно што уредувала наведената одредба и со какви правосилни одлуки ќе се предизвикало членот дека не бил подобен за член на прекршочната комисија. Од овие причини оспорената одредба од Законот не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од членот 235-б став 7 од Законот, било предвидено со актот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето – со кој се водела евиденција на прекршоците и прекршочните санкции, воедно да се пропишел и начинот на пристап до информациите кои биле содржани во евиденцијата. Меѓутоа, веќе постоел Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006), па не можело паралелно регулирање, особено не со акт на Агенцијата. Од овие причини, оспорената одредба од Законот не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 235-б став 1 точки 4 и 6 од Законот за супервизија на осигурување е предвидено дека член на прекршочната комисија може да се разреши: – ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело (точка 4); – ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука (точка 6).
Во ставот 7 од овој член од Законот е предвидено дека со актот од ставот 6 на овој член се пропишува и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.
Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 235-а од Законот за супервизија на осигурувањето со наслов „прекршочен орган“ се предвидува:
(1) За прекршоците утврдени во членот 237, 237-а, 237-б, 237-в и 237-г од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Агенцијата за супервизија на осигурување (во натамошниот текст: Прекршочен орган).
(2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија) формирана од вработени лица во Агенцијата за супервизија на осигурување кои ги именува Советот на експерти на Агенцијата.
(3) Советот на експерти со подзаконски акт го определува бројот, потребниот степен на стручна подготовка и работно искуство на членовите на Прекршочната комисија.
(4) Членовите на Прекршочната комисија се избираат за времетраење од пет години со право на реизбор.
(5) За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник со положен правосуден испит.
(6) Прекршочната комисија донесува одлуки за прекршоците од овој закон и за изрекување прекршочни санкции.
(7) Прекршочната комисија донесува Деловник за својата работа кој претходно е одобрен од Советот на експерти на Агенцијата.
(8) Против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.
Оспорениот член 235-б од Законот во кој е дефинирана работата на Прекршочната комисија, предвидува:
(1) Член на Прекршочната комисија може да се разреши:
1) со истекот на времето за кое е именуван за член,
2) по негово барање,
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело,
5) ако му се утврди трајна неспособност,
6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука,
7) ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
8) ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.
(2) Предлог за разрешување на член на Прекршочната комисија за случаите од ставот (1) точки 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до Советот на експерти на Агенцијата.
(3) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(4) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
(5) Прекршочната комисија одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
(6) Прекршочната комисија води единствена евиденција на прекршоците, изречените прекршочни санкции и донесените одлуки на начин пропишан од Советот на експерти на Агенцијата во согласност со министерот кој раководи со органот надлежен за вршење на работите од областа на правдата.
(7) Со актот од ставот (6) на овој член се пропишува и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата.
(8) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува Советот на експерти на Агенцијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.
Од анализата на оспорената одредба, од членот 235-б став 1 точка 4 од Законот произлегува дека осудуваноста на лицето во текот на вршењето на работите и задачите како член на прекршочната комисија на Агенцијата за супревизија на осигурувањето, е причина за негово разрешување од должноста член на комисијата. Оспорената одредба од Законот генерално се однесува за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.
Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.
Тргнувајќи од наведеното, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото, поради што за оспорената одредба може да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Од анализата на оспорената одредба од членот 235-б став 1 точка 6 од Законот произлегува дека членот на прекршочната комисија може да се разреши ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука. Меѓутоа, членовите имаат колективна а не индивидуална надлежност во водењето на прекршочните постапки и во одлучувањето, па оттука и во управниот спор пред надлежниот суд против решенијата на прекршочната комисија со кои се изрекува прекршочна санкција, со одлука на надлежниот суд може во оценката за неправилности во водената прекршочна постапка или незаконитоста на решението на комисијата, да се водат постапките и да се донесуваат одлуките на повисоките органи, што секако, во тие рамки, ја исклучува можноста поединечно, член на прекршочната комисија да биде разрешен поради водената постапка и донесени прекршочни решенија на комисијата во рамки на вршењето на надлежноста на комисијата. Наспроти ова, во истиот член 235-б во точката 7 од Законот, веќе е предвидено дека член на прекршочната комисија може да се разреши ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во прекршочната комисија што во себе веќе опфаќа разни ситуации на манливо или несоодветно работење на членот, кој покрај тоа што е вработен во Агенцијата, во таков случај и не мора да е член на прекршочна комисија и може да биде разрешен од тоа својство, но секако не и од аспект на оспорената точка 6 од одредбата од Законот, како што е погоренаведено. Од овие причини, Судот оцени дека во случајов за оспорената одредба од Законот основано може да се постави прашањето за согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Од анализата на оспорената одредба од членот 235-б став 7 од Законот, произлегува дека со актот на Агенцијата за супервизија на осигурување – Советот на експерти, се пропишувало водењето единствена евиденција на прекршоците и изречените прекршочни санкции и донесени одлуки по предметите, а со тој акт требало да се пропишува, воедно, и начинот на пристап до информациите кои биле содржани во евиденцијата.
Меѓутоа, во членот 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 86/2008 и 6/2010), е предвидено дека со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и другите органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон.
Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.
Според членот 3 алинеја 2 од овој закон, „информација од јавен карактер“ е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности.
Со оглед на тоа што само со закон може да се уредува пристапот и давањето на информациите од јавен карактер, а не со акт на Агенцијата за супервизија на осигурување, како што е предвидено со оспорената одредба од членот 235-б став 7 од Законот, а имајќи предвид дека со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, предмет на уредување е токму пристапот до информациите од јавен карактер, произлегува дека паралелно, не може да се препушта без закон односно со подзаконски акт да се уредува предметното прашање како што тоа го упатува оспорената одредба од Законот за супервизија на осигурувањето.
Од овие причини Судот оцени дека за оспорената одредба од членот 235-б став 7 од Законот основано може да се постави прашањето за согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.202/2011
25 јануари 2012 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски