У.бр.181/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Верка Василевска од Кавадарци за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2. Верка Василевска од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање заштита на слободите и правата.

Според наводите во барањето, дискриминацијата во конкретниов случај била сторена на начин што судовите во редовната постапка со оспорените акти сториле повреди на материјалното право кои се состоеле во тоа што тужената страна не им пресметувала и исплаќала надоместок на плата по основ на минат труд и регрес за исхрана.

Имено, со постапувањето по предметите П.бр.862/98 и П.бр.494/06 на Основниот суд во Кавадарци биле повредени одредбите на членот 6 од Конвенцијата, кои одредби биле во врска со членот 118 од Уставот на Република Македонија, а дотолку повеќе што Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија имал заземено правно мислење од 29 јуни 2007 година со кое била прифатено дека Конвенцијата е составен дел на правниот поредок на Република Македонија и истата непосредно се применува.

Понатаму, во барањето се наведува дека пониските судови, вклучувајќи го и Врховниот суд со своите одлуки сториле повреда на одредбите на Уставот на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 3 и член 9 кои биле противуставни и со кои била направена дискриминација согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведените причини во барањето се предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја преиспита уставноста на оспорените одлуки и истовремено се предлага донесување на Решение за запирање на извршувањето на Пресудите на Основниот суд во Кавадарци П.бр.862/98 од 23 април 2008 година и П.бр.494/06 од 11 март 2009 година, согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека на ден 8.10.1998 година тужителите Мирјана Гркова, Благородна Арангелова, Верка Василева и др. од Кавадарци преку адвокат Ѓорѓи Митрев имаат поднесено тужба против тужениот Република Македонија – Основен суд Кавадарци, за исплата на плата, по која е оформен предмет П.бр.862/98. Согласно годишниот распоред за работа на предмети предметот е доделен во работа на судијата Јованче Најдов.

Со тужбата тужителите бараат да се задолжи Република Македонија – Основниот суд Кавадарци на тужителите да им пресмета и исплати додаток на плата по основ на работен стаж и тоа на секој од тужителите со износи наведени како во тужбата заедно со камата во висина утврдена со ЗВСЗК сметано од денот на поднесувањето на тужбата до исплатата.

Постапувајќи по предметот судијата на ден 2.12.1998 година има донесено решение да се изврши финансово вештачење по правната работа на тужителите против тужениот. По извршеното вештачење од страна на вештото лице Зорка Бадева дипломиран економист од Кавадарци, судијата на ден 25.02.1999 година одржал расправа и по изјавените завршни зборови на полномошникот на тужителите адвокат Ѓорѓи Митрев и застапникот на тужениот Република Македоија, има донесено пресуда со која тужбеното барање на тужителите го усвојува, а го задолжува тужениот да им плати на тужителите на име додаток на плата, по основ на работен стаж и тоа на секој од тужителите посебно со износи и за период наведен како во изреката на пресудата. Со пресудата го задолжува тужениот да им плати на тужителите и законска затезна камата сметано од 7.10.1998 година па до денот на исплатата, а во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

Пресудата П.бр.862/98 од 25.02.1999 година е доставена до заменик јавниот правобранител за подрачјето на Кавадарци и до адвокатот Ѓорѓи Митрев од Кавадарци, како полномошник на тужителите на ден 11.03.1999 година.

Незадоволен од вака донесената пресуда тужениот Република Македонија – Министерство за правда преку заменик јавниот правобранител за подрачје Кавадарци Евдокија Заркова Иванова поднеле жалба во законски рок. Одговор на жалбата има доставено полномошникот на тужителите адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци. Жалбата на тужената Република Македонија – Министерство за правда е уважена, а пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/98 од 25.02.1999 година со решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.1672/99 од 25.04.1999 година е укината и предметот е вратен на повторно судење пред првостепениот суд.

Постапувајќи по напаствијата на повисокиот суд судечкиот судија одржал неколку расправи, изготвено е и дополнение на записникот за извршеното вештачење, како и изведени се дополнителни докази во доказна постапка и потоа повторно на ден 28.03.2000 година има донесено пресуда со која тужбеното барање на тужителите се усвојува, а се задолжува тужениот да плати на тужителите на име неисплатена плата и надомест за минат труд за периодот од месец октомври 1995 година до месец октомври 1998 година и тоа со износи за секој тужител наведени како во изреката на пресудата, а на наведените износи тужениот да плати законска затезна камата сметано од 7.10.1998 година, а до денот на исплатата, а во рок од 8 дена од денот на приемот на пресудата.

Пресудата П..бр.862/98 од 28.03.2000 година е доставена до заменик јавниот правобранител за подрачјето на Кавадарци и до адвокатот Ѓорѓи Митрев од Кавадарци, како полномошник на тужителите на ден 4.05.2000 година.

Незадоволен од вака донесената пресуда тужениот Република Македонија – Министерство за правда преку заменик јавниот правобранител за подрачје Кавадарци Евдокија Заркова Иванова поднеле жалба во законски рок. Жалбата на тужената Република Македонија – Министерство за правда е уважена, а пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/98 од 28.03.2000 година со решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.3771/2000 од 29.06.2000 година е укината и предметот е вратен на повторно судење пред првостепениот суд.

Повторно постапувајќи по напаствијата на повисокиот суд судечкиот судија на ден 18.09.2001 година има донесено пресуда со која тужбеното барање на тужителите го усвојува, а се задолжува тужениот Република Македонија – Основен суд Кавадарци, да му плати на тужителите на име надомест за минат труд и тоа со износи за секој тужител наведени како во изреката на пресудата, а на наведените износи тужениот да плати законска затезна камата сметано од 7.10.1998 година, а до денот на исплатата, а во рок од 8 дена од денот на приемот на пресудата.

Незадоволен од вака донесената пресуда тужениот Република Македонија – Основен суд Кавадарци преку заменик јавниот правобранител за подрачје Кавадарци Евдокија Заркова Иванова поднеле жалба во законски рок. Жалбата на тужениот е одбиена како неоснована, а пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/89 од 18.09.2001 година е потврдена од Апелациониот суд Скопје со пресуда ГЖ.бр.5150/01 од 6.12.2001 година, со што пресудата на Основниот суд Кавадарци, П.бр.862/98 од 18.09.2001 година станала правосилна.

По правосилноста и извршноста на пресудата од страна на тужителите, како доверители, преку нивниот полномошник адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци, против тужениот како должник е поднесен Предлог за присилно извршување заради наплата на нивните побарувања како и за наплата на процесните трошоци. По поднесениот предлог овој суд со решение И.бр.77/02 од 25.01.2002 година го дозволил предложеното извршување. Против ова решение од страна на должникот е поднесена жалба, која со решение ГЖ.бр.1188/02 од 3.04.2002 година на Апелациониот суд Скопје е одбиена како неоснована. Врз основа на правосилното решение за извршување е донесено решение И.бр.77/2002 од 26.04.2002 година со кое како средство за извршување е определена заплена на парични средства од трезорската сметка на должникот.Заплената по ова решение е реализирана и поединечните износи на побарување се пренесени на штедните книшки на доверителите, додека износот на процесните трошоци од 191.500,00 денари, како и на извршните трошоци од 26.382,00 денари се пренесени на жиро сметката на полномошникот на доверителите, адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци.

Од увидот во предметот се утврди дека тужениот незадоволен од донесената второстепена одлука на ден 15.01.2002 година, има поднесено Ревизија преку овој суд до Врховниот суд на Република Македонија.

Поради престанок на функцијата судија односно смрт на судијата Јованче Најдов кој досега има постапувано по предметот, предметот П.бр.862/98 согласно годишниот распоред за работа заради понатамошно постапување е доделен во работа на судијата Лилјана Ситникоска, која постапувајќи по поднесената ревизија има донесено решение П.бр.862/98 од 22.01.2002 година со кое Ревизијата ја отфрла како недозволена.

Тужениот незадоволен од вака донесеното решение преку заменик јавниот правобранител за подрачје Кавадарци Евдокија Заркова Иванова поднел жалба во законски рок. Жалбата на тужениот е одбиена како неоснована, а решението на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/89 од 22.01.2002 година е потврдено со решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.2947/02 од 6.06.2002 година.

Од увидот во предметот се утврди дека поднесено е и барање за заштита на законитоста од Јавното обвинителство на Република Македонија, против пресудата на Апелациониот суд Скопје Гж.бр.5150/01 од 6.12.2001 година. Врховниот суд на Република Македонија одлучувајќи по барањето за заштита на законитоста подигнато од Јавниот обвинител на Република Македонија, со решение ГЗЗ.бр.123/02 од 20.02.2003 година, барањето за заштита на законитоста го уважува а пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.5150/01 од 6.12.2001 година и пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/98 од 18.09.2001 година ги укинува и предметот го враќа на повторно судење.

Согласно електронската распределба за работа, предметот П.бр. 862/98 е доделен во работа на судијата Милан Николов. Постапувајќи по предметот судечкиот судија на расправата одржана на ден 1.01.2004 година донел решение со кое определил економско финансово вештачење и предметот го доделил на Бирото за судски вештачења Скопје. Со писмен поднесок доставен од Бирото за судски вештачења Скопје на 28.03.2005 година се известува судијата дека до 1.03.2005 година се уште не е уплатен бараниот депозит поради што предметот му се враќа на судот на понатамошно постапување и надлежност.

Судечкиот судија на ден 24.10.2005 година има донесено решение со кое ги задолжува сите тужители вработени во Основниот суд Кавадарци, да уплатат депозит од 14.160,00 денари, како предметот би можел да биде пратен во Бирото за судски вештачења Скопје. Од увидот во предметот се утврди дека на расправата од ден 8.11.2006 година се констатира дека уплатен е бараниот депозит за вештачење и предметот повторно да биде доверен на Бирото за судски вештачења. На 11.12.2007 година Бирото за судски вештачења Скопје вештиот наод и мислење по предметот П.бр.862/98 го доставува до Основниот суд Кавадарци.

На ден 3.04.2008, 14.04.2008 и на ден 23.04.2008 година одржани се расправи, а завршните зборови по предметот од страна на Државниот правобранител за Кавадарци, Евдокија Заркова Иванова и од полномошникот на тужителите, адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци се доставени во писмена форма. На ден 23.04.2008 година донесена е пресуда со која тужбеното барање на тужителите се одбива како неосновано, а истите се задолжени солидарно да му ги платат на тужениот Република Македонија – Основен суд Кавадарци, процесните трошоци во вкупен износ од 194.511,00 денари во рок од 15 дена по приемот на пресудата.

Незадоволен од вака донесената пресуда тужителите преку полномошникот адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци, во законски рок поднеле жалба.

Со пресуда РОЖ.бр.1852/08 од 19.02.2009 година жалбата е одбиена како неоснована, а пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.862/98 од 23.04.2008 година е потврдена.

Од увидот во предметот се утврди дека на ден 27.03.2009 година, поднесена е ревизија против пресудата П.бр.862/98 од 23.04.2008 на Основниот суд Кавадарци и пресудата РОЖ.бр.1852/08 од 19.02.2009 година на Апелациониот суд Скопје. На 7.04.2009 година доставено е и дополнение на ревизијата со прилог докази пресуди со кои за истата правна работа на други поедини тужители – вработени во Основниот суд Кавадарци и на истите им се усвоени тужбените барања.

Постапувајќи по Ревизијата Врховниот суд на Република Македонија има донесено решение Рев.бр.621/09 од 20.05.2010 година со кое ревизијата ја отфрла како недозволена.

На ден 25.07.2011 година од страна на тужителите поднесен е Предлог за повторување на постапката и пред Основниот суд Кавадарци образуван е предмет ПП.бр.10/11.

Што се однесува пак до предметите П.бр.41/02 и П.бр.207/04, во истите подносителот на барањето за заштита на слободите и правата Верка Василевска не се јавува како тужител, туку тужители се други вработени во Основниот суд Кавадарци. Карактеристично е за овие предмети е тоа што тужениот е ист како и во предметот П.бр.862/98, Република Македонија – Основен суд Кавадарци, а идентичен е и предметот на спорот, барање на надомест на штета поради неисплата на дел од платата по основ на минат труд. Укажувањето за нееднаков третман од страна на подносителот на барањето Верка Василевска најверојатно се однесува на фактот што предметите П.бр.207/04 и П.бр.41/02 се правосилно завршени во прв степен, односно против првостепените пресуди донесени во истите не се изјавени жалби од страна на Државното правобранителство.

Од друга страна, во предметот П.бр.862/98, во кој како еден од тужителите се јавува подносителот на барањето Верка Василевска, по вложениот вонреден правен лек првостепената и второстепената пресуда се укинати, а конечниот исход од спорот е одбивање на тужбеното барање на тужителите, по што е и настаната обврска тужителите да ги вратат примените парични износи што го стекнале по основ кој дополнително отпаднал, согласно пресудата на овој суд П.бр.494/06 од 11.03.2009 година.

Од увидот во доставницата, неспорно произлегува дека полномошник на барателката, адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци, пресудата на Основниот суд во Кавдарци П.бр.862/98 од 19 февруари 2009 година, ја примил на 10 март 2009 година, а пресудата П.бр.494/06 од 11 март 2009 година била закачена на огласна табла на ден 15 март 2011 година, а откачена од огласна табла на ден 24 март 2011 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, надионална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснива барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во претходна постапка, Судот утврди дека барањето на Верка Василевска од Кавадарци за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната за дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, до Уставниот суд е поднесена на 16 август 2011 година, кое по барање на судот е дополнето и допрецизирано со поднесок доставен до Судот на 16 септември 2011 година.

Видно од известувањето на Основниот суд во Кавадарци, доставено до Уставниот суд на Република Македонија под Су.бр.03-281-1/2011 од 10 октомври 2011 година, а примено во Судот на 13 октомври 2011 година, уредна достава на правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр.1852/08 од 19 февруари 2009 година, со која е потврдена пресудата на Основниот суд во Кавадарци П.бр.862/98 од 23 април 2008 година, на Верка Василевска, односно на нејзиниот полномошник адвокат Ѓорѓи Митрев од Кавадарци била извршена на 10 март 2009 година. Пресудата на Основниот суд во Кавадарци П.бр.494/06 од 26 февруари 2009 година, која е потврдена со пресуда на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр.3531/09 од 25 декември 2009 година, уредно е доставена на 24 март 2011 година.

Од наведената фактичка состојба јасно произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилните пресуди, поради што цениме дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, барањето да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2011
24 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски