192/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јануари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Наредба бр.02-1050 од 1 јули 2011 година на Рудникот за олово и цинк „Саса“ ДОО Македонска Каменица и

– Книшка за одговорност на работникот за повреда на безбедноста при работа при вршење на своите работни должности, издадена од Рудникот за олово и цинк „Саса“ ДОО Македонска Каменица.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспо-рената наредба била во спротивност со членот 32 став 5 од Уставот и членот 1 од Законот за работните односи, бидејќи правата на врабо-тените и нивната положба се утврдувале со закон, колективен договор и договор за вработување, а не со наредба, како што тоа било сторено во овој случај. Исто така, оспорената наредба не била во согласност со членот 25 став 1 од Законот за безбедност и здравје при работа, бидејќи во наведената одредба како и во целината на Законот не постоела можност безбедноста и здравјето при работа да се уредуваат со наредба, туку со писмени известувања и упатства.

Оспорената книшка била составен дел на Наредба. Во точката 3 од Книшката се предвидувало дека отсуството на Книшката по вина на работникот или одбивањето на работникот да ја предаде истата на одговорните лица кои имале право да ги одземат талоните (точка 11) преставувало основа за издавање на наредба за казна од 25%. Меѓутоа, согласно членот 84 од Законот за работните односи, паричната казна не можела да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, а камоли 25% како што било уредено во точката 3 од Книшката.

Имајќи го предвид сето наведено подносителот на иници-јативата смета дека работодавателот нормирањето на наведените прописи очигледно не ги почитувал Уставот и законите од кои причини смета дека истите не биле во согласност со член 8 став 1 алините 1 и 3, член 9, член 32 став 5 и член 51 од Уставот, како и со одредбите од Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа.

3. Судот на седницата утврди дека, Александар Крихтин како управител на Рудникот „Саса“ ДОО од Македонска Каменица врз основа на членот 16 од Договорот за наведениот субјект на 30 јуни 2011 година донел Наредба бр.02-1050 за исполнување на одго-ворноста на работниците од Рудникот за исполнување на обврските од Законот за безбедност при работа и индустриска безбедност.

Наредбата содржи четири одредби.

Во членот 1 од Наредбата се образлагаат причините кои довеле до тоа Управителот да пристапи кон донесување на Наредбата.

Во членот 2 од Наредбата се определува што е целта на вака донесената наредба (подобрување на состојбата на работите во врска со безбедноста при работа и индустриската безбедност) и се определуваат правата и обврските на раководните лица и на работни-ците во Рудникот. При тоа во точката 3 од овој член од Наредбата е определено дека отсуството на Книшката по вина на работникот или одбивањето на работникот да ја предаде истата на одговорните лица кои имале право да ги одземат талоните (точка 11) е основа за издавање на наредба за казна од 25%.

Во членот 3 од Наредбата е определено дека лицата кои нема да ја почитуваат Наредбата сета одговорност ќе ја сносат пред генералниот директор.

Според членот 4 од Наредбата истата влегува во сила сметано од 1 јули 2011 година. (Подносителот на иницијативата, очигледно поради ненамерен пропуст, погрешно означува дека станува збор за Наредба од 7 јули 2011 година).

Наредбата е потпишана од страна на генералниот директор и од претседателот на синдикатот.
Оспорената книшка, во уводниот дел, ги содржи зборо-вите: презиме, име, работна единица, работно место и своерачен потпис со оставено празно место за внесување на личните податоци на секој од работниците. Во овој дел е содржана напомената: „Пред да пристапите кон дадената работна задача размислете како да ја завршите БЕЗБЕДНО!“.

Во понатамошната содржина поблиску е определена целта за донесување на Книшката: да се создаде ред и дисциплина на производството и безбедноста при работа; зголемување на личната одговорност на секој работник, за безбедност како на своето здравје, така и на здравјето на луѓето околу себе и да се спречи нарушувањето на здравјето и безбедноста при работа.

Книшката содржи 14 точки од кои, во иницијативата, предмет на посебен интерес е точката 3. Во неа е предвидено дека отсуството на Книшката по вина на работникот или одбивањето на работникот да ја предаде истата на одговорните лица кои имале право да ги одземат талоните (точка 11) преставувало основа за издавање на наредба за казна од 25%. Одредби за изрекување на казна во процентуално изразен износ се содржани и во членовите 7 и 8 од оспорената Книшка, но истите не се предмет на оспорување во иницијативата.

Во книшката се содржани и 4 талони во кои се пополну-ваат личните податоци за секој работник како и податоците за нарушувањето на безбедноста.

Управителот на Рудникот „Саса“ од Македонска Каменица, по поднесувањето на иницијативата, на 14 ноември 2011 година донел Одлука за изменување и дополнување на оспорената наредба и оспорената книшка.

Оваа одлука содржи 10 членови.

Според членовите 1, 2 и 3 од Одлуката, сега основ за донесување на оспорената Наредба е членот 25 од Законот за безбедност и здравје при работа, насловот „Наредбата“ е изменет во наслов „Упатство“, а зборот: „наредувам“ е заменет со зборовите: „го издавам следното Упатство“.

Според содржината на членовите 5, 6 и 7 од Одлуката пропишаните казни од: 25% (точка 3 од Книшката), 20% (точка 7 од Книшката) и 40 % (точка 8 од Книшката) се намалени на 15%.

Иако Одлуката е донесена на 14 ноември 2011 година, во членот 10 е предвидено истата да се применува сметано од 1 јули 2011 година, што преставува ретроактивно и поповолно дејство.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македо-нија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согла-сноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеи 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли инициијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во конкретниот случај оспорената наредба, според својот карактер и содржина претставува интерен акт за начинот на работа во Рудникот „Саса“ и истата се однесува само на лицата кои се децидно наведени во членот 2 од Наредбата, и како таква нема карактер на пропис. Поради наведеното Судот оцени дека нема основа за мери-торна оцена на оспорениот акт и впуштање во анализа на основа-носта на наводите истакнати во иницијативата. Што се однесува до оспорената Книшка произлегува дека истата е акт донесен во реализација на оспорената Наредба и е акт кој го поседува секој конкретен работник. Оттаму, двата оспорени акти немаат карактер на општ пропис кој има дејство спрема неопределен круг на субјекти во правото и како такви не се подобни за уставно-судска оцена.

Воедно, оспорените акти се изменети врз основа на донесената Одлука од 14 ноември 2011 и тоа во насока на наводите од иницијативата па повеќе не постои интерес за нивно оспорување од аспектите на иницијативата.

Врз основа на наведеното Судот согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот ја отфрли иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2011
11 јануари 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски