58/2011-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 став 1 алинеја 4 и член 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јануари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за индустриска зона „Запад“ Блок В, општина Кичево, број 07-1474/7 од 17 август 2005 година („Службен гласник на општина Кичево„ број IV-1/2005 од 12 септември 2005 година), донесена од Совет на општина Кичево.

2. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на Земјоделскиот комбинат Кичево АД, од Кичево, со Решение У.бр.58/2011 од 9 ноември 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Ова поради тоа што Судот изрази сомнение дека доносителот ја донел оспорената одлука без да ја спроведе целокупната постапка предвидена во Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) во смисла на тоа што од списите по предметот немало докази од кои би можело да се види во кои јавни гласила било објавено Соопштението за одржување на јавна анкета по Нацрт-планот согласно членот 18 од Законот, односно дали тоа било објавено во дневен весник, како и немало доказ од радио Кичево за прием и извршување на емитување на Соопштението со наплата на услугата или друг доказ во врска со емитувањето. Од овие причини пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со членот 18 од Законот и членот 51 од Уставот.

3. Од доставената документација од општината Кичево со одговорот на градоначалникот на општината Кичево на наводите содржани во Решението за поведување на постапка, Судот утврди дека во постапката на донесување на Планот има докази – фактура од 27 јануари 2005 година за плаќање на Медија Принт Македонија ДОО – Скопје и налог за плаќање за извршена услуга за објавување на Соопштението за јавна анкета, во дневниот весник „Дневник“, како и доставница за прием на Радио Кичево – Кичево на 27 јануари 2005 година на Соопштението за јавната анкета за емитување во деновите од 27 јануари до 9 февруари 2005 година, со што е отстрането сомнението на Судот за недостатоците во постапката за донесување на Планот на кои му било укажано на доносителот со Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.58/2011 од 9 ноември 2011 година.

4. Имајќи предвид дека Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука е донесено од причина што пред Судот основано се поставило прашањето за нејзината согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање и со Уставот, поради немање докази во документацијата од постапката за спорното прашање дали и како било објавено во јавни гласила Соопштението за јавната анкета на Нацрт-планот, а по донесувањето на Решението за поведување на постапката од општината Кичево се доставени доказите, од кои што Судот утврди дека оспорената одлука била донесена во постапка согласно со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, следуваше Судот да одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 58/2011
11 јануари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски