У.бр.150/2011

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2005).

2. Асоцијацијата „Магна Карта„ од Велес и Движењето за социјална правда „Ленка“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата оспорениот Закон бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, член 9, член 51 и член 54 од Уставот. Иницијативата продолжува со цитирање на правни мисли и теоретски гледишта со цел да се поткрепат наводите за повреда на правото на еднаквост, како фундаментално човеково материјално право.

Во делот на иницијативата означен како „правна агрументација“ се посочува на одредби од Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација со цел да се укаже на правната уреденост на забраната за дискриминација, која меѓу другото, вклучувала и еднаквост на платите. Подносителите на иницијативата наведуваат дека давањето првенство или привилегии според општествениот статус водело кон дискриминација, а кога таквата дискриминација траела подолго време, или особено тешко го погодувала дискриминираното лице во прашање била продолжена дискриминација. Ваквата штетна состојба, според нив, во нашиот правен поредок траела веќе шеста година.

Според подносителите на иницијативата интересно било тоа што Законот за исплата на платите во Република Македонија, според својот опфат на примена се однесувал само на работода-вачите со седиште во Република Македонија, но не се однесувал и на работодавачите кај кои повеќе од 51 % од средствата се во приватна сопственост. Згора на тоа Законот за исплата на платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Македонија се однесувал на точно определени избрани и именувани лица и како да тие привилегии не биле доволни, судиите и претседателите на основните, апелационите и Врховниот суд биле изземени од наведената „функционерска група“ па за нив бил донесен посебен и суперпривилегиран Закон за платите на судиите, според кој платата на судиите утврдена според одредбите на овој закон не можела да биде намалена со закон или одлука на државен орган (член 2 став 2).

Меѓутоа, ноторен бил фактот дека уште од Римското право постоела општа забрана за носење на привилегирачки закони (leges privilegia) со кои одредена група се става во надредена позиција наспрема останатите граѓани, иако во денешни услови донекаде и можело да се дозволи да постои закон кој суптилно би вовел една посебна „каста на управувачи-функционери“ и да ги уреди нивните плати, сепак, ниту логички, ниту уставно правно не било дозволено нивните плати да бидат изземени при одредувањето на правото за исплата на нето платите на останатите вработени во јавниот сектор.

Како да не било доволно тоа што припадниците на „функционерскиот сталеж“ имале најголеми привилегии и други бенефити, сега со оспорената par excellence противуставна одредба (член 1 од Законот, или член 3-а од целината на Законот) се сакало овие нивни примања да се изолираат и конзервираат како „приказна сама за себе“, па надвор од секаков здрав разум и правна логика, без никакво објаснување и поткрепа, дури и се забранувало нивните достата високи плати да влијаат врз платите на останатите работници. Тоа било сосем нормална интеракција, затоа што и овие „привилегирани функционери“, во крајна линија, се граѓани на Република Македонија и земаат плата од истиот државен Буџет кои, преку јавни приходи, се полни од исти финансиски извори (парите на граѓаните), па според тоа, тие биле потполно еднакви пред Уставот и законите на нашата заедничка држава.

Поради сето наведено подносителите на иницијативата сметаат дека оваа антиконституционална и конфузна одредба (член 1 од Законот, или член 3-а од целината на Законот) е некомпатибилна со уставниот поредок, па земајќи ја предвид јавната полза и правичноста од тоа дејствие истата требала што побргу да биде касирана и да не постои во правниот систем како крајно штетна и претерано непопорционална, а имајќи пред се предвид дека и работничките права се човекови права.

3. Судот на седницата утврди дека, во член 1 од оспорениот Закон е предвидено дека во Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1994, 62/1995, 33/1997, 50/2001, 26/2002 и 46/2002), по членот 3 се додава нов член 3-а, кој гласи:

„При утврдување на правото за исплата на нето платите согласно со членот 3 од овој закон не се земаат нето платите на избраните и именуваните лица во Републиката пресметани согласно со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.”

Во членот 2 од истиот закон е предвидено овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија.“

Наведениот закон влегол во сила на 1 јуни 2005 година.

Во членот 4 од Законот за изменување и дополнување на
Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.161/2008) е предвидено брише-ње на зборот: „нето“ во целиот текст на Законот, освен во членот 9.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите, се и: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничу-вањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според членот 1 од целината на Законот за исплата на платите во Република Македонија со наведениот закон се уредува исплатата на платите и одделни надоместоци кај правните лица со седиште во Република Македонија, освен исплатата на платите на правните лица кај кои повеќе од 51% од средствата се во приватна сопственост.

Според членот 2 од наведениот закон, работодавачот платите ги исплатува во согласност со колективниот договор и овој закон, доколку со друг закон поинаку не е утврдено.

Во членот 3 став 1 од Законот е определено дека, работодавачот од членот 2 на овој закон, почнувајќи со исплатата на платите за јануари 2009 година, утврденото право на плата со овој закон за декември 2008 година го зголемува за износот на пресметаниот данок од плата, задолжителните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување.

Правото од ставот 1 на овој член, месечно може да се зголеми до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства (став 2).

По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, почнувајќи со исплатата на платите од јануари 2009 година, корисниците на Буџетот на Република Македонија, јавните здравствени установи, корисниците на локалната самоуправа, буџетите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Агенцијата за државни патишта и Агенцијата за вработување на Република Македонија, утврденото право на нето плата согласно со овој закон за декември 2008 година го зголемува за износот на пресметаниот данок од плата, задолжи-телните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување, a во рамките на обезбедените средства (став 3).

Во членот 1 од оспорениот Закон е определено дека по членот 3 од Законот се додава нов член 3-а, кој всушност е предмет на оспорување во иницијативата, а членот 2 го уредува влегувањето во сила на Законот.

Од анализата на членот 1 од оспорениот Закон, односно членот 3-а од целината на Законот произлегува дека во оваа одредба законодавецот определил дека при утврдување на правото за исплата на платите согласно со членот 3 од овој закон не се земаат платите на избраните и именуваните лица во Републиката пресметани согласно со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

Во членот 3-б од Законот е определено дека утврденото право на плата согласно со овој закон, може да се зголеми во случаи на организациони промени кај работодавачот, промени во квалифика-ционата структура на вработените, промени во висината на додатокот за работен стаж на вработените, со цел да не дојде до намалување на правото на плата на вработените, по претходно потврдена пресметка од министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за финансии.

Од анализата на цитираните одредби произлегува дека Законот за исплата на платите во Република Македонија ја уредува правната проблематика поврзана со исплатата на платите и одделни надоместоци кај правните лица со седиште во Република Македонија, освен исплатата на платите на правните лица кај кои повеќе од 51% од средствата се во приватна сопственост, при што овој закон како lex generalis има супсидиерна примена и се применува доколку со друг закон поинаку не е уредено (член 2).

Со цел да се утврди влијанието на оспорениот Закон по однос на висината на платите на избраните и именувани лица во Република Македонија во постапката пред Судот се јави за неопходно да се направи анализа на одредбите од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1990, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010 и 162/2010), при што се утврди следното:

Согласно член 10 став 1 од Законот, платата на функци-онер и на раководен работник се утврдува на начин што основицата за пресметување на платите се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство. Работното искуство се вреднува така што личниот доход во месечен износ се зголемува процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20% (став 2).

Согласно член 11 од Законот, основицата за пресме-тување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Во членот 27 став 1 од Законот се определени посебните видови на надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во Републиката, како што се:

– дневница за службено патување во земјата без трошоците за ноќевање до 8% од просечната нето плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија во претходните три месеци (алинеја 1).
– надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето плата по работник исплатена во стопанството на Социјалистичка Република Македонија во претходните три месеци (алинеја 3),
– надоместок за користење на годишен одмор најмалку во висина на просечна месечна плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија, во претходните три месеци (алинеја 5),
– испратнина при заминување во пензија во висина на двократен износ од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена до денот на исплатата (алинеја 6) и

– надоместокот на трошокот за погреб во износ на две просечни месечни нето плати на функционерот (воведната реченица на алинејата 7).

Според членот 29-а од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци (став 1). Средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје (став 2).

Во членот 29-б од Законот е определено дека, месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 84% (став 1). Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје (став 2).

Според членот 29-в од Законот, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.

Од анализата на цитираните законски одредби произле-гува дека платата на избраните и именувани лица во Републиката се утврдува на начин што основицата за пресметка на платите се множи со законски утврден коефициент, а основицата за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика (член 11).

Паралелната анализа на оспорениот закон и цитираните одредби од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија покажува дека е точно тврдењето во иницијативата дека основицата според која се пресметува правото на плата на вработените во Републиката е променета заради тоа што платите на избраните и именувани лица не се дел од наведената основица. Меѓутоа, анализата покажа и тоа дека ваквиот начин на пресметка на основицата на платата на вработените во Република Македонија има директно влијание и врз платата на избраните и именувани лица чија основица за пресметување на платите е просечната исплатена плата по вработен во Републиката за претходната година. Поточно, доколку исплатените плати на избраните и именувани лица се земаа во предвид при утврдувањето на правото на плата за сите вработени во Републиката, тоа секако би довело до поголема основица, односно плата и за самите избрани и именувани лица.

Овој начин на утврдување на правото на плата на вработените во Републиката има влијание и врз висината на надоместоците за: дневниците за службени патувања, за одвоен живот, испратнина при заминување во пензија, надоместок за трошоци за погреб, надоместок за присуство на седници на членовите на советите на општините и градот Скопје, односно за раководење со седниците на општините и советот на град Скопје за претседателите на советите. Ова од причина што појдовна основа за наведените надоместоци е просечната месечна нето плата по вработен во Републиката во која не спаѓаат исплатените плати на избраните и именуваните лица, како што предвидува оспорениот Закон. Во спротивно надоместоците секако би биле поголеми.

При направената анализа Судот имаше предвид дека и платата на судиите, на јавните обвинители, на членовите на Судскиот совет на Република Македонија и на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија се врши врз иста основица, таа основица е еднаква со просечната месечна плата по вработен во Републиката во претходната година според податоците на Државниот завод за статистика, таквата основица се множи со утврдениот коефициент кој се движи во законски определена рамка и сето тоа претставува систем на платите на носителите на јавните функции во Република Македонија.

Судот, исто така, имаше предвид дека не може да се стави знак на еднаквост меѓу вработените во правните лица во Републиката и избраните и именуваните лица, поради околноста што тие не се наоѓаат во еднаква правна положба, имаат различни права и одговорности, од каде и примаат плата според различни начини на пресметка. Освен тоа, самиот Закон дозволува да има супсидиерна примена, доколку со друг закон поинаку не е уредено (член 2).

Според тоа, законодавецот врз основа на уставното овластување да ги уредува општествените односи, односно да ги определува правата и обврските на граѓаните, а во тие рамки да ги утврдува и правата на носителите на јавните функции во Република Македонија, вклучително и нивното право на плата, правилно утврдил различен начин на пресметка на платите за одделни категории на граѓани, според нивните обврски и одговорности, од каде таквата определба не може да се доведе под сомнение по однос на согласноста со принципот владеење на правото и начело на еднаквост, бидејќи тие го обврзуваат законодавецот со еднаквите еднакво да постапува, а со нееднаквите нееднакво.

Имено, од изнесените уставни одредби произлегува дека правата на вработените, меѓу кои и правото на плата, се уредуваат со закон и со колективни договори, при што тие права мораат да бидат еднакви за граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што се обезбе-дува темелната вредност владеењето на правото. Еднаквоста, пак, подразбира еднакви права за граѓаните кои се наоѓаат во иста положба, што овде не е случај.

Според тоа тврдењето во иницијативата дека од страна на законодавецот бил донесен привилегирачки закон (leges privilegia) со кој одредена група се ставала во надредена позиција наспрема останатите граѓани, односно дека оспорениот закон го повредувал правото на еднаквост, како фундаментално човеково материјално право е неосновано.

Имајќи го предвид сето наведено Судот оцени дека оспорениот закон е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, член 9, член 51 и член 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски