172/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за воведување на самопридонес за изградба на фекална канализација во населените места

2. Перо Савески и други од Волково – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се воведувала јавна давачка за граѓаните, која можела да се утврдува само со закон. Поради ова, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 114 ставовите 4 и 5 од Уставот и член 26 од Законот за локалната самоуправа.

Имено, при постоење на фактот дека Одлуката е донесена од Советот на општина Ѓорче Петров, подносителите сметаат дека на тој начин им се воведува јавна давачка за определената намена, поради што истата била во спротивност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот акт се воведува самопридонес за изградба на фекална канализација за жителите во населените места: Волково, Волково-Пржина, Ново Село, Кисела Јабука и Стопански Двор, како и граѓаните кои што имаат сопствени објекти во напред наведените населени места. Самопридонесот се воведува за период од една година, односно од 1.02.2007 до 1.02.2008 година. Од самопридонесот на граѓаните се очекува да се соберат околу 1.000.000 евра, односно 61.000.000 денари во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија. Обврзници за уплата на самопридонесот за изградба на фекалната канализација се сите жители на населените места Волково, Волково-Пржина, Ново Село, Кисела Јабука и Стопански Двор, како и сите граѓани кои не се жители на овие населени места, а во овие населени места имаат сопствени станбени и деловни објекти. Висината на самопридонесот во прва фаза на реализација, што ќе зависи од странските и домашните донатори, Градот Скопје и Владата на Република Македонија, изнесува 500 евра по објект во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија. Уплатата на самопридонесот од граѓаните ќе се врши еднократно или на 10 еднакви месечни рати на наменска жиро сметка за Самопридонес што ќе биде отворена во Министерството за финансии – Сектор – Трезор. Висината на месечната рата изнесува 50 евра во денарска противвредност по среден курс на НБМ на денот на уплатата. Надзорот над наменското користење на средствата од Самопридонесот ќе го врши Надзорен одбор во чиј состав ќе влезат претставници од месното население. Надзорниот одбор со Одлука ќе го именува Советот на општина Ѓорче Петров. Граѓаните кои нема да го искористат правото на плаќање на рати, при приклучокот се должни целиот износ да го уплатат наеднаш. Граѓаните кои што нема да го уплатат износот за самопридонес предвиден во член 5 од оваа одлука, нема да имаат право на приклучок на канализациона мрежа, а наплата ќе се врши по судски пат. Надзорот над приклучувањето ќе го врши ЈП Водовод и канализација и општинската администрација. Надлежен за спроведување на оваа Одлука ќе биде Градоначалникот на општина Ѓорче Петров. Одлуката стапува во сила веднаш по објавувањето во Службен гласник на општина Ѓорче Петров, а ќе се применува од 1.02.2007 година.

4. Во текот на претходната постапка Судот ја утврди следнава фактичка состојба:

Советот на општина Ѓорче Петров во декември 2006 година донел Одлука за распишување на референдум за воведување на самопридонес за граѓаните од населените места Волково, Волково-Пржино, Кисела Јабука и Стопански Двор, за што ја известил Општинската изборна комисија Ѓорче Петров.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров го известил Министерството за правда – Сектор за државна управа, изборен систем и управна надлежност за денот на спроведување на референдумот.

Општинската изборна комисија Ѓорче Петров го спровела референдумот на ден 21 јануари 2007 година, за изборните места 2587, 2588, 2589, 2590 и 2591 при што од вкупно запишани 5117 избирачи, гласале вкупно 3194 избирачи (62,42%) од вкупно запишаните, од кои „за“ гласале 3126 избирачи (98,2%) и „против“ 58 избирачи (1,8%).

Согласно резултатите од спроведениот референдум, Советот на општина Ѓорче Петров на 25 јануари 2007 година ја донел сега оспорената одлука за воведување на самопридонес за изградба на фекална канализација во населените места Волково, Волково-Пржино, Ново Село, Кисела Јабука и Стопански Двор.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со членот 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Во Амандманот 16 од Уставот, со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, се предвидува дека локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локалното финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Според Амандман 17 точка 1 од Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/200 ) го уредува финансирањето на единиците на локалната самоуправа (член 1 став 1).

Според член 4 став 1 точка 7 од истиот закон, сопствени извори на приходи се и приходите од самопридонес.

Според член 7 од овој закон, за задоволување на определени потреби на граѓаните, општината може да воведе сампридонес преку референдум. Со одлука на советот на општината се уредува намената, областа, времето за кое се воведува самопридонесот, вкупниот износ на средствата кои се собираат, обврзниците на самопридонесот, лицата кои се ослободуваат од плаќање на самопридонес, висината на самопридонесот, начинот на пресметување, вршењето на надзорот од граѓаните над наменското користење на средствата и други прашања.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во членот 25, кој е поместен во Глава 4 со наслов: „Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето во општините“ и поднаслов: „Облици на учество на граѓаните“ е предвидено дека граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Во член 28 од овој закон е предвидено дека граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината. Советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот.

Членот 36 од овој закон, ја дефинира и определува надлежноста на советот, меѓу кои, во точката 15 е наведено дека Советот врши, меѓу другото, и други работи утврдени со закон.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во контекст на наводите во иницијативата Судот оцени дека неосновани се укажувањата во иницијативата дека со оспорената одлука за граѓаните од наведените подрачја се воведувала јавна давачка. Ова од причина што, Советот на општина Ѓорче Петров постапува во рамките на своите ингеренции и овластувања утврдени во Законот за финансирање на единиците за локалната самоуправа и Законот за локалната самоуправа, а со цел задоволување на основните потреби на граѓаните од наведените подрачја ја донел оспорената Одлука за воведување на самопридонес, за решавање на прашање од локално значење.

Според Судот, одлуката за распишување на референдум, по сопствена иницијатива и одлуката за воведување на самопридонес за изградба на фекална канализација во населените места Волково, Волково-Пржино, Ново Село, Кисела Јабука и Стопански Двор нема карактер на јавна давачка, како што се тврди во иницијативата.

За Судот не е спорно дека воведувањето на самопридонес, по претходно спроведен референдум, нема карактер на јавна давачка, ниту пак интенцијата на доносителот на оспорениот акт била да истото го утврди како јавна давачка, каков што карактер му придава подносителот на иницијативата. Дека овој самопридонес не е јавна давачка, туку е приход кој се воведува за период од една година и обврзници за уплата на самопридонесот за изградба на фекалната канализација за сите жители на наведените населени места што се потврдува со фактот дека средствата од самопридонесот се наменети за конкретно извршена работа, односно услуга за изградба на фекалната канализација.

Со оглед на тоа што воведувањето на самопридонесот не е јавна давачка, туку истиот е наменет за извршување на конкретна работа, односно услуга, Судот оцени дека со оспорената одлука не се повредува член 33 од Уставот, ниту пак темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и Амандманите 16 и 17 и член 114 од Уставот на Република Македонија, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со овие одредби од Уставот, во однос на кој со иницијативата се оспорува, како и по однос на Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2011
21 декември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски