Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3, во делот
2. Комората на извршители на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот дел на членот 4 став 3 од Законот, се отварало можност да врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија, Управата за јавни приходи да врши и други работи што се однесувале на утврдување и наплата на други јавни давачки. Оттука, со ваквата одредба со која се овозможувало да врз основа на договор Управата за јавни приходи, кога се работело за наплата на јавни давачки, а кои биле донесени во управна постапка и гласеле на парично побарување, спроведувала присилна наплата на истите и го рушела уставното начело на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Со оспорениот член 4 став 4 од Законот, според иницијативата, се воведувало двојство на извршување на една иста извршна исправа и која измена била спротивна на уставното начело на владеењето на правото.
Имено, со ваквата надлежност на Управата за јавни приходи не можело доследно да се применува член 302 од Законот за облигационите односи и со истото се оштетува државата како доверител. Имено, од содржината на оспорената одредба јасно произлегува дека доверителите кои не се во категоријата на доверители – држава Република Македонија имале право и на наплата на камата на досудените трошоци, додека оние кои спаѓале во оваа категорија го немале ова право, со што се доведувало во прашање начелото на еднаквост.
По однос на оспорениот дел од членот 4 став 5 од Законот, според иницијативата, недозволиво било судот кој ги досудил трошоците, да треба да бара најпрво правосилност, потоа извршност на одлуките за да на крај бара и присилно извршување без разлика на кој надлежен орган. Оттука при ваква регулатива и наметната обврска на судот за одредени категории на субјекти, во улога на доверител се јавувала државата кој ја доставува до органот надлежен за нејзино извршување. Со оваа одредба, Судот навлегувал во надлежностите на државното правобранителство што било повреда на темелната вредност – владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од законот:
(1) Управата за јавни приходи ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат особено на:
– спроведување на законите и други прописи за даноците;
– регистрација на даночните обврзници со доделување на единствен даночен број и водење единствен регистар на даночните обврзници;
– примање на даночни пријави и внесување на даночните побарувања во даночната евиденција;
– утврдување на даноците во согласност со закон;
– инспекциски надзор во согласност со закон;
– наплата на даноците;
– водење даночна евиденција;
– враќање на повеќе или погрешно наплатен данок;
– воведување, организирање, користење и развој на единствен даночен информационен систем;
– следење и анализирање на даночните приходи;
– следење и анализирање на примената на прописите за даноците и функционирањето на даночниот систем;
– соработка со даночни органи на други држави и проучување на даночни системи;
– следење на примената на меѓународните договори од областа на даноците;
– давање меѓународна правна помош во даночни предмети;
– издавање уверенија, потврди и други документи за платени даноци;
– донесување финансиски план, програма и планови за работа;
– донесување оперативни инструкции;
– планирање и спроведување обуки за усовршување и оспособување на службениците;
– давање појаснување на даночни обврзници во примена на прописите за даноците и обезбедување јавност во работата.
(2) Управата за јавни приходи собира и обработува податоци за утврдените и наплатените даноци и предлага измени во даночната политика, прописите за даноците и на други прописи заради унапредување на даночниот систем и зголемување на ефикасноста и ефективноста во наплатата на даноците.
(3) Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите (1) и (2) на овој член, врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија.
(4) Управата за јавни приходи го управува и извршувањето заради наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.
(5) Одлуката со која се утврдува паричната казна односно глоба и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот (4) на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.218/2010 од 2 и 23 март 2011 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 став 4 во оспорениот дел и член 4 став 5 во оспорениот дел од Законот за Управата за јавни приходи, затоа што констатирал дека во случајов со проширување на овластувањата на Управата за јавни приходи, не може уставно да се проблематизираат оспорените законски одредби, освен во делот од членот 4 став 3 „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“ од Законот за Управата за јавни приходи и членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни приходи, како што е изнесено во погоренаведената анализа на одредбите. Имено со пренесувањето на овластувањето, од извршителите кон Управата за јавни приходи, за присилна наплата на определените парични долгови кон Република Македонија, како што е определено во оспорените законски решенија, согласно со закон уреден начин и постапка, не се повредени нормите на Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, ниту станува збор за неуставно законско решение бидејќи законодавецот ја цени целисходноста на законските решенија.
Со новодоставената иницијатива, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да се впушти во оцена на уставноста на истите ставови од членот 4 од Законот за Управата за јавни приходи од истите причини како и во претходната иницијатива. Меѓутоа, со оглед на тоа што Уставниот суд веќе еднаш ги разгледувал оспорените ставови 4 и 5 на членот 4 од Законот и оценил дека истите не се во спротивност со Уставот, односно со принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување и по оваа иницијатива поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата по однос на оспорените делови од член 4 ставови 4 и 5 од Законот.
Што се однесува пак до наводите по однос на оспорениот дел на член 4 став 3 од Законот, Судот оцени дека во овој дел од иницијативата се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за нејзино отфрлање. Имено, од причина што Уставниот суд со Одлука У.бр.218/2010 од 9 ноември 2011 година, го укина член 4 став 3, во делот: „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“ од Законот за Управата за јавни приходи, поради што истиот повеќе не е дел од правниот поредок, поради што истата и во овој дел се отфрли.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.38/2011
16 ноември 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски