Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2010).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот, означен во точката 1 на решението.
3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 44 став 1 алинеја 1 во деловите “со просек од наjмалку 8,0” и “со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса” од Законот, означен во точката 1 на решението.
4. Дарко Цветановски од Скопје, Маријана Талевска од с. Далбеговци, Битола, Борко Бајалски од Скопје и Африм Ќоку од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од членот 44 став 1 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, а со иницијативата на подносителот Дарко Цветановски од Скопје се бара и поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите изнесени во сите иницијативи, пропишаниот посебен услов од членот 44 став 1 алинеја 1 од Законот, односно пропишаниот просек од најмалку 8,0 за дипломираните правници со четиригодишно високо образование или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем, со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии, како услов за прием во почетната обука на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, бил спротивен на членот 9 став 2, член 23 и членот 32 став 2 од Уставот. Наведеното од причини што, дипломираните правници кои ги исполнувале сите услови за конкурирање на јавниот оглас за упис во Академијата, само заради помалиот просек од пропишаниот, нема да можат да конкурираат за прием во Академијата, односно нема да имаат ниту иницијална можност за тоа. Според наводите вистинско мерило за тоа кој кандидат бил достоен да биде примен на Академијата, бил квалификациониот и завршниот испит предвиден со Законот, а не постигнатиот успех на правникот. Поради тоа со оспорената одредба од Законот се правела неуставна диференцијација на оние граѓани кои го исполнувале спорниот услов и на оние кои не го исполнувале, со што се повредувале уставно загрантираните права на граѓаните на слободен избор на вработување, односно слободен избор на професија, а со тоа дипломираните правници, се ставале во нееднаква правна пложба.
Со иницијативата поднесена од Дарко Цветановски, се оспорува и членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот според кој приемниот испит содржи и тест за интегритет кој помеѓу другото подразбира и прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител, бидејќи бил спротивен на на членот 11 став 1 од Уставот кој определува дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, па оттука произлегувала контроверзноста на оспорената законска одредба да се бара од кандидатот да приложи листа од од 50 лица кои би дале податоци за нивните етички и морални вредности, а притоа ниту самиот кандидат не можел да биде свесен ниту сигурен за етичките и моралните вредности на самите лица кои за него треба да дадат такви податоци, односно неговата професионална иднина да зависи од тоа што кажале тие лице за него, а не успехот на кандидатот постигнат на предвидените стручни тестирања. Со самото тоа оспорената одредба била во спротивност и со членот 18 од Уставот со кој се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци како и заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Ова од причини што со самото тоа што кандидатот треба да предложи 50 лица кои би дале податоци за неговите лични и етички способности, директно се засегало во неговиот морален и личен интегритет и користење на информации за него кои не можеле со сигурност да се потврдела како вистинити, како и тоа што со оспорената законска одредба длабоко се задирало во личниот и интимниот живот на кандидатот.
5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот дел од членот 44 став 1 алинеја 1 од Законот, како еден од условите кој кандидатот треба да го исполни за прием во почетна обука во Академијата, е да биде дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку 8,0 или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии.
Исто така, Судот, констатира и дека според оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, тестот за интегритет, помеѓу другото се состои и од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Комисијата за приемен испит од листа на 50 предложени лица од кандидатот со најмалку завршено четиригодишно средно образование, кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврт степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Со членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните ем се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Во членот 23 од Уставот, е утврдено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Согласно членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Со членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според членот 44 став 1 од Уставот секој има право на образование, а според ставот 2 од истиот член обрзованието е достапно на секого под еднакви услови.
Со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Според членот 40 од Законот, обуката на судиите и јавните обвинители претставува организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на нивната функција.
Според членот 41 од Законот, Академијата организира почетна и континуирана обука.
Со членот 44 од Законот, определени се условите за прием во почетната обука за судии и јавни обвинители.
Според оспорениот член 44 став 1 алинеја 1 од Законот, како еден од условите кој кандидатот треба да ги исполни за да може да аплицира на јавниот оглас е да биде дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку 8,0 или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии.
Со алинеите 2-9 од членот 44 став 1 од Законот, определени се другите услови за прием во почетна обука и тоа: положен правосуден испит, работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит, да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност, да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, активно да познава еден од официјалните јазици на Европската унија од кои задолжително англискиот јазик, практична работа со компјутери и да е работоспособен и да има општа здравствена способност.
Со членот 49 од Законот, определено е дека приемниот испит се состои од квалификациски тест, психолошки тест, тест за интегритет и испит.
Според членот 50 став 1 од Законот, квалификацискиот тест се врши во писмена форма и анонимно, со цел да се проверат знаењата на пријавените кандидати на домашното материјално и процесно право, меѓународното право, правото на Европската унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права, со цел да ги селектира кандидатите по квалитет, определен како минимум знаење за посетување на програмата за почетна обука. Според ставот 2 од истиот член, психолошкиот тест се спроведува со цел по пат на социјалните способности да ги афирмира кандидатите за вршење на функцијата судија и јавен обвинител.
Со оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, е определено дека тестот за интегритет, помеѓу другото се состои и од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Комисијата за приемен испит од листа на 50 предложени лица од кандидатот со најмалку завршено четиригодишно средно образование, кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврт степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.
Според членот 55 став 5 од Законот тестот за интегритет се оценува со оцена “задоволува”, “делумно задоволува” и “не задоволува”, а според ставот 6 од истиот член се смета дека пријавеното лице кое добило оцена “не задоволува” на тестот за интегритет нема право да го полага испитот.
Од анализата на оспорениот дел од членот 44 став 1 алинеја 1 од Законот, произлегува дека законодавецот, покрај другите услови за прием во почетна обука во Академијата, пропишал и услов за дипломираните правници со завршено четири годишно високо образование на правни студии, односно да имаат просек од најмалку 8,0 и за дипломираните правници со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), да имаат просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии.
Со иницијативите се оспорува овој предвиден услов за прием во почетна обука во Академијата содржан во оспорениот дел од членот од Законот, бидејќи се правела неуставна диференцијација на оние граѓани кои го исполнувале спорниот услов и на оние кои не го исполнувале, со што се повредувале уставно загрантираните права на граѓаните на слободен избор на вработување, односно слободен избор на професија, а со тоа дипломираните правници, се ставале во нееднаква правна пложба.
Според Судот, од аспект на овие наводи не може да се доведе под уставно сомнение оспорениот дел од одредбата од Законот. Имено, во случајов станува збор за услов за прием во почетна обука, што значи дека на сите заинтересирани лица кои го исполнуваат овој услов предвиден со овој закон, подеднакво им е достапен приемот во почетната обука во Академијата. Од овие причини, според Судот, не можат да се прифатат наводите од иницијативите дека со овој оспорен услов граѓаните се ставале во нееднаква правна положба пред Уставот и законите, а и дека со овој услов се повредувале уставно загрантираните права на граѓаните на слободен избор на вработување, како и слободен избор на професија, бидејќи предвидениот оспорен услов претставува услов за прием во почетна обука.
Оттука според Судот, право е на законодавецот да ги пропишува условите за прием во почетната обука во Академијата уреден со закон, односно приемот во почетната обука е подеднакво достапен за сите лица кои го исполнуваат овој пропишан услов, од кои причини Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата од членот 44 став 1 алинеја 1 е во согласност со одредбите на Уставот.
Од анализата на оспорениот член 50 став 3 алинеја 2 од Законот, произлегува дека законодавецот ја пропишал оспорената законска одредба со цел да се проверат етичките и моралните вредности на кандидатите за вршење на функцијата судија или јавен обвинител. Во конкретниот случај законодавецот оценил дека реална и објективна слика за етичките и моралните вредности на идните судии и јавни обвинители, може да биде формирана со прибирање на податоци и информации од надворешни лица кои го познават кандидатот најмалку три години, кои со кандидатот не се во крвно стродство до одреден степен и кои имаат завршено најмалку четири годишно образование. Со вака пропишаното законско решение за кандидатот е пропишана обврска да изнајде 50 лица и да го докаже времетраењето на познатството, несродството и степеното на нивното образование, сето тоа за 50 граѓани. Ова под претпоставка дека тие 50 граѓани се морално и етички подобни за да бидат компетентни во давањето на мислењето. Наведеното значи дека целта на ова законско решение е да се изврши вреднување на моралните и етичките вредности на кандидатот со утврдување на описна оцена “задоволува”, “делумно задоволува” и “не задоволува” (член 55 став 5 од Законот). Пријавените лица, кои добиле оцена “не задоволува” на тестот за интегритет, немаат право да го полагаат приемниот испит (член 55 став 6 од Законот).
Според судот, вака пропишаното законско решение не е во согласност со членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот. Имено, според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Тоа значи дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот подразбираат и неповредливост на неговиот физички и морален интегритет. Со пропишаното законско решение кое се оспорува со иницијативата и со кое е овозможено да се врши вреднување на етичките и моралните вредности на граѓаните, според Судот, директно се навлегува во нивниот морален интегритет, кој е неповредлив, но со оспореното законско решение, тоа се овозможува, а се овозможува и моралниот интегритет да биде нарушен во случај на нивно негативно оценување, односно негативно вреднување со оцена “не задоволува”. На овој начи се доведува во прашање и почитувањето и заштитата на личниот и семеен живот на граѓаните, како и почитување и заштита на нивното достоинство и угледот. Имено, со самата квалификација на пријавениот кандидат дека не го поминал тестот за етички и морални вредности со оценување “не задоволува”, уставната гаранција за почитување и заштита на достоинството и угледот на секој граѓанин, е нарушена.
Исто така, утврдувањето на личните морални и етички вредности на пријавените кандидати врз основа на прибавено мнение од други субјекти, по оценка на овој суд, тоа не обезбедува објективност и непристрасност во формирањето на етичкиот и морален профил за пријавениот кандидат, од кој ќе зависи дали тој ги исполнува условите за вршење на судиската и обвинителската функција или тоа нема да биде случај. Утврдувањето на личните вредности врз основа на мнение од други субјекти, всушност тргнува од претпоставка дека тие 50 граѓани се морално и етички подобни за да бидат компетентни во давањето на мислењето за друг, според Судот е неприфатливо, од аспект на објективно утврдување на етичките и морални вредносни квалификации. Воедно, за Судот, е неприфатлив пропишаниот услов, кандидатот предложените 50 лица да ги познава најмалку три години, од аспект на докажливоста на овој услов. Според Судот, пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на пријавените кандидати за вршење на функцијата судија и јавен обвинител, не ги задоволува критериумите на објективност, непристрасност и применливост, од аспект на владеењето на правото, а исто така и од аспект на уставно гарантираните права на граѓаните за неприкосновеност на нивниот физички и морален интегритет, утврдени во членот 11 став 1 од Уставот, како и уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот, достоинството и угледот на граѓаните, утврдени во членот 25 од Уставот.
Оттука, Судот оцени дека вака пропишаното законско решение од членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот, не е во согласност со членот 11 став 1 и членот 25 од Уставот.
7. Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај основано се постави прашањето за согласноста на членот 50 став 3 алинеја 2 од Законот со одредбите од Уставот, а исто така, судот оцени дека се настапени предвидените услови за примена на одредбите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија, преземени врз основа на оспорениот член од Законот. По однос на оспорениот дел од членот 44 став 1 алинеја 1 од Законот, за Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспорениот законски дел со одредбите на Уставот.
8. Поради изнесеното, Судот одлучи како во изреката на ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.156/2010
29 ноември 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски