У.бр.118/2011

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точките 2, 3 и 4 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2011 година, донесени од Владата на Република Македонија на 13 април 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2011).

2. Ласте Конев од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точките 2, 3 и 4 од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената Уредба не била во согласност со член 52 од Уставот затоа што таа има повратно дејство што било неповолно за граѓаните. Ова затоа што по донесување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2011) (февруари) започнало планирањето и сеидбата на земјоделски површни со култури кои биле предвидени во Уредбата . Земјоделците водени од критериумите за директни плаќање се одлучиле за садење на различни земјоделски култури и од месец февруари до месец април (од донесување на Уредбата до нејзините измени) во поголем дел ги завршиле земјоделските активности.

Со оспорената Уредба директните плаќања на обработлива површина за градинарско производство на тикви и тиквички и директните плаќања за подигање на нови овошни насади на орев биле намалени . Па така за тикви и тиквички наместо предвидените 20.000 ден. по хектар, со измени на Уредбата се предвидуваат 10.000 ден. по хектар, а за ореви наместо предвидените 100.000 ден.по хектар се предвидуваат 40.000 ден. по хектар.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 47 став 6 од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2010) Владата на Република Македонија донела Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисници на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2011 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/2011).

Во член 1 од наведената Уредба е предвидено дека со неа се пропишуваат поблиските критериуми за директните плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2011 година.

Во член 2 од наведената уредба е предвидено дека „поблиските критериуми по површина земјоделско земјиште, единица земјоделски производ и грло добиток, како и висината на директни плаќања во зависност од видот на културата, класата и квалитетот на земјоделскиот производ и видот на добитокот се утврдува по области согласно подмерките опишани во ставовите 2, 3, 4 и 5 на овој член.

Во членот 1 точка 1 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања …. е предвидено дека во член 2 ставот 1 во продолжение се дополнува со нова реченица која гласи: „Минималните критериуми за директни плаќања на подмерките опишани во ставовите 2, 3, 4 и 5 од оваа уредба се намалуваат за 50% доколку производните капацитети се во подрачја со ограничена можност на производство“.

Во членот 2 став 2 точка 4 од Уредбата “за директни плаќања по обработлива земјоделска површина за градинарско производство” покрај другите корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадено градинарските култури од видот тикви и тиквички, а висината на директните плаќања изнесува 20.000,00 денари со исклучок на лубеница и диња, за кои висината на директни плаќања изнесува 10.000 ден. по ха.

Со измените на Уредбата e предвидено дека во член 2 став 2 во точка 4) алинеја 3 по зборот “лубеница” буквата “и” се заменува со запирка и по зборовите “диња” се додаваат зборовите “тикви и тиквички” (оспорен дел).

Во членот 2 точка 8 алинеа 4 од Уредбата е предвидено дека „за директни плаќања по површина за одржување на постоечки овошни насади“ висината на директните плаќања изнесува 25.000,00 денари при што истата процентуално се намалува со зголемување на пријавените површини и тоа од 0,3 до 5 ха. 100%, од 5,1 до 30 ха. 60%, од 30,1 до 50 ха. 30% и над 50 ха. 10%, а за јаболковите насади се определува во зависност од прифатливиот број на садници и тоа од 400 до 799 садници 70% или 17.500,00 денари ха. и од 800 до 1000 садници 100% или 25.000,00 денари/ха.

Со измените на Уредбата во точката 8 алинеја 4 зборовите “од 400 до 799 садници” се заменува со зборовите “од 400 до 999 садници” и зборовите “од 800 до 1000 садници” се заменуваат со зборовите “ над 999 садници.” (оспорен дел)

Тоа значи, дека со направената измена во Уредбата се зголемува бројот на садници за кои може да се добијат 70% односно 100% од утврдената висина од 25.000,00 денари по ха.

Во член 2 точка 10 алинеја 4 од Уредбата е предвидено дека “ за директни плаќања за подигање на нови овошни насади” (јаболка, круша, дуња, орев, бадем ….) кои биле подигнати во периодот есен 2010 и пролет 2011 година, висината на директните плаќања изнесува 100.000,00 ден/ха за јаболчести, коскести и јаткасти овошни видови, а за новоподигнати јагодести овошни насади висината на директните плаќања изнесува 70.000,00 ден/ха.

Во точката 10 алинеја 4 од измените на Уредбата е предвидено дека по зборот „јаткасти“ се додаваат зборовите „освен костени“, по зборот ”видови” се додаваат зборовите”со исклучoк на ореви за кои висината на директни плаќања изнесува 40.000,00 ден/ха. и по зборовите “јагодести овошни видови” се додаваат зборовите „и за костени“. Во алинеја 5 по зборот “прилог” бројот ”4”се заменува со бројот “3” и табелата во прилог 3 се заменува со нова табела.
Тоа значи дека висината на директните плаќања за ореви и костени од 70.000,00 денари по ха. се намалува на 40.000,00 денари/ха).

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за земјоделство и рурален развој се уредуваат планирањето и развојот на земјоделството и руралниот развој, целите на националната земјоделска политика, планирање, следење и процена на националната земјоделска политика …… директни плаќања и друго (член 1).

Согласно член 47 став 1 од Законот, директни плаќања се мерка за подршка на доходот на земјоделските стопанства.

Директните плаќања се исплаќаат на земјоделските стопанства и тоа по површина земјоделско земјиште, единица земјоделски производ и грло добиток.

Висината на директните плаќања од став 2 се утврдува во зависност од видот на културата, видот, класата и квалитетот на земјоделскиот производ и видот на добитокот.

Правото на директните плаќања може да се граничи со располагање на минимум површина земјоделско земјиште и/или број на грло добиток и/или минимум единица земјоделски производ од страна на корисниците од член 14 на овој закон.

Минималниот износ на директните плаќања по корисник може да се ограничи во зависност од големината на површина на земјоделско земјиште, единицата земјоделски производ и број на грло добиток со кои располага корисникот.

Поблиските критериуми од ставовите 2, 3 и 4 на овој член, корисници од член 14 на овој закон по одделни мерки максималните износи од став 5 на овој член и начинот на директните плаќања, годишно ги пропишува Владата на предлог на министерот.

Во Глава VI „Политика за рурален развој“ односно во член 64 е утврдено кои подрачја се со ограничени можности за земјоделска дејност, при што дадено е овластување на Владата на предлог на министерот да ги пропише поблиските критериуми за дефинирање на подрачјата како и условите за дефинирање на подрачја со природни непогодности и подрачја со специфични непогодности.

Врз основа на критериумите утврдени во наведениот член министерот објавува во „Службен весник на Република Македонија“ список на планински подрачја, подрачја со природни непогодности и подрачја со специфични непогодности во Република Македонија.

Од наведените одредби од Законот произлегува дека Владата согласно член 47 став 6 е овластена да ги утврди поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата и максималниот износ за директни плаќања за 2011 година, што и го направило со донесување на Уредба од февруари 2011 година.

Меѓутоа во април 2011 година Владата донела измени и дополнувања на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања,корисниците на средствата, максималните износи и начин на директните плаќања за 2011 година.

Со оваа Уредба директните плаќања по обработена земјоделска површина за градинарски производи за тикви и тиквички од 20.000,00 денари по хектар се намалени за 10.000,00 ден/ха, а директните плаќања за подигање на нови насади ореви од 100.000,00 денари/ха. се намалиле на 40.000,00 ден/ха.

Воедно со оваа Уредба е зголемен бројот на садници (точка 8 алинеја 4) за јаболкови насади за кои висината на директни плаќања изнесува 25.000,00 ден/ха. односно останува непроменета.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за земјоделство и рурален развој како и содржината на оспорените точки од Уредбата, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената Уредба која е донесена во април 2011 година, по завршување на земјоделските активности и кога корисниците легитимно очекувале дека директните плаќања се утврдени во февруари 2011 година и тие треба да ја добијат утврдената сума, Владата ја намалува таа сума, односно го зголемува бројот на садниците за кои ја определила висината, Судот смета дека на тој начин се доведува во прашање начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок и повреда на принципот на забрана на повратно дејство на законите и прописите утврден во членот 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.118/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски