У.бр.128/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 368 став 1 во делот „ако со свој закон не е определено дека жалба, не е дозволена“ од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот дел од членот 368 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел од член 368 став 1 не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 51, член 54 став 1 и Амандман XXI од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што со него се доведува во прашање остварувањето на правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд гарантирано со Уставот.

Воедно, подносителот на иницијативата предлага при одлучување Судот да ги има предвид одлуките на Уставниот суд по предметите У.бр.185/2006, 231/2008 и 51/2010).

3. Судот на седницата утврди дека според член 368 став 1 од Законот за парничната постапка против решение на првостепениот суд е дозволена жалба, ако со овој закон не е определено дека жалба, не е дозволена.

4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот,основните слободи и права на чoвекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 15 став 1 од Уставот (членот 15 е заменет со Амандманот XXI), се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со Законот за парнична постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓаните во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и други граѓански права, односно на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Согласно член 121 од Законот, Судот донесува одлуки во форма на пресуда или решение.

За тужбеното барање судот одлучува со пресуда, а во постапка поради смеќавање на владение со решение, а во постапка за издавање на платен налог решението со кое се усвојува тужбеното барање се донесува во форма на платен налог. Одлуката за трошоците во пресудата се смета за решение.

Во Законот за парничната постапка во поголем број на одредби се предвидени случаите кога судот во текот на постапката донесува решенија и тоа дали против тие решенија е дозволена посебна жалба, не е дозволена посебна жалба и решение против кои не е дозволена жалба.

Во оспорената одредба од 368 став 1 од Законот поместен во делот „Жалба против решение“ е определено дека против решение на првостепен суд е дозволена жалба, ако со овој закон не е определено дека жалба не е дозволена.

Ако овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечна одлука.

Имајќи предвид дека постапката пред судот се уредува со закон и судот е должен да постапува согласно законот, Судот оцени дека законското решение во случаите кога се исклучува правото на посебна жалба , не е во несогласност со Уставот.

Ова од причина што законодавецот, почитувајќи го уставно гарантираното право на жалба , а со цел да се испита законитоста на овој вид на решенија кои можат да бидат од влијание на одлуката за главната расправа, а при тоа, да се спречат евентуалните злоупотреби пропишал дека против решенијата против кои не е дозволена жалба може да се изјави по конечната одлука.

Според тоа со оспореното законско решение не се исклучува правото на жалба против решение, туку остварување на правото на жалба е одложено до моментот на донесување на конечна одлука на судот за главната работа.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и анализата на целината на Законот за парничната постапка наспрема наводите во иницијативата дека со оспорениот член 368 став 1 од Законот се повредувало начелото на владеење на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што подносителот на иницијативата оспорената одредба ,односно оспорениот дел го гледа изолирано сам за себе што е сосема погрешно, наместо истиот да се гледа во контекст на целината на Законот.

5. По однос на наводите на подносителот на иницијативата кој предлага Судот при одлучувањето да ги има предвид Одлуките по предметите У.бр.185/2006, 231/2008 и 51/2010) Судот оцени дека упатувањето на наведените предмети е несоодветно со оглед на тоа што не се работи за иста правна ситуација.

6. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2011
24 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски