Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македoнија, членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2011 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Љубомир Данаилов Фрчкоски од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, гарантирани со членот 16 од Уставот, за кои барателот смета дека му биле повредени со Пресуда К.бр. 991/09 од 01.10.2010 година, донесена од Основниот суд Скопје I Скопје и со Пресуда КЖ.бр. 332/11 од 07.03.2011 година на Апелациониот суд Скопје.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Љубомир Д. Фрчкоски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
Во барањето наведува дека тој како колумнист на 20.01.2009 година, објавил колумна во дневниот весник “Дневник”, насловена како “Франфуртската vis-а-vis Демирхисарска школа”, во која тој се обидел како редовен долгогодишен колумнист во весникот, критички да се осврне и изрази и да направи паралела на политичкиот дијалог кој владеел во Републиката наспроти претседателските избори, алудирајќи на квалитетот на кои тие се воделе, користејќи метафора при изразувањето, односно “Франкфуртска школа” што според колумнистот било синоним на престиж и “Демирхисарска школа” што било синоним на школа од провинција. Во барањето се наведува дека колумната се однесувала на тогашниот претседателски кандидат на партијата ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Ѓорѓи Иванов.
Во барањето се наведува и дека Светомир Шкариќ, професор во пензија на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, а сегашен советник на Претседателот на Република Македонија, му поднел приватна кривична тужба на Љубомир Д. Фрчкоски, за кривичните дела “Навреда” и “Клевета”, а поради насловениот текст на колумната “Франфуртската vis-а-vis Демирхисарска школа” и поради содржината на делот од објавената колумна со текст: “Должиш кандидатче, должиш…Никој не ти бара да вратиш, но должиш. Ни должиш мене и на професор Мицајков што те доведовме на факултет и се боревме на наставничкиот совет да те примат. На Советот твојот сегашен ментор Шкариќ беше крволочно против твојот прием (види записник од наставничкиот совет на Правниот факултет)”.
Во барањето исто така се наведува дека Основниот суд Скопје I Скопје, постапувајќи по приватната кривична тужба, со пресуда К.бр. 991/09 од 01.10.2010, го огласил Љубомир Д. Фрчкоски за виновен за кривични дела Клевета и Навреда, а во врска со дел од содржината на објавената колумна и изречена му е единствена парична казна од 50 дневни глоби во вредност од 500 евра во денарска противвредност од 30.750,00 денари. Се наведува и дека било предјавено оштетно побарување во висина од 25.000 евра во денарска противвредност, на име нематеријална штета, претрпена со повредата на честа и угледот на приватниот тужител, за што судот ќе одлучел со дополнителна пресуда. Против првостепената пресуда барателот вложил жалба до Апелациониот суд Скопје, кој постапувајќи по жалбата, со Пресуда КЖ.бр. 332/11 од 07.03.2011 година, ја одбил истата како неоснована, а првостепената пресуда ја потврдил.
Незадоволен од второстепената пресуда, барателот вложил вонреден правен лек Барање за заштита на законитоста до Јавниот обвинител на Република Македонија, за што барателот се уште немал одговор за основаноста на вложениот вонреден правен лек.
Барателот Љубомир Д. Фрчковски, смета дека неговото уставно право на слобода на мисла и изразување на мислата, му било повредено во кривичната постапка, иницирана по тужба на тужителот Светомир Шкариќ од Скопје, против него како обвинет, бидејќи во постапката погрешно биле толкувани одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваеле на делата “клевета” и “навреда”, па сето тоа резултирало со донесување на осудителна пресуда. Исто така во барањето се наведува дека на Љубомир Д. Фрчкоски како обвинет во кривичната постапка, му било скратено и правото на слобода на изразување во смисла на образложување и објаснување на своите докази, а со тоа и индиректно му било ускратено и правото на одбрана.
Понатаму, во барањето се наведува дека во врска со објавената колумна, не постоело кривично дело “Клевета”, конкретно во делот од текстот “на советот на кој твојот сегашен ментор Шкариќ беше крволочно против твојот прием”, бидејќи според барателот тука немало тврдење, односно пренесување на нешто што било за општа осуда од јавноста, од каде и би предизвикало повреда-штета врз честа и угледот на тужителот. Ставот дали некој подржувал некого или не, бил личен став на секој човек и изнесувањето на тој став пред друг, според барателот, во никој случај не значело повреда на угледот, бидејќи фактот дали некој бил против или за нешто, не претставувал вредносен суд за човекот, па оттука и не можело да претставува дејствие со кое се вршело клевета. Според барателот тужителот не бил јавна личност ниту извршувал јавна функција и не било јасно на кој начин првостепениот суд утврдил дека содржината во Колумната влијаела врз него и кои тешки последици ги претрпел тој и пред која јавност му била нарушена честа и угледот, со оглед дека тужителот не бил јавна личност.
Во однос на второто кривично дело “Навреда”, барателот наведува дека погрешно судот извлекол заклучок и оценил дека со текстот “Демирхисарска школа” се мислело на психијатриската болница во Демир Хисар. Наведува и дека целиот текст се однесувал на Ѓ. Иванов како претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но судот тоа не го прифатил, затоа што името на тужителот било споменато во текстот и покрај тоа што во Колумната биле споменати уште три лица и тоа Ѓ. Иванов, М. Мицајков и Љ. Бошковски, па на барателот не му е јасно како тоа судот утврдил дека токму на тужителот се однесувал текстот.
Во барањето се наведува и дека во текот на постапката, барателот Љубомир Д. Фрчкоски, безуспешно се обидувал да објасни дека не постоела умисла и намера никого да навреди или наклевети, туку всушност преку алузија користејќи метафора на “Франкфуртска школа”, што според барателот било синоним за престиж и “Демирхисарска школа”, што според барателот било синоним на школа од провинција, сакал критички слободно да се осврне и изрази за квалитетот на кои се воделе претседателските избори, а не мислел на психијатриската болница, односно на деградирачки израз, од што јавноста би заклучила дека припадниците на таа школа биле душевно расторени лица, како што тоа го доживеал тужителот Шкариќ и како што така го прифатил и судот при одлучувањето. Имено, според барателот, погрешен бил ставот на судот во расчистувањето на дилемата дали во случајот, текстот “Демирхисарска школа” во јавноста се доживувал како алузија на “школа во провинција”, како што впрочем сметал барателот, или пак, како “психијатриска болница” со алузија на “провинција на душевно растроени лица”, како што впрочем го доживеал тужителот, и како што судот тоа го прифатил, со што во зборовите на барателот судот внел друго значење, спротивно на вистинското значење на објавениот текст. Понатаму, се наведува во барањето, водените постапки биле спротивни на сите демократски начела бидејќи недозволиво било некој да се казнува за своја мисла, а во контекст на наведеното, од самото имотно-правно барање на приватниот тужител, во висина од 25.000 евра, се гледало дека целта на приватниот тужител не била да си ја заштити својата чест и углед, туку тој да се стекнел со имотна корист.
Во барањето понатаму се наведува дека во кривичната постапка, биле апсолутизирани правата на заштита на ликот, достоинството и угледот на приватниот тужител Шкариќ, наспроти општиот јавен интерес, односно легитимната цел на јавноста за информации за прашања од јавен карактер, со што на барателот Љубомир Д. Фрчкоски, му биле грубо нарушени неговите уставно загарантирани права на слобода на мислата, говорот и слободно изразување на мислата. На барателот јасна му била одредбата од членот 10 став 2 од Европската конвенција на човекови права и слободи, која го заштитува правото на слобода на изразување, тоа право не е безусловно, туку е подлежно на можни рестрикции и формалности, услови и казни определени со закон, неопходни во едно демократско општество и кои се однесуваат меѓу другото и на правата и репутацијата на другите, како и дека во услови на локална национална јуриспруденција, можните рестрикции или формалности, услови и казни кај заштитата на правото на слободно изразување, зависат од оценката на националниот суд (државата) на легитимноста на целта на заштита и неопходноста таа цел да се заштити како услов во едно демократско општество, но според барателот судот ја занемарил важноста на слободниот печатен медиум и неговата улога во демократското општество и направил дисбаланс на интересот, со тоа што во конкретниот случај судот, дал превисока и несразмерна заштита на честа и угледот на приватниот тужител.
3. Судот на седницата утврди дека на ден 20.01.2009 година во дневникот весник “Дневник”, Љубомир Д. Фрчкоски, во пресрет на претседателските избори, чиј кандидат бил и тој, објавил колумна под наслов Франфуртската vis-а-vis Демирхисарска школа со следната содржина:
“Колумна
Франкфуртска vis-a-vis Демирхисарската школа
Должиш кандидатче, должиш… Никој не ти бара да вратиш, но должиш. Ни должиш мене и на професор Мицајков што те доведовме на факултет и се боревме на наставнички совет да те примат. На Советот твојот сегашен ментор Шкариќ беше крволочно против твојот прием.
Ви должам едно извинување, драги мои! Ве давам со претставници и ставови на Франкфуртската филозофска школа и ненамерно ве дезориентирам. Кај нас всушност доминира и се зацврстува Демирхисарската школа. Последна индикација е разврската на партискиот тендер за кандидат за претседател на Републиката, на ВМРО-ДПМНЕ. На тендерот доби најевтиниот кандидат (и во таа смисла тендерот е коректен).Целата таа гротескна реканонизација на македонскиот идентитет со античноста и безвезноста, во изведба на ДПМНЕ го доби својот Палп-идеолог-кловн на чело.
Нормално, премиерот својот личен „анкетар“ и треба да го промовира, а како во секоја комедија од публика, менторите, со намера да му помогнат веднаш го дозакопаа прогласувајки го за „бланширан“ Обама. Така и треба! Карикатурата на македонските стомачни грчеви со античноста треба да се доведе до апсурд!
Во анализите на изјавите на пациентите С. Фројд користи техника што се нарекува ПЕРСЕВЕРАЦИЈА. Тоа е анализа на текст-исказ преку нагласеноста на пооделни зборови во него, повторувања и акценти и откривање преку тоа што пациентот сака да го потисне, скрие и одбие. Ако ја примениме истата на првите изјави на „кандидатот“ ќе откриеме дека тој „…дошол од провинција… не должи никому ништо за својата кариера… и дека е подготвен да и’ помогне на Македонија во евро-атланските интеграции…“.
И за аматер психијатар содржината на ваков исказ кој на прва топка нагласува дека дошол од провинција е агресивно истакнување дека нема комплекс од тоа, непрашан од никого, што говори за обратното, дека тој комплекс го носи и не успеал да го исконтролира. Тоа би било веројатно неважно за нас, но покажува дека уште еден во низ оптоварени типови можеме лесно да добиеме на власт, чии мали провинциски фрустрации ќе ги лечиме со големопотезна политика за Алаксандар факинг големиот и Голема Македонија.
Тоа што кандидатчето од „завчера“ се занимава со античките корени на сегашните Македонци се вклопува идеално во јатото на „довчерашни“ вмровци. И двете страни ги кријат плитките корени во комедијата гранде и се спојуваат како лего-коцки. Но, она второто во исказот, дека не должи никому ништо за кариерата, тоа малку потешко за оние што го знаат!
Должиш кандидатче, должиш… Никој не ти бара да вратиш, но должиш за должење. Ни должиш мене и на професор Мицајков што те доведовме на факултет и се боревме на наставнички совет да те примат. На Советот на кој твојот сегашен ментор Шкариќ беше крволочно против твојот прием (види записник од наставничкиот совет на Правниот факултет). Поради благодарност потоа ми ги поправаше радиото и Hi-Fi неколкупати. Што беше ферски од него.
Ми се јави еден пријател деновиве, кој го знае случајот и ми вика: Професоре, а бе оној што ти ја поправаше пеглата станал кандидат на ВМРО? Јас го коригирав: „Не пеглата, туку радиото“. И искоментирав: „Живот, јеби га! C’est la vue!“. Мислам со ваков избор на кандидат за претседател на републиката, ВМРО-ДПМНЕ и отвора шанса на здружената опозиција. Има некоја Божја правдина во тоа што личниот анкетар на премиерот ќе треба да ги докаже анкетите и високите бројки на поддршка за партијата кои ги правел, сега врз себе како кандидат.
Ќе видиме лесно дали гласачите на ВМРО од анкетите сега ќе гласаат во приближен број за овој кандидат? Она што е очигледно е дека „класичните“ вмровци ќе бидат на мака. Брат Љубе ќе „касне“ од нив за себе до една третина од гласовите. А во тој меѓупростор сериозен кандидат на опозицијата има шанси за себе! Дали таа ќе најде таков, не знам, но простор се отвора сега!”
Судот исто така утврди дека лицето Светомир Шкариќ, професор на Правниот Факултет “Јустинијан Први”, сега професор во пензија, поднел приватна кривична тужба против Љубомир Д. Фрчкоски, за клевета и навреда, а во врска со текстот на објавената колумна.
По повод поднесената приватна кривична тужба, пред Основниот суд Скопје I Скопје, оформен бил предмет К.бр.991/09 и спроведена кривична постапка во која биле изведени вербални и материјални докази и тоа со: читање на одбраната на обвинетиот дадена на записник за главен претрес од 02.06.2010 година, сослушување на приватниот тужител во својство на оштетен и увид во: оригинален извадок од дневниот весник “Дневник“ од 20 јануари 2009 година-колумна “Франкфуртска vis-a-vis Демирхисарската школа”, записник број 08-596/2 од 29.09.1995 година, реферат за избор на асистент во научна област, политички теории на Правниот факултет-Скопје објавен во билтен број 664 од 01.09.1995 година, барање од 21.02.2009 година со нечиток деловоден број, записник од седница на наставно-научен совет одржан на 29.01.2010 година под деловоден број 02-60/1 и извештај број 08-547/1 од 28.06.1996 година.
Обвинетиот Љубомир Д. Фрчкоски во своја одбрана дадена на записник за одржан главен претрес од 02.06.2010 година, не ја спорел содржината на објавената колумна, но навел дека не ги сторил кривичните дела кои му се ставале на товар и дека поднесената кривична тужба немала правен основ и истата била поднесена од лукративни причини заради стекнување со имотна корист. Навел и дека предметниот текст не се однесувал на приватниот тужител, туку на сегашниот претседател Ѓорге Иванов и на јавно изразениот став на приватниот тужител против изборот на тоа лице за асистент на Факултетот за политички науки, кое нешто не можело да се смета за клевета, само затоа што некој го кажал своето мислење дека некој друг бил за или против нечиј избор за научно звање. Навел и дека лицето Ѓорге тој го имал донесено на Факултетот и како негов професор најдобро му било познато кој му создавал отпор околу ангажманот, кој му ги бојкотирал вежбите и слично. Појаснил дека за избор на наставен кадар на Факултетот поминувале формално најмалку три состаноци на Наставничкиот совет на кои се воделе посебни записници, но навел и дека во конкретниот случај на состанокот одржан на 29.09.1995 година кога се гласало за прием на асистент за научната област Политички теории, приватниот тужител Шкариќ не присуствувал. Понатаму навел дека колумната била напишана после 15 години од одржувањето на состанокот и дека истата тој ја напишал по сеќавање, а мотив за да ја напише била изјавата на тогашниот кандидат за претседател и сегашен претседател Ѓорге Иванов, кој навел дека никому ништо не му должел во својата кариера, па колумната била напишана со намера да го потсетел и да му посочел дека должел и тоа во однос на неговиот прием на Факултетот, со тоа што иронично било некои луѓе кои биле против неговиот прием, сега да станат негови советници.
Во однос на наводите во приватната тужба за кривичното дело “навреда”, обвинетиот навел дека терминот “Демирхисарска школа” бил употребен за компарација со “Франкфуртската школа” која била позната теоретска марксистичка школа од минатиот век, па со наведениот термин сакал да ја потенцира огромната разлика помеѓу нивоата на дебата во тие школи, а чии што пример била токму “Франкфуртската школа” со напомена дека терминот “Демирхисарска школа” не го употребил како метафора на некаква болница за душевни болести која што се наоѓала во Демир Хисар. Во однос на употребениот термин “крволочно”, обвинетиот навел дека истиот бил употребен описно со намера да се искаже нечија жестокост.
Приватниот тужител, сослушан во својство на оштетен, навел дека со објавувањето на колумната од обвинетиот, повредени биле неговата чест и углед и нанесена му била навреда со која грубо бил повреден неговиот интегритет како личност и универзитетски професор поради невистините изнесени во колумната, односно дека тој бил против изборот на Ѓорге Иванов за асистент на Факултетот, односно не било точно тврдењето од обвинетиот дека менторот (приватниот тужител), го бојкотирал и попречувал неговиот избор, но спротивно на тоа тој бил именуван за негов ментор. Исто така приватниот тужител бил и член на Рецензионата комисија која го пишувала Извештајот во 1998 година за избор на д-р Ѓорге Иванов за доцент на Факултетот, како и член на комисијата за избор на ова лице за вонреден професор на факултетот, но приватниот тужител го издвоил своето мислење и дал предлог наведеното лице да биде избрано за редовен професор на Факултетот, а во 2006 година излегол и нивниот заеднички учебник, што сето тоа упатувало на позитивен однос помеѓу Ѓорге Иванов и приватниот тужител Шкариќ како негов ментор, а тоа му било познато на обвинетиот.
Во однос на кривичното дело навреда, приватниот тужител навел дека Ѓорге Иванов и тој како негов ментор, во колумната од обвинетиот, имале квалификација дека припаѓаат на демирхисарската школа, кој термин не бил употребен во наводници и дека од текстот можело да се заклучи дека тие биле споредувани со франкфуртската школа на која припаѓал обвинетиот и која школа уживала репутација, додека демирхисарската школа било нешто деградирачко и пониско, алудирајќи дека истите биле припадници на психијатриската болница во Демир Хисар и дека се душевно пореметени, на кој начин обвинетиот Фрчкоски го изложил приватниот тужител Шкариќ на јавен потсмев, сакајќи да го деградира неговиот углед како личност и промотор на лицето Иванов. Според исказот на приватниот тужител, обвинетиот тоа свесно го направил, со намера да отвори пат за своја промоција како претседателски кандидат. Понатаму приватниот тужител навел дека и покрај тврдењата на обвинетиот дека текстот во колумната не се однесувал на приватниот тужител, тој смета дека објавениот текст се однесува на него, од причини што во самиот текст било посочено презимето на приватниот тужител Шкариќ.
Основниот суд Скопје I Скопје, по спроведената кривична постапка, со Пресуда К.бр. 991/09 од 01.10.2009 година, го огласил сега барателот Љубомир Д. Фрчкоски за виновен затоа што на ден 20.01.2009 година во весникот “Дневник” со наслов “Франкфуртска vis-a-vis Демирхисарската школа”, зборувајќи за претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов ги изнел зборовите “Должиш кандидатче, должиш… Никој не ти бара да вратиш, но должиш за должење. Ни должиш мене и на професор Мицајков што те доведовме на факултет и се боревме на наставнички совет да те примат. На Советот на кој твојот сегашен ментор Шкариќ беше крволочно против твојот прием (види записник од наставничкиот совет на Правниот факултет), кои зборови, според Судот, биле груба невистина и штета на честа и угледот на приватниот тужител. Со истата пресуда, барателот Фрчкоски бил огласен за виновен затоа што на ден 20.01.2009 година во весникот “Дневник” со наслов “Франкфуртска vis-a-vis Демирхисарската школа”, го сврстил приватниот тужител во редовите на “Демирхисарската школа”, како нешто деградирачко во јавноста во однос на “Франкфуртската школа” на која и припаѓал обвинетиот Фрчкоски.
Судот, утврдил дека со горенаведените дејствија Љубомир Д. Фрчкоски сторил едно кривично дело Клевета од член 172 став 1 од Кривичниот законик, за кое дело му утврдил парична казна во износ од 30-триесет дневни глоби од по 10 евра за една глоба, во денарска противвредност од по 615,00 денари за една дневна глоба и едно кривично дело навреда од член 173 став 1 од Кривичниот Законик, за кое дело, исто така, му утврдил парична казна во износ од 30-триесет дневни глоби од по 10 евра за една глоба, во денарска противвредност од по 615,00 денари за една дневна глоба, односно судот го осудил обвинетиот Љубомир Д. Фрчкоски на единствена парична казна од 50 дневни глоби од по 10 евра, за една глоба, во денарска противвредност од по 615,00 денари за една дневна глоба, во вкупен износ од 500-петстотини евра во денарска противвредност од 30.750,00 денари, која казна обвинетиот да ја плати во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, а под страв од присилно извршување.
Судот, одлучил секоја странка во постапката да ги сноси своите трошоци, а за предјавеното имотно-правно побарување на оштетениот-приватниот тужител Светомир Шкариќ, судот констатирал дека ќе одлучел со дополнителна пресуда.
Судот, исто така одлучил, на сметка на осудениот да се објави извод од пресудата К.бр. 991/09 од 01.10.2010 година во дневниот весник “Дневник“, во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.
Во образложението на пресудата, судот навел дека од вербалните и материјални докази кои судот ги извел во текот на постапката, несомнено утврдил дека обвинетиот ги сторил предметните кривични дела за кои се товарел.
Имено, судот утврдил дека обвинетиот Љубомир Д. Фрчкоски во колумната навел невистини кога повикувајќи се на записник од наставнички совет на Правниот факултет, тврдел дека приватниот тужител Шкариќ бил крволочно против приемот на кандидатот Ѓорге Иванов (сега претседател на Република Македонија) за асистент на Правниот факултет, односно дека воопшто постоел негативен однос на приватниот тужител Шкариќ против лицето Ѓорга Иванов. Тоа судот го утврдил од рефератот за избор на асистент во научна област, политички теории на Правен факултет-Скопје објавен во билтен број 664 од 01.09.1995 година, записникот број 08-596/2 од 29.09.1995 година и извештај број 08-547/1 од 28.06.1996 година, од кои документи неспорно произлегувало дека приватниот тужител и не можел да биде против изборот за асистент на лицето Ѓорге Иванов и крволочно да се спротивставува на изборот, бидејќи тој воопшто и не приссуствуал на Наставно-научниот совет на Факултетот кога се избирало тоа лице за асистент, но напротив, Рецензионата комисија, чии што член бил и приватниот тужител Светомир Шкариќ, до Наставно-научниот совет на Факултетот, доставила Реферат со извештај во кој меѓу другото било наведено дека со посебно задоволство се предлага кандидатот м-р Ѓорге Иванов да биде избран за асистент на наведената област, па на одржаната седница на 29.09.1995 година на Наставно научниот совет на Факултетот, наведеното лице едногласно било избрано за асистент, на која седница приватниот тужител Шкариќ не присуствувал, односно оправдано бил отсутен, што било констатирано во записникот од одржаната седница. На 26.06.1996 година по одлука на Наставно научниот совет на Факултетот била формирана Комисија за оценка на подобноста на асистентот м-р Ѓорге Иванов да пристапи кон изработка на својата докторска дисертација, во која Комисија член бил приватниот тужител Шкариќ, при што видно од Извештајот на Комисијата, судот утврдил дека за ментор на кандидатот во изработката на неговиот докторски труд, бил определен приватниот тужител.
Од погоре наведеното судот утврдил дека во ниту еден момент приватниот тужител не бил крволочно против изборот на Ѓорге Иванов, ниту пак имал негативен однос спрема истиот, а со тоа и заклучил дека изнесените тврдења во колумната отстапувале од утврдените постоечки факти и дека по својата содржина се подобни да му нанесат штета на честа и угледот на приватниот тужител.
Од содржината на колумната, за судот произлегувало и дека обвинетиот Фрчкоски, менторите на тогашниот кандидат за претседател Ѓорге Иванов, а сегашен актуелен Претседател на Република Македонија ги сместувал во редовите на “Демирхисарската школа”, бидејќи по оцена на судот тој термин обвинетиот го употребил како метафора за Психијатриска болница во Демир Хисар, а тоа само по себе претставувало деградирање, понижување, навредување и повреда на интегритетот на приватниот тужител Шкариќ, како личност и долгогодишен универзитетски професор.
Оттука, судот оценил дека во конкретниот случај предметниот текст од објавената колумна напишана од обвинетиот, содржела невистинито фактичко тврдење односно тврдење дека некои факти постоеле иако не постоеле, ниту пак обвинетиот ги докажал, кои наводи по својата содржина му нанеле штета на честа и угледот на приватниот тужител, како и наводи со кои се навредувала и деградирала личноста на приватниот тужител како долгогодишен универзитетски професор, признат и ценет во својата професија.
Против првостепената кривична пресуда, Љубомир Д. Фрчкоски, поднел жалба до Апелациониот суд Скопје, поради сторени суштествени повреди на одредбите од кривичната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција, како и поради одлуката за објавување на пресудата преку печатот.
Постапувајќи по изјавената жалба, Апелациониот суд Скопје донел Пресуда КЖ.бр. 332/11 со која ја одбил жалбата во целост како неоснована, а пресудата на првостепениот суд ја потврдил.
Судот го ценел жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка, но истите не ги прифатил бидејќи судот утврдил дека обжалената пресуда не содржела недостатоци поради кои не би можела да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, со оглед дека изреката на пресудата била јасна и разбирлива, а во образложението биле содржани доволни причини за утврдените решителни факти и заземените правни ставови на судот.
Имено, судот не го прифатил жалбениот навод дека првостепениот суд сторил суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка поради тоа што при донесувањето на одлуката го пречекорил обвинението, односно извршил преквалификација на кривичните дела по службена должност на штета на обвинетиот, бидејќи приватниот тужител го обвинувал обвинетиот по членовите 172 став 2 и 173 став 2 од КЗ кои биле бришани од КЗ и тие квалификации на кривични дела за кои обвинетиот се теретел повеќе не претставувале кривични дела, во кој случај согласно членот 368 став 1 точка 1 од ЗКП според кој “пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението судот ќе изрече, ако делото за кое се обвинува не е кривично дело според законот”, поради што според жалбените наводи, првостепениот суд требал да донесе ослободителна пресуда, а не да изврши преквалификација, но второстепениот суд оценил дека тие жалбени наводи се неосновани бидејќи согласно со членот 364 став 2 од Законот за кривичната постапка првостепениот суд не е врзан за предлозите на тужителот во поглед на правната оцена на делото, врз основа на што, во конкретниот случај првостепениот суд откако правилно утврдил дека во дејствијата на обвинетиот биле содржани сите битни елементи за сторени кривични дела Клевета од членот 172 став 1 од КЗ и Навреда од член 173 став 1, го огласил обвинетиот виновен за тие кривични дела.
Второстепениот суд ги одбил и жалбените наводи дека првостепениот суд не го применил правилно и членот 381 став 2 од ЗКП според кој “суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка постои и ако судот додека го подготвува главниот претрес или во текот на главниот претрес, или при донесувањето на пресудата не применил или неправилно применил некоја одредба од овој закон, или на главниот претрес го повредил правото на одбраната, а тоа влијаело или можело да влијае врз законитото и правилното донесување на пресудата”, кога на главниот претрес одржан на 29.09.2010 година, ги одбил приложените докази – Записник од седница на Институтот за политички и правно-политички студии и Одлука за распоред на работните задачи за учебна 1997/98 година, кои ги предложил обвинетиот, од причини што второстепениот суд оценил дека правилно првостепениот суд го одбил предлогот на бранителот на обвинетиот да се изведат горенаведените докази, поради тоа што предмет на одлучување во постапката бил конкретен кривично правен настан, и тие предложени докази не биле од влијание и важност за утврдување на релевантни факти во врска со настанот, односно за утврдување на фактичката состојба.
Исто така второстепениот суд оценил дека првостепениот суд правилно и целосно ја утврдил фактичка состојба, кога од изведените вербални и материјални докази во текот на постапката нашол дека обвинетиот ги изнел изнел инкриминираните зборови во Колумната.
Второстепениот суд ги ценел жалбените наводи дека првостепениот суд во пресудата само ги повторил наводите на приватниот тужител без притоа да утврдел на кој начин колумната влијаела врз приватниот тужител, односно дали истиот бил навреден поради текстот од колумната или поради некоја друга причина и дека првостепениот суд не утврдил на кој начин тужителот претрпел тешки последици со наводната повреда на честа и угледот и за обвинетиот останувало нејасно како првостепениот суд утврдил дека наводите изнесени во колумната, односно дека тужителот бил против изборот на Иванов за асистент, не се вистинити, кое нешто го утврдил од Записникот од седницата на Наставно научниот совет од 29.09.1995 година, на која седница Иванов бил избран за асистент и на која тужителот не присуствувал, кога за избор на асистент се одржувале најмалку три седници на наставно научниот совет, а во Колумната не било експлицитно наведено на која седница се мислело. Според обвинетиот, доказите и заклучоците кои ги извел судот, за постоење на позитивни односи помеѓу приватниот тужител и лицето Ѓорге Иванов во периодот од 1995 година па до денес, воопшто не биле од значење за предметот, бидејќи во Колумната обвинетиот го наведувал односот помеѓу нив во периодот пред Иванов да биде избран за асистент. Меѓутоа второстепениот суд, не ги прифатил овие жалбени наводи како основани бидејќи оценил дека првостепениот суд невистинитоста на тврдењето на обвинетиот дека приватниот тужител бил крволочно против приемот на кандидатот за асистент на Правниот факултет, го утврдил не само од записникот број 08-596/2 од 29.09.1995 година, туку и од рефератот за избор на асистент во научна област, политички теории на Правен факултет, Скопје, објавен во билтен број 664 од 01.09.1995 година, како и од извештајот број 08-547/1 од 28.06.1996 година, од кои судот неспорно утврдил дека Рецензионата комисија, чиј што член бил и приватниот тужител, до Наставно научниот совет на Факултетот, доставил извештај во кој меѓу другото било наведено дека со посебно задоволство се предлагал кандидатот м-р Ѓорге Иванов да биде избран за асистент на наведената област, па на одржаната седница на 29.09.1995 година на Наставно научниот совет, на која приватниот тужител бил оправдано отсутен, наведеното лице едногласно било избрано за асистент, а на 26.06.2996 година по одлука на Наставно научниот совет на Факултетот, била формирана Комисија за оценка на подобноста на асистентот м-р Ѓорге Иванов да пристапи кон изработка на својата докторска дисертација во која комисија член бил и приватниот тужител, а исто така видно од Извештајот на Комисијата, за ментор на кандидатот во изработка на докторскиот труд бил определен приватниот тужител.
Во контекст на погоре наведеното, второстепениот суд оценил дека неосновани биле жалбените наводи дека првостепениот суд ја утврдил невистинитоста на изнесените факти во Колумната само врз основа на извршен увид во записникот од седницата на Наставно научниот совет од 29.09.1995 година, а не ги зел предвид наводите на обвинетиот дека за избор на еден асистент се одржувале најмалку три седници, а во Колумната не било експлицитно наведено на која седница обвинетиот мислел, бидејќи токму од наведениот записник се утврдило дека Наставно научниот совет на ден 29.09.1995 година го избрал Ѓорге Иванов за асистент, а од друга страна обвинетиот своите жалбени наводи не ги поткрепил со соодветни докази во смисла дека навистина биле одржани три седници на Наставно научниот совет и дека на некоја од тие евентуално одржани седници биле сочинети записници од кои би произлегло дека наводите на обвинетиот во Колумната биле вистинити.
Второстепениот суд оценувајќи го жалбениот навод дека првостепениот суд ценел ирелевантен период за постоење на позитивен однос помеѓу приватниот тужител и лицето Ѓорге Иванов, односно периодот од 1995 година до денес, но оценил дека тие наводи се неосновани, бидејќи првостепениот суд го ценел односот помеѓу приватниот тужител и Иванов, токму за периодот како што бил наведен во Колумната, односно периодот пред Иванов да биде избран за асистент. Наведеното од причини што од сите докази се потврдило дека не постоел негативен однос помеѓу наведените лица, а воедно обвинетиот во текот на постапката не доставил ниту еден доказ од кој би произлегло утврдување на постоење поинаков, односно негативен однос меѓу приватниот тужител и лицето Ѓорге Иванов, како во периодот пред неговиот избор за асистент, така и по тој период. Поради тоа, второстепениот суд оценил дека првостепениот суд правилно утврдил дека тврдењата на обвинетиот изнесени во Колумната се невистинити бидејќи тие тврдења отстапувале од постоечките факти кои првостепениот суд ги утврдил и кои по својата содржина биле подобни да му нанесат штета на честа и на угледот на приватниот тужител.
Во жалбените наводи по однос на кривичното дело Навреда, обвинетиот навел дека погрешно првостепениот суд утврдил дека намерата на обвинетиот била да го деградира приватниот тужител со тоа што го вброил во редовите на “Демирхисарската школа”, односно дека погрешно првостепениот суд ценејќи го тој дел од Колумната, мислел на психијатриската болница во Демир Хисар. Меѓутоа второстепениот суд овие жалбени наводи ги оценил како неосновани, бидејќи утврдил дека првостепениот суд правилно оценил дека во предметната Колумна, обвинетиот менторите на тогашниот кандидат за претседател ги сместувал во редовите на Демирхисарската школа, односно правилно оценил дека тој термин обвинетиот го употребил како метафора за Психијатриска болница во Демир Хисар, што претставувало навреда на приватниот тужител, како личност и универзитетски професор.
Исто така, второстепениот суд оценил дека правилно првостепениот суд постапил и ја донел одлуката за кривичната санкција, бидејќи првостепениот суд земајќи ги во предвид сите отежнувачки и олеснителни околности, правилно оценил дека со така одмерената кривична санкција основано можело да се очекува дека ќе бидат постигнати целите на казнувањето како на планот на специјалната превенција, така и на планот на генералната превенција.
Крајно, второстепениот суд ги ценел и жалбените наводи по однос на одлуката на првостепениот суд за објавување на пресудата преку печатот, но бидејќи во жалбата не биле наведени причините поради кои се обжалува пресудата во тој дел, а и со оглед дека во конкретниот случај обвинетиот бил огласен за виновен за две кривични дела сторени преку средствата за јавно информирање, второстепениот суд оценил дека правилно првостепениот суд одлучил по барање на приватниот тужител, извод од пресудата да биде објавен во дневниот весник Дневник, каде што била објавена и Колумната напишана од обвинетиот.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Со членот 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Уставот на Република Македонија тргнува од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода. Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно- правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.
Слободата на изразувањето наоѓа своја заштита и со меѓународните документи, но и ограничување. Имено, според членот 12 од Универзалната декларација за човекови права: “Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Овие слободи и права се уредени и со членот 18 од Универзалната декларација според кој секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата, а според членот 19 од Декларацијата секој има право на слобода на мислење и изразување, со тоа што според член 29 став 2 од оваа Декларација, при користењето на своите права и слободи, секој ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со Закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благосостојба во едно демократско општество.
Според членот 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права: “Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.”
Според членот 19, исто така од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права:
“Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење.
Секое лице има право на слобода на изразувањето. Ова право, без оглед на границите, ја подразбира слобода на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усмена, писмена, печатена или уметничка форма, или на кој и да е начин по слободен избор.
Остварувањето на слободите предвидени во точката 2 на овој член опфаќа посебни должности и одговорности. Следствено на тоа, тоа може да биде подложено на извесни ограничувања што мораат, меѓутоа, да бидат одредени со закон, а се потребни од причините:
а) на почитување на правата или угледот на други лица;
б) на заштита на државната безбедност, на јавниот ред, на јавното здравје и на моралот.”
Според членот 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи: “Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.”
Според членот 10 од Конвенцијата:
“Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето”.
Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, но, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.
Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.
Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.
Не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот, поради што тоа треба да се утврди во секој конкретен случај.
Во конкретниот случај, судот преку донесените судски одлуки, го санкционирал изнесеното јавно мислење на барателот Фрчкоски како мерка што ја сметал за неопходна за заштита на честа, угледот и авторитетот на друг граѓанин, бидејќи барателот Фрчкоски користејќи го правото на слобода на јавно изразување, загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниот случај на лицето Шкариќ.
Оттука, потребно е да се направи анализа на осудата и санкцијата на Љубомир Д. Фрчкоски за двете кривични дела посебно, а во насока на тоа дали осудата и санкцијата за кривичното дело Клевета и Навреда, претставува оправдано ограничување на неговите слободи и права, или пак тоа не е случај, односно дали судовите постигнале фер баланс помеѓу потребата за заштита на угледот и честа на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето во контекст на околностите на случајот.
При анализата на двете ситуации, според Судот, потребно е да се има предвид дека спорната колумна се однесува на коментирање на кандидатурата на г-дин Ѓорге Иванов за претседател на Република Македонија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со очигледен став на авторот против таквиот избор, и поради тоа, според Судот, треба да се третира како текст што е составен дел на дебата за прашање од интерес за јавноста. Изборот на претседател на државата е секако прашање од првенствен политички интерес на јавноста. Оттука, оцената на инкриминираниот дел на таа колумна, како и оцената на причините на судовите наведени како основ за осудителната пресуда во интерес на заштитата на честа и угледот на оштетениот, треба да се одвива во тој контекст.
1. По однос на кривичното дело Клевета најпрво, потребно е да се отстрани една погрешна перцепција. Имено, подносителот на барањето особено се жали на околноста што пред судовите не му било овозможено да се изведат докази кои зборувале за односите помеѓу оштетениот и г-дин Иванов, како и за односите помеѓу него и г-дин Ѓорге Иванов. Ваква оцена за тоа во какви односи биле овие лица е содржана и во пресудата на судовите. Меѓутоа, не е задача на Уставниот суд да утврдува и прогласува какви биле односите помеѓу овие лица (тоа го знаат тие лица меѓусебно). Она што треба да се оцени заради одлучување дали во случајот судовите постигнале разумен баланс на правото на чест и углед на оштетениот и слободата на изразување на подносителот на барањето, е да се одговори на следните прашања:
-дали исказот дека оштетениот, г-дин Шкариќ, бил против изборот на г-дин Иванов за асистент во даденото време е исказ за факт и, ако е, дали тој е вистинит или не,
-дали изнесувањето на тој факт во спорната колумна има некаква функција во јавната дебата, каква што е дебатата за кандидат за шеф на државата, и
-дали изнесувањето на таков факт во јавноста објективно може да ги засегне честа и угледот на оштетениот.
а) Според Судот, не може да биде спорно дека инкриминираниот исказ е исказ за постоење на факт и дека, со самото тоа, неговата вистинитост може да се докажува. Се чини дека ова не е спорно ни за подносителот на барањето кој, во колумната, изречно го посочува и доказот за постоењето на тој факт, имено, записникот од седница на наствничкиот совет на која оштетениот наводно бил против изборот на г-дин Иванов. Ваквата постапка, пак, објективно ја засилува убедливоста на исказот и придонесува за цврсто уверување кај читателот дека изнесените факти се вистинити.
Во тој контекст, утврдувањето на вистинитоста на инкриминираниот исказ, како основа за утврдувањето дали во случајот постои битието на кривичното дело клевета, било од првостепена важност за судовите. Тие судови утврдиле дека оштетениот воопшто не присуствувал на наставничкиот совет на којшто се одлучувало за изборот на г-дин Иванов, па оштетениот не ни можел тогаш да биде против тој избор. Подносителот на барањето, во таа постапка, иако навел дека имало и други седници на наставничкиот совет на кои се расправало за истото прашање, не посочил евентуално друг записник како директен доказ за вистинитоста на неговиот исказ. Укажувањата на подносителот на барањето дека до такви сознанија, всушност, дошол од соработката со г-дин Иванов па затоа, поради блискоста со него, знаел кој на факултетот бил за или против него, судовите не ги сметале за релевантни и оцениле дека исказот на подносителот на барањето не бил вистинит, односно дека не постојат докази за спротивното.
Овој суд не гледа причина да не го прифати ова наоѓање на судовите. Иако Уставниот суд не е повикан да ја преоценува фактичката состојба во кривичниот предмет во улога на инстанционен суд, сепак, во контекст на заштитата на слободата на изразување, има право и обврска да оценува дали судовите овозможиле обвинетиот да ја докажува вистинитоста на инкриминираниот исказ. Во тој контекст според Судот, подносителот на барањето имал можност во текот на целата постапка да презентира докази за вистинитоста на својот исказ. Во отсуство на доказ кој со категоричност на ниво на исказот би ја потврдил неговата вистинитост, или кој би покажал силна основа да се смета за таков, не останува друго освен овој суд да го прифати наоѓањето на судот дека исказот бил невистинит.
б) Иако колумната е дел од јавна дебата, прашањето е дали изнесувањето на податокот за односот на г-дин Шкариќ кон г-дин Иванов во дадената ситуација, има некакво влијание или значење за јавноста како придонес за подобро согледување на предметот на јавната дебата (кандидатурата на г-дин Иванов и ставовите за него). Прашањето е релевантно затоа што во таков контекст понекогаш е можно јавниот интерес да налага повисок праг на толеранција за изјави што засегаат поединци и нивните лични вредности. Ова не е таков случај.
Според Судот, околноста дали г-дин Шкариќ бил против изборот на г-дин Иванов за асистент на Правниот факултет, на јавноста не и дава никаква релевантна информација за да формира мислење за тој кандидат за претседател на државата и да оцени дали ќе го поддржи или не. Инкриминираниот исказ напросто изнесува тврдења за факти за определен однос на г-дин Шкариќ кон г-дин Иванов во точно определена ситуација во минатото. Со други зборови, според овој суд, таквиот исказ не и служи на дебатата за прашањето од интерес за јавноста, туку има чисто приватен контекст, односно се фокусира на едно приватно лице и неговите постапки. Притоа Судот го имаше предвид наводот на подносителот на барањето дека делот од тој текст е само реакција на јавната изјава на г-дин Иванов дека за тоа што го постигнал во животот никому не должи ништо. За овој суд не е спорно дека посочувањето на своето и името на уште едно лице како лица на кои кандидатот им должи, е легитимен одговор којшто содржи информации за лицето што е предмет на јавната дебата, иако таа реакција е лично мотивирана, меѓутоа по оцена на овој суд, тоа не го менува фактот дека изнесувањето на постапката на г-дин Шкариќ не зборува ништо за претседателскиот кандидат, иако му зборува нему, туку зборува за г-дин Шкариќ.
Во тој контекст за Судот не се прифатливи наводите во барањето дека во кривичната постапка биле апсолутизирани правата на заштита на ликот, достоинството и угледот на приватниот тужител Шкариќ, наспроти општиот јавен интерес, односно легитимната цел на јавноста за информации за прашања од јавен карактер, со што на барателот му биле грубо нарушени неговите уставно загарантирани слободи и права. Од аспект на овие наводи, според овој суд, не може да им се забележи на судовите дека неоправдано се концентрирале на легитимната цел за заштитата на угледот (репутацијата) и честа на граѓанинот, а го занемариле општиот јавен интерес, бидејќи релацијата професор-ментор и кандидат за асистент и нивниот меѓусебен однос (дали позитивен или негативен), воопшто не е на релација со општиот јавен интерес, па оттука, не е релевантно, ниту пак оправдано нивното презентирање во јавноста, особено ако се невистини. Оттука, изнесувањето на факти за односи помеѓу приватни лица кои не може да имаат значење и не се од неопходен интерес за општеството и пошироката јавност, според Судот, не може да се покрива со слобода на изразување, доколку се невистини и задираат во правата на другите. Ова се однесува подеднакво и на наводите дека судот ја занемарил важноста на слободниот печатен медиум и неговата улога во демократското општество и направил дисбаланс на интересот, со тоа што во конкретниот случај судот дал превисока и несразмерна заштита на честа и угледот на приватниот тужител.
в) За Судот нема сомнение дека изнесениот исказ објективно ги засега честа и угледот на оштетениот. Имено, честа и угледот не се стекнуваат само со дејствување во јавната сфера, туку особено со односот кон другите луѓе во којшто почитувањето, пријателството, колегијалноста, искреноста и т.н. претставуваат добродетели што го создаваат интегритетот на социјалните релации. Оттука, според Судот, јавно искажан невистинит исказ за односот на едно лице кон друго, со кој може да се доведат во прашање нивните релации засновани врз наведените добродетели, како и перцепцијата на јавноста за однесувањето на лицето во дадени ситуации, може да претставува извор на повреда на честа и угледот на поединецот како пријател, колега, ментор и тн.
Во тој контекст
Судот не го прифати наводот во барањето дека ставот дали некој подржувал некого или не, бил личен став на секој човек и дека изнесувањето на тој став пред друг, во никој случај не значело повреда на нечиј углед, па оттука тоа дејствие не можело да претставува клевета. Не може да се прифатат ниту неговите наводи изразени како прашања и констатации во смисла на тоа дека Шкариќ не бил јавна личност ниту извршувал јавна функција и нејасно било за барателот на кој начин првостепениот суд утврдил дека колумната влијаела врз него и кои тешки последици ги претрпел тој и пред која јавност му била нарушена честа и угледот, со оглед дека тужителот не бил јавна личност. Ова од причини што заштитата на слободите и правата се гарантирани подеднакво на секој и секому, независно дали станува збор за граѓани кои вршат јавни функции или не, што значи секој има право на слобода на изразување, без разлика дали е тоа редовен колумнист или не, дали е тоа јавна личност или не, како што од друга страна секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, без разлика дали е јавна личност или не. Класификацијата на граѓаните во личности со јавни функции или граѓани кои не припаѓаат во ваква класификација, може да биде од влијание само во детерминирањето на висината на прагот на прифатлив критицизам за овие лица, кој е повисок за високи јавни службеници, а понизок за приватни лица, што пак од своја страна се рефлектира и влијае врз степенот на заштита на слободите и правата на граѓанинот, односно врз степенот на мешањето на државата во ограничувањето на слободите и правата, кога е тоа оправдано и согласно со закон.
Од овие причини, Судот оцени дека вмешувањето на државата е пропорционално со легитимната цел за заштита на угледот на оштетениот и дека по оцена на овој суд, судовите ги засновале своите одлуки на прифатлива оценка на релевантните факти и дека судот направил фер баланс помеѓу двете права и не го толкувал принципот на слободата на изразувањето премногу рестриктивно, ниту пак целта за заштита на угледот на оштетениот ја толкувал премногу екстензивно, а исто така и висината на изречената парична казна за клевета, Судот оцени дека е умерена и пропорционална мерка во рамките на околностите на случајот.
Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релевантни факти и околности и донесувајќи ги нападнатите одлуки, во делот за кривичното дело “клевета”, постапиле во рамките на своите судски надлежности, поради што не може да стане збор за повреда на правото на слободата на јавно изразување на мислата.
2. По однос на кривичното дело навреда, судовите исто така утврдиле дека обвинетиот го сторил тоа дело бидејќи во колумната употребил термини со навредлив карактер за приватниот тужител. Имено, од самата насловена колумна како “Франкфуртска школа vis-à-vis Демирхисарска школа”, а потоа и во текстот на колумната со зборовите “Кај нас всушност доминира и се зацврстува Демирхисарската школа”, за судовите неспорно произлегувало дека обвинетиот тие термини ги употребил како метафора за Психијатриската болница која постои во Демир Хисар, со цел менторите на лицето Ѓорге Иванов, односно самиот приватен тужител Шкариќ како негов ментор, да ги оквалификува како душевно пореметени лица, изложувајќи го приватниот тужител на јавен потсмев, сакајќи да го деградира неговиот углед како личност и промотор на лицето Иванов. Притоа судовите не ја прифатиле одбраната на обвинетиот дека тие термини не биле употребени во однос на приватниот тужител и во таа насока, туку дека терминот демирхисарска школа бил употребен за компарација со франкфуртската школа која била позната теоретска марксистичка школа од минатиот век, па со тоа сакал да ја потенцира огромната разлика помеѓу нивоата на дебата во тие школи, а не како метафора за душевната болница која се наоѓала во Демир Хисар. Судовите не ја прифатиле ваквата одбрана на обвинетиот, бидејќи од изведените вербални и материјални докази на главниот претрес несомнено се утврдило дека употребените термини се однесуваат на приватниот тужител Шкариќ од причини што во самиот текст било посочено презимето на приватниот тужител и категоријата се бланшира со Обама, кое нешто токму приватниот тужител го употребил кога го предложил лицето Ѓорге Иванов за кандидат за претседател, а кривичното дело навреда го вршел тој што ќе навредел друг, при што како навреда се смета изјава (усна или писмена) или однесување со кое се омаловажува и понижува друго лице, кое во изјавата може да биде изричито споменато, но доволно и од содржината на изјавата тоа да може недвосмислено да се утврди на кого сето тоа се однесува. Оттука, несомнено и недвосмислено судовите утврдиле дека терминот демирхисарска школа бил употребен као метафора за Психијатриската болница која се наоѓа во Демир Хисар, а со тоа и дека е сторена јавна навреда на приватниот тужител.
При анализата на прашањето дали за евентуалната повреда на слободата на изразување во контекст на осудата за крвичното дело “Навреда“, потребно е да се направи анализа дали инкриминираниот дел во однос на кривичното дело Навреда, имплицира поврзаност со лицето Шкариќ. И покрај тоа што од целината на колумната произлегува дека подносителот на барањето, изразува еден сопствен вредносен став за кандидатурата на г-дин Иванов за претседател на државата, меѓутоа од содржината на изјавата во колумната за односните состојби преку употребениот термин во насловот “Франкфуртска школа vis-à-vis Демирхисарска школа”, а и потоа во текстот на колумната со зборовите “Кај нас всушност доминира и се зацврстува Демирхисарската школа”, а и во продолжение на текстот од колумната “… а како во секоја комедија од публика, менторите, со намера да му помогната веднаш го дозакопаа прогласувајќи го за “бланширан” Обама…”, според Судот, упатувањето на “менторите” препознава алузија на лицето Шкариќ како ментор на лицето Иванов и подржувач на неговата кандидатира, а со тоа и сугестија кај читателот за формирање на негативен вредносен став за лицето Шкариќ, а навреда за лицето Шкариќ, признат и ценет во својата долгогодишна професија како универзитетски професор. Во оваа насока, иако подносителот на барањето во колумната зборува за кандидатурата на г-дин Ѓорге Иванов за претседател на државата, што е неспорно дека претседателските избори се јавен интерес, меѓутоа во конкретниот случај, според Судот, подносителот на барањето при изразувањето на своето мислење навлегол во приватна сфера, односно во интегритетот на поединец кој не е јавна личност, па според Судот, тоа не може да се покрива со слобода на изразување, доколку се задира во правата на другите.
Од овие причини, иако Уставниот суд не е повикан да ја преоценува фактичката состојба во кривичниот предмет во улога на инстанционен суд, сепак, во контекст на заштитата на слободата на изразување ги ценеше наводите на подносителот на барањето дека тој само сакал да направи компарација на две школи, спротивставени по квалитет, односно да направи паралела на политичкиот дијалог кој владее во Република Македонија наспроти претседателските избори и дека при употребата на терминот “демирхисарска школа” воопшто не мислел на психијатриската болница која се наоѓа во градот Демир Хисар, туку тој термин бил употребен како синоним за школа од провинција, меѓутоа овој суд не наоѓа причини да не го прифати наоѓањето на судовите за поинаква фактичка состојба од утврдената.
Оттука, според Судот, во конкретниот случај, оправдано може да се заклучи, дека употребените термини во дел од колумната упатуваат на приватниот тужителот и имплицираат навреда за него, па следствено на тоа Судот оцени дека и во овој случај судовите при санкционирање на изразеното мислење го имале предвид и приватниот интерес на поединецот.
Од овие причини, Судот оцени дека првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релевантни факти и околности и донесувајќи ги нападнатите одлуки, во делот за кривичното дело “навреда”, постапиле во рамките на своите судски надлежности, поради што Судот оцени дека и во овој случај не може да стане збор за повреда на правото на слободата на мислата и на јавно изразување на мислата, бидејќи барателот Фрчкоски користејќи го правото на слобода на јавно изразување, загрозил заштитено право на друг граѓанин, во конкретниот случај на лицето Шкариќ.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот, по однос на кривичното дело “клевета” ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на кривичното дело “навреда”, одлуката Судот ја донесе со мнозинство гласови во истиот состав.
У.бр.147/2011
24 ноември 2011 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски